(Без)резервна емпатија со различноста

Резервен живот“ од Лидија Димковска е обемен роман кој се чита во еден здив. Привлечноста лежи во оригиналната приказна за двете сијамски близначки Сребра и Злата и нивната поврзаност преку главите. Тоа е и рамката или микросветот во оваа книга доведена до перфекција, составена од ситни детали од личниот живот на девојките, од чувствата, спомените, мирисите, од еден речиси натуралистички приказ на тој двоен живот, на чудната поврзаност и борбата за индивидуалност и за лична, сопствена, само своја среќа.

Оваа линија на романот е длабоко интимна, потресна, пластично пренесена, јасна, и и покрај необичната и бизарна тема, предизвикува емпатија и поистоветување со ликовите на двете сестри. На одредени места случувањата од нивниот „резервен живот“ се потресни и вознемирувачки и никако не ве оставаат рамнодушен. Емпатијата како чувство е поттикната и од вториот аспект на романот, оној заднинскиот, фонот или контекстот во кој Сребра и Злата го живеат својот (резервен) живот.

Временската рамка од микросветот (животот на близначките) се претопува со макросветот и обратно. Во широкиот распон од 1984 до 2012 година влегуваат значајни општествено-политички случувања, големи пресврти (на пример, војната во Југославија) и одрази од некои бурни времиња, но и на таа реалистична позадина Димковска – дава лична нота. Водена од детската игра „претскажување на судбината“, авторката преку личните доживувања на главните и споредните ликови, на површина остава размислувања во кои ги препознаваме и зборовите на нашите баби, дедовци, соседи, родители, личните прашања и збунетоста или изгубеноста на цела една генерација.

Оригиналноста на темата – животот на сестрите близначки – е дополнета со уште еден силен адут – начинот на кој е раскажано целото дејствие. Точката на гледање авторката ја позајмува од ликот на Злата, едната од сестрите, преку чиј глас и очи ги пренесува нештата. Обемноста на романот дава и мноштво теми кои може да се следат низ целиот тек: (не)прифатеноста, различноста, игрите на судбината, стегите на семејната или општествената средина, што пак поттикнува и мноштвото толкувања на прашањето – што сè е резервен живот?!

Лидија Димковска е докажан поет не само во домашни, туку и светски рамки, често вбројувана меѓу најмоќните поетски гласови на денешнината. Kога во 2004 година го објави својот прв роман „Скриена камера“ и за него ја доби наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија, се „смести“ и меѓу неколкуте ретки македонски книжевни појави кои се еднакво успешни и во прозата и во поезијата. „Резервен живот“ е само уште еден од низата оригинални елементи во таа (нејзина и македонска) книжевна приказна.

Александра Јуруковска (Дневник)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *