Чадор без рака да го држи (извадок)

Извадок од книгата „Чадор без рака да го држи“ на Бранко Прља.

 

 

– Што е чадор без рака да го држи? – се запраша господин Херц додека го слушаше звукот на капките дожд врз стаклените квадрати од бетонските коцки кои пулсираа со живот. Геометријата на поезијата во која звуците се собираа, се множеа и резонираа со растењето на коцките насекаде околу него длабоко го допре.

Како е возможно да сме толку многу, а толку осамени? – помисли г-дин Херц, а не сфати дека чадорот е тој самиот.

 

 

На господин Душан му здодеа секојдневната рутина, читањето на утринскиот весник, појадокот со чај и печено лепче, одењето на работа, седењето пред компјутерскиот екран… Господе, дури и од самото набројување на секојдневните обврски го фати несовладлива потреба од спиење и сон, сон за тоа како остава сè и се упатува на возбудливо патување во егзотични места без граници и без дневен распоред, места каде што кафето не се пие за да се започне мачниот ден, туку за да се продолжи возбудливиот муабет, место каде што долгите вечери пред екраните се заменети со чиниш вечниот залез на Сонцето… но, како што бива, на нашиот Душан брзо му здодеа рајот и се врати во сопствениот пекол, зашто секојдневието е дрога од која човек тешко се откажува!

 

 

Ова е приказна за еден несреќен господин по име Негатив.

Кога овој г-дин излегува надвор, веднаш почнува да врне, а тој – без чадор! Замислете, кога се облекува топло – затоплува, ако се разголи – студено дува! Пред да застане на семафор, црвеното се вклучува. Кога ред за чекање бира, другата е побрза, а пред него некоја старица не ич не се брза. Тој е чесен и на другите не им суди, но кога право бара, во криво излегува, па во очите на другите – неправеден станува. Ах, каква нервоза, невроза и духовна небулоза!

Ова му го раскажав на г-дин Позитив, а тој рече: „Ако не веруваш во себе, цел свет го менуваш против тебе.“

Г-дин Негатив за тоа дозна и се промени. И од тој ден целиот свет негативно му се смени!

 

 

Познавав еден бербер, каков бербер? А, бе од ножици немаше абер! Од него бегаа како од Кербер, а тој од пуста тага го читаше Флобер и ова го смисли:

– Не сум среќен како коцкар и не сум висок како кошаркар, не ме бива за Оскар и не сум сплеткар ил’ Казанова-женкар, ќе станам лекар и ќе бидам богат како банкар, макар!

Ама пустиот грлоболка од светилка не разликуваше, па за електричар помисли дека го бива, но се откажа зашто од струја се плашеше.

И додека така што да биде решаваше, животот си врвеше, а тој бурно во мислите го изживеа!

 

 

– Со недели писмо чекаш, возбудата ја разгоруваш, каде е, се прашуваш, се разочаруваш и на секое ѕвонче возобновената верба со радост ја пречекуваш… – воздивна г-дин Нос Талгија и продолжи, – а денес еден клик, во мноштвото знаци изгубен лик, во заборав наскоро потони, ах колку сеќавања тони! – Потоа занеме и во екран се загледа. А таму празнина го чека и немо трепка до доцна во ноќта.

Едно утро г-дин Совре Мен се разбуди сосем орен и за новиот ден подготвен. Рипна од сон директно во работен бон-тон, нема застој – за никој, денот врви, јаде, се тркала човечката судбина како запчаник кој паѓа и според законот на Марфи во најзафрлениот ќош од душата се стркала и таму писмо кое се изгубило по пат пронаоѓа.

Понекогаш треба да се изгубиш, за да се пронајдеш.

 

 

Хелихоптер се хачи на хоњ и падна. „Ова е тажен ден за сите хелихоптери,“ хажа г-дин Казард, сопственикот на хоњот, хој го погледна и помисли: „А што е со мене, зарем грбот не ми страда, хахва гњаважа!“

Во еден друг свет Келикоптерот силно се закашла и фати кернија. „Ка-ка,“ каква смешка, рече г-дин Кумус, „прво скокни, па кажи ‘Коп’, инаку ќе се залеташ и со пропелерите надолу ќе се закопаш!“

Во свет во кој сехој другиот го потценува, а себеси за керој се смета нема правоговор.

 

 

Мислиш дека од телевизијата потреба имаш, а всушност од тебе зависат нејзините честички, да, таа постои само ако ја гледаш – солипсистички! Ако екран вклучиш и мозок исклучиш, програмата за обликување на духот и телото ќе ја следиш:

„Националистички фрази за развој на говорот и румени образи.  Политичари-идоли,   бизнисмени-просветители и турбо-фолк-кулери за прав животен став. Лекција по мобилни телефони, автомобили и гаџети, сe` што треба да знаеш, за во животот да успееш. За повисока едукација приватен факултет, магистер  со  ментален  инвалидитет. И на крај, ако во ништо не успееш – битно е само во партиската книшка петки да имаш!“

Г-дин Современ ја исклучи едукативната програма и го погледна неговото дете кое задлабочено и посветено црташе. И тогаш, со длабок ужас, сфати дека тоа е осудено на пропаст.

 

 

– Во рајот портите се лизгачки, а ангелите насмеани, чиниш не постојат ако тебе не ти служат. На дофат на раката имаш сè што сакаш, сè што на твоето рајско тело му треба и што твојот доблестен дух сака. Зад тебе свири пријатно музиче, а пред тебе полно количе – со работи од бесконечноста побитни. Во рајот животот продолжува, но без редици и пари, без нервози и психолози, таму сè е на дофат на раката без бар-кодови и од секој производ има бескрајно видови. Да, дизајнерите на рајот се грижат за вашето задоволство, зашто ако не сте среќни, ако ве јаде јанѕа бесна, или некоја мисла тешка, може рајската градина да ви стане тесна, па да заминете. Кој замине – враќање нема! Тоа е вечна маркетиншка дилема. Народот рајски мора да биде среќен и да живее без да знае дека надвор од рајот постои само пекол, – Врвниот Готвач рекол.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *