Фото синтеза (извадок)

Извадок од романот „Фото синтеза“ од Игор Анѓелков.

СК 01

КЛИК! КЛИК! КЛИК!
– Добро. Фино. Сега можеш да се свртиш. Малку ќе го сликаме грбот.
– Грбот? Зошто?
– Па, знаеш, на некои луѓе грбот им е фетиш. Сите облини што тој ги нуди се прилично заводливи.
– Глупости!
Таа сепак ја прифати мојата сугестија и веќе го вртеше своето тело во насока на сказалките на часовникот. Столот беше премногу тврд за нејзин вкус, но намерно го користев него, бидејќи доколку им понудев премногу комоција на ваков тип разгалени девојки кои одвреме-навреме ги фотографирав, тие така и ќе почнеа да се однесуваат. Толку малку им требаше за да се опуштат и да почнат да додеваат со нивните неверојатно тривијални потреби: донеси ми чаша вода; ми треба перница за да се потпрам; среди го светлото – ме ослепе…
– Досега никој не ми зборувал за грбот како нешто што толку го „пали“, како нешто што ги задоволува неговите перверзни потреби.
– Не се работи за перверзија. Линиите на грбот се сензитивни, нежни, кај некои девојки дури и груби, меѓутоа, тука се работи за еден момент на тајновитост, вел на мистерија со која е обвиткана целата таа сцена во која љубовникот не го гледа лицето на посакуваниот субјект, туку сè што има пред себе се величествените линии на грбот, кои можат да ткаат бескрајни приказни за желбите, длабоката страст…
Додека моите зборови ја погодуваа целта и создаваа ситуација во која можеше опуштено да се работи, паралелно го подготвував фото-апаратот за уште една пријатна сеанса. Тој слободно лизгаше низ моите прсти, чувствувајќи го моето задоволство од сцената која се отвораше пред обајцата. Набрзина го наместив и светлото во моето импровизирано студио. Всушност, сè што требаше да се направи е да се намалат претходно поставените зраци за педесет проценти, и магијата беше тука.
– И што да правам вака, со лицето свртена кон ѕидот? Пушти барем некоја музика.
– Во право си. Само момент.
„Дед кен денс“ беа идеални за вакво мало волшепство. Девојката на која не ѝ го знаев ниту името, и покрај непријатноста на почетокот, кога се слушнавме по телефон, а потоа и кога се појави на вратата, во овие мигови како да ја отфрли напнатоста од себе и сосема ѝ се предаде на сцената во која таа беше во главната ролја. Веќе немаше потреба да ѝ објаснувам што да прави, таа едноставно беше тоа што е – убаво и заводливо суштество. Минималните движења со рамењата на нејзиниот грб создаваа игра на светлини и сенки. Истовремено нејзината телесна фигура се отсликуваше на ѕидот, со што само се потврди мојата претходна одлука дека блицот веќе не беше потребен.
КЛИК! КЛИК! КЛИК! КЛИК! КЛИК!
Прстот слободно лизгаше по копчето. Чувствував фина енергија во воздухот. Морам да се пофалам дека кога сакам, знам да направам атмосфера. Можеби и затоа ме бараа клиентите. Препораката од човек на човек сè уште е најдобрата реклама за мојата работа.
КЛИК! КЛИК! КЛИК! КЛИК!
И таа знаеше дека нема потреба од зборови. Нејзиниот грб раскажуваше многу приказни, иако не сум сигурен дали тие се доживеани, или само отсонувани и силно посакувани. Таа беше млада, но имаше амбиција да влезе во светот на шоу-бизнисот, и оваа фото-сесија многу ѝ значеше. Имав чувство дека можам што сакам да правам со неа, но морав да останам професионален, бидејќи градот е мал, а суетите неверојатно големи.
КЛИК! КЛИК! КЛИК!
Нејзиниот танц ме омамуваше. Нејзините совршено обликувани гради, за разлика од претходно, останаа затскриени пред мојот објектив, но овојпат беа многу поубави, бидејќи само на момент, странично, се појавуваа во кадарот, истовремено станувајќи објект на неизмерни желби. Таа совршено ја почувствува својата сексуалност, засилена од елегичната музика и звукот на кликањето на фото-апаратот. Ги стави раците во задните џебови од фармерките и продолжи да игра во ритамот на музиката, истакнувајќи ја раскошноста на своето тело, кое влегуваше и излегуваше од змијоликата „S“ форма.
КЛИК! КЛИК!
Ваквите моменти можеби и не треба да траат премногу долго. Можеби веќе и го имам фатено совршениот момент со фото-апаратот. Но оставив да потрае уште малку. Барем до крајот на песната. Мал визуелен оргазам.
КЛИК!
Откако надвладеа тишината, таа нагло се сврте, ја крена маичката од подот, за последен пат надвиснувајќи ги прекрасните гради, кои веднаш ги покри туткајќи ја памучната маичка во рацете пред себе, и истрча надвор од студиото кон бањата. Јас седнав во режисерското столче кое го купив неодамна и го очекував следниот потег, сакајќи уште малку да поуживам во доживеаните мигови. Не сум од оние кои веднаш ќе почнат да ги листаат фотографиите на дисплејот од фото-апаратот. Тие се несомнено тука, внатре, заробени фрејмови на кои можеме постојано да им се навраќаме, за разлика од животот кој постојано граби напред.

– Би можел да ставиш кафе – ми дофрли девојката од бањата.
– Важи!
Влегов во кујничката, најмалиот простор во мојот пристоен стан, во која немаше ништо одвишно. Шпорет, фрижидер, лавабо, и еден газ простор пред нив. Ставив вода во ѓезвето, ја вклучив ринглата. Кога ја отворив кутијата за кафе, на дното забележав само неколку Нес-зрнца. Фак!
– Ќе тркнам до долу да купам кафе, испадна дека се потрошило – соопштив додека ја облекував јакната, и излегов.
Ебениот лифт повторно не работи. Луѓево се луди. Како мислат секој ден да се симнувам од поткровје до долу без лифт? Добро, добро, малку движење и нема да ми наштети.
Таа веќе заминала. Како ли успеа за толку кратко време? Оставила мала хартија на која пишуваше дека ќе се чуеме. Океј.
Ја отворив кутијата со тазе Нес-кафе. Водата веќе одамна зоврела. Си направив една силна доза и се навалив на каучот.
Па… сè на сè, можам да бидам задоволен од денов.
Срк.

СК 02

Д Рокси
Лондон. Сабота вечер. Адолф виси на авенијата Шестбери во очекување на своите ортаци. Нив ги нема, но се појавуваат неколку тедси, стари во просек околу 25 години. Со нив се и девојките, очигледно сите се пијани. Адолф со поглед бара место на кое би можел да се скрие, но доцна е – еден од тедсите веќе го здогледа.
- Гледајте – заурла – еве еден посран панкер. Ќе му ја набиеме безопасната у г’з.
Меѓу тедсите завладеа смеа. Една девојка од друштвото му падна в очи на Адолф: беше неверојатно убава, а стоеше крај огромниот, груб тедс, влечејќи го. Целата ситуација беше по малку тажна. Тедсот беше толку пијан што се подзасопна и за малку ќе паднеше. Само што се подготвуваше да го ѕвизне Адолф, кога таа викна:
- Немој, Нед! Те молам, остави го раат, ништо не ти направил! Ако те фатат цајкани, пак ќе дремеш во ќумез, а јас немам намера пак да те чекам.
- Океј, океј – промрмори Нед помирливо. – Јес да помина доста време откако последен пат средив некој панкер, ама ако ти не сакаш да му ја средам муцката...
Девојката благодарно го бакна в лице. Другите тедси се кикотеа и почнаа зајадливо да дофрлуваат, но беше доволен само еден, непријатен поглед на Нед, за момент сите да замолчат. Крупниот тедс очигледно беше водач на дружината.

Келнерката ми го донесе нарачаното кафе. Убаво изгледа. Ми се насмевна. За момент погледна кон книгата што ја читам, но не ме праша за што се работи. И подобро. Кој ќе ѝ објаснува дека неодамна во мојата омилена книжарница наидов на ова непроценливо богатство, кое ме потсети на едни убави времиња кога мојот град дишеше сосема поинаку. Во моите пубертетски денови, слободата на движење низ градот за мене беше ултимативно правило. Начелата на панк движењето кон кое се стремев сè уште беа дел од мене, секако, во видоизменета форма, иако и на времето нив не ги сфаќав во буквална смисла, туку си ги толкував онака како што знаев и умеев. Тоа често пати ме доведуваше до конфликтни ситуации со ортодоксните, но мојата ќелава глава ги одвраќаше од намерите да ме подберат, иако и тоа во старт означуваше контрадикција, бидејќи скинхедсите и панкерите и не се мирисаа баш многу. Но, во нашиот град, под ова железно небо во боја на бамји, такви беа правилата на играта.

Адолф погледна кон девојката: беше висока, со црна коса, фризирана во манир на доцните 50-ти или раните 60-ти. Носеше бел памучен прслук порабен со сина лента. На грбот имаше испишано голема буква „Т“. Под прслукот носеше длабоко деколтиран црвен фустан со бели штепови, а неговата боја совршено се сложуваше со бакарната боја на нејзиното лице. Со темен тен и со усни намачкани со дрско црвен кармин, по малку личеше на Циганка. На прекрасно извајаните нозе носеше бели сокнички кои стигаа до глуждовите, а преку нив, патики со жолта лента на црвенкастата кожа. Изгледаше мазно и невино.
Во тој момент од темнината излегоа другарите на Адолф, четворицата одвратни панкери: ...

– Панкер, пак нешто читаш, а? Да видам што е тоа? – мрчеше Џони додека седнуваше спроти мене. – „Башта трња“, а? Што е ова, да ти’бам!? Сигурно нема да земеш некоја литература за фотографија, или не знам што…
– Кажи прво здраво-живо, мајку му.
– Ајде бе, сто години се знаеме, до здраво-живо му дошло. Девојче?
Џони беше вреваџија и секогаш сакаше да го истакне своето присуство. Во кафулето сите се свртеа кон нас, но, одамна сум ги надминал ваквите ситуации. Од старо панкериште, предводник на групата градски пиштолџии, Џони одеднаш се изгуби од сцената, без да ни каже ниту збор. Подоцна слушнавме дека заминал во Холандија со вујко му, и дека во меѓувреме работел на брод и го шетал светот. По насобраното искуство, и секако, доволната сума пари, тој како што исчезна, така и се врати во градот, но овојпат директно влетувајќи во градскиот шминкерај. На почетокот му пречеше кога ќе почнев да го зезам, но набргу отрпна на забелешките. Впрочем, тој отсекогаш беше богато копиле, а панкот му беше само пубертетско фурање, за разлика од нас, другите, кои слепо верувавме во некаква си панк идеологија, нормално, прилагодена на наш начин.
– Многу интересна книга, ја купив пред некој ден. Ептен ме потсетува на некои убави времиња, наши, заеднички… панкерски… ќе ти дадам да ја читнеш… а за фотографија ме бидува, и самиот знаеш, не ми треба додатна литература.
– Немам време за читање. Уште помалку за панк. Ги донесе фотките?
– Нормално. Еве ги – му го подадов меморискиот стик.
– Задоволен? – го интересираше.
– Ти кажи ми откако ќе ги видиш, ти ми ја испрати девојката – бргу одговорив.
– Не сери. Те прашувам дали го фати моментот? Знаеш, оној, твојот, по кој испаѓаат фантастични фотографии? – беше директен пријателот.
– Па нормално, не седев со скрстени раце – се насмевнав.
– Добар, добар панкер си ти – задоволно се насмевна Џони и ми мавна една нежна заушка по тилот.
Откако привлечната келнерка и нему му донесе кафе, продолживме со разговорот.
– И? Како оди бизнисот? Зачести во последно време со девојчињава, мора да е добро.
– Ако е добро за мене, тогаш е добро и за тебе. Затоа, ќути и терај.
– Немаш проблем со мене, знаеш. Ем не ги пипкам девојките, ем добиваш уметност.
– Затоа и те сакам, Панк. За натаму и нека не те интересира. Него, знаеш што?
Сркна од кафето и се загледа во далечина.

– Малку ми здосади ова со девојчињава, сакам да се уфрлам во некои други води… ќе видиме како ќе оди тоа…
– Кажи, де, кажи. Се претворив во уво.
– Не, рано е, ќе видиме што ќе испадне, ама, рачунам на тебе, да знаеш.
– Тука сум, не бегам нигде.
– Слушај, ако веќе збориме за кидање, можда е време малку и да киднеш, да се освежиш. По раскинувањето со онаа твојана, не си ми баш со сите. Премногу работиш, а малку живееш. Знаеш, ти треба едно генерално опуштање.
– Не сум размислувал, но можеби си во право. Имам нешто пари на страна…
– Парите не се проблем, знаеш. Само треба да ми се јавиш.
Џони ја сркна и последната голтка од еспресото, ми намигна, и веќе беше на улица. Да прочитам уште некој ред од книгата, и јас ќе го сторам истото.
Се упатија кон Рокси, панк дупка во близина на Ковент Гарден, каде веднаш застанаа во редот полн со фанатично облечени типови, од кои секој се трудеше да изгледа што поодвратно и пожестоко и да предизвика некоја закачка и тепачка. Омиленото убивање на досадата за Адолф и неговите пријатели беше дофрлувањето и предизвикувањето на минувачите, но повеќе уживаа кога ги зезаа богатите ѕвезди кои преку ред приоѓаа кон билетарницата за да се запишат во листата на гости. Адолф го мразеше тој свет, кој за него беше премногу надмен, plastic people; ги мразеше рок ѕвездите како што се Who или Led Zeppelin, кои постојано трубат против системот и капитализмот, а секогаш завршуваат како милионери, и потоа им делат бесплатни влезници на Кралицата и Елизабет Тејлор. (...)
По концертот, задоволната раја панкери се разлеа од демолираниот клуб на преплашената улица. Адолф остана во друштво на своите убаво расположени другари. Беше возбуден од свирката, но некаде длабоко во себе чувствуваше нешто друго. Се прашуваше каде ли е сега девојката на оној тедс.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *