Околу куси-кусите „Обични и необични приказни“ на Ѓорѓи Крстевски

Она што можам јас да го кажам за збирката куси-куси раскази од Ѓорѓи Крстевски може и треба да биде од гледиште на млад прозен автор. Можам да зборувам за она што го ценам во овие раскази и зошто верувам дека е вредно, не само за мене, туку и воопшто.

За да дадам кус поглед кон она што го ценам и во креативноста, би сакал да зборувам за теоријата според која сè она што се случува е поделено на бинарни опозиции. Иако современието ја надминува оваа теорија, добро е да се знае дека според една варијанта на оваа теорија, спротивностите кои постојат во светот се привлекуваат, но ретко се допираат. Меѓутоа, кога ќе се соединат, тогаш се случуваат многу убави работи.

Зошто го зборувам ова на промоција на книга? Затоа што и во книгата на Ѓорѓи К., сретнувам еден ваков спој на крајности, кој многу ме радува и ме уверува дека се наоѓам пред нешто добро. Двете крајности се свежината и топлината. Во кратката проза на Ѓорѓи се обединуваат свежината, како нешто ладно, и топлината, како нешто топло.

Во што се состојат овие две? Свежината се состои во чистотата на изразот, во прецизноста и во тонот на нараторот. Нараторот се чини воздржан, студен и незаинтересиран, а притоа минуциозно ги бира зборовите, за да предизвика точно определено чувство. На тој начин, свежината ја има и во тоа што се наоѓаме пред нешто непретенциозно (самиот наслов го кажува тоа), а сепак набиено со енергија, и наметливо на интимен начин. Тоа е нов спој на две други спротивности, што исто така ме радува.

Од друга страна ја имаме топлината: низ една неверојатна штедливост на зборови, авторот создава ситуации кои оставаат силно чувство кај читателот, понекогаш напнатост, некогаш радост, некогаш сочувство. На овој начин, авторот нè потсетува на оние вешти сликари кои со само неколку линии можат да фатат нечиј лик.

Конкретно за расказите. Расказите се како оние слајдови коишто наставничките ги користеа на часовите по биологија. Расказите на Ѓорѓи се минијатурни творби кои проектираат голема и јасна слика, која се однесува или на општеството, или на поединечната човекова психа, понекогаш на двете, а понекогаш ни на едното ни на другото, и тоа е најубавото.

Расказите за општеството се на неколку рамништа: можат да бидат биографија (Животот на Фросина, Роман), ги засегаат брачните односи (40 години, Сценарио, Како и секогаш, Досада) семејството (Еден од оние разговори, Современа бајка), градот (Патека, Апетити) или земјата (Македонски рулет, Филм) па дури и меѓународните врски (Случајна поврзаност, Америка). Така, на еден сосем ненаметлив начин, расказите даваат целосен приказ, еден вид извештај за нашето современо општесто, од неговото јадро, односно семејството во кое често владеат расправии и досада, па сè до меѓународните односи, каде што, „во големиот и страшен свет, е урната една монархија, за на нејзино место меѓународната заедница да воведе наметната демократија“.

Расказите кои целат на психата ги има во бесконечни комбинации. Само ќе го посочам расказот Последната битка, во кој во една реченица, на сосем природен начин се спојуваат две нови крајности, силата и слабоста, со што се пренесува една мошне впечатлива слика.

Општо за расказите. Расказите на Ѓорѓи често како исход ја имаат баналноста на поединечниот човеков живот во севкупниот каузалитет во општеството. Светот е голем и страшен, а луѓето се ситни и немоќни, впиени во „лајнениот механизам“, како што тоа го вели Марко Петрушевски во една своја песна. Сликата на светот во расказите на Ѓорѓи најчесто не е ни светла, ни шарена, ни розева. Така, поединечниот човеков живот е банален, брачниот живот станува рутина и напор, семејството е затвор, а земјата и општеството се трагикомични со својот апсурд и насилство.

Во многу голем дел од расказите владее крајно егзистенцијалистичка атмосфера на напнатост. Странци, Завера, Зад завесата, Гости, Црната коњаница, Сеништа, Игра (којашто многу потсетува на „Улица“ од Октавио Паз), Градот на куклите, Туристи, се некои од расказите во кои ова е највоочливо. Оваа егзистенцијалистичка атмосфера веднаш се поврзува со чувството на отуѓеност и веднаш нè потсетува на Кафка и Буцати. Оваа отуѓеност исто така се поистоветува со концептот на подвоеноста, кој исто така се сретнува кај Ѓорѓи (Двојник, Повик, а пред сè Давеник). Оваа подвоеност е впечатлива кај многу автори од почетокот на дваесеттиот век, и во други времиња (кај Италијанците, често ја има кај Пирандело, но и кај Вочаните – Камило Збарбаро во една своја песна вели: „со суви очи се гледам себеси“). Ѓорѓи Крстевски, како и многу други автори, на еден суптилен начин го претставува градот како место на отуѓеност.

Понекогаш се јавува бунт против ваквата отуѓеност, и желба да се излезе од нормите наметнати од општеството. Тоа најдобро се постигнува со препуштање на бесцелноста и фланеризмот. „Нешто убаво“ и „Убаво се чувствуваше тој ден“ уште од насловот го кажуваат тоа.

Но има и голем број раскази кои не спаѓаат во оваа категорија: Ѓорѓи Крстевски вешто игра со самоиронијата, во која смета како гест на великодушност тоа што ја остава бубалката да живее, со апсурдот со кој на моменти наликува на оној на Хармс, со суптилни забелешки кои потсетуваат на Чехов; понатаму, низ корозивна иронија Ѓорѓи успешно ги разобличува социјалните навики кои ни ги наметнуваат општеството (Свадба) и власта (Апетити, Филм), а освен тоа, интересно ја користи постмодерната метанарација (Крајот на една приказна).

Единственото нешто што јас би му забележал на Ѓорѓи за оваа збирка е тоа дека во два раскази (Редовниот посетител, Приказна со несреќен крај) на еден изненадувачки начин придава несразмерно голема количина сентименталност. Наспроти тоа, на пример, има еден друг, неповторлив расказ кој на многу суптилен начин ни покажува како денешниот свет во голема мера се базира на технологијата на бинарните броеви, на единици и нули, а ако случајно се појави нешто како отстапка, тоа мора да биде што побрзо да биде ставена во фуснота и сведена на единици и нули.

 

За крај, за да се вратиме на теоријата за спротивностите кои се спојуваат, сакам да го спомнам италијанскиот поет Џузепе Унгарети. Во една своја песна, тој вели: … Значи, потребно е длабока свест за смртта за да се приврземе за животот. Така и во расказите на Ѓорѓи – по сета отуѓеност и студенило кои се сраќаваат во голем број од расказите, уште подлабоко се изживува радоста и топчината во останатите раскази. Одлука, Момент, Годишен одмор, се само неколку од нив. Можеби мои омилени се Над Градот и Годишен одмор.

 


Улица – Октавио Паз

 

Долга и тивка улица.

Одам низ сенките, се сопнувам и паѓам

и станувам и газам со слепи чекори

по голите камења и сувите лисја

а некој зад мене исто така гази:

ако застанам, застанува;

ако се затрчам, трча. Се вртам: никој.

Сè е мрачно и без излез,

само вртам и вртам зад ќошињата

кои секогаш водат на улицата

на која никој ни ме чека ни ме следи,

на која јас следам еден човек кој се сопнува, паѓа

станува и штом ме види вели: никој.

 

Бдеење

 

Цела ноќ

фрлен

блиску до распарчениот другар

крај неговата распорена уста

свртена кон полната месечина

крај згрченоста

на неговите раце

забодена

во мојата тишина

напишав зборови полни љубов

 

Никогаш не сум бил

толку

поврзан со животот

 

 

Живко Грозданоски

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *