Извадок од романот „Најосаменото место“ на Симеон Јанков.
Мракот ги голташе последните остатоци дневна светлина. Добив желба да пропешачам колку што е можно подолго, што практично значеше дека така и ќе стигнам дома. На моменти ми доаѓаше чудно ласкаво чувство на резигнирана радост, но траеше прекусо за да може да ме обземе. Во таквите мигови ми стануваше мило што сум се вмешал, но поради неостварената желба по толку посакуваното кафе, чувствував огорченост. Денот не беше совршен, каков што помислив дека ќе биде; апатија, длабока и безмалку летаргична, ми ги влечеше нозете по тротоарот крај главната улица, се разминував со многу непознати лица, од кои, ништо чудно, некои и познавав, но сеедно, како да ги гледав првпат. Беа безлични, не можеше да им се определи возраста, небаре духови од различни времиња зјапаа во мене, си шепотеа на уво и придушено се смееја откако ќе ги одминев. Можеби и со прсти покажуваа кон мене и се прашуваа што ми е, но никој не собра одлучност мене да ме праша. Како да се плашеа од моите студени очи. Идеалниот час за најубавото кафе остана зад мене, остана во скаменетите мигови од најблиското минато, во ветрецот на прозорчето во автобусот и пролетното сонце по симнувањето. Ќе делував доста чудно ако таа забележеше како се упатувам кон трговскиот бидејќи ми предложи веднаш да седнеме, а јас ја излажав дека страшно се брзам. Всушност, не брзав никаде зашто сега предолго беше моето време и можеше да помине само во кафулето во кое, неколкупати, на почетокот на нашата врска, свративме со Рената. Тоа беше она истото во кое пред дваесет години за првпат излегов со Изабела. Како да морав уште еднаш, за последен пат, да поминам низ истото и повторно, макар и накусо, да го иссонувам тој дамнешен сон, но не како директен учесник, туку како набљудувач на нешто во што никогаш не сум учествувал бидејќи тоа веќе немаше да бидам јас. Седнав на една тркалезна масичка, сместена во спротивниот агол од онаа на која за првпат седев со Изабела, а потоа и неколкупати со Рената, и си нарачав дупла вотка. Кога келнерката ми ја донесе, ме праша дали би сакал и газоза, при што јас збунето ја погледнав, потоа кимнав, сепнувајќи се од тоа како веднаш погодила; си помислив дури и дека е онаа истата, како и таа да се скаменила заедно со онаа вечер и останала во некаква временска стапица од каде никогаш нема да се избави. Пиевме газоза таа вечер, тоа сѐ уште кристално јасно го помнев. Меѓутоа, газозата ја пресече и вотката на фотелјата во зградата со вистински број и соодветна улица. На миг помислив дека можеби во таа тинејџерска еуфорија нејзе сме ѝ се пофалиле како сме си поминале, па таа се одушевила толку, што дури до денес нашите зборови ги запомнила. Но, келнерката тогаш беше само малку постара од нас, а оваа сегашнава можеби уште користела пелени во тоа време или со помош на мајка си учела самостојно да оди, како детето под пролетното сонце по моето симнување од автобусот. Свиреше тивок џез. Влезе друштво од четири жени од по триесет и некоја, а по нив и една средовечна двојка, маж и жена за кои произволно претпоставив дека се прељубници, но никој не седна на тоа место. Како навистина да му припаѓаше на минатото. Откако ја испив сечената дупла вотка и пак си го нарачав истото, двајца средношколци веќе седеа таму; тоа бевме Изабела и јас, а јас веќе не бев јас, туку некој перверзен набљудувач што го пика носот каде што не треба. Се бакнуваат во усни, тој нежно ѝ ја држи раката, таа се смее и нешто смешно му шепоти, а мене ушите ми ги пробива звукот на возот, силен е и трескав, како преку прагот на мојот стан да се поминува веднаш на шините. Таа му кажува дека треба да си ја поправи косата, станува и се упатува кон тоалетот. Тој ја чека, станува сѐ понестрплив, поминуваат 20 минути, поминува час, и година поминува, но таа веќе никогаш не се враќа. Со години не се помрднува од тоа место, како да минува цела вечност; подостарен е, ја губи свежината на образите, на челото има бори, а над него залистоци ќелавост. Веќе одамна не свири џез, некоја многу почудна музика од некаде навлегува, средно високи потпетици и убави колена наполу скриени под здолништето, влегуваат. Малку е повозрасна од него, но сепак, сѐ уште вистинска убавица. Тој станува и ја стиска во својата прегратка, ја гушка, како никогаш да не сака да ја пушти. „Изабела, ми се врати! Скоро 20 години те чекам!“ Таа го оттурнува и презриво го одмерува, како да проценува колку требало да испие за да се осмели на таков испад. „Сте ме помешале со некоја друга, господине! Моето име е Рената.“ Рамената му клапнуваат, ледени солзи му избиваат од очите втренчени во нејзините.
„Не шегувај се, те молам“, пелтечи молежливо, акцентирајќи го речиси секој слог. Но, таа не покажува никаква реакција што би го утешила; стои и пркосно молчи, со облактена дефанзивност на градите. Се вмешува келнерката, но не кај нив, туку на мојата маса; косата ѝ е разбушавена како на вештица, веѓите очајно накострешени. Ме прашува имам ли осет, каде ми е воспитанието и дали конечно ќе си заминам зашто во спротивно ни таа не може да си отиде дома, а толку чезнее, чека многу години, нејзините сигурно веќе ја прежалиле и мислат дека е одамна мртва. А мене сѐ ми се чини дека само сака да ми го одвлече вниманието, па брцнувам во џебот и оставам илјадарка на масата, со снисходлива великодушност велејќи ѝ да го задржи кусурот, но таа веќе со длабоко потиштено лице и зборови што ги изговара, но ми се чини дека не допираат до мене, ама некако по усните ѝ читам, ми вели дека никакви пари не можат да го надоместат загубеното време. Јас станувам, Рената излегува, се вртам, го нема типот, масата е празна. Се втурнувам по неа, излегувам задишан и барам, со очите долго барам, иако добро знам дека веќе никогаш нема да ја најдам. Како маѓепсан стојам пред кафулето. Оттаму повторно се слуша тивок џез.
Си дојдов дома и веднаш изедов еден портокал. Се сетив на портокалките на дедо ми. Кога бев мал, тој ќе скинеше портокалка од јаболкницата, ќе ја пресечеше на половина, без да ја лупи, за да ја задржи бојата, и со ноже ќе ја отстранеше сржта. Во нејзината вдлабнатина го пикнував јазикот; така сакав постепено да навлезам во вкусот. И, потоа гризнував како прегладнет стаорец. Но, многу години подоцна, кога сосема неочекувано наидов на една портокалка од одамна исушената јаболкница, тоа не се случи во присуство на дедо ми. Ги затворав очите, дишев плитко и возбудено, Изабела јачеше, стенкаше и зелено се смееше едновремено, а јас нежно го лижев дупчето меѓу нејзините раширени нозе, но тоа дупче не беше нејзиниот репродуктивен орган и беше сместено малку под него. Во спротивно, ќе имавме секс пред предвиденото време. Да, тоа беше онаа краткотрајна мантра од детството… почетокот и крајот! Таа признаваше дека доживува прекрасно искуство и откако ќе завршевме, продолжуваше соблазниво да ме гледа иако се чувствуваше и по малку непријатно поради мене, но за никаква непријатност не можеше да стане ни збор, јас само го открив тоа што со години го барав, а таа ми го даде неопходниот поттик. Доживувањето ми беше толку присно, што не ми паѓаше на памет да го направам тоа со некоја друга, сѐ додека не ја запознав Рената.
Нејзиното име беше Емилија. Не сакаше никој да ѝ го скусува; Еми ѝ звучело како извик, Ема – како честица, а Емче ја асоцирало на сутлијач или топено сирење со вегета и некои други поостри зачини. Живееше во зградата пред која се случи инцидентот. Таа беше жената што на истото место ја видов есеноска, немаше никаков сомнеж во тоа. Но немав ни сомнеж дека онојпат кога толку вознемирено се упатив кон нејзината зграда, прашувајќи се каде е навистина Рената, јас делумно, иако тогаш не си го признавав тоа, итав со надеж дека ќе ја сретнам неа. Но, погледнати одблизу, не си личеа до толку, иако беа подеднакво убави. Имаа очи со иста боја и слични, совршени носови, но усните на Емилија беа малку поголеми и ја немаше светлината на тенот на Рената. Беше барем 2 сантиметри пониска и 14 години помлада од неа. Долго се колебав како да почнам. Иако не бев особено возбуден што ќе ја видам, не смеев да си дозволам да бидам пренебрежлив. Ако ѝ напишам порака и не ѝ се јавам директно, би можела да си помисли дека сум плашлив, ама не, веќе виде дека не сум таков, само недоволно заинтересиран. Се замислувам себеси како ѝ праќам порака, таа ја чита, ја остава, па по пет минути ја препрочитува, ги одмерува зборовите, главоболка ѝ ги подзатвора очите и јанѕиво ѝ ги згрчува веѓите, прстите ѝ се лизгаат во влажното чело. Станува од креветот и се упатува кон работната масичка. Нешто ја жега под половината, ги спушта тренерките сосе гаќичките и мрзоволно седнува, сака да си го олади дното. Десниот лакот е на голото колено, наклонетиот образ потпрен на дланката, во левата го држи мобилниот; збунето зјапа во него и само бегло, како на кришум, погледнува во невклучениот компјутер. Останува да седи така десет минути и уште не знае што и дали воопшто да ми одговори. Размислува како да ми објасни дека поканата важела само за тој ден и била резултат на таквиот склоп на околности, инаку има многу убаво мислење за мене и баш затоа не сака да ми дава лажни надежи. Тој вчера пак бил кај неа и ја молел да му даде уште една шанса. Легнуваат. Дури шестпати доживува оргазам, последниот сѐ уште ја скокотка меѓу нозете. Не ми враќа ништо, се надева дека самиот ќе сфатам. Ми се чини дека ја сфаќам. Продолжува да се гледа со него. Најдобро е да почекам уште недела дена. Освен тоа, може и таа прва да ми се јави или да ми пише, барем знае да пишува. Но, јас се стресувам од тоа што по десет дена може по порталите да го пишува. Убиена жена во својот стан. На улица таа и таа. Осомничениот сторител е „нејзиниот бивш пријател“. Ја задавил во напад на страшна љубомора. Неодамна бил приведен за насилство врз неа, но тоа се случило на улица, а дома немало кој да ѝ помогне. Осомничениот веднаш ја признал вината и длабоко се кае. Вели, сѐ се случило во афект. Нејзиното мртво тело е предадено на обдукција. Ваквото сценарио ме исплаши, веднаш ѝ свртев и се договоривме да излеземе на пијачка. Се најдовме во едно од помалите кафулиња во центарот на градот што јас го предложив и беше доволно познато самата да го знае. Како за прва средба, сметав дека треба да се видиме на некое неутрално место, подалеку од мојот и нејзиниот дом. Не сакав ни најмалку да алудирам каде би можеле да продолжиме по пијачката.Тргнав пешки, и онака ми беше близу. Ќе беше неумесно да задоцнам и да ја оставам да ме чека, но ќе се чувствував особено глупаво ако стигнев 15 минути порано, па и таа поранеше и ме затекнеше како јас ја чекам. Ќе беше оптимално да пристигнам точно навреме или најмногу две-три минути порано. Облеков црна кошула и сиво палто; сакав да изгледам посериозно, а и не ќе ми се допаднеше ако носев нешто што ќе ја потсетеше на тој ден. Излегувањево го сметав за наша прва средба, така и беше; есенското видување никако не можеше да се брои. Тогаш само јас ја здогледав неа, а и не знаев која е. Случката од пред неколку дена – уште помалку. Таков склоп на околности, непланиран и насилен, можеше да биде што било, само не средба. Не смеев да ја исклучам можноста дека само сака да ми се заблагодари и нашето познанство ќе остане на тоа; всушност, со таква мисла и тргнав. И покрај ситните анализи во мојата глава, јас навистина не очекував ништо; не помислував што би зборувале, немав никакви планови за тоа, не ми паѓаше на памет да се правам интересен, ниту се грижев каков впечаток ќе оставам. Последново беше до некаде релативно. Не смеев да си дозволам да си помисли нешто лошо за мене. Сѐ на сѐ, најважна ми беше непосредноста, па тоа и од неа го очекував. Кога ја поминав улицата и се мушнав во провевот на трговскиот центар, забележав дека уште 14 минути ме делат од средбата, а со ова темпо веќе ќе бев во кафулето за најмногу 8. Скршнав од мраморниот одблесок на плочките и слегов во темнината на кејот. Ветерот поткрцнуваше во цутот на крајбрежните гранки, бранувајќи го речниот жубор, во кој се давеше дишењето на градот. Почувствував студенило во градите, десната рака ја свив за да го ублажам, но ниту едно копче не проврев; левата висна синхронизирано со вратот, а кога клекнав нејзиниот агол се намали и го зграпчи кружното парче мртва светлина на тревата. Пивска тапа, а не паричка, како што се понадевав. Пристигнав една минута пред договореното. Ја здогледав на една мала тркалезна масичка; го разгледуваше менито или само се преправаше, како да беше доволно искусна да не гледа во времето. Забележав мала трема во нејзините очи и воздржаната, но пријатна ведрина на сочните усни. Беше непосредна или навистина се трудеше да изгледа таква, што на крајот на краиштата беше сеедно, првичниот впечаток што на мене го остави беше убав, а првичен беше токму овој впечаток, сето останато од пред тоа веќе не беше релевантно. Емилија беше воспитувачка во градинка. Отсекогаш сакала да работи со мали деца, така што по завршувањето на средното образование си заминала од својата родна Битола и овде се запишала на студии. Негде на половина од нашата средба почна да си ја зафрла косата и да ме гледа срамежливо во очи, поминувајќи со прсти зад увото и навидум ненамерно да ми ги допира рацете. Таа прва го започна флертот, по што јас почнав да ѝ возвраќам, иако не дотаму за тогаш да ја бакнам во усни; тоа го сторив пред да се разделиме, откако станавме и се прошетавме до уличката крај Паркот на франкофонијата, каде што таа си фати такси. Задутре требаше да отпатува за Битола на неколку дена и се договоривме да се видиме откако ќе се врати. Првата средба не мораше ништо да значи, ама сепак, требаше да знае дека и јас навистина сакам повторно да ја видам. Кога си дојдов дома, ѝ испратив порака дека многу убаво сум си поминал, а таа ми врати практично со истото, но и додаде дека едвај ја чека нашата следна средба. По неколку дена ми се јави дека утре се враќа. Овојпат ѝ предложив да седнеме во кафулето со најубав екстериер, кое беше во близина на нејзиниот стан и нудеше многу понепосредна можност за поинтимно продолжување на средбата. Сигурно таа лесно сфати на што алудирам и немав намера да го кријам тоа, но од друга страна, тоа ќе претставуваше само можност и ништо повеќе; одењето кај неа дома мораше да биде само по нејзина иницијатива. Не смеев да навалувам, морав изборот да ѝ го препуштам нејзе, да ѝ ја оставам слободата; само слободна ќе посакаше да ми припадне мене, макар и на една ноќ, иако веќе мислев дека тоа нема да ми биде доволно.
Од Битола се врати околу 6 попладне, сакаше малку да одмори и да се види со некоја другарка, па се договоривме да се најдеме половина час пред полноќ. Поседовме околу еден час и испивме по една голема кригла пиво. Овојпат јас честев. Работите ми стануваа сѐ појасни, но тоа не мораше да води до конечен заклучок, ниту предодреден исход и сѐ уште сакав да ѝ оставам простор за премислување. Откако излеговме, таа ме потчукна со рамото и со прст ми покажа на зградата кон која живее, што во најмала рака значеше дека ќе ја испратам до влезот. Застанавме во близина на оној ист бутик. Најблиската улична светилка не работеше и беше прилично темно. Ја фатив околу половината, ја повлеков кон себе и страсно ја бакнав, таа воздивна, се припи кон мене и застенка откако сочно ја стиснав одзади.
„Ајде кај мене“, предложи одненадеж толку напалено, што почувствував како огнот од нејзиниот здив ми го вжарува увото, проникнува низ неговата шуплина, ја затегнува вратната жила и се набира во замелушувачкото струење меѓу моите нозе; посилно ја зграпчив, токму за разделот скриен зад здолништето и го подигнав погледот кон автобуската постојка, од каде во нас гледаше Тони, одобрувајќи ми со палецот. Се мушнавме во влезот, таа со раката околу мојата половина, а јас со својата сѐ уште на нејзиниот задник, се стрчавме по скалите и завршивме во нејзиниот кревет. Пред да продрам во неа, лакомо ѝ ги спуштив гаќичките и ги фрлив нагоре. Уште само да имаше некој да го сликне ова! Би излегла прекрасна фотографија. Ја имам практично истата! Есеноска вешто го уловив тој миг. Го сокрив во мобилниот. Како да лебдеа во празна соба без завеси и во тоа имаше нешто безмалку сенишно.