Неколку збора кон романот „Одбројување“ на Фросина Пармаковска

Романот „Одбројување“ на Фросина Пармаковска е исклучителен од неколку аспекти. Може да се каже дека Фросина Пармаковска спаѓа во редот на авторите од новиот прозен бран, сочинет од неколкумина даровити млади прозни автори, како што се Ирена Јорданова, Петар Андоновски, Давор Стојановски, Живко Гроздановски, Михајло Свидерски. Овие млади автори, секој со својата специфична поетика, отвораат едно ново поглавје во македонската книжевна историја, со самото тоа што му свртуваат грб на истрошените постмодернистички играрии што обично се сведуваат на акцентирање на умешноста со техниките, подзаборавајќи на важноста на приказната во процесот на раскажување. Но, да се пишува не значи само да се подражаваат научени техники и да се вежбаат техниките на пишувањето, туку во дискурсот да се даде од „својата крв и месо“. На тој начин, може да се рече дека овие млади автори воведуваат своевиден „нов реализам“ во најопшта и најпозитивна смисла на зборот, со самото тоа што не се опседнуваат, како одредени македонски автори од постарите генерации, да пишуваат како Борхес или Кортасар. Што се однесува до романот „Одбројување“, тој е интересен и специфичен од аспект на хронотопот или време-просторот на приказната. За разлика од македонските нарации кои многу често бегаат во метаисториски интерпретации, квазиисториски топоси за оддалеку, посредувано и завиткано да проговорат за овде и за сега, приказната на овој роман е сместена сега и овде (Македонија, Скопје, 21 век). Пармаковска, освен тоа што ја отвора проблематиката на современиот македонски хронотоп, отвора уште една „табу тема“ во македонската книжевност, навидум обична и банална, темата на бракот и семејството. Пармаковска ни ја открива оваа сложена, слоевита, болна и трауматична тема низ гласот на единствениот женски наратор, кој истовремено е и централен лик на романескната приказна. Се работи за жена која што млада влегува во брак, а со тоа влегува и во мрежата на семејното и психолошкото насилство. Ова е особено нагласено во првиот дел на романот, кој е истовремено естетички, поетички, наративно и психолошки најсилен – извонредни внатрешни монолози и внатрешните фокализации на женскиот субјект по однос на машкиот свет на доминација, контрола и беспоштедна тортура; извонредни описи на опкружувањето и атмосферата, како и извонредни психологизации на машкиот субјект кој е објект на женската фокализација (сопругот кој никогаш не се именува со име, туку со фразата „мојот маж“). Женскиот субјект е фатен во стапицата на неиздржливо насилство и подготвува своето бегство. Вториот и третиот дел на романот го менуваат ракурсот: акцент се става на централната, но и паралелната приказна (на свекорот и свекрвата) каде што Пармаковска отвора уште една горлива тема, темата на македонскиот (или балканскиот тип на патријахалната, патро и андро центричната устроеност на семејствотото), која што во овој случај завршува трагично, со самоубиство на свекорот. Чинот на самоубиството на свекорот може да се гледа како на самоубиство на самото фалоцентрично и патроцентрично устројство, што не наоѓа излез во процесот на распаднати вредности и кое честопати било автодеструктивно во обидот на задржување на своите принципи. Пармаковска ја води нарацијата со осет на даровит раскажувач. Нарацијата во вториот дел на романот е аналепса или враќање во времето пред приказната во првиот дел. Вториот дел е исто така обид да се изведе една паралелна приказна што ќе служи како огледало на првата и што дополнително ќе ги усложнува значењата. Овој дел исто така има и нагласен, критички и ангажиран тон кон современата македонска стварност, момент на кој многумина повозрасни македонски писатели никогаш не се осмелиле да го направат во своите писанија. Третиот дел на романот претставува своевидно поништување на минатото (време) во нарацијата во првиот и вториот дел. Овој дел е женско писмо, ecrtiture feminine. Овде се потврдува тезата дека женската субјективност, женскиот род како конструкција и женското искуство диктираат соема поинаква шема на заплетот и поинакво организирање на почетокот и крајот на прозниот текст. Психоаналитички гледано, женското задоволство, за разлика од машкото поврзано со спласнување и празнење кон состојба на хармонија, се поврзува со односот кон другиот, со отворање чиј стремеж не е насочен кон крајот како спокојство, туку кон повторен почеток како константа на овој тип искуство. Затоа, крајот на романот и крајот на едно женско одбројување, не е крај во класична смисла на зборот, туку зачнување, еден нов живот што расте во утробата, еден нов живот чудесно спасен од абортус и еден нов почеток. Тоа е, всушност, женската победа во светот на постојани закани, деструктивни тенденции, насилство и тортура. Над тенденциите за уништување и усмртување, женската победа е во создавањето и носењето нов живот, во животворниониот и креативниот потенцијал – во буквална и во метафорична смисла.

Славица Гаџова Свидерска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *