9 приказни за госпоѓица Сит (извадок)

Извадок од романот „9 приказни за госпоѓица Сит“ од Билјана Црвенковска.

УВЕРТИРА

09:00, 20.12.2019, петок

кафуле „Црната мачка“, Виена

Ми се спие. Многу ми се спие. Рано е, да му се сневиди. Многу е рано, особено ако си на одмор, околу Божиќ, во Виена.

Па, уште не ни изветреало она греено вино од вчера.

Мразам да работам кога сум на одмор. А последниве години нема одмор на којшто не работам. Треба да напишам некогаш нешто и за тоа: Проклетствата на фриленсерскиот живот.

Нарачувам кафе. Кратко еспресо. Не Виенски меланж или некоја друга будалштина. Еспресо без шеќер за побрзо да тргне денов.

Го отворам лаптопот. Келнерката доаѓа со кафето, барам пасворд за вај-фај конекција… Класика, секогаш истата рутина. Пребарувам по мејловите. Еве го – нарачка за сценарио со рок завчера. И тоа е класика. За кој било друг период од годината, ама сега?… Пред Нова година? Неверојатно.

Додека шарам низ буквите и зборовите во мејлот, тие почнуваат да потскокнуваат, да се мешаат и да се групираат, шушкајќи си нешто. Се разбира, и ним им е Божиќ, и тие имаат душа.

Безуспешно се обидувам да ги доведам во ред, барем за миг да се смират за да го дочитам мејлот. Џабе, не ме вртат. Ним им е до журка.

Воздивнувам.

Се навалувам на удобниот стол (секогаш одбирам хипстерски места со удобни столови). Мислите ми летаат наоколу како муви без глави.

Нарачувам второ кафе. Фрлам поглед кон келнерката. Црна коса, откачена фризура, тетоважи, готик-фазон. Ми личи на некого, не можам да се сетам на кого. Ми се спие, мозокот не ми работи.

Келнерката го носи кафето. Го пијам на екс и му се враќам на екранот. Буквиштата полека се смируваат, шуќур.

Ставам слушалки и пуштам музика, за да ги елиминирам звуците што ми пречат.

Ова ќе биде долг, напорен ден!

ФУГА

„Пррр“, ми шепоти мачорот и ме буди од сонот во кој бев на безброј места, но ниедно од нив не беше ТУКА.

„Зошто ме разбуди, апаш еден?“ му велам. „Знаеш ли колку беше убаво таму каде што патував.“

Мачорот продолжува да преде и да ја трие главата од мојата рака: „За следниот пат да не заборавиш да ме земеш и мене“.

КАЈ „ЦРНАТА МАЧКА“

Отпи голтка кафе, па повторно се загледа во лаптопот. Црната мачка со бела дамка на градите, задремана во нејзиниот скут, ги помрдна мустаќите, а потоа ја мушна муцката подлабоко меѓу шепите. Без да го тргне погледот од екранот, ја спушти раката во скутот и го допре мекото, прекрасно крзно. Знаеше дека треба да продолжи да работи, но не можеше да престане со милувањето. Го затвори лаптопот, се загледа низ големите, стаклени прозорци… и длабоко воздивна.

Воздишката беше долга, слоевита, растреперена. Во неа беа содржани повеќе различни мисли, а секоја од нив ѝ даваше поинаков призвук… како да беа неколку брзи воздивнувања споени во една симфонија.

Симфонијата, пред сè, зборуваше за минутите и секундите, за денот што брзо врвеше и притискаше и не дозволуваше да се заборави ни за миг неговото неминовно изминување. Прикажуваше за чувството што го имаш кога мораш да завршиш многу нешта, но истовремено не сакаш да завршиш ништо, туку само да потонеш во мислите, во неподносливата убавина на мрзелувањето… и за оној немир што ти го создаваат потиснатите обврски, планови и амбиции, додека седиш и сонуваш со отворени очи.

Потоа, таа ја содржеше целата меланхолија што ја предизвикуваат облачните, дождливи денови како овој. Тешките, ниски облаци кои фрлаат ретки, измачени капки дожд над градот што врие. Облаците во планина – е тоа е сосема друго чувство, друга глетка. Во планина, истите облаци се големи, моќни, заканувачки, доаѓаат брзо со ветрот и носат силна бура, за потоа да пукнат под пролетното сонце. Но, во градот тие отежнуваат од испарувањата, од многуте маки и судбини, па стануваат троми и неподвижни. Се мачат, исто како и жителите на бучната метропола. Воздишката ја раскажуваше и оваа приказна.

А тука, длабоко испреплетена во симфонијата од воздишки, беше и љубовта. Не некоја конкретна љубов, како што најчесто бидува, туку љубовта кон нештата што веќе ги нема. Нештата што исчезнале, пропаднале и неповратно се изгубиле или толку се промениле што станале изобличени и непрепознатливи. Љубовта останала, без вистински објект кон кој е насочена. Пуста, тажна и гладна како тукушто окотена маалска кучка на која ѝ ги одзеле кученцата.

И како за крај, тука беше и болката во желудникот, која стануваше сè посилна и понеподнослива. Симфонијата беше најгласна кога дојде до неа, бидејќи таа беше единствената реална, физичка болка. Или не беше? Од каде потекнуваше? Која беше причината што се јавуваше толку ненадејно и стегаше и виеше и јадеше и копаше без престан?

Заѕвони мобилниот. Силно, продорно, вознемирувачки. Болката во желудникот стана уште посилна, корнеше и разоруваше. Беше ужасно. Таа посегна и очајнички го зграпчи телефонот. Го стави на тивко и повторно длабоко воздивна. Уште подолго, уште потешко од претходно.

Мачката во нејзиниот скут ја крена главата и ја погледна со жолтите очи, како да сакаше нешто да ѝ каже. Нешто мошне важно и неодложно. Почна да преде. Она тивко смирувачко предење што создава спокој, ти ја бистри главата и зрачи една чудна заразна енергија. Да, енергијата како да преминуваше во неа, како да ѝ даваше сила, за целосно да ѝ ги избистри мислите на крајот. Во тој миг, сè стана јасно. Појасно од кога и да било. Знаеше што точно мора да направи, сега, веднаш, без да остави простор нешто да ја обескуражи… Трескавично го отвори лаптопот и брзо, речиси без здив почна да пишува порака:

Почитуван уреднику,

ви пишувам да ви соопштам дека денеска нема да дојдам на работа. Ни утре. Ни задутре. Поточно, не сметајте веќе на мене. Решив да си го вратам назад животот што го изгубив пред многу, многу време…

Предењето на црната мачка стануваше сè порадосно и поенергично, во такт со отчукувањето по тастатурата. Едновремено, болката во желудникот полека се смируваше…

1

МЛАДА МЕСЕЧИНА

New shores descried make every bosom gay;

And Cintra‘s mountain greets them on their way,

Стиховите се ткаеја во нејзината глава повторно и повторно како молитва. Како Аве Марија на латински што си ја мрмореше во мислите секојпат кога леташе со авион. Ретко кои стихови беа олку упорни. Добро, можеби нешто од Дилан Томас или Фрост… или If на Киплинг… и еве сега – Бајрон.

Не беше чудно што беа тука, толку силни и непопустливи, оти седеше токму таму, на местото каде што Бајрон се стаписал облевајќи се со восхит, па решил да здивне од неговото странствување и да потоне за кратко во убавините на Синтра.

Но, бадијала сите убавини и зборовите на Бајрон. Веројатно во кое било друго време ќе потонеше и таа во нив и ќе се изгубеше во ова делче од рајот. Кога било, но не и сега. Не со грутката во грлото и со солзите што ги задржуваше со часови.

Стиховите беа упорни, но таа не се даваше. Не потклекнуваше пред убавината. Имаше премногу грижи и стравови за да може да ѝ се препушти…

Oh, Christ! it is a goodly sight to see

What Heaven hath done for this delicious land!

What fruits of fragrance blush on every tree!

What goodly prospects o‘er the hills expand!

Не! Не можеше да мисли сега на ова. Мораше да одлучи што ќе прави. Дали да се врати во хотелот? Дали да ја продолжува агонијата или не?

Што ако тој си заминал? Рече дека ќе си замине. Не, не ѝ требаше ова патување, не сега, кога работите не одеа… ниту одеа, ниту се туркаа, ниту се влечеа.

Но, што ако тој навистина си заминал? Што ќе прави? Каде ќе оди – сама? Ќе мора веднаш да бара билет за назад… бестрага, бестрага!

Срцето почна забрзано да ѝ бие. Солзите ѝ го штипеа грлото, настојуваа да излезат надвор, да бликнат наеднаш како затнат извор… но, не им попушташе. Почна да дише длабоко, за да го смири силното чукање во градите.

Погледна околу себе. Зеленилото ја смируваше. И тишината. Навистина, ова беше најубавото место што го беше видела во животот. Од оние чија убавина те следи и не те напушта никогаш.

Lo! Cintra‘s glorious Eden intervenes

In variegated maze of mount and glen.

Иш! Оставете ме да тонам во очај! Да се самосожалувам. Да страдам. Триесет и седум. Не е стара. Не е ни млада. Што е? Ништо не е!

Што ако си отишол? Срцето повторно забрзуваше, како да сакаше да избега од неа и да се скрие во влажните, испреплетени тунели под густото зеленило на планината.

The tender azure of the unruffled deep,

The orange tints that gild the greenest bough,

The torrents that from cliff to valley leap,

The vine on high, the willow branch below,

Не! Срипа од скалите на коишто седеше, оние што го носеа името на Бајрон, па очајнички се стрча нагоре. Ќе се врати во хотелот. Што друго ѝ останува? Нема избор, ќе мора да подголтне, да издржи… барем додека не се вратат назад, а потоа… потоа којзнае…

Сфати дека веќе трча по улицата што водеше накај хотелот. Лицето ѝ гореше, срцето – лудо биеше. Подзапре, почна да оди брзо, наместо да трча. Сонцето заоѓаше некаде зад планината. Застудуваше. Се стресе, од студ или од стрес. Или од двете. Продолжи да чекори брзо и набргу го наѕре хотелот.

Застана пред влезот и колебливо ѕирна кон она што веруваше дека е нивниот прозорец. Темница. Го нема. Можеби спие. Можеби излегол. Да пие, се разбира, во некоја маалска кафеана. А можеби… можеби си заминал.

Не чекајќи ни миг се стрча нагоре по скалите. Ја отклучи вратата од собата и влезе. Темница. Почека очите да ѝ се навикнат на мракот. Не, не беше тука. Брзо ја вклучи светилката и разгледа наоколу. Сè беше на место. Сите негови предмети, облеки, торбите…

Значи, не си отишол. Тука е некаде, низ гратчето. Дали да оди да го бара? Не, нема да може да се соочи со него ако е пијан. Со погледите, лудилото, непријатните насмевки, навредите… Секогаш ги има и нив, ако е пијан. Некогаш, не се само навреди… некогаш станува и груб. Знае да ја повлече, да ја турне… еден ден, се плашеше, и ќе ја удри…

Можеби треба да се сврти и овој пат вистински да замине. Како што требаше да направи стотици пати досега. Да замине и да не се врати веќе никогаш.

Што да прави? Што да прави? Што да прави? Срцето забрзуваше, панично. Се обидуваше да дојде до здив. Не можеше. Паниката се засилуваше и не успеваше да ја стиши, да ја прибере. Дишеше длабоко. Еднаш, двапати, трипати… Попусто, стануваше полошо.

Чувствуваше гадење во стомакот што не можеше да го објасни. Како внатре во желудникот да имаше нешто живо што клокотеше и вриеше, нешто што сакаше да излезе надвор! Се стрча накај бањата, но се сопна и падна на колена. Желудникот ѝ се крена нагоре и од устата ѝ излета чудовиштето: темна сенка, страшило, чедо на стравот и колебливоста. Се истркала пред неа како топче и се стопи со сенките во собата.

Сега ја демнеше оттаму, од сенките, чекајќи да види што ќе стори. Чекајќи да згреши. Еден погрешен чекор и повторно ќе ја зграпчи. Ќе се всади внатре во неа, овој пат многу подлабоко!

Таа знаеше дека мора, мора, мора да излезе од собата! Фрли неколку работи во една мала торба, постојано обѕирајќи се наоколу, а потоа внимателно, на прсти се измолкна и ја заклучи вратата. Добро е, суштеството остана внатре.

Неколку минути подоцна стоеше повторно пред хотелот, со торбулето преку рамото. Надвор веќе беше речиси стемнето. Каде да оди? Тргна по улицата, повторно назад накај Бајрон. Луд, лош и опасен да се познава. Зборовите важат за обајцата, и за Бајрон и за него. Додека вртеше зад аголот, со крајчето од окото како да забележа нешто… нешто што се придвижи во сенките. Но, кога погледна поубаво, таму немаше ништо. Синтра полека тонеше во спокој.

По улицата речиси да не сретнуваше луѓе, ниту, пак, имаше кафеани. Не биди будала, што правиш? Врати се назад? ја расколебуваше едно треперливо гласче, но стиховите беа погласни од него. Ечеа од крошните на столетните дабови:

Lo! Cintra‘s glorious Eden intervenes

In variegated maze of mount and glen.

Се обиде да запре, да се врати назад, кон хотелот, кон кафеаните, кон него… Но, нозете ѝ откажуваа послушност. Одеа накај Бајрон, накај длабочините на Синтра, во непознатото.

Oh, Christ! it is a goodly sight to see

What Heaven hath done for this delicious land!

Конечно запре, сосила, од инает. Погледна во непокорните стапала, сакајќи да им направи нешто лошо. Врати се! рече инаетливото, пискливо гласче. Кај ќе одиш сама? Да не си луда?

Но, кога се заврти, покајнички да се врати назад пред тој да сфати дека ја нема, во дното на улицата го забележа: страшилото, проклетата сенка, сега големо како човечка прилика и силно. Сеништето стоеше, зјапајќи во неа. Овој пат имаше и лик. Личеше на него! Истиот лудачки поглед. Истата насмевка. Во мигот трепна – и сеништето исчезна. Каде отиде? Каде отиде? Каде отиде?

Почна да бега. Панично, избезумено. Се задишуваше, но не забавуваше. Тука беа скалите на Бајрон, зад аголот. Јурна накај нив и одеднаш – над неа се надвисна темна силуета, а силни раце ја зграпчија и ја поттурнаа наназад. Ме фати – помисли и се сепна.

Ја потргна косата што ѝ го покриваше лицето очекувајќи нешто ужасно, за да се сретне со тркалезното, дебелко лиценце на еден средовечен маж.

– Pardon me, sorry – мрмореше британскиот турист, додека неговата исто толку збунета сопатничка ѕиркаше некаде од зад него.

Не му одговори. Немаше време. Мораше да продолжи, нагоре, нагоре, по улицата, кон шумата, кон спасот, кон слободата. Ветрот, некоја нежна, миризлива пулигора што се спушти надолу од планината ѝ ги милуваше косите и пријатно ѝ го ладеше лицето. Веќе не се задишуваше, а срцето не ѝ биеше силно како претходно.

Lo! Cintra‘s glorious Eden intervenes

In variegated maze of mount and glen.

Подзапре. Се заврти лево и десно. Улицата сега ја красеа стари, романтични куќи со големи дворови, обраснати во зеленило и цвеќиња. Го забави чекорот, чувствувајќи се безбедно. Страшилото остана некаде од онаа страна. Го проголтаа питомите сенки на Синтра.

Тогаш слушна звук. Не, не беше тоа она кутро гласче, ниту, пак, стиховите на Бајрон. Слушна нешто друго. Еден звук на кој секогаш инстинктивно реагираше.

Мјаукање. Обожаваше мачки и секогаш ги спасуваше од контејнери, од под тркала, од дечишта кои фрлаа со камења…

И сега беше решена да заборави на сè само за да го спаси топчестото суштество што мјаукаше некаде од темниците.

Да, звукот доаѓаше од дворот на онаа прекрасна, магична куќа. Всушност, пансион. Имаше табла дека изнајмуваат соби. И тука, веднаш под таблата, две очиња што светеа во темницата. Мачето, црно како ноќта која го галеше, ја провре главата меѓу решетките од оградата, а потоа и телото и почна да се трие од нив. Човек можеше и да не го забележи, оти речиси не се гледаше во темницата, освен очите и една бела дамка на градите.

Мачето повторно мјаукна и ја гледаше со очекување. Нему не му треба спасување. Тоа сака да се гали.

Ја подаде раката кон неговото муце и тоа ја душна, па почна да преде. Го галеше не можејќи да запре, но во еден миг сенката на стравот успеа да ѝ се прикраде без да забележи. Морам да продолжам, си помисли. Нагло стана и трескавично размислуваше кој пат да го фати и што да направи и каде да оди и дали да го најде и кога ќе го најде – што да му каже и како да му го каже она што сака да го каже и…

Мачето повторно мјаукна. Го погледна и ѝ се пристори дека навистина ја гледа со очекување. Што сакаше од неа? Не може да остане тука вечно и да се гали со него…

– Оди си, маченце. Оди дома.

Очите на мачето светеа со вонземен сјај. Дувна оној прекрасен миризлив ветар, онаа нежна пулигора. Внесе спокој и ја раздува во неповрат сенката на стравот.

Lo! Cintra‘s glorious Eden intervenes

In variegated maze of mount and glen.

Вдиша длабоко. Ги вовлече во градите сите магични мириси на Синтра. Го заслуша шумолењето на крошните од дрвјата. Погледна во темното небо без месечина и ги почувствува како полека се прикрадуваат и лизгаат по нејзиното лице. Конечно им успеа да се ослободат, додека не внимаваше. Проклети солзи, предавнички, другарки сопатнички…

Зеде уште еден длабок здив, а потоа ја отвори железната порта од оградата и тргна по патеката накај пансионот… додека мачето со предење ја следеше во чекор.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *