За една опсесија на погледот

Петар Андоновски е претставник на најмладата генерација автори кој на македонската културна сцена се има претставено со збирка поезија.
Романескната структура на овој краток прозен текст насловен Очи со боја на чевли, жанровски определен како „новела“ или мал роман претставува оригинален скок во долгата традиција на романескната продукција со која се карактеризира македонската постмодерна книжевна проза. Исклучителноста на дискурзивниот исказ на овој млад автор е во корелација со низа постапки што продуктивно дејствуваат врз интересот на реципиентот кој е ангажиран со приказната и ликовите обликувани низ алегориски структури и серија од анегдоти.
Во првиот дел од романот, во центарот на вниманието е женски лик чијашто животна филозофија се проследува низ перспективата на наратор кој го актуализира нејзиниот потенцијал за комуникација и иронично го преиспитува низ односот на два учесника, нејзиниот поглед/очи и чевлите на „другиот“/партнерот. Развивајќи ја нарацијата што се потпира на гогољевската традиција, меѓутоа низ пресвртенатa, постмодернистичка призма, Андоновски настојува нарацијата урбано да ја лоцира во Скопје и Куманово и да ја врзе за современа временска зона, да ја исполни со низа апсурдни епизоди на барање, скривање, пронаоѓање на Другиот во толпата од случајни минувачи.
Апсурдноста на анегдотите како концепцијата низ која се гради централниот лик во првиот дел од романот на Андоновски се надоврзува на длабоко посредуваната трагичност, таа претставува заднина врз која се издигнуваат низата од противречни релации на главниот лик Ема, но и на оние што се во нејзиното непосредно опкружување, таткото, Зизи… Во овој контекст мора да се спомене исклучително напрегнатата постапка на карикатуралното конципирање на ликовите со трагична порака што секогаш посилно дејствува и секогаш надредено се наметнува на сметка на хуморот или пародијата на воспоставените наративни ситуации и односи. Во тоа лежи причината за прифаќањето на апсурдот во контекст на ситуациите за кои раскажува авторот, а не карикатурата како хумористичен израз на постоењето.
Романот под наслов Очи со боја на чевли воведува извесни сигнали на случувања, настојувајќи да ги воспостави координатите на современоста како време на случување, онака како што имињата на улиците или делови од градот Скопје упатуваат на просторот на случувањето, меѓутоа настаните/дејствата што им се случуваат на ликовите, на пример на ликот на Ема, функционираат на рамниште на кое многу аспекти се директно спротивставени, противречни и гротескни. Низ дискурсот што изобилува со семантички слоеви со спротивставени аспекти, авторот ја изложува структурата што во текот на рецепцијата што вообичаено се врзува за смисла и поредок се трансформира во насока на прифаќање на разминувањата и бесмислата, најреалистично опредметени преку чевлите како опсесија на погледот.
Во вториот дел од романот, авторот го воведува ликот на писателот и на тој начин, сопствената наративна патека ја насочува кон себеси, го преиспитува статусот на оној што ја сака хартијата, пишувањето, на оној што е затвореник во телото на системот и во сопственото тело повредено и ментално растроено од апаратот што обвинува и казнува. Ликот на писателот Нестор се доведува во однос со ликот на Ема, со жената која го напушта институционално пропишаниот статус и позицијата на сопруга и мајка и заминува на оддалечениот остров на лепрозните, предавајќи му се на читањето или како Ема Бовари, претворајќи се во лик од литературата, предавајќи им се на илузиите за љубовта што никогаш не станува реална, засекогаш останува имагинарна и неостварена. Наративната линија на романот, во исто време, на најсовремен начин полемизира со улогата на писателот, неговата ментална состојба и со улогата на читателот, притоа двете улоги се оптоварени со родовите позиции на ликовите за кои се раскажува, писателот како напуштено дете, ликот на мајката како читателка предадена на читањето што се идентификува со слободата, како проблематична и болна фигура.
Очи со боја на чевли е роман со исклучителен и оригинален придонес за македонската литература, тој е структура што кореспондира со сите трауми на современата доба, тој е нарација на приказни богати со анегдоти што низ еден апсурден, гротескен и парадоксален контекст алудираат на реалноста на осамените индивидуи, на сенките кои ја изгубиле релацијата со Другиот, најмногу онаа што се осмислува со љубовта и се нарекува исполнет живот.

Славица Србиновска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *