Куќа над брановите (извадок)

Извадок од книгата „Куќа над брановите“ на Билјана Црвенковска.

11.

„Кој си ти?“ го праша со зарипнат глас, едвај успевајќи да се соземе. Тој молчеше. Ја гледаше со нескриена љубопитност, како мало дете кое се воодушевува на нова играчка, како истражувач кој тукушто открил нова земја.

„Како дојде на островов?“

Повторно молк.

Ја погледна безизразно, па испушти нешто што личеше на воздишка, но можеше да биде и смеење. Бела се исправи и го погледна в лице, дури и малку налутено. Сега, одблизу, тој воопшто не личеше на Лукијан. Ја потсетуваше на некој друг, но не можеше да се сети на кого.

„Како се викаш?“ инсистираше.

Тој ги затвори очите. Таа нестрпливо чекаше, а потоа го постави следното прашање.

„Ме разбираш ли воопшто што те прашувам?“

Тој ги отвори очите и ја погледна.

„Арон“, рече. Само тој еден единствен збор.

„Се викаш Арон?“

Кимна со главата. Потоа повторно ги затвори очите.

„Од каде дојде? Има ли… има ли други?“ праша со надеж.

Ја погледна и одмавна со главата, замислено. Бела помисли дека насетува тага во неговиот поглед, но во следниот миг тој беше еднакво безизразен како и претходно.

„Како?…“ сакаше да праша уште нешто, но тој ја прекина.

„Има време за прашања. И време за одговори. Не сега.“

Стана брзо и за миг исчезна меѓу дрвјата, подвижен и вешт како газела.

12.

Следните неколку дена немаше ни трага од Арон. Попусто го крстосуваше островот надолж и попреку, не го најде никаде.

Едно попладне, додека задлабочено ги читаше нотесите на Михаел, ја најде следнава песна:

Во моите соништа

и во преодот меѓу нив

таму некаде

во зашеметеноста

во маглата…

таму

ти немаш лице.

Имаш кукул

и маска

темна сенка

замаглена празнина.

А од темнината

извира

енергија…

луда,

незапирлива,

топла и разорна,

морничава и екстатична.

Таму

во твојот свет

каде што не важат правилата

на редот

и на логиката

таму

ти си ураган на спротивставени чувства

ти зборуваш со глас што само јас го слушам…

Ти немаш лице

имаш маска

темна сенка

црна дупка

што ме влече

ме обвива

и полека

ме убива.

Истата вечер, Арон се врати.

13.

Тој стоеше во дворот од куќата, осветлен од полната месечина. Неподвижен, со погледот вперен во нејзиниот прозорец.

Знаеше дека не е привидение, затоа што и Макс го забележа од прозорецот и почна да гребе со шепите по рамот, барајќи да излезе надвор. Се однесуваше како да го познава, или како да чувствува некој порив да оди кај него.

Но, таа немаше таква потреба, напротив, реши да го игнорира. Не знаеше како и од каде се јави тој отпор кај неа, по долгите денови минати во потрага по него. Не беше во прашање страв, ниту лутина, ниту резигнираност. Едноставно, како да не сакаше да открие повеќе и да се соочи со вистината.

„Незнаењето е благослов. А разоткривањето на тајните што ниту еден смртник не би требало да ги знае, носи само болка и страдање.“

Зборовите на Михаел одѕвонуваа во нејзината глава. Ја повлече завесата, ја исклучи светилката и легна на креветот.

Но, сонот како за инает не доаѓаше. Одвреме-навреме ќе потстанеше од креветот и ќе погледнеше низ прозорецот и ќе го најдеше во истата положба, како да не се ни помрднал, како да не ни трепнал. А на секое нејзино станување Макс се стрчуваше кон прозорецот и секојпат сѐ поревносно и поупорно настојуваше да излезе надвор.

Околу 3 по полноќ почна да врне. Тој сѐ уште беше таму.

Околу 4 лееше и ветровите виеја и трескаа, како да сакаа да го истурат својот гнев врз островот. А Арон не го допираше ништо од сето тоа што се случуваше околу него.

Околу 6 природата се смири, а Бела конечно задрема, првин губејќи се во некаков неспокоен полусон, за да почне потоа да понира сѐ подлабоко во вителот од фантазмагорични сеќавања.

Старите скали чкрипат додека се качува по нив. Високи се и стрмни, па едвај успева да ги искачи. Но, нема да се откаже, зашто е сигурна дека на таванот има богатство.

Ете, веќе е таму, горе, во тајното таванско сопче. „Се надевам дека духовите дење спијат“, му шепнува на Ари, нејзиниот најдобар другар, кој може да го види, се разбира, само таа – и никој друг.

Ари се плаши, одмавнува со главата, но таа го фаќа за рака и го влече кон најтемниот дел од таванот.

„Вклучи ја светилката!“ вели Ари.

Ја вклучува малата батериска ламба и ја вперува пред себе. И во тој миг го здогледува: ковчегот со богатството!

Се стрчува накај него, додека Ари се колеба.

„Побрзај!“ му вели. „Да го отвориме заедно“.

Ари доаѓа да ѝ помогне, здружно го креваат капакот и…

„Уф!“

„Уф!“ повторува Ари.

Во ковчегот има само стари хартии. Почнува да ги фаќа, да буричка низ нив, да ги загледува. За жал, сѐ уште не знае да чита, а сигурно и она што е напишано на нив не е интересно. Додека претура во ковчегот, меѓу хартиите наоѓа и стара фотографија. Некоја жена, вистинска убавица. На прв поглед се вљубува во неа.

„Ари, можеби ова е мама“, му вели. „Дедо вели дека тато ги скрил сите фотографии од неа, затоа што премногу го боли да ги гледа. Сигурно е мама, нели?“

„Мама. Сигурно“, повторува Ари по неа.

Ја врти фотографијата од задната страна, а на неа пишува нешто, со молив… веќе речиси сосема избледено. Но, тие чкртки не ја интересираат воопшто. Ја става фотографијата во џебот и потоа нежно го гали однадвор со рачето.

„Мама.“

Се разбуди испотена и со главоболка. Го погледна часовникот. 07:00. Не спиела ни еден час. Затоа и се чувствува толку исцрпено.

Од часовникот, погледот ѝ паѓа на фотографијата до него, врамена во старинска дрвена рамка.

Фотографијата од сонот. Мајка ѝ, која никогаш не ја запозна. Навистина, овој сон беше сеќавање, иако еден дел од него – нејзиното имагинарно другарче Ари – го беше заборавила. Сега се сети на него и на тој ден на таванот.

Кога слезе оттаму отрча право во работната соба, каде што Михаел седеше, како по обичај, зад работната маса и пишуваше. Дојде до него, задишана, ја извади фотографијата од џебот и му ја тутна в рака. Се сеќаваше, како да беше вчера, на неговиот вчудовиден израз, на заматениот поглед, на тагата што не умееше да ја скрие.

„Ова е мама?“ го праша.

„Мама…“, промрмори тој.

„Знаев дека е мама штом ја најдов! Знаев! Тато сигурно ја скрил во ковчегот на таванот.“

Михаел чудно ја погледна, воздивна, па одеднаш ја зеде в раце и силно ја гушна.

„Да, тоа е мајка ти. Но, чувај ја фотографијата убаво и не му ја покажувај на татко ти, за да не го растажи, важи? Нека биде ова нашата тајна!“

„Тајна…“, прошепоти таа додека ја враќаше фотографијата во џебот.

Следниот ден, Михаел ѝ ја донесе рамката. Заедно ја врамија и ја скрија во сандакот со играчки на Бела, каде што стоеше долги години. Ја извади и ја стави на ноќното масиче покрај креветот дури откако почина Петар.

Сега, кога повторно ја загледа со истата љубопитност, но триесет години подоцна, со очите на возрасна жена, нешто ја заскокотка во утробата. Нешто, нешто, нешто беше изместено, чудно, несоодветно…

Посегна по фотографијата и ја заврти наопаку, па полека ја отвори рамката. Задниот дел од фотографијата беше малку пожолтен, но на него сѐ уште стоеше бледиот испис со молив:

Марија, 15.10.1995

Се ококори, а срцето почна да ѝ бие силно во градите. Солзи ѝ надојдоа во очите. Проклет да си, Михаел, си помисли бесно. Зошто ме лажеше? Зошто???

Жената на фотографијата, очигледно, беше мајката на Михаел – Марија. Нејзината прабаба.

Стана од креветот и ја тргна завесата од прозорецот. Арон беше таму, на истото место, гледајќи во неа со немо исчекување.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *