
Извадок од романот „Недостиг“ на Симеон Јанков.
Утредента ја довезовме Елена со бебето, на кое Зорица ѝ го даде името Ирина. Тој ден морав да го сторам тоа што ѝ го ветив, прифаќајќи го вториот услов. Се преселив во празната соба на Тања, на долниот кат, да живеам со Ратко и Кристина. Тања од денеска требаше да живее со Зорица во дневната, а Елена и Ирина – во собата што некогаш, релативно кусо време, ѝ припаѓаше на Тања. Од собата се излегуваше на една пристојна „внатрешна“ тераса со големина на помала детска соба, што на крајот и стана. Уште додека беа во нејзиниот роден град, со Ратко викнавме мајстор, ја заградивме терасата и пристојно ја дотеравме. Тоа требаше да биде идната соба на Ирина ако Елена и нејзиниот тип одлучеа да не се венчаат. Јас никогаш не се сомневав во нејзините одлуки. Не се запрашав има ли нешто авторитарно во нејзините распореди, во начинот на кој општеше со нас, посебно со мене. Никогаш не се запрашав зошто и Зорица е во очигледна подреденост на Елена и сѐ сето време зависи од неа. Заведе ред во нашиот дом, макар и со железна рака, но сепак ред. Јас самоволно ѝ се повинував. Потребата да постојам беше главна водилка на која се опираше целта на мојот живот. Ретко го гледав бебето на Елена, уште поретко присуствував на ручеците што ги подготвуваше Кристина, затворен во собата на истиот кат, од каде што до мене јасно допираше пријатната атмосфера и мирисот на сите вкусни јадења. Го послушав добронамерниот совет на Елена: дека ми треба промена на професионален план и сигурно ми е доста од здодевната работа како училиштен психолог, така што си дадов отказ без да размислувам неколку чекори понапред напуштајќи го работното место што на времето, иако не членував во ниедна партија, татко ми успеа да ми го обезбеди со помош на еден тогаш уште влијателен функционер со кого заедно студирал и го имаа одржано контактот.
Оттогаш контактот со Зорица значително ми се намали. Особено ми беше болно тоа што и Тања си ја гледав многу поретко од порано. Барем таа секогаш беше добредојдена во мојата соба. Дури и кога некогаш ќе влезеше, веќе не се однесуваше како порано. Доаѓаше само кога ѝ бев од корист: да ѝ решам некоја задача или да побара пари од мене. Кристина и Ратко сѐ почесто го пројавуваа својот пасивно-агресивен однос кон мене, но јас продолжив да се преправам дека не го забележувам тоа и ги избегнував провокациите по секоја цена. Кога ќе ми кажеа нешто зајадливо, одговарав кусо, сѐ додека еден ден не премолчав потполно и заминав онаму каде што никој од нив можеше да ме пронајде – а тоа беше сиот град. Кога не ми се седеше дома, просто излегував. Почнав да осознавам дека, во кој правец и да тргнам, за многу кусо време на произволното одредиште стигнувам. Колата ми стануваше излишна, возењето по автобуси – сосема непотребно; секој правец што ќе го фатев како да го голташе времето. По кој пат и да се упатев, за многу, многу пократко од очекуваното стигнував. Можев пеш да отидам и до спротивните, најдалечни делови од градот, што ми одземаше отприлика исто време како кога правев круг низ нашата населба. Ги посетував местата што некогаш ми беа омилени и ми будеа драги спомени. Речиси секогаш наидував на некоја личност од своето минато – некое дете од моето детство, другарка или другар од средошколските и факултетските денови. Тие средби, и покрај заемната срдечност што по толку време се среќаваме, не беа долги, можеби траеја по пет до десет минути. Потоа тие си продолжуваа по својот пат зашто сите си имаа нешто друго договорено. Не им замерував, средбите не беа планирани, нашите патишта случајно и сосема кусо се вкрстуваа. Некако чувствував дека неслучајно ги среќавам и потоа се помирував дека за последен пат се гледаме. Наидов и на Надица, една моја бивша што ја запознав летото пред последната факултетска година. Уште на почеток ми беше слатка и мила, но не бев силно заљубен во неа, а знаев дека ни таа кон мене нема некои длабоки чувства, но некако издржавме заедно речиси една година, во која имаше неколку раскинувања и смирувања. На крајот се разделивме без официјално раскинување, контактот природно ни секна. Потоа малку копнеев по нејзината плот, но и тоа бргу ми помина. Не ми недостигаа средбите со неа, нејзината откачена смисла за хумор и убавите особини. Потоа, во текот на сите години што следуваа, многу ретко помислував на неа, без никаква носталгија по убавите периоди од нашата врска. Овој пат се прегрнавме кога наидовме еден на друг. Потоа стоејќи се изнаприкажавме, дури и на некои убави наши денови се потсетивме. Ме гушна и ме бакна в образ пред да ми каже дека мора онаму каде што беше тргнала – да се договори во игротеката за петтиот роденден на ќерка ѝ. Ме праша имам ли и јас ќерка. Немам деца, ненамерно ја излажав, во тие мигови просто не ми текна на Тања. Кога замина, погледнав во мобилниот – сме разговарале речиси петнаесет минути. Ми заруменија образите од нејзиниот бакнеж, во минутите што следуваа ја почувствував толку блиска и мила, како по толку време да го изменивме оној наш студен крај, небаре сиве овие години се имавме само оддалечено чекајќи го денот кога ќе се сретнеме и конечно, на многу потопол начин ќе раскинеме. Најпосле си признав дека таа секогаш си беше фино и симпатично девојче и го заслужи вниманието што одамна не ѝ го посветив доволно. Се запрашав зошто при секое излегување навидум случајно наидувам на оние што многу години ги немав видено. Се запрашав и зошто толку бргу се движев низ градот иако чекорев нормално и никаде не итав. Не смеев да им се предавам на никакви забегани мисли, секако, не поседував никакви супермоќи, а сепак некако ненамерно ми успеваше тоа. Наместо одговор, ми дојде една идеја – најпосле да тргнам онаму каде што конечно ќе ја сретнам неа. Единствено таа средба ја имав испланирано.

Се облеков топло, слегов низ скалите, случајно да не наидам на непријатни прашања од некој сосед во лифтот оставајќи го сивилото на зградата да замира во самракот во кој се оддалечуваа моите долги чекори што првпат по толку време го знаеја своето точно одредиште. Се впуштив низ пролетната квечерина исполнета со цветни мириси што толку потсетуваа на времето кога мислев дека сум го надминал недостигот од кој страдав. Камо порано да се запрашав дали мислата за нашата заедничка иднина не ја напушта иако чувството на несигурност поврзана со оние глупави недоразбирања и нејзе ѝ го одзема мирот. Токму кога помислува дека заборавила на тоа и му се предава на молкот, забележува дека во нејзиниот молк има нешто недоречено и додека лежи некаде од под перницата до неа допираат истенчени нитки на чуден полузаборавен глас. Ѝ шепоти дека не е сѐ загубено и може секогаш да смета на мене. Еден ден, односно вечерва, одлучува да се искраде зад паркингот презриво отфрлајќи го самопрекорот дека тоа што го наумила е бесполезно. Излегува во вид на пргави чекори и возбудена мисла, претрчува по булеварот на своите најголеми стравови и ита онаму каде што ќе ме сретне мене. Итам и јас, продолжувам кон истото време и место, тие улици ги изодувам за само неколку минути. Го здогледувам нејзиното озарено и мило лице и најпосле нашите топли прегратки се среќаваат. Таа и јас, исто како Антонина и Ристо, седиме прегрнати на онаа клупа во паркот. Пролетта е ветровита, свежа и полна со мириси, месечината е млада, поминаа толку години од последната Штафета на младоста, но кој сега би помислил на тоа време, и онака малкумина на наша возраст се сеќаваат на него, ова се сосема поинакви времиња, ни се чини дека засекогаш би останале во нашата пролет. Се припиваме еден за друг, дишеме заедно во својата младост, нашата младост е убава и безгрижна, целиот живот е пред нас. Изгледа дека сѐ е совршено и ништо нема да го расипе нашиот заеднички сон, освен една подробност што таа ми ја шепнува на уво, како во некој чуден наплив на дискретност да сака да ме заштити од нечии други уши, а јас никако во тоа не можам да поверувам, да паднам на најапсурдното нешто што можеше низ умот токму сега да ѝ мине, но нејзиното лице е речиси блажено, полно ведрина и изблици на најчисти чувства. Зрачи од возбуда и среќа што сме се нашле на нашето заедничко место, во нашето прекратко но бескрајно драго време, со исклучок на тоа што и покрај сите напори, веќе морав да го чујам како најсуровата вистина на светот – дека оној што дошол, не сум јас.
Ова обесхрабрувачко доживување ми наметна уште потегобни прашања: Што ако веќе го нема минатото на кое сакам да му се вратам, што ако не можам да го променам она што никогаш не се случило, што ако веќе никаде никој не ме чека и наместо мене, секогаш ќе се појавува некој друг? И на крај: Дали мојата неприпадност е нечија туѓа припадност?
Тогаш за првпат помислив дека стравот дека ќе ја загубам не е вистински страв, туку поглед во нешто што на некој друг му се случило или допрва ќе му се случи, како никогаш да не бев дел од нејзините соништа и се подготвував да влезам во соништата на една друга, и сево ова имаше врска со Пула.