Гордана Михаилова Бошнакоска

Гордана Михаилова Бошнакоска е родена во Битола (Македонија) на 1.09.1940 година. Живее во Скопје. Работела како уредник во Македонската Телевизија и студирала на факултетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Објавила четиринаесет книги поезија меѓу кои: „Времето го нема“ (1965), „Писма“ (1974), „Влегување во Делта“ (1981), „Нордиски љубовници“ (1993), „Њујорксон“ (1993), „Планини од картонски кутии“ (1997), „Куќа во куќа“ (2021), како и збирката раскази „Босфорско лето“ и романот „Потрага по приказна“.

Застапена е во сите прозни и поетски антологии во Македонија и во странство, во звучната антологија на македонската поезија, што ја издаде Радио Скопје, во тематски антологии, како и во јубилејните изданија на Струшките вечери на поезија. Две телевизиски емисии се посветени на нејзината поезија и проза, како и антологијата „13 ѕвезди на словенското небо“ на бугарски јазик (Варна).

Добитник е на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата за поетската книга „Планини од картонски кутии“; наградата „Ацо Шопов“ на ДПМ за поетската книга „Песна на ридот“; наградата „Книжевен жезол“ на ДПМ за врвни поетски достигнувања.

Член е на ДПМ од 1964 година и член на македонскиот ПЕН центар од 1970 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *