Наградата „Роман на годината“ е спасена

По осумнаесетгодишна традиција, доделувањето на наградата „Роман на годината“ беше доведено под прашалник како последица на згаснувањето на „Утрински весник“. Имено, оваа награда, низ годините успеа да се наметне како најголемо книжевно достигнување во рамките на нашата книжевна сцена кое беше предизвик и за помладите и за повозрасните писатели во Македонија. Некои од добитниците на оваа престижна награда се: Димитар Башевски, Венко Андоновски, Оливера Николова, Кица Колбе, Гоце Смилевски, Петар Андоновски и други, а актуелен лауреат на Роман на годината за 2016 е Давор Стојановски со романот „Собирачи на пепел“, во издание на Или Или.

По неколкумесечната неизвесност околу прекинувањето односно продолжувањето на традицијата на најзначајната книжевна награда во Македонија, во ноември, минатата година беше соопштена веста за нејзиното спасување благодарение на специјално формираната фондација „Славко Јаневски“ чие име, воедно, ќе го носат идните добитници на „Роман на годината“. Фондацијата претставува иницијатива на неколку долгогодишни новинари и уредници од „Утрински весник“ како: Ѕвездан Георгиевски, Катерина Богоева, Ерол Ризаов, Манчо Митевски, Бранко Тричковски и Љупчо Поповски, а нејзин претседател е Јана Терзиоска, ќерката на Славко Јаневски.

Покрај наградата за роман на годината „Славко Јаневски“, фондацијата најави и низа други активности како: повторно објавување на првиот македонски роман „Село зад седумте јасени“ сосе подоцнежната верзија на Јаневски „Стебла“; објавување на годишно списание „Архив Јаневски“; објавување на периодично списание „Дебата“; организирање на работилници за креативно пишување; како и организирање и учествување во панел-дискусии, дебати, изложби, промоции и други културно-уметнички настани.

За овогодинешниот избор на наградата беше формирана жири-комисија во состав на: претседателот и минатогодишен победник Давор Стојановски, писателот Ристо Лазаров, новинарката Катерина Богоева, деканката на Филолошки факултет Анета Дучевска и универзитетскиот професорот Иван Додовски. Во конкуренција од 27 пристигнати романи, победникот ќе биде избран после неколку кругови тајно гласање, а ќе биде обзнаен најдоцна до 15ти март, годинава.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *