Скопје и сè е можно (извадок)

Извадок од романот „Скопје и сè е можно“ на Жарко Кујунџиски.

 

Два нула еден нула, Нова година

 

Тоа што сум роден доцна вечерта на Осми септември годината еден девет девет еден ќе каже дека Тале Тесла за да напрај мушко, извини на непосредност, трудбенички ковал и надвор од пролетерска шема на препорачани денови за оплодување. Се надевам дека засега ти е доста од close-up на Тале Тесла. Праам со камерата еден долг швенк низ времето и рипам пар децении.

На ред е да ги претставам моите другари, ла бандата. Целосно ги оставам зад себе годините на црно-бел свет со контролиран секс, едночудо лаги, нешто ситно видеокасети и многу нишки лампени телевизори, културолошка придобивка поради која до ден денес останува узречицата Удри го, ќе се опрај и влетувам длабоко во ерата на дигитална техника и ЛЦД-екрани. Мислам дека е паметно да го опуштам и модернизирам стилот на снимање на ова шоу и да го отргнам од стегите на стерилниот, униформиран калап со тоа што ќе му дадам малку повеќе локална и дречава боја. Дури и начинот на пукање треба да го сменам. Значи, пукам со рачна камера, користам нагла рокада од долен во горен ракурс, влечам од крупен на широк кадар, држам спотовско темпо, фурам како MTV кратки резови и динамична монтажа. Нормално, како и секое реалити, нема влакна на јазикот. Идеме одма.

Фејд-ин.

Камерата е пред локал на чие име и два пати по ред да ме стрелаш, нема да се сетам. Памтам само дека е негде во Козле, али доколку се има предвид дека за мене е едно те исто селото Лисиче и Ново Лисиче, дека уште ги мешам Мичурин и Маџари, тогаш не сум за потпирање. Значи, сега камерата не е атачирана само за еден лик, туку е поставена на четирипет метри од кафиќ чија врата треба да биде затворена на новогодишна ноќ, што ќе каже постојано зјае отворена а мојот интерес рипа од човек на човек. Го следиме нивното последователно заменување.

Овој што прв искача и прави толку долг муабет на мобилен што сумњаш дека има минимум еден и пол век претворен во бесплатни минути за трошење, а додека збори ги проверува колите рандом дали се заклучени, е Очи. Freeze. Очи е практично слеп и во брак. Слеп е бидејќи може спејсшатл да му пројде пред нос а да го промаши скроз. Има диоптер осумсто, цилиндер, а кога е у форма меле деветсто на саат, навиен. Моментално е на линија со рибата која практично му е жена. Праам ап-ту-дејт и се корегирам. Му беше жена. До лани, т.е. до пред саат време. Типката му раскинува во очи на прослава и сега Очи е депре. Депре е од депресија, ама глупо е да праам објаснување на вокабуларот како ти да си од вчера а ја стариот. Значи, Очи ни е депре. Медицински не е докажано но практично е, и тоа побајаги, кога Очи ќе се начука гледа појасно од телескоп и подетално од електронски микроскоп. Чудо на природата. Дечкото фаќа на радар влакно од нос на женска на миља, миља и двеста. Не само што му се шират зениците, туку и њухот му се појачува. Може да процени отворена кола во миљон. Нема брава во Скопје што не може да ја провали. Ама без литро алкохол е како да си му рокнал бокс по цвикера и виси упекмезен сам на сепаре. Вечерта доаѓа во бетер стање појше од што мо’еш да замислиш, си викаш дека нема да се насмее до следно појавуење на Халеева комета.

Очи искача со нас еднаш у деценија. Ако смалам на хипербола, адвај еднаш месечно, ама се дешава и тоа да го згреши. Се вади на пацерска фора дека многу учи, а всушност не смее од женската. Незгодно му е да ја носи пред другари. Еднаш ја домакнува, па караконџулава се расправа со пола багра. Има и клипче, кај мене све е поткрепено со факти. Корпус деликатес. Очи кисне дома со бабите, му скапува драгоцена младос’ по дневни соби во прајм-тајм, наместо да ја искористи рационално за жљокање, ко цел нормален свет. Да резимираме, практично женет е.

Го р’чкаме Очи дека треба да ја бара, а типот само цвили со главна реплика Пролазна ми е оваја. И намига, намига со двете клепки у исто време, ти се веруе? Што да ти кажувам, легенда што се гледа. Очи знае дека ако купи бурма тогаш сам си штампа отпусна листа од друштво за навек.

Cut на камера два. Едно влегуење у локалот, Очи нарачуе литро смедеревка и го мавнува на екс. Кога шанкерот му бара три купони за пијачката, Очи, чаирски даса, елегантно му вперува middle finger. Да не толкувам сега говор на тело во детали, слика вреди колку илјада зборови, ама ситуацијата е таква што опасно се заканува да ја збрка вечерта уште на почеток, бидејќи двајца багабонти крај шанк ја следат будно  разврската.  Силната  конструктивност  што  одеднаш ја покажува Очи, со воздржување од натамошна сочна и обострана размена на гестикулација и епитетска реторика, зачинето со дијалог-линија попаметна од ситуацијата (Држи купоните, да им се мочам на купоните) упатува на тоа дека од критична фаза на депре минува во фаза на блага и неопасна нервоза, што е за почит а и ги задржува чернобилците да се пробиваат во збрканицата. Не знам што е причината за малата која, како што веќе реков, никој од нас не ја поднасаше нешто посебно, да му удри корпа и тоа баш на ден пред прослава, али има и такви кои беа барем во одреден степен при чиста совест и во маглата ја гледаат позитивната страна со хируршка оштроумност.

– Шо се секираш, бољи шо вака испадна, ако типката решила да не иде со нас, тогаш фала ѝ на услугата, ги топиме и нејзините пијачки. Нели така?

Очи последнава година стана путер од дете, на леб да го мачкаш па да се каеш. Панини да направеа албум со сликички Папучари два нула еден нула ќе го личеше за капитен и спарка на него ќе потрошеа. Дури и да се деси албумов, сепак за настан на годината секогаш давам јака предност од четири гола на календарот на Пирели, не само поради неухранетите крцкалчиња, туку ради уметнички дојам од моја бранша. Очи на мравка гарант не стапнува иако мене со години редовно ме прави бербат штом влеземе у некој локал, бидејќи цвикерите му се замаглуваат ко џамовите во приказната на девојчето со ќибритчињата. Јес да со традиција зад себе има правено такви брлавштини што би му дале почесно членство у Џекес. Но како и многу пати порано, тоа што машко друштво гради со години, женска може да разгради во четири и пол недели. Така да во последно време Очи ни е препореден и смирен за сите пари, кои у принцип повеќе ги нема од што ги има, сè додека не му го заглавува ко што му го. На сите ни е драго што го гледаме стариот Очи одново у цут, барем на една вечер, али истовремено ни се тресат пола дузина ганглии што баш сега најде да го чкартира. Дури покасно ќе ни признае дека вечерта кога на петнаес’ минути испаѓа пред кафиќот на кој никој не му го памти името, Очи точно дека ѝ врти на бившата, ама коконава не го рецка два посто, што ќе каже си праел муабет сам на себе.

Додека малиов ко пинбол топче шета меѓу паркираните коли и ги реди своите несфатени монолози на кои и Шекспир би позавидел, Мате речиси и да не помирисува внатре, бидејќи на теферич ги вади цигарите од газ една по друга, и тоа де мота трава, де вади домашен тутун посмрдлив од бивша Драва, со што комотно може да биде замена на апаратчето за магла у театар. Моментално вади таков еден фиљан што око ќе му извади на типот до него. Сечија пушница после ова ќе падне у дебела сенка.

Мате е бавен на јазик, ретка стипса на зборови, обратна варијанта, да се одразам со аура на деконтаминиран фан на енигматика, антипод на Џеј Лено, ама исклучиво ретка будала на памет. Како и повеќето ликови во овој дел од шоуто, во лична карта му пишува дека само што наполнил осамнајс’. Додека не отвори уста, единствено него го личат ко сирење на шопска. Озбилен, штрафта, мислиш дека е женска после прв секс. Не еднаш се докажало, крушковачата под круша паѓа. Мате сам ни има признаено дека родителот од машка страна му е јака појава у скопско подземје.

Да го бутнеш у висока фотелја, да го именуваш за стечаен управник на некој загубар, да го ставиш за бос на ен-џи-о, да треба да биде само декор у античка трагедија, тешко да го познаеш дали е картонска макета или живо биќе. Ама кога ќе му се дигнат бушони дај му на минут да поседи со женска, макар е некоја теткица што продава коњак на чаршаф сред плоштад, мислам дека вади таква енергија од себе, што ќе ја натера старата да затресе старо сало на шипка во стриптизбар. Ретко отвара уста непрашан, али кога ќе каже нешто, иако не памтам кога последен пат се десило, и посебно кога ќе ја направи мачо фацата, или се смееш од што гадно си се уфурал ко на хорор-филм, или како да си темпирана бомба идеш да пукнеш од декаденција.

Има влијание на женски пол со шарм продорен како мистер мускуло. На мачкици и кучкици у град им е главен штик со процент на уфрлање топки поголем од Тајгер Вудс. Ама еднаш му го сместија бројот у оглас на страната со хот-лајн фрикови и на секој саат му се јавувал по некој хомо или садо. Очи со цел памет го праша дали му го зел на некој црнец за пеесче а Мате кој иначе го фрлаш у релна за да му се качи температура на триесет и пет степена, така жустро му се нафура што кога му ја чкопа раката овој не знаеше дали го фати со прсти, дали му го стај жарчето од цигарата на кожа. Нè испитуваше сите до еден цела година ко штази, пошто мислеше дека е можно да го глави некој од нас.

Слоган по кој станува популарен е „Баш биртија брка работа. Што поутепано место, тоа појаки женски.“

До него стои Брус и му ја зема цигарата, ја гори до фитиљ, кашља, не ради чадот, туку пошто апстрактен поим е греење кај неа по дома и му ја враќа назад, а у ситуација кога е качак во прашање и не ја ни враќа. Брус ни е најголемо мушко у друштво, курназ, иако биолошки погледнато, е женско. Ич не памтам како и кој ѝ дозволи да стане дел од екипа, веројатно пошто кога си со нејзе не можеш да си го приуштиш тоа задоволство многу да извољеваш. Ќе биде така како што ќе каже и напрај и точка запирка. Како за командант, она е поприлично нервчик, ќе ѝ текне и ќе се изгуби, па ќе ја видиме од далеку како рита со нозе и раце по решетки од некој гранап. Низок праг на толеранција и висок степен на акумулирана енергија. Со рака ќе скрши стакло у секое време. И ќе го изеде ако е наапана. На почеток ни беше интересно и ја с’скавме, али после стана досадно да ја враќаш од тешки фазони. Башка, сега плавите униформи ги има на секој чекор, па најчесто ако има колкутолку трезен у околина пробува од петни жили да ја пишмани. Во спротивно, се брка по улици со џукели и газди на расни пудлици. Ако не удира по нешто, а увек има што да се љушти, Брус пљука. Тоа ѝ е втора а можда и прва опсесија. Р’ка на секој можен начин. Во останатите битни описи на карактер спаѓаат ‘рчење и свиркање со уста погласно од секој од нас, со што ги исполнува сите предуслови да биде мушко. Уствари ги држи толку на залиха, што има и да рента.

Типката кога ќе се напуши и напие, али онака до прецвикуење, се дешава да истрипа толку многу што почнува да блебета у лер дека е домка. Другиве не се замараат посебно на темата, али лично мене ми личи многу на брат ѝ. Да им се плукнам на клемпавите уши. Ако е стварно посвоена ко што тврди, онда нејзините инсистирале децава да ги пораснат што побрзо. Втора можност е да се десило у пакет да ги посвојат, што е мало морген. Како и многу други, Брус по тоа прашање е заглавена негде у тинејџерски дани, чет’ринаес’ преку сила, уште ја маваат флешови од типот Ме бирале од каталог.

Кога они двајца влегуваат по десетти пат унутра, испаѓа Руски. Го викаме така ради тоа што е загорен фан на руска салата, а и ради вотката, иако мислам дека не сум го видел да јаде толку руска ко што суши дупла вотка ко да е џус. Не само вотка, жљока баш сè што му се најде при уста. Да збориме отворено, слабо му држи г’зот, пошто ова му е десетто испаѓање од локалот за вечерва со една цел. Ќе бљуцне малку у тревникот, каде веќе има прописно голема лигавица, па на првиот што ќе му се појави со скопско, му ја позајмува флашата на неопределено, колку да направи прочистување, удира една гаргара и прима испробана антиалкохолна терапија. Седи така со пивото една-две минути, кога ќе се подосвести, ѝ ја дава излоканата флаша на грмушката у владение и улетува во толпата каде се меша со непозната раја. Внатре се дешава твој г’з преку туѓа глава, главно е пуно со дечишта кои на стартот на вечерта гледаат у нас ко у нилски коњи у гаќици за пливање, али кога сфаќаат со кого точно изнајмиле место, ја претеруваат со опуштање до толку, што имаат желба да покажат дека можат више и од џомби.

У принцип на трезно сме малце за’рѓана војска, али кога систем ќе се врати у нормала и ќе почне по вена да ни тече дестилат уместо крвни зрнца, се покажуваме у пун сјај. Си ја гледам бандата и си викам лепши сме од Миранда Кер. И покрај сите мани што другите ни ги фаќаат, бољи што сме на вињач со кисељач отколку на хорсови и други пусти отрови. Али кој може да ни оспори што сме старомодни, ретро антики.

Во моменти кога пичиме во опасна зона, Руски ни е лице за односи со јавност, спона на поврзување, достоинствено ги брани нашите бои и ја враќа хармонијата во редот и поредокот. Знае да се уклопи у секое друштвенце и со секоја генерација. Руски е нашата Катица за сè, миротворец. Додека го снимаа Писмејкер Руски трча по Широк сокак кај баба му у Битола и ваљда уловува нешто од принципите у скриптот.

Да го пуштиш у занимална ќе испадне со крдо деца. Да го пуштиш у пензионерски дом ќе испадне со чопор старци. Да не го пушташ најбољи. Ја мислам дека името ќе го реши додека гукнеш суфлаки со ајвар. Така Руски сега игра со кој стигне, се гушка со кој стигне, им улетува у комбинација на тазе парови, им допива на предвреме сајнаутирани и секој момент чекаме да стисне shut down the computer и да се спружи на масата у ќушот до даљег. На концерти е секогаш напред на шипка и анимира раја. Жива алтернатива.

Негов одговор на прашањето зашто има толку пирсови е: „Им личам на женските на новогодишна елка па стално ми пејат Елко, елко, порасни уште две-три педи. Сам укапирај шо се дешава после таква провокација.“

Стварно неам идеја.

Петтиот, тоа сум ја. Големиот мал брат. Истовремено начукан, напушен, надркан и напраен. Идеална хармонија, квинтесенција на дваесет и првиот век. Од сè по малце али од ништо по многу. Си знам ја дека цело е кога има сè. Ако другиве се ставени на еден до два филма, мене годината ми почнува во пуна резолуција. Спремав тестови цело тромесечие и ми треба вентил појше од аорта. Ако го снимам асолно ова што сега го почињам, сам на себе докторат ќе си доделам, и тоа по брза постапка, ко да сум на приватен.

Не се спомнувам во кадрите претходно, али прилично често се дешава да улетам у композиција додека останативе си го тераат своето. Се придружувам колку да дувнам малце ганџа, да викнам малце кај невестата у увце, да цугнам малце појше вотка и да треснам малце по врата у ве-це, пошто некои мочковци нашле да се лапаат и драпаат на шоља. Ако ме види некој колку често идам на пиш-пауза, ќе помисли дека татко ми е пожарникар. А каде и да одам, а и каде да не шетам, сегде со себе си ја носам својата верна прва пратиља.

Што друго очекуваш од иден бруцош на филмска и тв-камера, што ваљда до сега го расчистивме. Може да испаднам од дома без гаќи ама не без Сони Ериксонот со камера од десет пиксела. Го осеќам веќе како дел од себе, како да сум го инсталирал во зеница, иако појше изгледа дека ја сум влегол у блендата, мислиш ме гутнал кит и сега сум му у пределот на мозокот каде се собираат сликите. Чисто за информација, држам рекорд на фејсбук на национално рамниште со поставени дваесет и една илјада петстотини триесет и две фотки.

Мина скоро пола емисија, фер е да кажам што врска имам ја со причата на Тале Тесла. Не голема, али ипак очигледна. Што мислиш, од каде го знам Тесла толку добро?

а) пошто гледам на гравчиња;

б) пошто сме биле заедно у војска;

в) пошто на комлициран начин за раскажување сум некаков потомок на Баба Ванѓа;

г) не знам, не сум оттука.

Ништо од тоа. Го знам толку добро Тале Тесла пошто ми е татко.

Редно време е син да напрај филм во чест на најблиска машка родбина. Од кога ме интересира уметност, пратам дека и писателите и филмаџиите и сите други до еден дрват само за жени. Ко маживе да не постојат. И кога ги има, тогаш се некои фрикови како грбавион ѕвонар од л’Париз. Ти текнуе на име од некоја сапунска серија која се вика по мушко? Бљакш. Мислам дека е дојден сатот да се мењаат клишеа. Што, демек од секој маж уметност не бидува. Утнати им се стереотипите на самопрогласените големи уметници. Се палам на предизвици и баш ќе пробам да го докажам спротивното.

А што врска имаат моите другарите со приказната на Тесла? Ме фати. Тука не можам да ти помогнам. Баш никаква. Ама мое шоу, мои правила. Не сум уопште зафркнат. Немој сега така да се одразуваш. Кој ми е другар, знае дека не можам да го зафркнам ни под точка разно. Ама, биографија на Тесла да снимам а да не ги пукнам најблиските другари, прво нема да ми праат муабет сто пеес и осум години, за на кикирики со пиво апсолутно ќе ме избришат од платен список. Мислиш дека ваква расна новогодишна прослава може да се деси без да имаш права екипа?

Второ, у старт си мањак минимум четворица friends на фејсбук и followers на твитер. А фејсбук и твитер нè враќаат у стварност, човече. Иако ги има и такви што тресат зелени дека нè враќале у времето на Тале Тесла, пошто дошла иста шема, пак у секој гледаш потенцијален другар. Не сум ја хроник за фејсбук само сметам дека, што помалку луѓе имаш да те пратат по социјални групи тоа у поголема криза ти влегуе популарнос’. А популарнос’ у моја професија е правопропорционална со кешарица. На крајот, денес сè се врти околу кеш, кеш. Што ќе ми е да напраам најбољи филм и најјако шоу у историја на човечанство, ако нема кој да го гледа и ако не сврти неколку сома. Затоа другари и следбеници ја на цедило не оставам.

Што друго да кажам пред камера а да не узурпирам тајминг 2 much? Уште едно нешто само. Жалби и поплаки on air. Морам да признаам дека не е лесно да се биде уметник од радничка фамилија. Главното е што немаш фидбек од дома, а дури после што немаш грб надвор од дома. Бар да те бутнат у некоја локална станица да купеш доруче а на пауза да снимаш од прес-конференции до пукнати канализациски цевки у Батинци, со должна почит и поздрав до сите батинчани, што е горе-доле исто. Вака морам сегде сам да се докажувам. Ипак, одбивам да станам дел од арт-елита, која се крие зад мама и тато, со убиена креативност. Ги нарекувам салонски пудлици и не планирам да ги дружам пошто ќе ме изреметат сакал-нејќел. Одбивам да бидам фејк кремац да маштам за француски кроасани и да се враќам со памет у хуманизам и бакрачи. Нема поголема дарба од тоа да го уловиш мигот. Ако си во правото време, треба само уште да бидеш на правото место. Ја за тоа ја имам и најјаката камера, која снима движејќи се не само у простор туку и у време. А кога ќе заглиба негде, тогаш вклучувам специјален уред кој сам ѝ го инсталирав а се вика спомени.

За да дојдам што поблиску до тебе како мој најдраг гледач, ќе бидам најискрен што можам. Нема да трујам со измислици. Ќе раскажувам само за тоа што најдобро го знам, односно за Тесла. Стварно кувам кога сценаристиве вадат приказни од мал мозок. Тресат измислици од ракав како мажот сменил пол и после го мажел швалерот на жената, чија ќерка е земена со втор братучед од золва, кој пак открил дека пред седумнаесет кармички инкарнации бил хиена. Што нема да смислат, само да има што помалку смисла. Респект за нешто кога е стварно доживеано, како скопски смог и асфалт, како социјална и општествена саксија која паѓа врз главата од ликовите.

Напатена душичка сум ја, затоа гарантирам дека ќе снимам вистина и само вистина. Ако камерман лаже, камера не лаже. И мислам дека е тоа далеку пофраерска опција, бар за мене, од паѓање у фантазерски транс и симињање ананаси.

This is a true story. Секој фрејм. До срж. Нема лабаво. Што на ум, то на друм. Пеки. Шо, демек треба да верувам во Ана Каренина? Нацки скокнала под воз. Не го давам Тесла за сто Ани и двеста Каренини. Стварност се поштова, сè друго е фарса. Педер, тоа што треба да се деси веќе еднаш се десило. А, ако и не се десило, наскоро ќе се деси. У случај да не си слушнал за тоа што сите зборат дека се десило, немој да се паничиш дека си аут. Не е до тебе, и да го шинеш маусот од кликање на home пак не можеш сè да фатиш, нешто ќе ти промакне. Дојде време да не се рачуна дека си ја просел женската ако не го закачиш видеото на јутјуб и не си пишеш у relationship. Ама ја сум тука за да ти откријам нешто што го нема на дупло ве дупло ве дупло ве, нешто што само тебе ти го доверувам и никој друг не треба да знае, освен луѓето што ги спомнав до сега, како дел од овој стварно амбициозен проект. Иако ги евоцирам сите настани од подалечното и поблиското минато, времето на камерата не може да биде друго освен вечна сегашност. Така да си знаеш и да не ми бегаш со паметот.

Сфаќаш сега зашто луѓево веќе не идат у кино и не се замараат со читање книги? Бидејќи сите уметници по малку или по малку повеќе лажат. Да повторам. Л-А-Ж-А-Т. Да, да, со огромни букви. Ако треба и ќе болдирам. Да тупам публика со бабини деветини е мој неодговорен однос како автор. Селото гори баба се чешла. Не признавам уметност освен ако истата пред тоа не му се десила на типот и типката. Како Хемингвеј со војните. И Мартин Идн. Како филмовите за Бони и Клајд и Марк Цукенберг. Тоа се поштова. Кога политичарите мавтаат, кога тролаат големите компании, зарем не треба барем уметниците да откријат некоја fuc*ing вистина. Народот не греши, тој секогаш знае да ја препознае правата страна.

Доста ни е од философии, од празни надежи, од напуштени идеали, од сај-фај проекции на други галаксии за кои ни НАСА нема чуено. Иднината е сегашност а сегашноста е најреална кога ја гледаш на нет и посебно на те-ве. Немој само да ми спомињаш сапуници. Реално-шоу е права ствар за у ајфон векот. Реално-шоу, без графички ефекти и си-џи-ај, но со амбиции на уметнички филм е топ начин да допреш до што поголема маса луѓе. Искрено и без преглумување.

Всушност, што друго и ми останува. Не гледам смисла да трошам и меморија на картица и сила за нешто што може да го измисли и најобична гасеница. Не триј уши, да, гасеница. Една гасеница може да има повеќе фантазија од многу друштва на сликари и асоцијации на филммејкери заедно. Посебно кога ќе се претвори у пеперутка. Крај, човече. Затоа тврдам дека цела уметност треба да се базира само на приказни што се десиле. Што фајде да снимаш нешто као демек, можда ќе биде, што би било ако би било, ако P тогаш Q. Нема тука автентичност, нема адреналин. Ја викам Боље содомија него монотонија.

Додека онанирам пред тебе егоистично на тема ја и само ја, веќе цела минута од фон ме покрива една така досадна пискава сирена, шо ми пара тапанчиња и ми запоседнуе и последно празно столче у мозок. Ваљда не почнаа свадби и на први јануар’ да организираат, бре? Вртам камера, спуштам ниво, фокусирам, бистрам слика, и го гледам Очи со рака надвор од прозор како ми мавта и ме вика. Пак разбил кола. Да, да, фиат петсто во година два нула еден нула, официјално. Е, што дека е нов милениум. Не знам дали сум ти кажал дека најлесно се чопа фичо, практично не можеш да го закључиш. Штом Очи се фатил за фичо, значи толку бил очаен. Кога не иде, не иде.

Во истиот момент Брус ме џапа за крагња, пошто се срчкале и направиле туча од не знам која причина и додека цел кордон шабани со ланци за снег околу врат трчаат по нас, влетуваме еден по еден отпозади. Вагабондото со палката мавта кон мене ама чим секунда се задржува во кадар и се сринува со брада у бетон, сфаќаш дека има епизодна улога и нема да ми биде кобен по физиономија.

Немам време да расчистам докрај ни со своја авторска поетика, бидејќи морам да расчистам сметки со проблеми у реалност. Баш за тоа и зборев. Нè брка малолетничка багра, ама стварно нè брка, што и не е ми е на памет да се мерам со клинци, ако друштво решило да кидаме колективно. Последен, лагано, нога пред нога, доаѓа Мате со рибетина со тело на манекенка, а Очи почнува да слинави на предно ставен на repeat:

– Спасувајте, гром ме мавна.

– Очи, коприва си ти, а у коприва гром не удира – го смирува Руски.

Гром-негром едноставно нема кај да ја ставиме. Ако сака нека лежи у гепек, под хауба, на кров, а може и кај Брус у скут, ама ја од задно не мрднувам. Мате е искусен, ја пољубуе филмски, знае што бара женска публика, скокнува на сувозачко, ѝ намига и го шиба со лакт Очи право у слабина за овој да даде гас пред да ѝ текне да му побара телефонче, а и пред да улетаат малишаните со флаши и друг непрописно присвоен инвентар од кафиќот, пошто станува очигледно дека Мате берел туѓ бостан.

Ќе го обереме ние лозјето ако Очи од прва не убаци у трета, што и не е некој ќар со машината што ја имаме на располагање, али се држи по сценарио и ефективно зачкрипува со гумите.

Очи вози ко што вози, ко да е дистрибутер на компири. Ама проблемот е што ние сме направени арпаџик и секој момент прети опасност на некој да му удри инстинкт да промени внатрешност на возило. Тоа не уништува атмосфера, напротив, се надвикуваме и клештиме до миле воље. И, наспроти сè, у фичото се дешава урнебес салата. Сите го глават Мате да објасни што се десило а кога типот се брани со ќутенката, другите почнуваат да ја прераскажуваат дешавката у пет различити варијанти, а во секоја наредна типците стануваат сè поголеми пицајзли и невредни за муабетот а ние сме сè поербап и поотракани. На крајот цурата ја правиме најголемата цуца у град а Мате шизик што нема конкуренција до Катлановска бања и втора наплатна.

– Пази, и за споро возење слушам веќе застанувале. Стварно, Очи го цеди до даска, а фичото тера адвај со

дваесет.

– Ја мислев ќе нè собереш со пајтон – провоцира Брус.

– Мина веќе дванајс’, Пепелашка одамна е отидена да дреме на твитер – враќа Очи. – А коњите ги напраја хамбургери.

Можда звучи чудно али се осеќам стварно ко у бајка. Фичото може да биде и лудо ауди, а пак да не го имам филингот ко да сме се качиле у волшебната тиква која ќе нè врати дома каде нè чека принцезата грашак со спремно тавче-гравче у релна. Уместо гравче, кркаме лесковача.

– Кој ќе купи кока-кола? – џвака Руски на свуо.

– Не ме гледајте, издишан сум, соберете по десет денари од едно ќе пиеме – вика Мате.

– Ми смрди на Вест? – се јавува и Брус.

– Ја запалив, да не ти пречи? – се консултира Мате.

– Не, само ќе се гребам дим – Брус е далеку понежна од очекуваното.

– Дечки, што мислите да дојадеме па да си фатиме ние со време пут за Еуропа? – вика Очи додека со едната рука вози а со другата го држи сендвичот.

– Стварно, пропуштате дека папири веќе не требаат, либерализирани сме. Сега може да барам да ме примат како несфатениот уметник – се убацувам.

– Ја сум за. Башка веќе сум спакован – вика спремно Руски.

– И ја – пресекува Брус.

И другите екстатично потврдуваме.

– Вози, Очи, тогаш. Терај у Еуропа, каде за нас џокци и виски се тркалаат по улици. И немој да си му застанувал на Мате по пут на пуш-пауза. Глеј стигни до кај пладне пошто морам после дома да си идам, чека татко ми да ми даде пакетче, лопата за ринење снег. А нејќу да ги промашам и кифлиците на мајка ми – меле Руски.

– Фати за Амстердам, ја го знам путот – Мате е уште при свест.

– Тачно, тачно – вика Брус. – Амстердам е ма-ке-дон-ски град, ма-ке-дон-ски град – почнуваме да скандираме отпозади барабар со неа. Иначе заборавив пред малку да ѝ ставам у си-ви дека Брус е прв женски член на најголемата скопска навијачка група со откорнати рекорден број седишта по стадиони.

Ставен отпозади ко ќуфте у сендвич меѓу Брус и Руски, мене ме удира една таква носталгија со фичото, што се сеќавам дека кога бев клинец Тесла го имаше истото а ние со Вредна кубевме коси и вадевме очи дури идеме за Дојран. Се присеќавам дека сликичките од Франција девеес’ осма што им ги собирав на сите на тепка ги криев у процепите под седиште.

– Каква боја беше фичото? – го прашувам Очи.

– Уште е жута – вика Брус.

– Да не бега накај помаранџа?

– Камо да е љиљаково – вика Очи. – Еден ден ќе имам љиљаково фичо, слушајте ми го зборот. Дај Очи крукче, нацки.

Притиснат меѓу двајцата не можам да ја видам бојата на каросеријата, а и да ја видам, у моментов сум далтонист. Тргам да го напипам местото каде потенцијално треба да се наоѓаат сликиците, ама притоа мора да станам од седиште и скроз да се навалам преку Мате за скоро да му бутнам рука меѓу препони.

– Што прајш, будало една! – Мате очигледно уште го чува стравот од жешките линии у коски и ми врзува една таква врела тупанка од десно што одам крајно лево.

Другите се кркнуваат од смеење а ја и Очи се бапнуваме, се прајме кајгана. За Очи ударот делува освестувачки и можноста на која предупредив пред малку се остварува во истиот секунд. Очи губи контрола над воланот и нескротената машина се забива во еден од новопоставените јарболи. Додека македонското сонце се коцка на врвот од студ, почнува да врне. Сега малку се лупам у гради, не е ова Пред дождот. Не е до толку филм. Времето е нормално, ѕивт кочан и толку. Стубот не мрднува ни милиметар ама затоа сите петорица ги уштракуваме главите нанапред, така да цела недела после као браќа Далтони се шетаме, само место каубојски шешири, имаме оригинал турбани.

– Бегајте, возилото е крадено – вика Очи ко да не знам а самиот не мрда од седиште.

А ја, кој излетувам ко Федерер да ме опалува со рекет по газот, сум најголема колатерална штета. Осеќам дека тенок млаз од крв и лимфа ми се цеди од шишка и тогаш ролетна ми се спушта преку очи.

– Бегајте, возилото е крадено – ми ечи у глава и ме распаметува.

Што дека е крадено, Очи, кога крадење стана национална идеологија од девеес’ прва навака, си зборам сам на себе. Распадот на поранешната СФРЈ значеше дека Македонија после толку векови маштање ќе се куртули сетне од другите ЈУдржави и тие од неа и ќе фати свој пут. Се испостави дека четириесет и пет години биле тамам време да се создаде силен колективен менталитет меѓу  сите  поранешни Југословенки и Југословени, што значеше дека патот на самостојноста во сите државички ќе биде поплочен од исти светли и темни петна. Некогашната колективизација одеднаш се повампири во спротивната крајност. Личната своина, желбата да се поседува туѓото и (до вчера) заедничкото, секојдневно ја преливаше чашата на пристојноста. Настапија години на алашвериш и апашлак, државниот посед се претвори во село без кучиња. Кражбите толку навлегоа во секојдневието, што се институционализираа. Народот ми швркна. Едноставно се крадеше што стигне – од фабрики до штипки за алишта, од музејски експонати до познати брендови, од акции до садници дрвја, од девизи до точаци, од бизнис-идеи до корпи за ѓубре. Се провалуваше по банки и бензински пумпи, по археолошки локалитети и аптеки, се крадеше од пиљари до паркови, се обиваа станови, викендици, подруми, сефови, куќички за птици. Поштенските сандачиња ко цел на лепливи прсти ми се фејворит.

Многу зборови во тој процес ја губеа вредноста а наместо нив, на сцена настапуваше реторика од типот приватни фирми, криминали, перење пари, матни зделки, прокоцкани палати, валкани богатења, ембарга, сомнителни тендери, астрономски провизии, капиталистичко пирување, дрско осиромашување, мито и корупција, дупки во законот, лаги и прелаги, пад на системот, судска неефикасност, врски, партии, олигархија, стечај, загубари, сиромаштија, шверц, германски марки и други конвертибилни валути. Речникот на граѓаните преку ноќ стана прирачник по економија.

Медиумите осамнуваа со бомбастични наслови за проневерени пари и јавни претпријатија кои се отуѓиле на сомнителен начин и за кусур од смоки. Скопјани се фатија за хулахопки и тоа за хулахопки со две дупки. И додека медиумите и критичката јавност се занимаваа со кражбите на големите државни претпријатија и задруги, органите на прогонот бркаа гуски во магла. Ако некој се најдеше зад решетки, тоа главно беше баксузен џепарош кој украл крива краставица на маалскиот див пазар. Автономијата ја инспирира клептоманијата, така што Очи не треба да цвика за украденото фичо, тоа е само знак дека растеме и се развиваме, станувајќи сè повеќе самостојни момци прилагодени на околностите.

Само потрес на мозок може вака да ми разбистри глава. Копчам дека некој ми го тегне мобилниот од рака и тогаш се повраќам. Очи пак го зденува напад на паника дека треба да му ја мислиме на фичото. Да го ‘рснеме асолно стубот појше ќе го кркаме него за автото, и онака е за кај Тесла. Додека другарите ме вадат од задно, повторувам само едно:

– Камерата, камерата.

Во магла се сеќавам дека се изредуваат автобус луѓе кои ме гледаат од кос горен ракурс и коментираат бљувотини за мене. Мислиш режирано е да чекале зад аголот ние да ја гушнеме бандерата и ги пуштиле да фаќаат сеир. Ризик јак е за Очи кога двајца џандари се нацртуваат тука пред да речеш крофна и го ставаат на алкотест. Додека му ја покажуваат вредноста, Очи порекнува.

– Дали ви е скоро баждарен?

– Море, ни го рикна ти.

Мене ова отпосле ми го раскажуваат, бидејќи ја сум веќе на операциона маса и ме прегледуваат студенти по медицина, расположени да ме решетаат со скалперите. Секој момент очекувам да ме отворат и да ме пипаат со пинцета по бабулето. А кога доаѓаат до најболната точка во стомакот, тогаш над мене се надвиснува и еден битен лик што го знам ко азбука и кој ме полудува и смирува во исто време. Сликата се умножува до бескрај а потоа се случува помрачување.

Фејд-аут.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *