Досие: Ѕвезда Немезис (извадок)

Извадок од книгата „Досие: Ѕвезда Немезис (Тајни документи од приватниот живот на ѕвездите)“ на Бранко Прља.

Детекстивска сказна

од мемоарите на Дик Трејсиќ

 

Првпат слушнав за Немезис во времето кога фантазерите на теориите на заговор твдеа дека се доближува крајот на светот. Не ми беше гајле за судбината на светот, мојата единствена грижа беше да имам доволно виски и цигари за да го поминам денот… Но, нешто ме заинтересира во случајов.

Додека од радиото доаѓаше предупредувачки глас кој ги потенцираше сите причини за масовни уништувања во историјата на Земјата, масивни ерупции на вулкани, глобално ладење, глобално затоплување, удари од астероиди и комети, космички зрачења од блиски супернови, едно име ме заинтересира – Немезис, хипотетичка ѕвезда која „лансира” смртоносни комети кон Земјата. Тоа име ме потсети на една случка од моето минато…

Бев млад студент по криминалистика на Светскиот Универзитет во мојот роден град Копје. Бев гадно копиле и не трпев авторитети. Тоа ми предизвикувашепроблеми во школувањето,  но не се грижев за тоа, знаев дека сум подобар детектив и без диплома од сите професори заедно. Еден ден влегов во расправија со чуварите на влезот од Универзитетот. Мојот обичај да не облекувам униформа на светото братство кое беше задолжителна за сите студенти на овој универзитет, доведе до караница со вратарот, кој грубо ме избрка надвор. Го земав првиот камен од улицата и бев подготвен да ја бомбардирам неговата глава со камен дожд, кога женска рака нежно ме фати и тивко ми шепна во уво „Остави го, не вреди”. Веќе разоружан од нејзиниот глас, се свртев и го видов најпрекрасното суштество. Таа се насмевна и се претстави “Немеза”, на што јас одговорив „Дик”.

Тоа беше почеток на едно длабоко пријателство и платонска  љубов,  која  за  моја  жал  не  заврши  како што сакав. Таа се омажи за мојот најдобар другар, Роки, богаташко дете со бесна кола и уста полна со 32-каратна дијамантска насмевка. Како можев да се натпреварувам со него, зарем моите раце пожолтени од цигари во кои почесто се наоѓаат жетони за комар, отколку вистински пари можеа да се натпреваруваат со неговите совршено маникирани нокти во кои можеш да се огледаш пред да му се поклониш и да го бакнеш тој магнет за пари.

Бев скршен, се оддадов на уште повеќе на пиење и комар, талкав низ градот бесцелно, не го завршив факултетот, немав работа, немав сигурност, ниту иднина. Работев како приватен детектив кога можев да се подигнам од креветот. Кога сакав, можев да решам случај побрзо од кој било друг. Ме биеше репутација на гадно копиле кое не трпи зезанции, но може да ти го спаси животот за една пијачка. Не ми цветаа рози, признавам, но не можеше помалку да ми биде гајле за целата ситуација. Бев слободен, по ѓаволите! Ниту еден шеф не можеше да ме тормози дека доцнам на работа или дека не сум соодветно облечен. Единственото што навистина ми недостасуваше бешежена… Тогаш ненадејно чукање на вратата од изнајмената дупка во којашто живеев ми го смени животот.

„Хај!” рече таа и веднаш скокна да ме гушне, како да не сакаше да ми остави простор за реакција, бидејќи знаеше дека единствената логична реакција би била да ѝ ја треснам вратата од носот. Останав вкочанет, додека таа веќе беше внатре и “душкаше” наоколу.

Досие: Ѕвезда Немезис (извадок) 2„Како одат работите?” рече со ширум отворени очи кои глумеа заинтересираност, и веднаш потоа, откако со поглед прелета преку станот, додаде „Не баш најдобро, а?”

„Да, како погоди?” промрморев, палејќи цигара за да им најдам работа на рацете кои одбиваа да се смират.

„Ајде, нема потреба од тоа, доволно се познаваме. Знам дека си ми лут, но ете би можел да заборавиш на момент на тоа и барем да се преправаш дека ти е мило што ме гледаш, нели?” рече таа со наместена насмевка.

„Важи” процедив низ заби стискајќи ја цигарата толку силно што за малку не ја прецвикав.

„Слушај, можеби живееш како скитник, но јас знам дека си најдобриот детектив кој постои во државава, отсекогаш беше!” Ќе се почувствував поласкано да не беше она заради што ме викаат најдоброто подземно душкало, мојот совршено наштиман нос за беља. Да, таа “корнеше” на проблеми. Моето шесто детективско сетило веднаш го почувствува финото треперење во нејзиниот глас.

„Што се случува?” ја прекинав.

„Ништо особено… навистина ништо.”

“Бејби, никој не повторува нешто два пати, ако се работи за ништо.” Ликот ѝ стана сериозен, се сврте лево-десно, како да сакаше да провери дали има некој во близина и рече:

„Утре, 12 часот, кафе Лајка” и излета вешто избегнувајќи други прашања. Останав збунет, со измешани чувства, не знаев дали да ѝ верувам, дали да се препуштам на една од нејзините игри или утредента воопшто да не се појавам. Го оставив вискито да реши.

Во 11 часот ме разбуди телефонот. „Дик?” одѕвони длабокиот машки глас од другата страна. „Да” промрморев со успан глас. „Ако животот ти е мил, не оди на состанокот во 12!” Грубиот глас ми го остави монотониот звук на прекината линија како предупредување, или едноставно сметаше дека тип како мене е љубител на еднолични мелодии и малограѓански живот без страст и возбуда. Не знаеше колку само се лаже.

Седев во зачадената Лајка и мислев на трагичната судбина на истоименото куче кое го дало својот живот за просперитетот на човештвото, кога вратата се отвори и внатре влезе мојот поранешен најдобар другар, Роки. Беше видно вознемирен.

„Што правиш ти тука?” го запрашав подготвен за разменување прашања и одговори со тупаници. Но, наместо тоа, тој се смести до мене. Лицето му беше пропаднато, како кај луѓето кои патат од тешка болест или ги притиснала голема мака.

„Слушај, знам дека Немка беше кај тебе, знам дека барала помош од тебе!” рече тој возбудено.

„Па што?” одговорив глумејќи незаинтересираност.

„Не знам дали Тие дознаа за тоа, или ти им кажа, но таа е исчезната.”

„На кого да му кажам што?”

„Ме слушаш ли, ја нема, исчезнала!”

„Може само отишла на пазар, па се замуабетила со продавачката за поскапувањето на пиперот.”

„Не, добив порака од нив!”

„Кои се тие, по ѓаволите?”

„Ќе дојдеме до тоа, читај!” рече тој и ми тутна ливче во раката. Го одвиткав. Типично ливче со уцена. Сум видел милион такви и никогаш не сум го надминал чудењето како луѓето може да бидат толку некреативни и да копираат сѐ што ќе видат на ТВ. На ливчето со исечени букви од весници пишуваше:
Досие: Ѕвезда Немезис (извадок) 3
Сепак, не беше уцена, беше само известување.

„Навистина чудно. Што сакаат?”

„Ништо. Само да не ја бараме повеќе.”

„Е таа страница во мојата книга, братче, е искината. Одиме!” реков решително. Тоа го исплаши. „Каде?”

„Да ја најдеме!”

„Но, пораката…” пропелтечи тој. Го фатив за реверот на кошулата.

„Зарем ќе ја оставиш жена ти на цедило само заради некоја глупава полу-заканувачка порака. Тргнувај пред мене!” Тој зачекори несигурно.

Наликуваше на жив мртовец додека го гледав како се влечка по улицата и влегува во моето бледо црвено Југо 45-ка. Одам да ја спасам мојата најголема љубов со нејзиниот дечко зомби, убавина!
Досие: Ѕвезда Немезис (извадок) 4

Втор чин-чин

Студена вода ме заплесна по целото тело. Ги отворив очите. Ме заслепи силна светлина, но полека почнав да распознавам контури. Се наоѓав во соба која не можеше да биде поголема од три на три метри. Пред мене имаше двајца типови со качулики. Иако не им ги гледав лицата, знаев дека под качуликите се смеат и уживаат на мојата мака. Не сакав да им го пружам тоа задоволство, собрав сила и изустив „Вие мора да сте озлогласените браќа Кју и Клукс Клан.” Шлаканица одѕвекна во просторијата. Според звукот ми се причини дека се наоѓаме во многу поголема просторија. Сетилата ми сѐ уште успани од наркотикот со кој ме имаат издрогирано, заклучив.

„На сигурно ли е?” ме праша еден од ликовите. „Што дали е на сигурно?” прашав збунето.

„На сигурно ли е?” повтори тој. „Не знам на што мислиш?”

„На сигурно ли е?” рече повторно без емоции, со истиот метален глас. „Не можам да кажам дали е нешто на сигурно или не ако не знам за што станува збор.”

„На сигурно ли е?” повтори тој непоколебан. “Навистина не знам што станува збор?”

Едниот од нив почна да отвора акт чанта и повтори

„На сигурно ли е?”

Во паника почнав да бладам „Да, на сигурно е. Толку сигурно, што нема да ви се верува колку!”

„На сигурно ли е?” продолжи тој откривајќи ја внатрешноста на чантата – некоја направа која личеше на неуспешен абортус од брак помеѓу мемориска картица и справа за мачење. Почнав да паничам. „Не, не е на сигурно. Многу е опасно. Бидете претпазливи.” Типот го извади предметот од чантата и застана над мене „Опушти се, ајде, ајде, отвори ја устата.” Ја затворив устата колку што посилно можев. Другиот ме фати и ми ја отвори устата на  сила.  Ми  го  пикнаа тоа чудо во устата, но за чудо немаше болка. Се што наслушнав додека повторно тонев во бессознание беше „На сигурно ли е?…” Изгубив свест.

Потоа следеа испрекинати сцени во кои ја видов неа… ја видов како стои на работ на вселената и ми мавта… потоа се изгуби во темнината… го видов мојот бивш најдобар другар како се ракува со луѓето со качуликите… се видов себеси како се обидувам да ја ослободам Немеза и како ме пикаат во вселенски шатл на пат кон Земјата… присуствував на почетокот на една војна… потоа го слушнав нејзиниот глас.

 
   

„Земјата беше нападната од вонземска раса со седиште на мртвата ѕвезда Немезис.  Тие  имаат  способност да ги управуваат објектите од Ортовиот облак и да ги насочуваат кон Земјата кога сакаат. Тие се дел од Култот на апокалипсата и нема да престанат додека таа не дојде.”
Досие: Ѕвезда Немезис (извадок) 5
„Но, каква врска имаш ти со тоа?” ја прашав.

„Тие неуспешно се обидуваат да го уништат Сонцето со милиони години, зашто им недостасува клучниот елемент – девојка родена на пролетната Земјена рамнодневница, 1977 година, во 21.34 часот, во недела, која ќе се вика Немеза, ќе има сини очи и руса коса со темен корен.”

„Тоа си ти!” реков изненадено.

„Да, за жал…”

„Но, не оди со нив! Јас ќе те спасам!”

„Не, спаси се себеси… спаси ги луѓето. Ветија дека ќе те пуштат, ме сакаат само мене.”

„Но, зошто да живеам без тебе, кога и така светот оди по ѓаволите!?”

„Зарем веруваш во тоа, тоа се спекулации а-ла Џери Спрингер. Но, јас морам да се жртвувам на нивното празноверје, за да ги заштитам луѓето кои ги сакам.”

„НЕ!” вреснав, но предоцна… тие веќе беа тука и ја однесоа, додека мене ме одвлечкаа во темнината на шатлот со крајна дестинација – планета Земја.

Се освестив. Повторно бев со моите мачители. Собата ја немаше, наместо тоа бевме во голема гладијаторска арена со илјадници качулики во публиката. „На сигурно е!” рече еден од мачителите, додека илјадниците рикаа во екстаза за конечната победа над американската сончева нација и нивните поданици – суштествата од планетата Земја.

А сега, нешто сосема поинаку:

 

НАЈНОВА ВЕСТ ОД 1984 ГОДИНА!

Култното дело на Џорџо Орвели, италијанскиот футуролог и нумеролог, “1984”, издадено во 1948 година во Фиренца, предвидуваше дека со светот ќе завладеат фудбалери кои ќе воведат една светска влада поставена на неколку премиси: сите жени мора да бидат убави, мора да се смеат постојано, дури и по цена вилиците да им отпаднат, не е дозволено да имаат повеќе  од  3  грама  мозок  и  единствената  желба  во животот да им биде да се омажат за некој фудбалер. За среќа оваа визија не се остварува (освен во Италија и тук-таму), но во оваа година се случи една друга значајна работа.

Во  1984  година  палеонтолозите  Дејвид  Рауп  и Џек Сепкоски објави напис во кој со статистички истражувања е утврдено дека во изминативе 250 милиони години во историјата на земјата се случувале масовни истребувања со период од 26 милиони години. Парот научници, сепак не можеше да ја утврди причината за овие истребувања, иако навеле дека причината е надвор од земјата.

Подоцна, два тима астрономи независно објавиле слична хипотеза, овој пат наведувајќи ја можната причина за овие периодични истребувања. Според нив Сонцето припаѓа на бинарен систем и има ѕвезда сопатник. Оваа ѕвезда има многу елиптична орбита и периодично ги вознемирува кометите од Ортовиот облак.

Досие: Ѕвезда Немезис (извадок) 6Тоа го зголемува бројот на кометите кои влегуваат во внатрешноста на Сончевиот систем, а со тоа и шансата некоја од нив да ја погоди Земјата. Оваа ѕвезда е наречена Немезис, или Ѕвезда на смртта. Последното големо истребување било пред 5 милиони години, според што овие астрономи претпоставуваат дека Немезис денес е на растојание 1-1,5 Светлински години (63-95 илјади АЕ) и според хипотетичката орбита (пресметана според придвижувањето на одредени нетипични комети) веројатно се наоѓа во соѕвездието Хидра.

Уште еден можен доказ за постоењето на Немезис е планетоидот Седна, кој се наоѓа помеѓу 76 и 975 АЕ иима долга и невообичаено елиптична орбита (со траење од 10,5 и 12 илјади години), далеку позади Плутон. Според некои научници Седна едноставно не треба да биде таму бидејќи никогаш не е доволно блиску за да биде под гравитациското влијание на Сонцето, но никогаш не се оддалечува премногу од Сонцето за да на неа влијаат другите ѕвезди.

Ако Немезис постои, тогаш мисијата ЊИСЕ би требало да ја открие во периодот помеѓу 2011 и 2013 година. Некои научници предлагаат дека Немезис е всушност планета од Ортовиот облак, поголема од Јупитер и наречена Тиха (Тѕцхе), која е дел од митологијата на Немезис, но има попозитивно значење, со што би се тргнала стигмата од Немезис која со своето влијание на Земјата произведува чудни опсесивни идеи во умовите на луѓето, како на пример оваа:

* * *

Детективот Дик ја пронаоѓа својатаљубов во прашумите на Јужна Америка каде учествува во снимањето на продолжението на серијата „Изгубени” и ја спасува од рацете на диктаторот Бившодругарико Перез, по што живеат долг и среќен живот во државата која и покрај хаосот околу неа успеала да остане неутрална, богата и просперитетна, Македоцарија. Ди енд.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *