Владо Малески

Раскажувач, романсиер, есеист, публицист, истакнат општествен деец – Владо Малески е роден во Струга 1919 г. во печалбарско семејство. Основното образование го завршил во Скадар (Албанија), средното во Битола, по Втората светска војна студирал на Правниот факултет во Белград.

Мошне рано се вклучил во Народноослободителната војна која е и главна тематска преокупација на севкупното негово творештво. Учесник е како партизан во знаменитиот Богомилски поход кому му е посветен и неговиот прв роман „Она што беше небо“.

Започнал да пишува уште во училишните денови, а својот прв расказ „Селанката од Копачка” го објавил во првото македонско литературно списание „Нов ден“ (1945). Еден е од најактивните македонски писатели на книжевен и културно-општествен план по Ослободувањето: член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1946 г, прв директор на Радио-Скопје, директор на Фолклорниот институт во Скопје главен уредник на в. „Остен“, на литературните списанија „Нов ден“ „Современост” и „Разгледи“.

Помеѓу другото Малески е автор на македонската национална химна „Денес над Македонија се раѓа“ (1941), на сценариото на првиот македонски уметнички филм „Фросина“ (1951), како и носител на бројни други активности од областа на литературата и културата. Драматизацијата на неговиот роман „Она што беше не6о“ е изведувана на поголем број македонски домашни сцени, како и на Стерииното позорје во Нови Сад (1965).

Одделни книги: „Ѓурѓина алова“ (раскази,1950), „Бранувања” (раскази 1953), „Она што беше небо“, (роман, 1958), „Разбој” (роман, 1969), „Разгледи” (статии и полемики, 1976), „Кажувања” (сеќавања од војната, 1976), „Записи на Езерко Дримски“ (мемоарска проза, 1980), „Јазли“ (автобиографски роман, 1990). Во 1976 г., скопска „Култура“ ги издаде Избраните дела на Владо Малески во пет книги. Застапен е во сите Антологии на современата македонска литература во земјата и во странство.

Делата на Владо Малески преведувани се на голем број европски и светски јазици. За својот книжевен и општествен придонес добитник е на повеќе највисоки признанија и награди.

Починал 1984 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *