ЈАжето на ЈƟже

Необјавен расказ од Станка Бајлозова-Барламова.

– Се викам Ɵја. Сакам да кажам… Што сакам да кажам? Безброј лакардии ми ги затнуваат алвеолите кои ги осеќам како треперат ко плет на меѓа што го дрма селска песочна бура. Уште тебе останав да те прашам ноќно море. Можам ли да ти заспијам в скут и да ти устурам литри солзи, ко да си мочал од трепет видувајќи ми ги раните кои се гнили и гнојни како и секое мое друго останато сетило преку кое можам да го допрам и вдишам животот!?

 Тот, от, от, от… – ко брза женска кобила која влече врзан плен по земјен пат, ноќното ехо расфрли семенки од женски глас по целиот крајбрежен полулак, кому му се губеше острата водена граница во песокот на брегот. Морската водена струја удираше единствено лево во карпите и во тенките ѕидови на минијатурниот чамец кој беше врзан за шилестата карпа во гребенот. Недалеку од десната страна на брегот, густата ноќна темнина ја пробиваше светло од пламен јазик кој осветлуваше дијаметар во чиј круг наседнале неколку туристи-кампувачи, кои пијат лименки пиво и бесно се напрегаат кој прв ќе извика кент пред останатите сокриени лепези од карти. Благото ветре продолжува да го ниша чамецот удирајќи го по тапиот задник и плиснувајќи му неколку ненадејни млазови кои подмолно му го полнат подот во внатрешноста, а истовремено потопувајќи ѝ ги и босите стапала на жената која со ноктите непрестајно го гребе лимено-пластичниот под.

 – Слушни ме море! Слушни ме! Син ми ЈƟже со јАже околу врат замина. – викаше колку што ја држи гласот не обзирајќи се кон кампувачите на другата страна од брегот кои играта карти и звукот од морските бранови ко да ги изолираа во посебен дел простор од каде што очигледно не можеа да дослушнат ништо.

– Ми велат болката се лекувала со дргнење на репата. Што да издргнам, кој корен да го исечам? Син ми ли од срцево да го издргнам море? Се вади ли срце од срце? Се бришат ли сеќавања кои ко зрак светлина сè уште ме држат в живот? – почна да липа на цел глас забрзувајќи го нишањето на чамецот.

– Што да избришам, а? Кажи ми не молчи! Ј ли да избришам? Ɵ ли да избришам? Ако ѝ го избришам дното на Ɵ што ќе ми остане? Што ќе ми остане, А? В раце ќе ми остане јАжето на ЈƟже… – липајќи и продолжувајќи да ги гребе ноктите од дното на чамецот, ги превитка колената во два остри агли кои полека и во длабок очај ги оставаше под стомакот, прилепувајќи го лицето на подот од чамецот, каде солта на морската вода и солта од нејзините солзи синтетизираа во едно.

Се ближеше полноќ. Струјата на морските бранови стануваше сè понеуморна и сè побесна удирајќи го левиот ѕид на чамецот од шилестите делови на карпите. Жената парализирано лежеше на подот давејќи си го лицето во мешавина од локви на солзи и морска вода. Водена пена до лудило се распостилаше врз заоблените камени површини. Иако сè уште липаше, сега и сопствениот глас едвај успеваше да си го дослушне. Конечно настапи долгоочекуваниот момент морето да зборува. А сега тоа викаше на сиот свој глас, заедно со карпите, брановите, пената и со сè друго со кое успеваше да создаде звук кој татнеше по крајбрежјето.

Чамецот го врзав со јАжето што ми го остави син ми. – зборувајќи си тивко сама со себе, го држеше лицето приклештено за подот на чамецот.

Посака да го исправи телото, но следниот бран толку силно го заниша чамецот што едвај се додржа да не му се фрли в прегратки на гребенот каде безброј шилести карпи под водата, го чекаа својот прв ноќен плен. Пенестата структура на брановите неколку пати посегна по јазолот кој полека се олабавуваше. Свртена со грбот кон брегот, не ни забележа дека клучката на врзаното јаже се ослободи, а во врвот на шилестата конусна карпа останаа неколку светло кафеави конци кои бидејќи беа мокри, морскиот ветер напразно се обидуваше да ги извади од каменот.

Во истиот миг во далечината на брегот еден од кампувачите ја заврши играта со победоносен резултат извикувајќи задоволно колку што го држеше гласот: „Ɵ јеааа!“

Наеднаш жената се сврте со лицето кон брегот, помислувајќи дека некој ја довикува по име бидејќи фрекфенциите кои ги пренесоа морските бранови до карпите, создаваа звучно ехо кое во гребенот се дослушна како: „Ɵјаааа!“

Силниот ветер го преврте јажето во клобо и насилно го фрли во внатрешноста од чамецот. Жената се обиде да се дофати за јажето, но морските струи бесно се нафрлија врз нејзината пловка.

Два часа подоцна морето беше непрепознатливо тивко. На другиот крај од брегот кампувачите сè уште играа карти. Еден од нив повторно извика на цел глас: „Ɵјаааа!“ На околу триста метри од карпите ко мирна бебешка лулка се нишаше еден чамец. Внатре немаше никој. На подот потопено во солена морска вода беше останало само ЈАжето на ЈƟже.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *