Извадок од книгата „Албино трип“ на Александар Русјаков.
КОРИЦА
– Ти си најдобриот албино писател во Македонија.
Јас сум единствениот албино писател во Македонија. Веројатно и пошироко. Ама уживам кога Шоте се заебава. Неговата чудесно луда смисла за хумор е натпросечна. Понекогаш вџашува. Ама секогаш расположува.
– Колку добро изгледаш на погреб, човек да посака да умре за да му дојде албино на збогување.
Луд е.
Уметноста на пишувањето ме спаси од полудување. Ме спаси и од самоубиство. Јас сум отворена книга нераскажани приказни. Неиспеани стихови. Албинизмот е само корица.
ДОПИР
Во моментот кога влегувам во домот на пријателката, Форест Витакер во слоумоушн се разминува со ’Рза од „Ву-танг клан“ среде улица во Њујорк. Кучето дух. Патот на самурајот. Џим Џармуш, генијот на филмскиот блуз. Сум го гледал филмот неколкупати. Полека се поздравувам со присутните. Вкупно се петмина. Загледани во филмот. Четворица познавам. Петтата умирам да ја запознам. Сум ѝ поставил доволно прашања за навек на мојата пријателка за да ѝ здодеам.
Мислиш би имал шанси? Има дечко? Би фрлила мрсул на ваков како мене? Го сака ли Даглас Адамс? Илјадници прашања.
Застанувам над неа. Ме погледнува со убавите крупни очи. Подавам рака. Ја прифаќа. Кажувам име, кажува име. Се тргам.
Не им го кршам филмот. Нека уживаат во Џармуш. Си ставам пиво во кујната. На масата наоѓам недопушен џоинт. Доволно ми е, дојдов напушен.
– Седи некаде – ми вели пријателката.
Седнувам. Долу на земја. Се потпирам на двоседот. Каде што таа седи сама.
– Седни до мене – вели. – Ќе ти направам место.
– Само ти уживај – велам. – И дома седам долу.
Не лажам. Тоа е вистина. Форест Витакер ги наоѓа своите гулаби мртви. Сега ќе наебат старите италијански мафијаши. Го чувствувам нејзиниот мирис. Не парфемот, нејзиниот вистински мирис. Ногата ѝ е спуштена крај мојата глава. Ако се завртам, можам да го бакнам голиот лист меѓу панталоните и краткото чорапче. О, како би го сторил тоа. Следно веројатно ќе биде шлаканица.
Не се осмелувам. Никогаш не сум тргал во лов по женска љубов. И тогаш се случува. Нејзините прсти влегуваат во мојата
пуштена коса. Струја од задоволство ми минува низ целото тело. Се надвиснува над мене. Сега мириса уште поубаво.
– Ти пречи? – шепнува.
– Уживам некој да ми ја чепка косата.
Нејзините прсти свират виолина низ мојата коса. Пролетта и зимата на Вивалди ритмично се менуваат во нејзините допири. Чувствувам капки страст во начинот на кој ми ја плетка косата низ своите прсти. Волшебни прсти. Сега е моментот, си велам, сега или никогаш. Ја подигам раката и ја спуштам врз нејзиниот лист. Полека ја подигам главата кон неа плашејќи се да не се сретнам со осудувачки поглед. Две прекрасни очи ме гледаат. Полека ја навалува главата.
– Ти пречам? – шепнувам.
– Твојата дланка е толку топла.
И се навалува назад. Медитирачки ги затвора очите. Во мигот кога Форест Витакер ги уби оние двајца кретени што убија мечка. Така почна. Симфонија за две раце. Водење љубов преку допирите на прстите. Моите што го чешкаат нејзиниот лист, нејзините што се возбудуваат низ мојата коса. Како да сме голи, како да сме среде заеднички оргазам. Нестварна музика, љубов на два допира. Совршена еротичност. Си пишуваме љубовни писма со прстите.
Сакам да водам љубов со тебе, пишувам на нејзината кожа.
Сакам да се изгубам во твојата страст, пишува таа низ моите бели прамени.
А потоа се надвиснува над мене.
– Твојата коса е како украдена од некоја бајка.
– Твојата кожа е нежна како езерска површина среде ноќ.
– Си допирал езерска површина среде ноќ?
– Сакам да сум месечина и да пишувам зраци врз твојава кожа.
– Ти си поет.
– Твоите прсти пишуваат совршена поезија низ мојата коса.
Фрлам поглед низ собата. На тросед спие некој. Двајца заминале. Другарка ми ја нема. Сигурно спие.
– Јас ќе спијам тука – ми шепнува. – А ти?
И се спушта надолу, крај мене. Моите прсти врз нејзината кожа. Нејзините прсти во мојата коса. Меѓу нашите усни експлодира ноќта.
БАЈКА
Ноќен клуб. Тука завршува половина град кога ќе се затворат сите клубови. По два часот невозможно е да се влезе. Пред вратата се туркаат стотина пијани ликови. Јас влегувам. Јас сум привилегиран. Не поради албинизмот. Доаѓам со една од најпосакуваните жени во градот. Манекенка. Водителка. Сега е мажена.
Внатре не се дише. Тесно е. Задушливо. Посакувам веднаш да излезам.
– Испиј барем едно пиво – ми вели таа.
– Океј, само едно.
Си ги најде пријателите. Тоа е добро. Нема да има потреба од моето друштво. Се потпирам на шанкот. Ќе го испијам пивото и ќе исчезнам. Некој ми ја допира косата. Се вртам. Совршено лице. Длабоки, проѕирни очи. Кратка коса.
– Знаеш, едно време имав прекрасна долга коса – ми вели пре- красната девојка – како твојата. Природна, виткана. А потоа ме нападна таа погана болест. Чудна болест на косата. Сосема оќелавев. Ми беше срам да излезам надвор.
– Но, ти имаш коса – велам збунето – кратка, но коса е.
– Сега е во ред. Ја победив болеста.
Испивме по три пива. Уживавме во разговорот. Пријателката со која дојдов замина пред мене.
– Твојата коса… – ми вели девојката мечтателски – како снег е.
Надвор нѐ пречекува… снег!? Два часа бев внатре. Сериозно
натрупал. Градот е како бајка. Сите оние возила утре ќе ја претворат совршената белина во кал.
– Бајка – вели таа – ти бел, градот бел.
– Ти си бајка – велам патетично – краткокоса самовила од бајка. Никогаш не сум бакнал самовила.
Се бакнувавме повеќе од половина час. Без да ни се одвојат усните. Застанати под дрво. Околу нас вее снег. Кога ја изговорив реченицата за бакнежот, бев убеден дека ќе ми рече да не се занесувам. Но, таа застана под дрвото. Ме повлече кон себе и почна маратонското бакнување.
– Јас живеам тука.
Престанавме да се бакнуваме. Покажа на зградата зад нас.
– Најгоре – додаде.
– А јас би сакал да се качам горе со тебе. И уште долго да те бакнувам.
– Не. Ти само сакаш да имаш секс со мене.
Ме пресече. Наеднаш како некој да ја затвори книгата пред да заврши снежната бајка.
– Јас сакам и да имам секс со тебе, секако. Но и многу други нешта.
– Што? – гласот ѝ е студен, во него има зима, зима без снег.
– Само што те запознав. Само што те бакнав. Сакам да те откривам. Денес, утре, секој ден.
– Не, ти само сакаш да ме ебеш.
– Јас само сакам да си одам дома.
Се завртев и заминав. И денес се каам што не се обидов да бидам потрпелив. И денес имам чувство дека предвреме побегнав од бајката.