Добро е кога во животот ќе кажеме дека „Еднаш одигравме љубов“

Романот „Еднаш одигравме љубов“ од Елена Конеска претставува исклучително дело од млада македонска авторка. Уште на самиот почеток, Елена Конеска се одлучува да дебитира со жанрот роман, а станува збор за жанр што е навистина најсложен и најтежок предизвик за секој искусен и изграден автор. Романот треба да има уникатна идеја што ќе се преточи во фабула со живи и изградени ликови преку кои ќе може да се оживее некоја искуствена реалност и општествено-филозофска идеја. Конеска се одлучува храбро и вешто за токму овој книжевен жанр и успева да изгради толку сериозно книжевно дело на кое не би можеле да му се најдат пукнатини во фабулата, стилот и наративната техника. Пишувањето на роман е како ткаењето, а во прозната ткаенина важно е сите конци да се добро распределени и правилно исплетени.

„Еднаш одигравме љубов“ од Елена Конеска е токму таква ткаенина во која прв и најважен конец е фабуларното јадро кое никнува од една секојдневна животна ситуација и од соочувањето со прашалникот од типот: како е да се биде писател, да се живее со книгите и светот помеѓу сопствените книги и оние туѓите; а зад ѕидовите на приказната за новинарката Јана и нејзината работа како писател и новинар во македонски контекст одекнува фонот на една несекојдневна и неповторлива љубовна приказна што се одигрува на најголемиот саем на книгата во Франкфурт. На саемот во Франкфурт, Јана го сретнува португалскиот писател Мануел со кого започнува контакт, најпрво професионален. Му прави интервју, а потоа вршејќи ја својата работа, работата ѝ станува задоволство. Јана почнува да мечтае по гребените на љубовта, таа живее неколку дена под превезот на љубовта од романите со хепиендовски крај. Тука женскиот лик доживува една приказна од љубовен роман, а таа приказна е огледало и личен отслик преку кој се рефлектира автобиографското јас на самата авторка. Токму ваквата до сега не напишана љубовна приказна, токму ова еднаш одигравме љубов го прави овој дебитантски роман за успешен и неповторлив, а со тоа и вреден и интригантен да се прочита во целост. Главна одлика на оваа книга е автореференцијалноста затоа што авторката го создава главниот лик Јана како огледало на животот на вистинската писателка и на вистинското јас-писателката. Елена Конеска романот го гради врз тематика што не се мултиплицира, туку се создава една оригинална фабула; што има автономност и што остава силни импресии врз реципиентите. Главната дидактичка порака е сместена токму во следниов извадок од делото:

„Сите ние сме заслужни или виновни за она што ни се случува или што се случува околу нас, сите на некаков начин влијаеме на средината и со нашите постапки придонесуваме кон она што се случува… ништо не е случајно, ниту јас го напишав тој роман случајно, ниту јас и ти седиме овде случајно…“ (41 стр.)

Авторката го гради романот врз принципот на сукцесивната логика, односно, романот има линеарна логика на свеста преточена и пресликана преку едноставна наративна техника. Приказната е кадела што сама се расплеткува и се распостила движејќи се од почетокот кон крајот. Елена Конеска вешто го избегнува недостатокот на постмодерната наративна нецелосност, фрагментарност; и доста вешто ја гради приказната сместувајќи ја помеѓу аглите што имаат јасен и цврст почеток и крај. А токму таквата враменост на времето и просторот во романот со почеток и крај создава комплетно композициско дело во дваесет и пет поглавја. Интересно за читателот е очудувањето односно кулминацијата на пресвртот во точката на гледање и очекување. Еднаш одигравме љубов, е само еднаш љубов, само на еден начин одиграна љубов што  мора да има и само едно пресвртување на приказната кое се случува на самиот крај, а тоа само стрпливиот читател што ќе стигне да ги прочита и последните страници ќе може да ја реши загатката од почетокот. Стилот на „Еднаш одигравме љубов“ од Конеска е едноставен како дишењето; здивот пулсира и се забрзува со редењето и слевањето на речениците една во друга, ситуациите се движат забрзано од една кон друга, па сè така до крајот. Авторката се изразува преку долги реченици, има карактеристични описи на надворешното и на внатрешното, меѓутоа не се губи од квалитетот на ритамот што треба да ја следи приказната како целина. Таа се задржува на секој детал, на секоја емоција во вештата психологизација на женската хероина. Романот пулсира помеѓу рамките на автобиографското и реалното, епистоларното и дневничките записи,  а таквата приказна е блиска за идентификација и лесна за реално доживување од страна на читателот. Романот е пишуван во прво лице еднина. Нарацијата ја одликуваат густи и долги реченици, добри темелни описи и понекогаш цврсти и јасни дијалози помеѓу двата главни лика.

Романот „Еднаш одигравме љубов“ од Елена Конеска е  дело со цврста композиција, течна нарација и лесен стил на изразување на прозните ситуации во прозни вешти слики. Ова дело заслужува да го прочитаат сите љубители на љубовниот роман. Го препорачувам делото на Елена Конеска затоа што со оваа дебитантска книга Елена Конеска отвора врата во светот на македонската литература. Ова е уште еден роман што се однесува на македонскиот животен, а воедно и книжевен кон(текст).Добро е кога во животот  ќе кажеме дека  „Еднаш одигравме љубов“. На Елена Конеска тоа добро ѝ успеа!

д-р Марина Мијаковска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *