Можел да се вика Генади, овој маченик

Извадок од збирката „Одбрани раскази“ на Божин Павловски.

Некој човек со вреќа валкана облека сигурно минувал по џадето и го потиснала обична стара волска кола. Луѓето од мојата котлина се собраа околу мртвото тело на тој непознат патник, можеби воин, и не знаеја што да сторат со неговото тело. Патникот згмечен во главата – сонцето јакнеше и можеше да ги натера мувите да лазат по крвта, да ја крадат потта од телото. Луѓето гледаа собрани и зачудени како можело тоа да се случи.

Ова момче сум го видел в планина, рече човекот со лузна, сигурно се враќало од печалба кај своите. Ги има и такви на овој бел, немирен свет.

Патникот со згмечена глава немал многу години и другите можеа да го наречат момче или загубено дете. Нив од други причини им се брзаше, околу чекаа пролетните сеидби, надоаѓаа пролетните води, но ете застанаа до настраданиот и не мрднаа.

Не можело да се враќа од печалба, рече човекот со лопата, затоа што напролет се оди на печалба. Јас секогаш од оваа котлина сум заминувал напролет, а тоа не се вика печалба, туку заработувачка.

Овој патник задоцнил, рече една жена.

Другите се погледнаа: ги виткаа рацете затоа што глетката беше страшна. Во рацете чуваа земјоделски алати, а косата им се возбудуваше од крвта под колата.

На палтенцето пишува Генади, рече рударот, сигурно овој маченик се викал Генади.

Се доближи до колата и внимателно ги прочита буквите, како да научил скоро да чита. До него човекот со лузна беше многу немирен, зборуваше и како да не беше среќен бидејќи не го слушаа сите.

Можел да се вика Генади, викна тој за сите, можел тој Генади да се враќа од печалба во оваа далечна котлина. Овдека може да се случува сешто.

Човекот со лопата негодуваше, се обидуваше да објасни дека напролет, почнуваат селидбите од нашата котлина, тоа било познато уште од првото печалбарање, па значи и овој мртов патник или воин морал да оди некаде на север. Жените често офкаа како да ги боли, човекот со лузна говореше кон сите.

Можеби е печалбар па се враќал в планина да пасе овци, несигурно рече рударот. Каква несреќа.

Човекот со лузна рипкаше по земјата, гледаше во сонцето и сакаше да напомне дека денот исчезнува, но нешто како да го запираше.

Има живот на онаа планина, рече и покажа на густата гора, овој печалбар доцна сознал дека може да умре каде што се родил.

Човекот со лопата ќе пукнеше од мака: говореше вистинито и чесно, како што чувствува.

Ама не, човеку, рече тој, нека се викал Генади и нека бил роден во овој предел, но секако морал да оди некаде, а не да се враќа.

Рударот ја пикнуваше главата под тркалата на волската кола за да прочита уште нешто на облеката од патникот или да пронајде знак за да го спознае.

Во вреќулето има валкани кошули и варосани панталони, рече изненадено, има и метални динари.

    Жените слушнаа, сите сфатија и се поиставија. Оттаму пак се трудеа да му го видат лицето на мртовецот.

Велам јас, зина човекот со лузна, се враќал в планина, кај своите луѓе за да му ја исперат облеката и да го остави заработеното. Има и такви што се перат во нашата котлина.

Човекот со лопата луто гледаше, не се сложуваше, како да сакаше нешто да стори. Луѓето од мојата котлина стоеја со собрани раце, на џадето до превртената волска кола. На мртвиот патник или задоцнет воин и муви веќе се збираа.

Да го извадиме и да го покриеме, викна потоа рударот, ајде да го извадиме кога веќе знаеме дека се викал Генади.

Потоа кажуваше дека во рударските несреќи настраданиот секогаш е покриен и не го вознемируваат муви. Рака на срце, на другите им се лошеше од зборовите, ги криеја очите и стоеја собрани. Човекот со лузна се сложи и го оставаше стапот со кој се крепеше на првата жега, жените почнаа меѓу себе да шепотат.

Млада мајка со дете во рака в планина го чека, рече една.

Другите можеа секако да помислат, беа возбудени и несреќни поради патникот и поради работата што чекаше в поле.

Чекајте, викна работникот со лопата, чекајте да дојде милицијата. Инаку, не смееме да мешаме под колата.

Луѓето застанаа пак загледани во мртвиот патник, кој можел да се вика Генади. Држеа во рацете алатки за работа и се готвеа да се растурат по полето што се запечуваше. Некои потнеа по лицата бидејќи почнуваше лето, а оние што се плашеа од крвта длабоко дишеа, како гладни.

Ама зошто да чекаме, викна човекот со лузна, и ние имаме работа. Милицијата може и утре да дојде.                                                                                         

Рударот се сложуваше со него и дури беше готов сам сосила да ја исправи колата. Се вртеше накај рудникот и тивко говореше дека задоцнал на работилиштето, пропаднал работниот сончев ден.

Овој Генади можел и да нема име, продолжи човекот со лузна, да не е воин ниту патник, но и тогаш ние мораме да го ивадиме и да го покриеме со платно.

На човекот со лопата му доаѓаше да избега. Ја нишаше главата како да верува дека е старецот заблуден и нетокму. Жените ништо не разбираа, како да се чудеа зошто сѐ уште се збрани на џадето.

Такво име немаме во котлината, рече човекот со лопата, ова момче или воин можело да се вика Генади, но ние не сме сигурни. Да измислиме име, но ако го извадиме од под колата — ќе биде лошо.

Рударот слушна, ја покрена торбичката со храна и се готви да замине на рудникот, притоа го посматраше и полето наоколу, но беше сигурен дека не е убиец на патникот бидејќи немаше ни кола со волови ни грутка земја за  обработување.

Лошото минало, рече кога сакаше да отиде, гревота би било Генади да го оставиме на мувите.

Жените се раздвижија, можеа заедно да побараат да се извади пострадниот Генади. Тие не разбираа ни како умрел младиот патник или воин ниту пак што барал под колата во оваа далечна котлина. Под кола веќе шетаа зраците на сонцето и ја сушеа крвта на лицето од мртовецот и на земјата.

Разбирам бре, рудари, тажно рече човекот со лопата, најпосле еве ја милицијата. Ќе запише како лежел под колата и тогаш ќе го извадиме.

    Луѓето се свртеа накај џадето: од едната страна навистина доаѓаа двајца милиционери со јадици за риби што им ги одзеле на децата по реката.

Сепак, овој Генади морал да се враќа од печалба, пак продолжи човекот со лузна, тој можел и да нема име, но ете зачувал динари за семејството.

Рударот ги крена рамениците: милиционерите дојдоа и испитаа. Како се завртела волската кола, каде го стапнала патникот, а потоа извадија тефтери.

Чија е колата, прашаа тие.

Жените се погледнаа, нервозно се вртеа, како нешто да очекуваа. Рударот беше среќен, немал ниту волови и не можат да го обвинат. Човекот со лузна дури сега се вртеше по страните и гласно прашуваше кој бил тој плашливец што избегал и оставил патникот да умре.

Чија е колата, грубо прашаа милиционерите.

Моја е, рече човекот со лопата, колата е моја.

Луѓето се скаменија: сакаа што порано се растурат по нивјето за да ја работат земјата. Уште беа љубопитни, но веќе се плашеа. Рударот не веруваше дека човекот со лопата го има згмечено непознатиот патник.

Како загинал патникот, прашаа милиционерите.

Не знам, веднаш рече човекот со лопата со срам на лицето, просто не знам.

Луѓето пак чекаа изненадување: човекот со лузна говореше дека во котлината има луѓе како оној со лопата, со лице и опачина, со душа и без неа. А овој навистина не умееше да се брани.

Како е убиен патникот, пак прашаа милиционерите. Луѓето од мојата котлина се испогледаа: добар човек беше овој со лопата, како да си рекоа, што му требало да убива патници или воини. Тие се вртеа еден спрема друг и држеа до тоа да отидат под колата и да го заштитат Генади од мувите.

Колата сама се свртела и го потиснала, приговори човекот со лопата, колата беше на работ од џадето.

Милиционерите забележаа сомнително: сама го потиснала. Се објаснија меѓу себе и потем им се обратија на другите. Овие се стресоа да не бидат обвинети.

Што барала колата овдека, прашаа милиционерите потоа.

Луѓето од котлината најпрво не сакаа да кажат што барала волската кола на работ од џадето. И човекот со лопата беше возбуден, но молчеше кога го прашаа како дошла на џадето.

Човекот со лопата има добра душа, тогаш рекоа жените.

На милиционерите како да им беше сѐ исто: со тефтерите чекаа уште да забележат. Понекогаш ѕирнуваа во настраданиот Генади и им стануваше неудобно. Човекот со лопата рече:

Носев песок за туѓи куќи во котлинава.

Луѓето зинаа, милиционерите одобрија со глава, а човекот со лопата издивна верувајќи дека кажал сѐ. Милиционерите уште еднаш се свртеа накај постраданиот патник.

Луѓето што прават куќи имаат добри души, рекоа насобраните до колата, сите им помагаме кога треба.

Милиционерите беа мирни, недвижни и се готвеа нешто да наредат. Се чувствуваше здодевност и негодување, немир во просторот, а човекот со лузна говореше и натаму дека од ништо може да дојде сешто. Рударот гледаше во часовникот и тивко кажуваше дека му пропаднало работното време.

Човеку со лопата, рекоа потоа милиционерите, стави го настраданиот во колата и однеси го некаде. Потоа дојди в милиција, за да те затвориме.

Луѓето гласно негодуваа ги скрстија рацете просто, им беше криво зошто така се случува. Човекот со лузна викаше дека оној што нема во главата ќе си го добие во нозете.

Човекот со лопата е добар работник, рекоа некои, не може да биде виновен.

Милиционерите се готвеа да заминат, времето стануваше жешко, печеше по главите, почнуваше лето.

Затоа што е добар, сам ќе дојде да го затвориме, рекоа тие.

Навистина на сите им беше нејасно: човекот е можеби невин како дете, а ете што се случува. Рударот веќе гласно тврдеше дека колата сама се лизнала и се превртела, а тој, патникот или воин Генади пиел вода под џадето во реката и така загинал.

Другари, потоа викна човекот со лопата кон милиционерите, каде да го однесам Генади.

Милиционерите не знаеја да одговорат: човекот со лузна можеше да вика дека патникот се враќал в планина оддалеку, ваму му се наоѓа семејството. Жените веќе лелекаа: којзнае која мајка го причекува жив да го прегрне.

Однеси го некаде, каде било, рекоа милиционерите на одење. Однеси го макар на гробишта. Тој е добар човек, викнаа, однеси го и дојди в милиција да те затвориме.

Потоа нив ги снема, исчезнаа, а човекот со лопата ја крена колата со помошта на рударот и тргна накај сувата планина. Луѓето се растурија како ништо да не било на џадето. Човекот со лузна, со алати в раце се движеше кон луѓето, си ја бришеше потта и сѐ уште мрмореше.

Можел да се враќа од печалба, можел оној сиромав Генади да нема име, сепак, колку смешно си умре.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *