Досие: Универз Ум (извадок)

Извадок од книгата „Досие: Универз Ум (Тајни документи од најновиот светски поредок)“ на Бранко Прља.
Досие: Универз Ум (извадок) 1
Ги паметам приказните на дедо ми од моето детство. Секое попладне со желба го чекав неговото враќање од Клубот на борците. Војната беше одамна завршена, светскиот мир беше вратен, постоеше една држава и таа беше сe’: господ, мајка, татко, брат, љубовница, сон, иднина… сe’ што можеше да посака човековиот ум – државата веќе го имаше, подготвена да му го подаде како миризливо полско цвеќе среде сончев мај.

Но, нешто во несигурниот од на дедо ми, нешто во неговиот остар здив на ферментирано овошје, ми кажуваше дека не е сe’ толку совршено. Еднаш ме одведе во клубот на борците. Тогаш го запознав неговиот пријател кој бил изгорен во војната. Бил во напад. Имале наредба да го исчистат освоениот град од преостанатите машини. Машините биле на работ на поразот и војниците биле невнимателни. “Човек никогаш не треба да си поигрува со чувството на надмоќ, како што не треба да си игра ниту со оган,” рече тој и продолжи со приказната.

Машините огнофрлачи го заробиле во стапица и го запалиле. Мислеле дека е мртов (тој подоцна многу пати ќе посака да бил), но не бил.

Тоа деформирано лице ме погледна и направи гримаса која веројатно требаше да биде насмевка. Неговите збрчкани раце се обидоа да ме погалат, но јас се тргнав и се напикав во дедо ми, потсетувајќи го на неговата монструозност. Тој, како да сакаше да се “оправда” пред мене додаде дека пред несреќата имал убаво и нежно, дури по малку и женствено лице.

Но, тој не беше најгрдото нешто во светот на борците за татковината. Комар, лага, измама, алкохол, опојни дроги… тоа беше секојдневие на клубот на борците. Тогаш не го знаев тоа, но природниот нагон да се тргнам од отровниот здив на неговите членови како да ми ја наговестуваше вистината.

И дедо ми боледуваше од истите болести, но на него гледав поинаку. Понекогаш мислев дека го мразам, но веројатно силната љубов не постои без силна омраза. Обратниот случај никогаш не може да биде вистина и тоа јасно ми го укажа дедо ми.

Да, тој силно го мразеше непријателот кој му оставил десетици шрапнели насекаде по телото. Неколку пати го оперирале без анестезија, а во другите случаи решиле дека е подобро да ги остават деловите од пеколните машини во неговото тело, каде се наоѓаа и ден-денес како потсетник на минатото и беа дел од него, дел од кој никогаш не можеше да избега.

Ми даваше да ги допрам шрапнелите под неговата кожа и се смееше кога се плашев, велејќи ми дека сe’ е во ред и дека машините не ни можат ништо сега.
Досие: Универз Ум (извадок) 2
Ми кажуваше за времето по војната, кога се создала нашата држава на “благосостојбата”, рече нагласувајќи го последниот збор.

Тој и неговите соборци се бореле под знамето на хуманизмот, се бореле за човечноста, против бездушните машини кои владееле со светот. Каква страшна борба била тоа.

Човечкото тело, колку и да е силно, истренирано и отапено, сепак е нежно како најтенка свила во споредба со грозните метални суштества. Ги парчеле, кинеле, мелеле и цеделе, но луѓето не се откажале. По многугодишна војна триумфирале и славеле, славеле со денови, но потоа дошло време да се воспостави редот. На власт дошле луѓе за кои подоцна борците дознале дека биле шпиони на машините. Новите властодршци веднаш ги затвориле најхрабрите и најверните борци за хуманистичките идеи со обвинение дека се работи за предавници.

Дедо ми поминал цели пет години во еден таков затвор, наречен Камениот остров, познато место за политички затвореници од времето по војната, и тоа никогаш не го заборавил, но никогаш не сакаше да зборува за тоа. Неговите најомилени приказни беа приказните за борбата на доброто против лошото, за создавањето на ред од хаосот, за победата над злото. Ова е една од неговите приказни.

 

* * *

 

„Создавањето е најзначајна работа, дете, најзначајна! Како што светот беше создаден од хаосот, така и нашата слобода беше создадена од злото на светот на машините. Како што ние се боревме за создавањето на редот во којшто живееш ти, така народите во минатото сведочеле на борби на величествени и моќни, но и понекогаш злобни и суетни божества и митски суштества кои го создале светот.

Египќаните зборувале за ривалски божества. Кај нив прво постоел Нун, примордијалниот (види речник) океан, од кој со блесок изгреал Амен, кој го земал името Ре и создал божествен син и ќерка. Тие двајца создале раса на богови, додека солзите на Амен-Ре го создале човештвото, а создавачот се повлекол од човечките работи и се вратил на небесата каде што владеел и сe’ уште владее како Сонцето.

Од друга страна, приказната за создавањето од Месопотамија е запишана во сагата позната како Енума Елиш. Потеклото на текстот датира од 1500 г. пне. период кога Вавилон бил доминантен град во регионот.

Приказната оди вака: две агресивни водени суштества, машкото Апсу (слатка вода) и женското Тиамат (солена вода) создале многу морски чудовишта и божества, кои се побуниле против нивните родители, избирајќи го Мардук за водач. Вооружен со ураган и јавајќи на бура предводен од четири огнени пастуви, Мардук се борел со Тиамат и нејзиниот злобен соучесник Кингу и ги убил двајцата. Го пресекол телото на Тиамат на два дела. Од едната половина го создал небото, а од другата Земјата. На небото ги сместил боговите. Тогаш сфатил дека ќе им требаат слуги и од крвта на Кингу го создал првиот човек. Потоа ги создал реките, растенијата, животните и сe’ друго.”

Дедо ми наеднаш застана. Погледна на часовникот и си ги протре очите. Ги извади очилата од кои му останаа врежани црвени вдлабнатини на носот. Потоа се вкочани. Телото му доби животински изглед, целиот се накостреши и внимателно ја набљудуваше околината.

„Дојди со мене,” ми шепна и ме фати за рака. Ме потегна силно под едни скали и двајцата се стуткавме таму.

„Што се случува дедо,” го прашав збунето. „Не знам точно што, но нешто се случува. Забележав уште пред некој ден дека ме следат. Знаев дека тоа ќе се случи, но не знаев дека е веќе дојдено времето.”

 

 

Досие: Универз Ум (извадок) 3„За што е дојдено времето?”

„Слушај ме внимателно – тие градат една светска влада, уште од последната голема војна кога мислевме дека се бориме против едни империјалисти, всушност сме се бореле за други глобалисти. Тие ќе завладеат со светот, ќе ги изградат нивните статуи на спектаклот на кои ние ќе им се поклонуваме секој ден, ќе гледаме во огромни реклами на ѕидовите на зградите и ќе мислиме дека гледаме среќно дете како си ја задоволува жедта, а всушност нема да знаеме дека гледаме во пратеник на ѓаволот, избраник кој ја шири пораката на едноумието.” Ме зграпчи толку цврсто за рацете што ме здоболе. „Но, дедо…” едвај изустив.

„Слушај ме внимателно, и не заборавај, мене ќе ме нема, но вие младите морате да ја продолжите борбата! Не дозволувајте да надвладее едноумието, борете се за разноличноста, борете се за уметноста над науката, за сомнежот над религијата, за креативноста над послушноста…

Научниците се смеат на митовите на старите народи за настанувањето на вселената, а ни тие самите не можат да одговорат на истото прашање. Биди скептичен како Индијците кои верувале дека Пуруша бил првиот човек жртвуван од боговите во создавањето на светот. Тоа примордијално битие, таа прва жртва на хуманизмот го создал светот каков што го знаеме денес. Од неговата глава било создадено небото, од неговите нозе земјата, од неговото око сонцето и од неговиот мозок месечината. Но, Индијците, иако знаеле многу помалку од нас, имале храброст да се сомневаат, нешто што денешниот човек не може да си го дозволи. Работата е пари, животот е механизам, луѓето се корист… ние мислиме дека сe’ може да се сведе на проста равенка, но Индијците имале храброст да се посомневаат дури и во сопствените космогониски приказни. Ригведа шпекулира за различните космички сили кои можеби го создале универзумот, но заклучува – најпосле, кој знае, и кој може да каже кога настанало сe’ и како се случило создавањето.”

Сето тоа ми звучеше апсурдно. Мислев дека дедо ми го изгубил умот. Каков Мардук и Пуруша? Какво едноумие кога ние живееме во најдобриот од сите светови, во разноликост на дразбите од секаков вид, само треба да посакаме нешто и веднаш го имаме. Имаме храна во изобилие, струја за сите наши комплексни апарати, врска со сите луѓе во светот кога ќе посакаме и не се плашиме дека во секој момент некој може да ни ја урне трошната врата и да нe’ ограби, силува, убие и запали. Зошто би се бореле против тоа? Посакав да му го кажам тоа, но неговите вжарени и од паника испакнати очи јасно ми кажаа дека нема да ме разбере.

„Слушај внуче и не заборавај. Не верувај им, најди сила за сомнеж!” кажа како да ми ги читаше мислите. “Тие не знаат сe’, иако се преправаат дека знаат. И најпростиот Кинез од древна Кина знаел дека П’ан Ку се родил од космичко јајце кое го располовил на небо и земја и како што растел цели 18,000 години половините се одвојувале сe’ повеќе, додека поради толкав напор не се распаднал. И П’ан Ку бил жртвуван за поголемото добро! Секогаш имало жртви, момче. Не можеш да живееш удобно цел живот, тргни ја пајажината од очите и ќе видиш! П’ан Ку ги жртвувал своите нозе за да никнат планините, ја истурил својата крв за да течат реките, со здивот ги направил ветриштата, а со гласот грмотевиците, очите ги дал за Сонцето и Месечината. А ние, според старите Кинези, ние сме само паразити на неговото тело! Гледаш, вистината е пред тебе, отсекогаш била тука, старите народи ја знаеле, а ние сме ја заборавиле и сега мораме да се присетиме. Време е!”

Не знам дали беше драматиката на неговиот начин на зборување или нешто друго, но ми се причини дека навистина го разбрав. Во тој момент пред нас како од никаде се создадоа неколку луѓе облечени во бели одори. Имаа долги бели бради и шлемови на главите. Во рацете држеа нешто што наликуваше на пендреци. Видов како го удираат дедо ми, тој падна наземи и јас се стрчав кон него. Почувствував силен и тап удар по главата и изгубив свест.

 
* * *

 

Се разбудив во темница. Потоа ме заблесна силна светлина. Целото тело ми се тресеше, чувствував голем студ.

Како што очите ми се привикнуваа на светлината постепено почнав да наѕирам лица. Да, тоа беа тие! Истите кои го тепаа дедо ми.

Потоа слушнав викање, скандирање на стотици, можеби илјадници луѓе. Се свртев и зад мене видов толпа луѓе со споулавен израз на лицето, јасно беше дека тие сакаа крв, но за жал крвта за која беа жедни течеше во моите вени.

Еден од старците кои седеа пред мене, за кои подоцна дознав дека се т.н. филозофи-полицајци, викна „Доведете го стариот!” Вратата се отвори и го здогледав дедо ми како го носат двајца стражари кои го спростреа на подот како тазе истресен тепих. Неговото тело тресна долу и толпата почна да квичи и писка од среќа.

„Дедо!!!” викнав на цел глас. Тој се претна, се исправи на колена, а потоа, тетеравејќи се, стана.

„Ти благодарам мали, барем не мораме да се трудиме да го разбудиме,” рече белобрадестиот цајкан-владетел со анти-демократско квазигрчко потекло. “Зборувај стари, кажи што знаеш!”

„Знам сe’ за вас…” почна тивко дедо ми, но како што зборуваше гласот му се враќаше, а телото му се исправаше. “Според вас сe’ започнува со празнината, наречена Хаос. Од празнината се создава Геја, Земјата, која го раѓа синот Уран, небото. Светот настанува и Геја и Уран го населуваат со нивните деца. Геја ги создава Титаните, а потоа Киклопите. Уран, шокиран од неговото потомство, ги затвора во длабочината на Земјата. Геја е навредена и го убедува најмладиот Титан, Хронос, да го нападне таткото. Тој го начекува додека спие и му ги отсекува гениталиите и ги фрла во морето. Хронос ги ослободува своите браќа и сестри и тие заедно го населуваат светот. Но, Хронос кој имал четири деца со неговата сестра Реа ги јаде веднаш штом ќе се родат. Реа, наместо најмалото, му дава камен, и го спасува бебето Зевс. Како возрасен, тој го поразува татко му и сите други Титани во голема војна, и се сместува на планината Олимп.”

Дедо ми ја заврши приказната, но наместо со воодушевување беше дочекан со потсмев. Народот пукаше од смеа, а војниците се држеа за мевовите.
Досие: Универз Ум (извадок) 4
„Одлична сказна за деца, драго деденце. Ова не сум го слушнал откако баба ми умре на моите раце, или да речам од моите раце, ха-ха!” владетелот прсна во смеа, а толпата ликуваше. “Какво празноверие! Па, сите знаат дека тој народ со бујна имагинација е одамна исчезнат. Сега владееме ние, горди и силни, чисти и сложни! Ние не сме потомци на Прометеј, тој слободоумен и разгален Титан кој им го подарил огнот на луѓето. Ние сакаме темнина, зашто во темнина работите се гледаат појасно, не веруваме во цивилизацијата, еднаквоста и напредокот. Можеби единственото добро што го направил Прометеј, а со него продолжува твојата бајка нели, е што го предизвикал лутиот Зевс да ја потопи Земјата,” рече владетелот.

„Ти не знаеш ништо, кутар старче! Ти си се борел во една хуманистичка војна за да создадеш нешто далеку помонструозно од светот на машините. Твојата космогонија е за потсмев, твоето верување е лажно, ти не си достоен за нашите пранги, мислевме дека твоите плеќи ќе бидат плодна почва за посев од нашите камшици, но ти си ништо, обичен идеалист, се храниш со романтичен дожд и пуваш идеалистички облачиња! Ослободете го и него и малиот, не сакам да ги видам повеќе!”

Еден од стражарите едвај се осмели да проговори пред владетелот „Но, возвишен, каде да ги носиме?”

„Што ми е гајле, носете ги и во Јапонија ако сакате!”

Грубите безмилосни раце нe’ зграпчија, а пендреците повторно заиграа сиртаки по нашите глави.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *