Храпешко (извадок)

Извадок од романот „Храпешко“ на Ермис Лафазановски.

Милефјори и Бридан, кои цело време уживаа во приказната на Храпешко, гледаа во Храпешко со ококорени очи:

„Ама ти ми раскажа приказна од античка Атина“, рече Милефјори.

„Па? Нели уметноста е беспросторна?“

„Но, сепак, нешто ме чуди“, рече Милефјори, смешкајќи се задоволен од приказната на Храпешко, „ако тој Лепак се хранел со камен, значи дека тој на крајот ќе се нахранел со цела Терпсихора и на крајот од неа не ќе останело ништо, ќе ја снемало, а Лепакот ќе останел.“

„Токму така, драги мој Милефјори, а што мислиш, зошто голем дел од античките скулптури ги снема?“

Милефјори замолкна бидејќи на ова немаше што да додаде.

Храпешко продолжи:

„А пак да слушнеш што ми се случи во Арабија. Еден голем ефендија, за неговата ќерка која беше поубава од сѐ што дотогаш можеше да се замисли во врска со женската убавина, нареди за неговата ќерка да се изгради еден замок во кој тој неа ќе ја затвори за да не може нејзината света убавина да допре до смртните очи на човекот. Сѐ додека лично тој, големиот Везир, не ѝ најде нејзе соодветна прилика. За таа цел, тој нареди да се повикаат најумните архитекти и највештите изработувачи на различни предмети во целото Источно Царство од Сирија до Багдад. И јас се најдов таму во една екипа во која бев стручен консултант за стаклени предмети. Нејсе, мојата стручност зачуди многу повеќе луѓе отколку што бев свесен за тоа и ја зедов работата во свои раце. Ѝ изградив стаклен замок. Ама бидејќи замокот беше целиот од стакло, беше многу едноставно да се набљудува прекрасната невеста како се движи низ одаите. На моја голема жал нејзиниот татко дозна за мојата повреда на неговите желби, а дозна на тој начин што една вечер, се прикрал и нѐ видел двајцата како сладострасно уживаме еден со друг. Нѐ виде, се разбира, затоа што замокот беше стаклен, нели? И што ќе реши тој Везир? Да ти реши веднаш да го урне замокот заедно со нас двајцата внатре. Ние, за жал, не успеавме навреме да сфатиме што ни се подготвува и…“

„И…?“

„Нѐ претворија во пустински стаклени змии…“

                  „…?“

Потоа Храпешко успеа да ги долови очите на Бридан кои во меѓувреме се беа растажиле и веднаш додаде во еден здив. „Името на таа принцеза беше Гулабија!“

„А дали научи нешто ново таму, некоја техника или слично?“, праша Милефјори откако се изначуди за ова последното.

„Научив да го иравам чешмибиљбиљот“

Чешмибиљбиљот?

„Токму така.“

Милефјори се возбуди и стана од неговото седиште и тоа толку нагло што еден цел комплет од стаклени садови паднаа и се скршија. Синот на Храпешко затрепрери, но среќа што веќе беше научил италијански и разбра дека се работи за чисто уметничко воодушевување и ништо повеќе. Освен тоа, го смируваа раскажувањата на татко му.

„Ке направиш ли едно и за мене?“

„Можеби“, рече Храпешко, „само, мојата зла судбина моментално не ми дозволува да дувам, бидејќи душата ми е нечиста и здивот ми е црн. Мислите ми се затемнети и срцето ми трепери! И сѐ додека тоа е така, јас нема да можам ништо да правам.“

Потоа му кажа за големата трагедија што го снајде во животот и тоа не само за онаа со Гулабија, ами и за онаа со Мандалина која „веќе не се интересира за убавите уметности, туку само за убавите профити.“

„Драги Храпешко, ти си дојден на вистинското место“ – му рече Милефјори, „во земјата на убавите стаклени уметности, во стаклената земја Мурано. Овде за тебе има работа колку сакаш, а и твојот син убаво ќе го изучи занаетот.“ Потоа, послужувајќи го со нови топли напивки во нов стаклен сервис, Милефјори му ја раскажа сопствената приказна за тоа како откако умрел Ото, работите почнале да

пропаѓаат со голема брзина и дека ни Мандалина не ќе ги оправела работите да не бил оној проклет Гуза кој се мотал наоколу… и затоа Милефјори си ги собрал парталите и се вратил назад од каде што и дошол.

„Овде ќе ти биде убаво! Јас лично…“, рече Милефјори „…ќе те назначам за стационери.

„А што е тоа?“

„ Ке ги продаваш нашите производи… наоколу.“

„Прифаќам“, рече Храпешко, „и така, градите сѐ повеќе ми се сушат, а и другото око полека, но сигурно ми се заматува.“

Следните неколку години Храпешко ги помина како трговски патник. За да не биде осамен, Храпешко на својот син Бридан постојано му раскажуваше возбудливи доживувања од неговите патувања. Бридан дури и се прашуваше понекогаш кога успеал Храпешко да види толку свет кога е постојано со него.

Еве некои од нив.

„Кога ќе одиш некогаш во Калкута, ќе излезеш од градот на источната страна, ќе поминеш две-три села и во една густа шума на неколку километри оддалеченост, покриен со густите листови на високите дрвја, ќе видиш еден прастар храм во кој живеат неколку десетици свештеници. Ќе ги замолиш да преспиеш кај нив. Тие, бидејќи религијата така им налага, ќе те удостојат со најголеми почести. Ќе ти раскажуваат приказни од нивниот испоснички живот и ти ќе бидеш многу зачуден и, пред сѐ, благодарен за нивното гостопримство. А кога ќе дојде време да си легнеш, ти око немој да склопиш, туку будно да чекаш сите да си легнат. И внимавај! Тие стануваат многу рано, уште пред да се раздени, па може некој да види дека бдееш. Значи нема око да склопиш, туку кога по некакава интуиција ќе почувствуваш дека веќе сите спијат и дека не мрда ниту една жива душа, туку само духовите на нивните предци, во вид на палмини листови, се веат на ветерот,

тивко ќе станеш. Ќе станеш и ќе отидеш во светата соба во која претходно нема да те одведат, со оглед на тоа што таму е забранет пристапот за туѓинци. А ти, бидејќи си туѓинец нема да смееш таму да отидеш. Е, кога тајно ќе отидеш во таа света соба, а ќе ја најдеш на тој начин што самите ходнци на храмот натаму ќе те водат, насреде ќе наидеш на една голема статуа на Кришна …не, пардон, на Буда со стомаче. Односно со меше. Тој Буда е надалеку познат по тоа што двете очи му се изработени од најфино стакло со примеси на опал и сини смарагди. Ќе ги погледнеш добро тие очи. И ќе ги запамтиш. Затоа што тие очи се мои.“

„О колку неверојатна приказна“, се израдува синот. „Раскажи ми како било.“

„Ех, како било. Се случило така што оние во храмот понекогаш не внимавале толку на тој Буда, зашто биле обземени од нивните секојдневни активности околу храмот. Некои крадци ја искористиле поволната ситуација и ги украле Будините очи. А тие очи, исцелителна моќ да ти имале. Е, сега, како што знаеш, јас како трговски патник и претставник на стаклените мајсторства од Средна Европа се најдов токму во тоа време во Калкута и тоа беше токму она време кога Индијците не ѝ беа баш најнаклонети на англиската власт која ги експлоатираше, како што знаеш, надолго и нашироко. Постоела таму некоја жена која во тоа време зазела некаков став во врска со тоа, ама не ме фаќај за збор, не можам да се сетам како ѝ беше името. Во секој случај, Индијците помислиле дека крадците, можеби, од одмаздољубиви или од којзнае какви, можеби од музејски побуди, ги зеле очите на Буда и многу им се налутиле на Англичаните, па дури може да се претпостави дека оваа немила случка уште повеќе ги затегна односите меѓу овие две земји. Нејсе, јас се најдов таму и се бев пријавил доброволно да ги смирам страстите, понудувајќи се да изработам повторно еден пар очи за Буда.

„Никој не може да изработи такви очи, затоа што тие се исцелителни“. Така ми рекоа.

„Јас имам таква способност, – им реков, „со сопствениот здив преку кој ја собирам целата енергија од универзумот да создадам такво исцелително стакло!“

Се разбира дека Индијците ја прифатија мојата понуда, но под услов во изработката на стаклото да учествува и самиот Вајсанкари Баба, некојси уметник, гордост на Индијците од тоа место. Прифатив и не се покајав затоа што многу работи научив од тој Вајсанкари.

Следниот ден започнавме со работата.

Запаливме оган под урмини дрвја.

Во нив ставивме камења од прастари храмови и направивме оган што се гледаше дури до центарот на градот. Потоа јас ја направив смесата со сода и со силициум, кои, како трговски претставник, секогаш ги носев со себе за репрезентација.

Главната работа, како и секогаш, беше во дувањето. Јас се бев концентрирал толку многу што бев направил некакви длабоки дишења, какви што бев научил кај Ото и кај Шаќир, а богами имав и еден учител од Индија за кој не ти кажав. Успеав да направам едно око од чисто опално стакло со таква убавина што самиот Вајсанкари се изненади. Кога стигна тој на ред, не зеде којзнае колку воздух, но побара три дена и три ноќи, односно можеби беа два дена и две ноќи, или, пак, дванесет, не се сеќавам, испоснички да седи на врвот од една крајпатна карпа. По тоа време се врати и почна да рецитира девет мантри, меѓу кои и онаа која вели:

О господине мој, одржавателу на сѐ што живее. Твоето вистинско лице е прекриено со Твојот заслепувачки сјај. Те молам, тргни ја таа покривка и покажи му Сѐ на Твојот чист Бхакта.

Е – ова беше клучниот момент по кој тој дувна во стаклото и создаде Будино око со божествени својства.

Морам да признаам дека оддалеку двете очи на Буда не се разликуваат, воопшто, а ти некогаш кога ќе одиш таму ќе умееш, можеби, сепак да направиш разлика. Моето око содржи чиста световна енергија, а окото на Вајсанкари божествени својства.

Двете очи кога гледаат заедно во некој човек, на овој му доаѓаат некави чудни струења низ телото, а велат дека, барем така сум слушнал од луѓе што биле таму по мене, многумина кои преспиваат во храмот и имаат некаква тешкотија особено, со очите, бидуваат излечени.

„А зошто, ти, татко, не се излечи?“ – праша момчето, гледајќи ги побелените очи на Храпешко.

Храпешко малку се збуни, се подистави, го намурти челото и рече дека морал под итно да се врати назад во Венеција. Да останел уште малку, сигурно ќе се излечел. Но не е исклучено некогаш пак да отиде таму, а ако сака момчето, можеби ќе отидат заедно и тогаш, секако, дека ќе се излечи.

     „А ако отидеш во Египет.

       Во музејот во Каиро.

Таму ќе видиш богата збирка на стаклени предмети од Сирија. Ламби, бардачиња, мали шишенца за чување течности со прекрасен дезен. Некои од нив се донесени од Фустат и Самара, некои од Антиохија, Алепо и Дамаск. И немој да се чудиш што Дамаск, можеби, е име за некаков материјал. Тоа е секако од поново време, ама порано најубавото стакло, на кое и самите Шпанци му симнувале капа, се викало дамаскстакло, или стаклото од Дамаск. Но најпрецизно кажано – сириско стакло.

Значи можев да ја започнам оваа авантура со реченицата Ако отидеш во Сирија, ама морав да кажам Каиро затоа што токму овде во овој музеј има неколку парчиња кои…

…ги сонував!

Се разбира, ќе речеш како можеш да сонуваш нешто што никогаш не си го видел, а јас ќе ти кажам дека тоа е исто како да прашаш како можат соништата да претскажуваат случки, и покрај тоа што тие навистина се случуваат. Се разбира, и ден-денес кога ќе се сетам на тој настан не ми се баш најјасни работите, затоа што, како што бидува во таквите случаи, не ми е јасно дали сум сонувал или навистина јас сум ги изработил тие парченца стакло. Но чекај, прво да слушнеш што ќе ти кажам, а потоа донесувај судови и заклучоци.“

„Повторно една интересна случка?“

„Секако… секако!“

„Значи, еднаш, додека работев кај Ото и додека произ- ведував мали животинки од стакло и додека правев брошеви и секакви парчиња скапоцено стакло имав една визија. Ти знаеш дека јас секогаш добивам визии кога сум премногу занесен во работата, а ако не знаеш за тоа сега јас ти го кажувам ова за да знаеш со кого си имаш работа. Ото велеше дека тие визии ми се дарба од Господ. Значи, имав визија за време на која бев паднал незгодно и ги бев повредил очите или така нешто. Во секој случај, во таа моја визија видов неколку работи на кои сѐ додека не стигнав во музејот во Каиро многу добро се сеќавав. Тоа беше сет од три ламби изработени во три различни техники и три различни начини на изработка и, се разбира, во три различни бои. Едната беше со дување во калап, втората со цилиндрична техника, а третата Господ да ме праша нема да знам како да одго- ворам. Најчудното од сѐ е што јас тогаш бев богат сириски трговец со скапоцености, кој наврати во една продавница и… ги видов овие три ламби кои веднаш ми се бендисаа, со оглед на тоа што беа прекрасен подарок за моите три жени. Три ламби и три жени. Да, да не се чудиш, тогаш бев оженет со три жени кои еднакво ги сакав и ги почитував, а се надевав дека и тие мене. Како и да е, тие парченца стакло имаа некакво волшепство во себе. Беа порабени со златни жички, а целото тело им мирисаше на стари ароми и источни мирудии и зачини. Едната испушташе жолт оган, другата црвен, а третата син. Точно како и боите на моите три жени. Знаеш, јас во тоа време не трпев едноличност.“ „Тато, мислам дека претеруваш.“

„Никако. Во секој случај, слушај понатаму!“

„Значи, јас се спогодив со сопственикот да ги купам ламбите и им ги подарив на моите три жени. И навечер кога ќе погледнев однадвор точно знаев која каде е. Во собата на онаа од Мароко светеше мароканско-црвена боја, на онаа од Кина кинеско-жолта, а на онаа од Русија руско-руса. И така си ги знаев која каде ми е.“

Тука Храпшеко застана затоа што забележа дека синот веќе не го слуша, туку дека го навалил лицето на едното рамо и ги затворил очите. Не спиеше, туку тагуваше.

На Храпешко му текна и веднаш продолжи:

„Трите жени ми се викаа Гулабија…”

Но попусто.

„Но во секој случај при една моја посета на Каиро ги видов токму тие три ламби. Некогаш, ако отидеш таму или ако отидеме заедно ќе ги видиш. И тогаш, можеби, ќе бидеш горд на твојот татко.“

„Уште за Тифани да ти кажам.

Јас не отидов кај Тифани. Тифани дојде кај мене.

Еве како се случи.“

Ама Бридан уморен од слушање веќе беше заспал.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *