Промоција на романот „Малите прсти“ од Филип Флоријан, во издание на Или-Или, петок, Ла Кања

Гостувањето на Филип Флоријан во Скопје е, дефинитивно, еден од најатрактивните книжевни настани годинава, а воедно, уште една потврда на одличната работа на тандемот: Ненад и Игор од издавачката куќа Или-Или поради која македонската читателска публика доби можност да се запознае со некои од најдобрите имиња на светската книжевна сцена. И не само тоа, читателите можеа и да ги запознаат своите омилени автори преку нивните гостувања кои Или-Или ги организираше изминативе години во рамките на програмата на „Креативна Европа“ на Европската Унија.

Неполна недела по гостувањето на португалскиот писател Бруно В. Амарал, доаѓа романскиот писател Филип Флоријан кој за романот што ќе се промовира „Малите прсти“ ја има освоено наградата „Најдобар дебитантски роман“ од Друштвото на романските писатели, а веднаш по успехот во матичната земја, добива преку десет преводи на различни европски јазици. Богат и возбудлив, современ и севремен, уникатен според многубројни параметри, овој роман на околу двесте страници успева да им најде место и на историските теми, верскиот аџилак, водењето на кривичната постапка, љубовната тема, како и рецепт за печење гулаби! На промоцијата, за романот ќе зборува Ермис Лафазановски кој е, воедно, и преведувач на истиот и во тој поглед, може да се рече дека овој избор е уште еден полн погодок на издавачот, вистински човек на вистинска задача, особено кога ќе се земе предвид и самиот сензибилитет на творештвото на Лафазановски.

Скопското кафуле Ла Кања се покажа како одличен терен за промоции на книги во летната сезона, па така и овој пат, во петок, ќе имате можност да уживате во амбиентот на Старата скопска чаршија со еден од врвните европски писатели, како и да си го набавите романот по промотивна цена.

Филип Флоријан е роден во 1968 год. во Букурешт каде што студирал геологија и геофизика. Во текот на 90-те работи како новинар и уредник во повеќе медиуми, како и дописник од Романија на „Дојче Веле“ и „Радио Слободна Европа“. И денес, живее и работи во Букурешт.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *