Меше на годината (извадок)

Извадок од книгата „Меше на годината“ на Иван Шопов.
1.
Мешето на К. ги заробува мислите на случајните минувачи како воздух во гумен душек, за потоа да ги отпушти како бура на брегови неозначени на географските карти. Тогаш две страни на светот ги забораваат своите имиња, а сонцето има вртоглавица како да е легнато на грамофонска плоча.
Тоа меше е приврзок за клучеви од тајни врати, лекција од учебник по митологија за бравари, облак во форма на катанец што не може да го уништи ниедна правосмукалка. Фотоапаратите се расипуваат во обидот да го скаменат и споменот за него е сочуван на маргините на една нова света книга. Илјада лажни гатачки му претскажуваат многу победи на натпревари за убавина одржани по неговото исчезнување. А мешето спокојно стои. Стои. Како да навестува повторно создавање на светот.

2.
Може да го сретнете на големите одмори во основните и средните училишта. Неуморно е тоа меше. Учениците остануваат гладни поради него. Половина му ја подаруваат ужината; на останатите им паѓа од возбуда;
Воденичките камења бегаат од водениците, ги напуштаат реките итајќи кон градот со надеж дека ќе го сретнат на некој тротоар. Му го цртаат ликот во куп брашно, иако му завидуваат на заобленоста.
Тоа меше има илјада мравки – слуги во ’рбетот на еден измислен свет; Даските за пеглање му служат како мост за премин од сонот кон јавето. Секој што се обидел да го изваја од мермер се разбудил на трпезариска маса во непозната куќа.

3.
Тоа меше им се измолкнува на безбедносните камери и ги доведува до очај набилданите воајери скриени зад мониторите и шишињата со креатин. Луѓето без фантазија го прогласуваат за закана по јавната безбедност.
Беззаби старци раскажуваат страшни приспивни приказни за него. Залудно. Децата не се плашат.
„Мешето на К. ги чува капките роса од киднаперите“ – запишуваат во тетратките за домашна работа.
„Мешето на К. ги ослободува билките заробени од огнен обрач“ – им пркосат на старците.
Тоа меше е забавен парк во затворска ќелија, оаза во вселенски брод, лулка за падобранци и незапишани идеи.
Заборавете го родното место и бројот на чевлите и очекувајте да го сретнете помеѓу две трепнувања на очите.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *