Од остров на копно кон остров на море – разговор со Сашо Георгиевски

Минатиот викенд се одржаа традиционалните книжевни средби на Зларин, оваа година под мотото „Од остров на копно кон остров на море“. Целта на овие средби е, пред сѐ промовирање и поврзување на регионалните книжевности низ дискусии, поетски и прозни читања, како и дружење на авторите, а главниот „виновник“ за овој, несомнено, значаен и мошне креативен книжевен настан е писателот и новинар Сашо Георгиевски. Тој и неговата сопруга Милена, се погрижија овие тродневни средби да поминат, буквално, беспрекорно… за останатото се погрижи прекрасниот магичен Зларин. Откако легнаа импресиите, lektira.mk го прашува господинот Сашо:

1. Како се роди идејата за книжевните средби на Зларин? Колку години се одржува? Кои земји се учесници?

Идејата ја даде проф. Предраг Матвејевиќ кога го посетиве пред 4-5 години во неговиот дом во Загреб. Тој беше почесен член на „Тангентата“ и даде голем придонес во нашите ангажмани. Зларин го избравме бидејки е прекрасен корален остров од кој води потекло познатата хрватска поетеса Весна Парун. Почнавме со средбите во 2014. во мај, а само минатата година „паузиравме“ поради смртта на градоначалникот на Зларин. Идејата беше да се сретнуваат писатели и новинари од Македонија и Хрватска, потоа одлучивме да го прошириме настанот со БиХ, а од следната година и со Австрија, Бугарија, Словенија… Секако, станува збор за „занимљиви личности“, „са алтернативним погледима леве провиниенције“, кои во своите земји дури имаат и проблеми со естаблишментот.

2. Колку сте задоволни од овогодинешната книжевна средба под мотото „Од остров на копно кон остров на море“?

Настанот оваа година беше мошне успешен и спонтан, препознавме и искрена „автохтона динамика“ која е „conditio sine qua non” за овој формат на цеховски дружења…Впрочем, и самиот назив на настанот „Од остров на копно кон остров на море“ зборува многу за фактот дека сме сите своевиден остров без оглед на политиката и географијата (nomen est omen).

3. Кои се ефектите од овие Зларински средби во однос на размената на книжевните односно културни влијанија помеѓу земјите-учесници? (се раѓаат ли нови пријателства, проширувања на читателската публика на современата мак. литература, преводи, можеби?)

Ефектите на овие средби се повеќеслојни и се рефлектираат во еден широк културен дискурс. Благодарение на технологијата, на интернет и општествените мрежи ехото на овие средби покажа и поголеми дострели од очекуваните. Пред сè, поради силната валенција на писателите во своите средини (но и во поширокиот регион), како и на присуството и ангажманот на новинарите кои се вклучени во настанот и дискутираат со писателите во рамките на допирните теми и искуства. Голем поттик е и широкиот генерациски дијапазон на учесниците кој на моменти одекнува како вистинска позитивна симбиоза и животно ехо. Нови пријателства ескалираат со еруптивна сила која е „нелогична“ за толку кратки дводневни средби! Да, се уверивме дека се проширува и дијапазонот на читателите и се прават договори и „конструкции“ за преводи и покрај пречките од финансиски карактер кои ги тангираат сите држави во регионот.

4. Излегува ли современата македонска литература од сопствените граници? Можат ли нашите автори да одговорат на хрватските читателски трендови?

Современата македонска литература и без Зларин има невидливи патеки и канали со кои ги надминува и (де)пласира сопствените граници и дострели. Токму овие настани се идеална „оптика и компас“. Што се случува? За само два-три дена, на виделина излегуваат сосема премиерни и ексклузивни насоки и премрежија како геометриски и вредносни патокази и насоки… Добивме впечаток дека барем на кратко како молња воскреснуваат сите животни острови со кои судбински се окупирани и посветени присутните писатели, поети и новинари.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *