Од „вд“ стана „вице“

Извадок од збирката раскази „Вител во Витлеем“ на Марта Маркоска.

 

 Секое утро, Клара во огледалото си ги повторуваше зборовите: veni, vidi – vici … veni, vidi – vici … veni, vidi – vici … – но не сум сигурен дека точно го знаeше нивното значење – мислеше Мо, додека нервозно шеташе лево-десно низ тесната просторија.

Потоа Клара самоуверено ќе ја измазнеше косата, ќе си пратеше бакнешче во огледалото, се разбира, упатено кон нејзиниот лик за кој таа мислеше дека е крајно отмен, и, во цврст ôд, сигурно ќе закаскаше кон излезната врата.

„Фала му на светиот дух, не мора повеќе да го слушам она папагалско повторување veni, vidi – vici … кое ни мене не ми доликува“ – повторно помисли Мо.

„Марија душо – ѝ се обрати Клер на својата хиерархиски потчинета колешка – овде во фактурата пристигната од училиштата, цената на ужинките е значително покачена од минатиот месец. Брзо, за ова алармирај го директорот, тој да го аллармира директорот на училиштето, а ако и тој не знае за што се работи, тогаш ќе го алармираме градоначалникот на општината, па ако треба и министерот за образование. Нема мојот син за повисока цена да ја јаде истата ужинка, а потоа да ми вели дека го болело стомачето. Кутрото дете.“

„Соња!“

„Да, Клара, повели.“

„Ти појди веднаш да потчуеш што ќе му каже заменикот на оној дојденецон од OSCE и ако има нешто сомнително, што би можело да влијае на нашите работни позиции, веднаш да ми го пренесеш од збор до збор.“

„Марин!“

„Марин – провери ги сите мејлови, спамови и драфтови, сакам точно да се знае што се крие зад тие кодови, со кои комуницираат Мери и Јанко! Може да предизвикаат нарушување на билатералните односи, може да значат загрозување на нашата територијална средина, да бидат опасни по нашиот идентитет. Замислете си од утре да се викаме Северна Македонска Каменица или градот на моето потекло да се вика Северен Македонски Брод?! А мојата братучетка – Северна Македонка?! Моето дете да гледа северно-македонски народни приказни?! Аеродром Александар Северно-македонски?! Северно-македонска филхармонија?! Северно–македонска радио телевизија?! Северина?!

И така, додека Мо, шетајќи низ кафезот го повторуваше она што во аманет за денот му го остави газдарицата: veni, vidi – vici … veni, vidi – vici … несфаќајќи всушност, кој е Вени? Бидејќи Вици, беше другарка ѝ од средно, Виолета, која нагалено ја викаа Вици, а пак, „види“ е глагол … кој е тогаш Вени?

Додека Мо, размислуваше дали Вици се гледа со некој Вени … едни земји излегуваа од рецесија, за потоа да влезат во свински грип; Џералдин се разнесе во супермаркетот каде не можеше да го најде својот Бог; Марио и Славе продолжуваа да се тепаат за школската ужинка; General Motors отпушти 10.000 работници; Лира и Вања се кубеа за коса, за тоа која–чиј дечко земала; бројот на жртвите во ураганот Катрина достигна 1836; Во Церн сè уште преговараат дали после експериментот, Земјата ќе ја голтне црна дупка–веднаш или неколку дена потоа?

Додека светот не можеше да ги разреши своите дилеми, мистерии и мизерии, Клара знаеше дека сè дури го повторува судбоносното: veni, vidi – vici … veni, vidi – vici …, таа ќе ја реши сопствената. И така од „ВД“ стана – „ВИЦЕ“!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *