Извадок од книгата „Атом и Ева (Историја на една материјалистичка љубов)“ од Бранко Прља.
“Господ Вакуум е најголемата измислица на пропагандно-маркетиншката индустрија од почетокот на светот. Кој верува во него е недостоен на тоа да се нарекува човечко суштество и би било најдобро за него и остатоткот од човечката раса да нè лиши од сопственото постоење. Но, тоа не значи дека не треба прво да слушнеме што има да ни каже Господ Вакуум.“
Антиконсумерист Трети
„Ах, колку ми е здодевно…“ помисли Господ Вакуум и плукна семка од тазе набраното јаболко од неговата рајска градина. Да, тоа беше вистинската „рајска“ градина со тапија, печат и документ заверен кај нотарот на Севишниот.
Вакуум направи гримаса како да се подготвува да кивне и потоа громогласно извика: „Женооо!!“
На портата од кралската канцеларија се појави заносната сопруга на Вакуум, поранешна мис на месецот јуни во рајската градина и повремена естрадна уметничка.
„Повели, господару?“ рече таа со глас во кој имаше нијанса зарипнатост доволна да го направи ѓаволски сексапилен.
„Дај претвори се пак во змија и најди ми други двајца глупчовци за да ми донесат уште јаболка, последните ми беа некако кисели.“
Да, нејзиното портфолио беше збогатено со способноста да се претвори во змија – професионална деформација или боже(н)ствена дарба? Никој не го знаеше одговорот на таа загатка.
„Веднаш, мил мој,“ рече сервилно младата жена и „оп-оп“, лесен чекор го понесе нејзиното зрело и полно тело низ кралскиот дворец кон градината.
* * *
Во градината беа Адам, затвореник број 324.532/м и Ева, со број 324.532/ж, кои штотуку се будеа од сон. Ева, носена од природниот нагон за истражување се упати кон дворецот, додека Адам реши да отспие уште малку. Змијата подготвено ја пречека Ева и ја поздрави со едно долго „Ссссдраво!“
Ева прво се исплаши, но потоа се созема. „Здраво… Што си ти?“
„Не е битно што сум, туку што можам да ти дадам, драга. Пред тебе има едно дрво, а на него јаболка, во јаболката, освен многу природни анти-оксиданси кои се добри за твојата мазна кожа и твоето општо здравје има една супстанца, која ја нарекуваат ЛСД. Ако каснеш од тоа јаболко, пред тебе ќе се отвори еден нов свет на можности, предизвици и дразби.“ Ева бледо ја гледаше змијата.
„Твоите сетила ќе бидат како никогаш порано,“ продолжи таа, „ќе ти се чини дека стоиш на врвот на светот, а надолу пред твоите нозе ќе бидат послани најпосакуваните богатства на светот – бутици со најмодерна облека, салони со најнов мебел, продавници за модерни апарати за домаќинство, бижутерија, фризери, маникири, педикири, депилација, епилација, шминки и сè што ù треба на една жена со твоите потенцијали.
Ќе речеш, тука е убаво и мирно, но запрашај се, колку време она задремано маженце таму ќе биде задоволно со твојот природен изглед пред да почне да бара друга русокоса? А што кога ќе дојдат децата на ред? Зарем ќе живеат во колипка од гранки и ќе јадат од грмушки?
Зарем не заслужуваат своја соба, играчки, велосипеди и мопеди, хамбургери, сладоледи и газирани пијалаци збогатени со шеќер кој ќе ги направи зависни, зарем не заслужуваат игранки, матурски и свадби, наместо мавање со стапови и играње во кал? Не размислувај, туку веднаш јаболко гриз-гризај!“
Ева не разбра речиси ништо од муабетов, но знаеше дека тоа јаболко изгледа проклето вкусно, а нејзиниот стомак веднаш се согласи со тоа. Беше доволен еден гриз и Ева веднаш знаеше што да прави. Не ù требаше многу време да го убеди Адам да гриц-грицне и тој.
Пред Господ Вакуум
Адам и Ева се појавија пред господ Вакуум во нивните чевли, чанти и колани од Луј Витон, часовници и прстени збогатени со скапоцени камења од Сваровски, облека и обувки од Армани, со совршени фризури и блескави насмевки. Адам носеше гајба со јаболка под мишка, застана пред Вакуум и ја тресна пред неговите нозе, се исправи и си ја поднамести фризурата.
Нашите двајца манекени беа по малку разочарани од изгледот на Севишниот. Со радост ја беа исчекувале оваа средба и единствената можност да го видат Господ Вакуум којшто беше недофатлив за сетилата на обичните смртници во реалниот свет (иако некои сведочат дека има мирис на носени чорапи и вкус на бамија).
Но, бидејќи престојувалиштето на нашите двајца палави јунаци беше светот на идеите, тие можеа јасно да го видат ќелавото мрсно старче во пот-маица, и не знаеја дали им е погаден недостатокот на заби во неговата уста, неговиот перверзен поглед или неговите пожолтени прсти и брада од цигарите кои ги пушеше една по друга. До него седеше неговата сопруга, Хера.
Вакуум го погледна Адам под око, се поднаведна, зема едно јаболко и гризна. Од јаболкото се појави црв, му се насмевна и избега повторно во јаболкото. Вакуум се разгневи и го фрли јаболкото кон двајцата манекени.
„Знаете зошто ве викам, нели?“ загрме господ Вакуум.
„Да, сакате да позборуваме за суштината на животот и постоењето,“ одговори Адам, а Ева го погледна зачудено. Таа повеќе би сакала да позборува за оние нешта кои ги кажа сопругата на Вакуум, но премолчи.
„Што!“ крикна господ Вакуум. „Слушај, ти дрско момче, јас сум осуден на проклето здодевна вечност тука во овој забеган рај каде што по цел ден слушам цврц-цврц, мрц- мрц, пиу-пиу… зарем мислиш дека ќе седев сè уште тука да знаев нешто за суштината на животот? Ха-ха! Досега одамна ќе се излежував на Куба со мојот драг пријател Кастро и ќе цевчев пури додека две млади кубанки ќе ги масираа моите стапала со етерични масла.“ Ева се стресе од помислата на неговото старо, влакнесто тело како свети на тропското сонце.
“Но, некоја игра на судбината решила да ме постават за газда на светов и не можам да мрднам оттука. Не, мил мој, вие немате некоја голема и длабока мисија во животот, единствена причина за вашето постоење е да ми донесете нова залиха тутун да си го пув-пувкам со мерак!“
„Само внимавајте да не ми донесете некое кинеско ѓубре прскано со пестициди и којзнае што сè не! Можеби не знам ништо за суштината на светот, но знам како функционира тој. Сè додека има профит, ќе има профитери, додека има овци, ќе има овчари, зарем ме сметаш за будале-ле- летинка?“ Вакуум строго ја погледна сопругата.
„Извинете што ве прекинувам, но дали сепак можеме да дознаеме нешто повеќе за светот во кој треба да се упатиме? Мислам… како ќе најдеме тутун, ако не знаеме ништо…“ пропелтечи Адам.
„Овој е навистина здодевен,“ Вакуум повторно се сврте кон сопругата. „Секоја тура манекенчиња е сè поздодевна… каде се оние едноставните Адам и Ева бр.1/1 кои дојдоа пред мене облечени во листови?… сега копнеат по вистината, суштината, целта… сакаат да знаат каде има дизајнерски чевли и дијамантски прстени… само тоа ги интересира! Бидејки знам какви плачковци сте вие луѓето, овој пат ќе ти направам услуга. Но, знај дека кога ќе ја слушнеш вистината ќе посакаш да не си прашал ништо…“ Адам не трепна, беше решителен.
„Вистината, мил мој, е дека светот во кој ќе се упатиш е илузија, создаден е од ништо и постои како ништо. Неговиот градбен материјал атомот – е изграден од празнини и енергии, материјата не постои!
Целата заблуда околу материјата ја започна еден човек, кој всушност беше наш агент испратен на Земјата со цел да ви ја набутка таа слика за светот во вашите мали празни – да, како и светот! – глави за да можете да работите и креирате со илузијата дека создавате опипливи и мерливи нешта. Вистината е дека тие нешта се илузии и од нив имаме корист само ние – жителите на светот на идеите.“ Вакуум уживаше во секој изречен збор кој предизвикуваше промени во ликот на Адам и Ева – од зачуденост во грч, од очај во паника…
„Што мислите од каде ми се кожените чизми од крокодил, палтото од Армани, синџиров од Сваровски?…“ се насмеа Вакуум.
„Но, еден контра-агент ја закашка целата работа и целиот наш вековен труд… агентот Дик Трејсиќ, запаметете го неговото име. Ако го видите не борете се со него, правете го она што секој наш агент кој преживеал го направил – бегајте! Мораме да ја ресетираме историјата и вашата задача е повторно да го посеете семето на атомизмот и материјализмот во светов зашто почнуваат да ни недостасуваат материјалистичките стоки во нашиов свет… Збунети сте, драги мои илузо-луѓенца-бебенца? Не грижете се, опуштете се и завалете се во вашите столови. Авантурата започнува!“
Вакуум притисна едно копче кое се наоѓаше на неговиот кралски престол и под нашите двајца јунаци се отвори дупка и тие пропаднаа во
ре
ал
нос
тааааааа
аааааааааааааааа…