Немам страв (извадок)

Извадок од романот „Немам страв“ на Трајче Стамески.

Цел ден патувавме со воз во посебно купе, само за нас двајца. Го слушав со неверување додека ми зборуваше за модрите и портокалови неба зад ридот на селото, каде што некој негов предок изградил куќа од дрво, камен и земја. Куќа доволно силна да ги надживее сезонските огнови и потопи.

Ми говореше за околните планински езера заградени со зимзелени шуми, во чии тиркизни води се капеле белите девојки со долги, кадрави коси, секогаш пред првите зори. Од чудесната мелодичност на нивните песни, новороденчињата гласно се смееле во сонот, а нивните грижливи мајки во миг ги затворале оџаците и прозорците од страв за своите деца.

Со занес ми раскажуваше за дивите и остри ветрови, кои истовремено дувале од четирите страни на светот и во налет стивнувале токму над покривот на старата куќа. Секоја есен, од силата на нивното триење, небото го исцртувале разнобојни контури, како огнометите над Марсеј во чест на прославата на животот и Револуцијата.

Бев восхитена кога оддалеку ја здогледав таа чудесна кружна градба на ридот: запрепастувачки храбра намера на создавачот да им пркоси на законите на архитектурата, но и самоуверен израз на сопствената света должност кон вистината. Куќата на ридот беше меѓник по меѓу земјата и небесата, за кои подоцна се уверив дека навистина наутро се модри, а навечер портокалови.

Првиот ден лежевме на чистинката на ридот и ги набљудувавме врвовите на далечните планини, кои повремено исчезнуваа меѓу облаците. Млакиот и пријатен ветер носеше преплет од мириси што ме опкружуваа и набргу ми ги заситија сетилата. Речиси шепотејќи, Тристан ми говореше за волшебната моќ на тие мириси кои, како дете, го мамеле да побегне од градот, па тој со нетрпение го чекал почетокот на летото.

Дедо му го паметел само од слики и од кажувањата на баба му, која за него била посебна жена. Со неверојатна љубов зборуваше за неа. Таа била надалеку прочуена по своите лековити чаеви и мелеми. Безрезервно верувајќи во нејзините способности, луѓето од најдалечни села доаѓале кај неа со надеж дека ќе најдат лек за своите проб- леми. Можела да излекува човек каснат од најотровна змија, лечела живи рани и скршеници, ја бркала треската и црната кашлица, ги враќала во живот луѓето на кои душата им била заглавена меѓу овој и оној свет. Правела чуда со медот од пчелите што сама ги одгледувала во кошари од земја и лески.

Тристан беше особено горд на деновите кога, заедно со баба му, меселе леб во форми на сонце или полна месе чина. Таа имала необична навика да ги испишува имиња та на членовите на семејството врз лепливото тесто, така што секој леб имал свое име, а печените лебови ги вадела од фурната по редослед на возраста. Кога доаѓал редот за неговиот леб, Тристан нетрпеливо ги броел минутите додека жарот под железната решетка полека се претворал во пепел. Сериозно ми рече дека токму во мирисот и вкусот на лебот ја открил магијата на своето детство.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *