Крај-пат (извадок)

Извадок од романот „Крај-пат“ на Игор Анѓелков.

Здодевните денови, не е тајна, сакам да ги разбијам дружејќи се со мојата Маша. Иако не беше комплетно моја, сепак, јас си ја чувствував како таква и не сакав да се откажам од таа вибрација која ме туркаше напред. Маша не ми дозволуваше ниту да ја држам за рака, но затоа знаеше во мојот сив и некреативен ден да внесе многу боја, без тоа да го барам од неа.
– Ајде, качувај се, одиме до напуштената фабрика да фатиме некој добар кадар – ми дофрли додека се обидував да видам дали има некое ново изненадување во поштенското сандаче, ритуал што си го практикувам веќе долго време.
– Не ја сакам таа руина, ме плаши.
– Будалче! Ќе одам сама – играше на сигурна карта.
– Нормално дека нема да ти дозволам да одиш сама. Направи место – ѝ дофрлив и веќе се најдов зад неа на веспата која не беше од оние, брзите.
Го обожавав нејзиниот мирис. Додека смирено минувавме низ тесните улици, по најкраткиот пат за да стигнеме до напуштената фабрика која многумина се обидоа да ја купат за евтини пари, останувајќи на крајот со куси ракави, јас стопроцентно ги користев миговите од соништата, силно вшмукувајќи го мирисот на нејзината коса, која понесена од ветрот ги галеше моите образи.
-Не стегај ме толку, ме боли – се сврте за момент Маша кон мене, опоменувајќи ме, и дури тогаш сфатив колку многу ја стегам со моите скаменети дланки околу половината.
Ги опуштив рацете и продолжив да уживам во пријатното возење, додека пред нас не се појави најголемата хала од поранешната Стакларница.
– Ајде, влегуваме – ми рече додека се симнувавме од моторот – и те молам, за почеток, земи го апаратот. Јас првин сакам да го истражам теренот.
– Океј – се сложив, го отворив седиштето и го собрав фото-апаратот за кој одамна знам дека ѝ е подарок од првата сериозна симпатија, која ми кажа дека никогаш нема да ја заборави, откако тој замина во странство.
Се свртев и сфатив дека Маша веќе исчезнала. Влезот во халата беше малку подолу, и се упатив кон него. Пред мене се појави една огромна, тешка врата, која ако не беше малку подотворена, не знам како ќе влезев. Ѕирнав и, нормално, внатре ме дочека огромна празнина пресечена единствено од сончевите зраци кои под разни агли паѓаа од високите искршени прозорци. Единственото нешто што потсетуваше на намената на оваа огромна руина во минатото беа ситните парчиња стакло по подот, кои светлуцкаа кога врз нив ќе паднеше трошка сончева светлина. Бев фрапиран од филмската глетка. Добив желба да направам некоја арт-фотка.
– Не чепкај го апаратот, знаеш дека тој е мое милениче и моја сопственост – вресна Маша некаде од горе.
Го кренав погледот обидувајќи се да ја најдам. Таа за кратко време успеала да се качи на гредите на покривот и да завладее со ситуацијата од птичја перспектива, што ми даде на знаење дека добро го познава теренот и дека сигурно и претходно била овде.
– Го обожавам местово, бидејќи секој пат добивам различни фотографии, иако се работи само за празна хала во која речиси нема ништо – ми објасни небесната драга како да ми ги читаше мислите.
– Не мислиш дека премногу ризикуваш за неколку фотографии? – влегов во родителски филм.
– Неколку ОДЛИЧНИ фотографии, будалче – се насмевна Маша. – А за тоа вреди и да се загине.
– Добро, ти верувам, само не терај ме да се качам горе за да ти го донесам апаратот – бев сигурен во својата не-намера.
– Јас ти откривам кул место, а ти изигруваш кукавица. Па дај…
Пред да успеам да се засрамам, Маша сепак ме извади од кашата.
– Еве, ќе пуштам едно јаже, кое ти ќе го дофатиш, ќе го заврзеш апаратот на него и јас ќе го повлечам кон мене. Фер?
– Фер!
Мојата мала госпоѓица организирала сè, но ѝ бил потребен асистент. А-ха! Па добро, сепак беше во право кога ми рече дека ова е нешто ново за мене, а јас авантурите со неа ги сметав за највозбудлив дел од мојот краток живот на планетата Земја.
Направив како што беше замислила, и апаратот стигна до неа без никаков проблем. Чкрапањето во следните половина час беше единствениот звук кој одекнуваше од околните ѕидови, давајќи му нова димензија на мртвиот простор. Јас седнав на еден стар, искршен стол на кој едвај одржував рамнотежа, но токму таа состојба на левитација совршено ја отсликуваше целата надреална ситуација во која се наоѓав заедно со мојата Маша.
Откако заврши со фото-сеансата, таа како жена-пајак се спушти до долу по истото јаже по кое ѝ го испорачав апаратот, со неколку кратки удари ја истресе прашината од себе, неуверливо ме бакна во образот и тргна кон излезната врата. Не ми остана ништо друго, освен да ја следам, знаејќи дека тоа што денес ја придружував на оваа чудна фото-мисија, Маша и тоа како ќе го цени. Но, бев среќен и поради тоа што следеше вториот дел од филмот насловен возење-на-веспа-со-Маша-додека-силно-ја-држам-околу-половината-и-со-полни-гради-го-вдишувам-мирисот-на-нејзината-коса, а за тоа вреди човек да се радува и да живее.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *