Пластични раскази (извадок)

Пластични раскази 1Извадок од збирката „Пластични раскази“ од Илија Илов

 

ДЕХИДРИРАН СВЕТ ОД ЗАБЛУДИ

ПРВ ЧИН: РАЃАЊЕ
Градска болница, Битола, Република Македонија.
Акушерски оддел.

Анестезиологот го вбризга епидуралот. Нозете на пациентката се благо кренати. Првото придвижување на скалпелот потона во потпапочната вдлабнатина. Докторот ја пробива водената кеса и го влече главчето на бебето.
Тоа е на подот, се лизна од рацете на асистент-докторот. Видикот ми го покрија медицинските сестри. Јас сум тргнат од случајот и приказната му ја препуштам на Сеприсутниот.

ВТОР ЧИН: ИСЧЕКУВАЊЕ

Со розови балони, во холот, стои таткото непрекинато тропајќи со десниот темнокафеав чевел.

ТРЕТ ЧИН: ВЕСТ

Бебето го покрија со крпа. Една сестра го стави во мобилно креветче и го однесе во собата со инкубатори.
Таткото виде кога докторот излезе од операционата сала.

Се насмевна. Му заблагодари. Се наведна и му ја целива раката.
Докторот ги извади очилата обесувајќи ги пред градите. Ја избриша пот та од челото. Го викна таткото во својата канцеларија.
По половина час, таткото излезе од канцеларијата на докторот. Очите му се растекоа по ликот, засолнувајќи ги образите зад коските.
Докторот, веднаш по него, и тој ја напушти просторијата. Брзо го заобиколи. Таткото остана во бавен од. Стигнаа до собата со инкубатори.
Се доближија до стаклата, но ролетните беа спуштени. Таткото не успеа да ја види ќерка си.
Со тромав од се упати кон шок-собата, во која беше неговата сопруга. Стоеше пред вратата, се сврте и се врати по истиот пат од којшто дојде. Се спушти низ неколкуте скалила и се најде пред канцеларијата на докторот. Тропна. Докторот не се одзва. Ја придвижи кваката и брзо се повлече зад вратата.
Докторот гледаше низ прозорецот. Во раката има бројници и пура на која се насобрала пепел. Другата рака му е потпрена на бирото на кое има шише јапонско виски. Почувствува присуство. Се сврти кон присутниот и веднаш го врати погледот на прозорецот. Ја крена раката што му беше потпрена на бирото и од него извади чаша. Сипуваше пијалак и запре кога мантилот се обои од течноста. Таткото ја зема чашата сместувајќи ја на шуплината. Не разговараа. Докторот во клатење стана, заповедувајќи му на таткото да го следи. Се упати накај собата со инкубатори. Тропна. Се појави сестрата. Им даде заштитни маски.
На десниот крај од собата имаше просторија одделена со пластични завеси. Докторот ја повлече завесата.

Таа е феномен – тивко му рече – родена е со осум очи, без уши. Потребна е ваша согласност за да ја успиеме.

ЧЕТВРТИ ЧИН: ОДЛУКА

Таткото не се согласи веднаш да го усмрти својот плод. Се упати накај собата на жена си. По неколку часови, заедно донесоа одлука дека сакаат да го задржат бебето.

ПЕТТИ ЧИН: РАЗВИВАЊЕ

Ѝ го дадоа името Ведрана.
Бебето беше витално и силно.
На четири години научи ортографија.
Не ѝ растеше коса. На главата имаше осум очи, распоредени две по две, на секои 90 степени од латитудата. Кога имаше потреба за одмор, врз своите очи навлекуваше огромна капа. Не научи да заборава и умееше сѐ да види. Можеше да го искаже она што го гледа, но не го чувствуваше значењето на изглаголените зборови. Ортографски знаеше за интерпункција, но бидејќи немаше слушно искуство, не знаеше да ја преточи во практика. Често даваше погрешни насоки за она што го гледа. Некогаш велеше „не сакам“, а мислеше „не, сакам“.
Таа своето слободно време го поминуваше на своето столче, покрај прозорецот во својата соба. От таму во исто време можеше да го гледа плакарот на западната страна, својот цртеж на ѕидот од источната страна, прозорецот пред неа и исто така успеваше да се концентрира на она што се случува во клучалката од кваката зад неа. Кога нешто ќе се помрднеше во нејзината соба, таа ги држеше своите очи отворени, срцето и тропотеше, но не се чувствуваше уплашено.
Празнината од клучалката се исполнуваше со разни бои. Нејзината мајка ја отвори вратата од собата. Ја викна да дојде на вечера.
Ведрана седна на својот стол од масата. Од својот грб виде кога мајка ѝ ја постави вечерата. Ги броеше супените лажици што на секој од нив ги ставаше татко ѝ. Забележа кога брат ѝ ја украде лажицата на помалата сестра.

ШЕСТИ ЧИН: ИСКУСТВО

Додека одеше во обично училиште, бидејќи во Македонија не постоеше специјализирано за неа, таа се најде во неволја. Група деца што во неа ја гледаа својата слабост, вербално ја нападнаа. Таа не ги слушаше. Бидејќи чекореа близу неа, од нивните усни се обиде да го види значењето на нивните зборови, но не ја сфаќаше функцијата. Ја гледаше нивната фацијална експресија, но дотогаш не беше видела нешто слично и не знаеше како да ја протолкува пратената порака. Едно од децата, кое сакаше да се докаже пред нив, ја упати својата тупаница во нејзиниот лик.
Беше на земја. Не знаеше што да прави. Како да го протолкува тоа!?
Срцето во иста хармонија забрзано ѝ баботеше. Инстинктивно почна да бега. Душата ѝ се делеше од телото во секој здив.
Брзо ја стигнаа, на поставената сопка директно падна со лицето на земја. Во устата почувствува киселина. Плачеше. Децата не запреа со ударите, сѐ додека еден минувач не ги раздели.
Од полиција се јавија во нивниот дом.
Татко ѝ брзо дојде во болницата. Таму го чекаше инспекторот Радован.
По неколку недели, Ведрана закрепна.

СЕДМИ ЧИН: БОЛКА

Ведрана не заборави ниту еден лик од децата. Таа избегнуваше да оди на училиште. Доколку забележеше слична гримаса кај некој од нив, таа бегаше.
Еден ден поминувајќи низ паркот, здогледа дете што пиеше вода од градската фонтана. Му се доближи друго дете и со тупаница го удри по темето на главата. Детето уште беше на чешмата, а таа ја виде водата кога порумене.
От тогаш таа одбиваше да пие вода. Мислеше дека доколку ги затвори очите, ќе ѝ се случи истото и нејзе. Ги молеше родителите да ѝ оставаат шише вода пред нејзината врата. Од клучалката ги гледаше кога ќе заминеа, ја отвораше вратата, го земаше шишето и ја заклучуваше вратата. Во голема брзина ја пиеше водата, при што честопати повраќаше. По тоа искуство, сфати дека водата е штетна за неа.

ОСМИ ЧИН: ЗАВЕСА

Престана да консумира вода.
Тој ден, таа не се појави за појадокот, ниту пак дојде за
ручекот. Татко ѝ ја скрши вратата. Таа лежеше на подот.
Се тресеше кога го виде црвениот лик на татка си, силно ги стегна очите и со своите раце го покри лицето.
Докторите констатираа смрт. Обдукцијата покажа дека причината за неа е дехидратација на мозокот.

ИЗГУБЕН ИДЕНТИТЕТ ВО ПРАНГИТЕ НА БОЛЕСТА

Со ќерка ми попладнево дојдовме во ергелето. Откако жена ми замина од овој свет, се трудам да не останам пред завесата на тагата.
– Кој прв ќе стигне до воденицата… – Камелија штотуку ги нахрани зборовите со прашина од коњските копита.
Го потчукнав мојот коњ и тргнав по нејзината трага. Кога бев доволно близу, се сврте. ’Рбетот ѝ се испружи дијагонално, нозете ѝ го стегаа мевот од коњот. Нејзиниот поглед ја истисна нивната боја. Од десната страна на седлото таа го предаде своето тело на земјата. Падна на десното бедро, на десната плешка и главата ѝ тресна од десната страна. Неколкупати се тркалаше, а кога запре, остана да лежи со лицето в земја.
Вилицата како да ми испадна од својата утроба. Очите ми останаа безводени. Го допрев нејзиниот врат. Брзо ми играа прстните јаболчици.
– Камелија, ме слушаш!? – ја свртев. Отидов до ергелето. Побарав помош. Таа сѐ уште ги немаше отворено очите, но пулсот ѝ беше покроток.
Ја внесоа во болничкото комбе.
Половина час по извршените снимања, стигнаа резултатите од магнетната резонанца.
– Таа е во кома. Доколку се разбуди во следните 48 часа, ќе преживее! Повредено ѝ е ’рбетното црево. Камелија има квадриплегија!
Моето девојче единствено ќе може да ја движи главата. По триесет часа сон, таа се разбуди.
– Тато, што се случи?
Пробав да ѝ објаснам, но моите реченици стануваа сè подолги.
– Цел живот ќе останеш неподвижна, душо! – по долго измачување ѝ реков.
Таа воздивнувајќи широко ја отвори устата, во градите се слушаше распукнување на коските.
Цел живот ќе се обвинувам за тој ден.

* * *

Делиме иста спална соба. Секоја вечер гледаме ист филм, „Фонтана“ на Дарен Аронофски. Во сижето како главен јунак се појавува мајската ѕвезда „Шибалба“. Таа е местото каде што смртниците преминуваат во вечноста. Во него, сопругата на главниот лик умира и тој се обидува да ја бара во Шибалба.
– Тато, подобро е да ме убиеш и да го фатиш мојот дух во местото кон вечноста, таму да го грабнеш, единствено него, и да го ставиш во која било форма што ќе ја најдеш, само да го напуштам ова тело!
Постелата ми омекна од солзи.

* * *

– Синоќа, точно во три часот се разбудив. Слушав прекрасна музика што ја чув за првпат. Во дневната соба седеше ќерка ми.
Како успеа да дојдеш?
Не ми одговори. Спиеше.

* * *

Се плашам за неа.
Жена ми е во ковчег облечена во венчалниот фустан. Сакам да ја бакнам. Се доближувам до нејзиниот лик, таа има живост…
– Ти си виновен, ти си виновен, ти си виновен…
– Знам, за сѐ сум јас виновен.
– Како гума е, колку брзо ја доби испиеноста во ликот. Ноздрите прекинаа да ѝ се пумпаат.
– Стани, те молам – воздивнува.
– Ова е сон.
– Точно е три часот. Ќерка ми ја нема во постелата.
– Камелија! – се слуша бебешки плач.
– Каде си, Камелија? – Таа е во дневната соба, седи на стол што лебди во воздухот. Кога се приближив, почна да се врти во круг.
– Се плашам, тато.
Се обидов да ја сопрам. Нештото почна да ме врти и мене.
– Проклет да си, што му направи на татко ми!? Брат му го најде на подот облиен во крв.
Докторот по направените снимки, констатираше дека нема повредено витален орган.
По еден месец, раната заздрави и го пуштија на домашно лекување.

В А Ж Н О !!!

Доколку при читањето почувствувавте болка кај гра­дите, прочитајте ја оваа страница, доколку пак имате главоболка, свртете ја другата страница.

Првата ноќ откако брат му спиеше во нивната куќа, го разбуди неговиот плач. Го најде во дневната соба. Лебдеше на столот и со мала брзина се вртеше во круг. Брат му се обиде да го сопре, но и тој почна да се врти со него.
– Што му направи на брат ми?
– Помош – Камелија го тресеше телото на својот син
Димитар.
– Сине, стани!
– Мамо, нешто страшно се има случено во оваа куќа.

Втора страница

Првата вечер, плач го разбуди брат му. Утредента тој го однесе брата си во душевна болница. По неколку денови го повика докторот од болничкиот оддел.
– Кажете ми за неговото минато.
– Тој е повлечен човек. Многу ретко разговара, докторе.
– Каде е неговата ќерка?
– Тој нема ќерка.
Докторот му ја раскажа приказната што тој му ја кажа нему.
– Како мал, заедно со моите родители доживеа сообраќајна несреќа. Беше во кома неколку месеци и единствено тој преживеа. Камелија е името на мајка ми.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *