За книгата „Еден час и триесет минути“ од Берт Стајн

„Филмот како градиво на личноста и на нарацијата“

И во овој број на магазинот ќе се осврнеме на творештвото на млади автори. Навистина, и во поглед на продукцијата и од апект на пристап кон книжевната сцена, односот кон читателството, тие успеваат да наметнат нови пристапи. И покажуваат познавање на современите концепти на книжевната индустрија.
Таков е случајот со авторот Берт Стајн. Зад овој книжевен псевдоним се крие млад македонски писател. Неговиот идентитет, за жал, беше разоткриен во финалето на наградата Роман на годината, на Утрински весник, откако „романескниот“ првенец на Стајн, (подобро да се нарече подолга проза) Три минути и педесет и три секунди влезе во трите книги од кои се избра лауреатот. Тоа го сметам за слабост која покажа и добри и лоши страни. Штета што нашата книжевна средина покажа по малку паланечки менталитет да не може целосно да прифати дело ако не го знае оригиналниот идентитет на авторот и не покажа широчина за игрите со авторството како легитимна авангардна и постмодерна стратегија. Покажа дека авторот малку „како во облаци“ му приоѓа на односот авторство-рецепција од читателството и од книжевната сцена. Но добра страна е што разоткривањето на идентитетот го потврди авторот како творечка личност со разновидни афинитети и творби, не само книжевни. Ние во оваа прилика ќе се држиме до псевдонимот Берт Стајн, затоа што вистинскиот автор напиша уште една книга под перото на Берт Стајн, со што покажа волја да продолжи со концептот. Името, авторството, на тој начин игра улога во целиот концепт на делото. А главна карактеристика на ова дело е неговата интердисциплинарност, мешањето на повеќето уметнички дисциплини. Ова создавање на фикционален автор, во серија, односно во негово полно, иако фиктивно постоење, е познато во стрип културата. Таму ликовите како Марти Мистерија, Мистер Но, Дилан Дог се градат со квази-документарна стратегија.
Пред да преминеме на другите внатрешни аспекти на самото дело, да го споменеме и претприемачкиот аспект на книгата. По одличниот прием и држењето во фокусот на јавноста на првиот „роман“, Три минути и педесет и три секунди, што иако во симболични за наши услови цифри, се одрази и на продажбата, Берт Стајн реши да го пласира својот нареден роман за Саемот на книга, којшто со сите слабости е сепак наша најголема книжевна манифестација, и одлично место за лансирање на нов книжевен производ. На тој начин, авторот успеа да го развие односот на читателството и да допре до нова публика, промовирајќи ја една до друга, и старата и новата книга. Со тоа покажа дека е сериозен автор, дека поигрувањето не е случајно туку е плод на подолгорочен концепт во книжевноста. Од друга страна, покажа дека наградите, дури и кога не се добиени, како и интересот на јавноста може да ги стимулира авторите да ги развијат своите книжевни кариери.
Засега, со појавувањето на вториот роман (или подобро новела) Берт Стајн на читателството му даде еден необичен диптих. Еден час и триесет минути се јавува како продолжение на првиот роман-дел Три минути и триесет и пет секунди. Интересот, темите, книжевната поетика што беше понудена во првото дело се надоврзува и гради и во второто. Ако музиката беше интердисциплинарниот жанр преку кој се прекршува нарацијата и книжевноста, во ова дело тоа е филмот. Надоврзувањњето, но и разликата на изборот се одразува и во паралитерарните аспекти. Не само насловот, туку и форматот на книгата. Ако претходнта книга, насловена, по идеалното траење на една музичка композиција, согласно истражувањата на современите музиколози, беше и по формат помала, наликувајќи на музичка касета, тогаш новата книга го метафоризира концептот на идеална (холивудска) должина на филмската форма од 90 минути, и го одразува и форматот, кој е поголем од претходната книга и наликува на видео касета. Од времето кога видеото направи експлозија во демократизацијата на пристапот кон фиилмската култура. Кое од денешна перспектива се идеализира и митологизира, како златно доба на медиумот, наспроти денешните цеде, дивиди, торент формати, кои не го вклучуваат фетишизирањето на техничкиот медиум, можеби затоа што не се доволно материјални, а во однос на денешните директни гледања на интернет веќе нема ниту материјалност.
Еден час и триесет минути не само што конструкциски создава аналогија и надоврзување со претходниот роман. Па во таа смисла, приказната е испреплетена со друга уметност, со референците на филмскиот медиум, давајќи доолга листа на филмови кои го обликувале и го обликуваат градењето на главниот лик, претставуваат сведоштво за времето, но и оваплотување на духот на епохата.
Уште повеќе, Берт Стајн користи една вообичаена филмска техника, која постои и во другите уметности, а особено е присутна како микронаративна стратагема во постмодерното пишување, но е да речеме, одомакинета во филмот како општ образец. Тоа би можеле метафорички да го опишеме како повторна филмска обработка на истиот филм. Онака како што Супермен има своја верзија од различните филмски епохи, во триесеттите, деведесеттите и сега, така и фабулата на Берт доживува ново читање. Но, се разбира и многу повеќе од тоа. Берт Стајн ја користи горе долу истата фабула како и во првиот роман. Односно повторно ја раскажува истата приказна што ја раскажа во Берт Стајн. Значи ова е роман на растењето (билдунг роман) на едно дете од мешан брак, на разведени родители, чиј живот дополнителноо се комплицира и со избувнувањето на босанската војна и неговата преселба од Сараево, каде што ги поминува првите десетина години од животот, во Скопје, каде што останува до крајот на животот, односно до животната рамка, која и во двете книги завршува со веста за блиското татковство. Со тоа книгата се задржува на односот родители и деца, на релацијата татко-син преку четири генерации, од дедото, до таткото, до сопствениот син. Во оваа точка книгата се надоврзува на митскиот слој на литературата, на митологемата за парацидот, за убиствоото на татковците од страна на нивните синови. Тука авторот сака да направи прекин во традицијата на свргнувањетоо на таткото од страна на потентниот син. Како што неговиот татко го свргнува својот татко, дедото, така и синот, барем во мислите, прави целосен прекин со таткото и неговите стратегии, и сака да направи нов одноос кон својот син. Покажува нежност и емпатија кон уште неродениот син, подготвувајќи му цел детски серијал, со кој ќе го почне неговото култивирање, неговото воведување во денешниот свет. Тука завршува романот. Останува како отворено прашање дали синот ќе го прифати понудениот топол континуитет. Или ќе наметне свој прекин и свргнување на таткото.
Како пикарски елементи, како одолговлекување од првата нарација, служат епизодите во Италија и во Лондон, каде што Берт бара спас од транзицијата, во Италија да се образува, во Лондон да заработи. Но и двете негови авантури завршуваат дистописки. Западниот свет не го нуди очекуваниот спас и подобрување на општествениот статус. Авторот се враќа во Скоопје, вториот роден крај, и смислата на животот ја бара во љубовта и создавањето на топол дом.
Тоа се горе доле главните фабуларнии моменти кои се повторуваат од претходната книига. Но тоа се разбира не е истото сиже. Со самото реинтерпретирање на фабулата преку филмот се добива нов дискурс. Авторот нуди отстапки односно ново четиво кое го прават интересно за читање.
Филмската нарација му дозволува на Берт Стајн да ја пренесе и во книжевниот наратив. Така би рекле дека авторот користи филмско раскажување и градење на романот. Во првите страници, дури и ги имитира филмските дидаскалии. Небаре читаме филмско сценарио. Подоцна тие рамки ги вовлекува, не се толку имплицитно дадени. Друга наративна техника која што ја користи Берт Стајн е каталошката, лексиконската, односно, техниката на кратки резови, како што се викаше еден од највлијателните филмови од деведесеттите години, на Роберт Алтман. Биографијата на авторот ја следи преку кратки отсечки, при што интерпретацијата на филмот, коментарот за филмот, е уште подлабоко вплетено во книжевниот наратив (во однос на музиката во претходната книгаа). Сите психо-социјални теми од првата книга се и овде. Дури авторот уште повеќе се разголува. Со директни, јасно раскажани сцени. Траумата на уништувањето на семејството, на семејнотоо насилство, на распадот на земјата, на социјалното нијансирање на животната заедница, израснувањето преку супкултурните практики и порочниот живот и слично.
Овој каталошки стил внесува многу повеќе информации од претходно. Создава потешко дело. Само се поставува прашање дали кратките, колку и да се директни миметички сцени, ќе создадат доволен емпатиски однос кај публиката за да може да се постигне степенот на идентификација со личната драма на авторот. Или идентификацијата ќе остане претежно на ниво на препознавање и носталгично сеќавање на споделената културна матрица?
Роберт Алаѓозовски

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *