Постмодерна носталгија

Нема подобар начин да се заврши годината отколку да се прочита книга на која чекавме цели тринаесет години. Имено, толку поминаа од објавувањето на последниот роман на Димитрие Дурацовски, Инсомнија, за која авторот го доби престижното Рациново признание. Љубопитноста е голема кога се работи за квалитетен автор, и згора на тоа автор кој ретко објавува. Имено, неговата прва книга раскази, Тајна историја, се појави во 1986 година, а втората, Црни пророци во 1996. И тоа е целиот опус на авторот. Но без разлика, што се работи за, во суштина, малку страници, авторот целосно го смени стилот на пишување, така што може да се каже дека има две фази во пишувањето, чиј раздел се првите и вторите две книги, а дури и последниот роман Бледи сенки… значајно отстапува од поетиката елаборирана во Инсомнија.
Димитрие Дурацовски е припадник на т.н. петта генерација или Петтиот круг, на автори, кои блеснаа во текот на осумдесеттите години на дваесеттиот век. Јас на таа генерација автори и давам големи заслуги за македонската книжевност. Имено, тие на голема врата, и не без тресок и отпор од етаблираните колеги, го промовираа постмодернизмот кај нас, во исто време со појавата на тој правец насекаде во светот. Со тоа македонската книжевност, стана целосно современа, па дури и глобализирана и вмрежена, да се изразиме со понови термини. Петтата генерација пишуваше во ист естетски клуч, како и литературата што се создаваше во Југославија и во светот во тоа време. За разлика од претходните стилови, кои секогаш доцнеа по неколку децении, поради објективните околности што македонската литература расцвета дури по Втората светска војна. Тоа се автори, чија што проза од тоа време, објавена најчесто во мали книшки раскази, во алтернативни изданија и едиции, се уште делува современо и топло ја препорачувам. Соња Манџук, Јадранка Владова, Дарка Черенко, Трајче Кацаров, Христо Петрески, Дурацовски, Прокопиев. А во поширокиот појас и Данило Коцевски, Крсте Чачански, Зоран Јакимовски, Драги Михајловски. За жал, таа генерација којашто толку силно се појави, подоцна целосно се распрсна. Некои од авторите умреа премлади, односно млади, други се префрлија во други книжевни родови, трети сосема се откажаа од пишување или навлегоа во тривијални жанрови, а четврти имаа проблем да ја одржат книжевната кариера. Во таа смисла, само Александар Прокопиев пишува со истиот елан, а Димитрие Дурацовски, со овој роман, му се приклучи во книжевниот маратон, тамам кога помисливме дека и тој се откажал.
Целиот опус на Димитрие Дурацовски е во знакот на поетиката на постмодернизмот. Но како што веќе споменав, тој прави голем пресврт во стилот, иако им останува верен на тематските преокупации на жанрот. Неговите две книги раскази се во кодот на врвното постмодернистичко кредо, дека книжевноста е конструкт, фикција изградена од зборови. Во таа смисла, авторот следи книжевни обрасци и модели на пишување и нема ништо во книжевноста што упатува надвор од самата книжевност. Затоа расказите се напишани почитувајќи ги жанровските обрасци на фантастиката, ониричноста, со користење на цитати, парафрази, позајмувања од други книжевни дела и сл. Уште повеќе, тој ја следи максимата на постмодернистите која вели дека и во начинот на кој ние го организираме земскиот живот, при односот кон него користиме книжевни обрасци. Затоа, постмодернистите ги испреплетуваат световите на фикциското и нефикциското. Во светот на фикцијата воведуваат карактери од обичниот живот, а земските работи ги претставуваат преку книжевни фигури кои лесно се препознаваат како литература. Со таквата постапка не носат на полето на постмодерната метафизика, која ги испревртува нашите вообичаени претстави за земското и она што се наоѓа од другата страна.
Во Инсомнија, Дурацовски, преоѓа на долгата жанровска форма, романот, при што ја напушта строгата, контролирана иако реторички богата фикционалност и вметнува долги автобиографски пасажи, есеизирања, кои го носат кон мемоарско-интелектуалните, немиметички жанрови. Но се уште, Инсомнија е доволно конструирана и фикционална проза. Авторот си поигрува со т.н. интермедијалност, што значи дека вметнува ликовни елементи во прозата, мешајќи ги двете уметнички дисциплини, ги претвора во фикција новите комуникациски формати, како имејл пораките.
Во Бледи сенки, далечни гласови, Дурацовски целосно ја напушта фикционалната димензија. Тој го користи жанрот на романот, затоа што тоа е по дефиниција најсеопфатната книжевна,или уште повеќе, пишана форма. Само романот може во себе да прибере се и сешто, а притоа се уште да се пласира низ оваа конвенционална и прифатлива форма. Или, романот, прозата е единствената форма којашто Дурацовски ја знае,колку-толку и преку која може да се изрази. Всушност Дурацовски, преку немарното користење на фикциската форма, за разлика од почетната фаза кога беше нејзин ентузијаст и перфекционист, покажува голема резигнација од моќта на литературата. Тој како да не верува дека таа може да му помогне да ги разреши неговите дилеми. А тие се од длабока, егзистенцијална, онтолошка природа. И затоа ја става во редот на сите негови разочарувања.
Значи, опстојувањето на ова дело како постмодерно е пред се поради темите кои ги отвора, а кои беа и се суштинска преокупација на постмодерната книжевност, а не поради реторичките техники кои ги употребува. Сеопфатната емоција, која се означува уште во насловот на делото, а која се протега низ целата мемоарско-автобиографска, есеистичко-филозофска граѓа е т.н.постмодерна носталгија. Едно чувство на тага и копнеж кон нешто што го нема, без притоа да може точно да се дефинира што е тоа. Една свртеност кон минатото, за кое што не знаеме дали е вистина или слика, претстава за вистината, „симулакрум“ како што се изразува и самиот автор. Авторот го обожува и митотвори минатото, а кога се навраќа кон него низ своите спомени, ние како читатели следиме, а и тој е свесен за тоа, дека тоа минато, прво е неповратно изгубено, а потоа, и тогаш, кога било сегашност се состоело од загуби, недостатоци, илузии. Свесноста дека не може да се исполни себеси во сегашноста, односно дека се полни од еден неразделлив микс од соништа, фикции и неверодостојни сеќавања, дека и враќањето во минатото е само илузија, го прави наративниот субјект на Дурацовски невдомен, растргнат, отворен, неостварен. Оваа наративна преокупација е одлично доловена во визуелниот изглед на корицата на книгата. Таму една детска рака се обидува да ја допре раката на еден млад човек, кој е замаглен. Можеби е таткото на раскажувачот, а раскажувачот е малото дете, а можеби е и раскажувачот од младоста кој се обидува да го пронајде детето во себе. Но во секој случај ни една од овие две варијанти не е жива, не е постојна. Ниту раскажувачот е млад ниту е дете, ниту таткото е жив.
Значи романот, од сижеен аспект поаѓа од спомените на раскажувачот за татка си кој умира дури тој има неколку години. Тој недостаток на татко, на идила на дом, на спокојство и закрила го следи цел живот, за на крај, во одличен наративен заклучок, тој пак да се врати на сликата на таа трошна таткова куќа во која треба да го помине остатокот од својот неостварен живот, во целосна неисполнетост, но со еден инает дека ќе продолжи да опстојува со сета своја неразрешеност затоа што на друг начин и не знае.
Се разбира дека тука има и малку авторска иронија, затоа што иако авторот се прикажува како човек на загуби, тој тоа го прави споредувајќи се со апсолутното, со онтичкото. Тој ги преиспитува границите на самиот живот и оностраното, на границите на смртта и сознанието. Кога авторот се сеќава на својот најубав живот, тој е исполнет со книжевност, со уметност, со разговори и дружби со полни луѓе, тоа е еден мит за златната епоха, за полнотијата на животот на раскажувачот, без разлика колку е тој испресечен со ефемерни иронии но и вистински загуби. Тој пасаж е исполнет со авторовата комуникација со југословенската авангарда, групата Медијала, со последниот жив надреалист, Марко Ристиќ, со книжевни и уметнички кругови, со литература и уметност која авторот ја голта, со едно целосно уживање во неговиот уметнички свет. Како што реков, во тој свет има постојани загуби кои го оставаат нараторот задуман пред постоењето. Но реалноста во која тој треба да живее е дадена во целосна негатива. Тој не е остварен семејно, не е остварен професионално, дури се порекнува себеси како уметник и писател. Но повторно, да имаме предвид дека авторот се мери со апсолутното, и во таа смисла сурово се пресметува со немуштите концепти, кои него пејоративно го сместуваат во провинцијата каде што тој живее (Струга) наспроти метрополата (Скопје), му се пресмеваат затоа што не сака да излезе од својот град. Авторот ламентира над изгубената заедничка држава и остро се спротиставува на губењето на својот град со несоодветната општинизација од 2004 година, која што требаше да ја смени и етничката и урбаната структура на градот. На крај, не верува ни во сопствената книжевна кариера затоа што знае, и имитира, една просечна книжевна рецензија, која ќе треба да го протолкува и вреднува неговото дело.
Има, се разбира, уште многу неотворени теми, кои една рецензија не може да ги опфати. Проблемот со добриот познавач на творештвото на Дурацовски, е што, бидејќи тој е автор со лајтмотиви, и тематски фикасации кои се провлекуваат низ сите негови прози, голем дел од раскажаното, изгледа веќе познато, па во таа смисла и редундантно. Но читателите коишто за првпат го читаат верувам дека ќе уживаат во неговата енциклопедиска ерудиција, полнотијата на внатрешен живот на уметник, како што ретко се среќава наративизирана кај нас, а се разбира и во суптилната иронија но и револтот со кои се пресметува со житејското и секојдневните грижи.

Роберт Алаѓозовски, Економија и бизнис, број 198, 25 декември 2014

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *