На Шагал сè му е на шега

Расказ од Марта Маркоска.

„Тој дебелко мислеше дека ќе стане славен диригент, тој со грбарв, прекршеен нос како клунот на оние африкански птици…по ѓаволите… заборавив и како се викаа…ааах, старост, зошто ме навјаса, јаваш по мене како на стара магарица…“
Гери го помисли ова додека ја подместуваше крагната, ја подврзуваше краватата и ја украсуваше со златната игла што ѝ беше омилена на неговата жена. Правеше сè за да ја задоволи.
„За да ѝ зловоли!“ – му дошепна гласот кој му се чинеше дека доаѓа од некаква сенка на ѕидот, во облик на жена што лета. Го потсети на една од сликите на Шагал што не ја сакаше. Всушност, кога подобро си спомна, воопшто не го сакаше Шагал.
„За што ме сметаш ти мене, за коза?! Волу еден!“
Му викна од зад грб Бери Ум на својот сопруг.
„Де не викај – ако сум стар, не сум глув.“
„Моooре… грбав си и грд.“ Ова му го довикна преку своето десно рамо, правејќи гест како да кива.
Мајката на Бери Ум го смисли ова име затоа што веруваше дека Бери ќе биде умна и умешна, дека ќе биде уметник, а не како нејзините две постари сестри кои избегаа од дома на свои петнаесет години. Затоа Бери, пак, компензираше со тоа што се омажи дури на 35 години, за на сите да им докаже дека е умна, а не само убава. Гери, не мислеше ни дека е умна, ни дека е убава, само дека премногу се грижи, и на смеа понекогаш ѝ велеше:
„Не бери гајле – Бери Ум“, а таа по малку суетно му одвраќаше: „а ти Гери, не бери – гербери! Животот е сериозна работа Гери, не туку с…“ Знаеше каква рима може да очекува во тој момент на гнев од неговата жена.
„Ама драга, зарем не ти се допаѓа мојата златна игла која ја одбрав специјално за тебе?“
„Охоо, па ти уште правиш алузии кои би требало да ме насмеат?“
„Ама што ти е денес, зошто си толку лева? Знаеш… некаде прочитав дека проблемот на луѓето е што се сфаќаат себеси премногу сериозно!“
Во миговите на беспомошност пред својот соговорник, Гери пребаруваше по прочитаните цитати и максими, но ретко кога ќе го одбереше најпогодниот за дадениот момент.
„Не поентираш Гери! Не со твојата еклектичност! Фала богу што барем не си епилептичар“ – подшмркна кога го кажуваше ова, повторно со истиот гест на префрлање на кажаното, овој пат преку левото рамо, правејќи се дека кива.
„Да излеземе драга. Изложбата не може да почне без нас.“
„Не Гери, твојот концерт не може да почне без тебе, а работата на шанкот, не може без мене.“
Бери се налеваше со рум како капетан на некоја подморница кој штотуку дознал дека повеќе никогаш нема да исплива на површината. Во салонот се свиреше тивка, ненаметлива музика, една од омилените композиции што Гери самиот ги имаше напишано за ваквите пригоди. Во умот постојано му се вртеше една реченица: „…не, тој не може да биде славниот диригент кој ќе го земе моето место, не тој дебелко, со грбарв, прекршеен нос како клунот на оние африкански птици…таа ќе ме одмазди мене, таа ќе ме одмазди мене…“
Откако Гери ја собра Бери која цела ноќ го бранеше шанкот од другите гости, го штитеше до последната минута, како јапонец на Иво Џима, го остави своето име и презиме кое значеше нешто во уметничките кругови и со подвиен фрак си замина со својата потоната лаѓа. Утешното повторување на зборовите: „…таа ќе ме одмазди, таа ќе ме одмазди мене“, никому не му значеше ништо, а особено не на таа која навистина требаше да го одмазди Гери. Неговата жена, како да насети нешто од мисловните дејствија во неговата трезна глава, па прецизно се одзва на вибрацијата од неговите мисли, велејќи му: „Гери душо, јас ти се одмаздувам…ти се одмаздувам што не ми дозволи да се омажам за Шагал, што не ми допушти да го досонувам мојот сон, да станам барем жена на познат уметник, кога веќе не ѝ го исполнив очекувањето на мајка ми самата да бидам уметник со кој ќе се гордее. Гери душо…јас…јас ти се одмаздувам, јас допрва ќе ти се одмаздувам!“

Тогаш се сети. Сенката што Гери ја беше видел во својата соба пред излегување, беше навистина една од разлетаните жени на Шагал која попрецизно ги детектираше неговите мисли од него самиот, предупредувајќи го дека Таа нема да го одмазди – Таа, еден ден, ќе му се одмазди! Епа ова беше тој ден. Но, тоа не го спречи Гери да одлучи и понатаму да се потсмева на сликите од Шагал.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *