Ненасловена месечева соната (извадок)


Извадок од романот „Ненасловена месечева соната“ на Давор Стојановски.

Оваа сабота беше втора смена. Ноќта, додека смената полека му привршуваше, доби повик дека треба да оди на определна адреса и да достави еден пакет вотка и три гајби пиво во станот чиј број му го посочија. „Како им успева да локаат толку?“, си помисли Јон, како да им завидува на способноста.
Замина со еден од колегите. Оваа достава му беше последна обврска. Постојано погледнуваше во часовникот додека се возеше во службеното комбе. Најпосле, кога стигнаа, колегата го остави Јон на точното место. „Од тука можеш сам“, додаде, го поздрави, па одвозе со комбето да си ја тера својата работа.
Јон ги зеде пакетите и уште еднаш ја ѕирна адресата. Се работеше за една од запоставените стари згради, каде што порано, како што имаше разбрано, се наоѓал интернатот. Уште еднаш го погледна часовникот. Стигна навреме, а до следната средба што си ја имаше закажано, преостануваше уште малку. „Стрпи се, Сандра, само саат и пол нѐ дели еден од друг. Доаѓам по тебе, Сандра, чекај ме, идам по тебе“, си повторуваше возбудено.
Старата, наизглед напуштена зграда, немаше лифт. Јон го знаеше тоа. Не му беше првпат да пренесува алкохол во овој стан. Тука се собираа во секое време од денот. Некогаш ќе им текнеше уште изутрина да нарачаат дотур на жесток алкохол, некогаш млеко, веројатно за коктели, некогаш специјален тутун од некој трговец во центарот.
Ги молкнеше пакетите и се чувствуваше како ситен балегар што товари и турка трици поголеми од него самиот.
Придушениот бас на музиката во ехо се протегаше до мезанинот. Јон не го мачеше искачувањето по скалилата, амалската работа, туку помислата дека ќе мора да се измеша со народот на забавата, да продре во прегратките на музиката што се најавуваше уште во дното на зградата. „Богзнае од кога почнале да се журкаат. Досега сигурно сите се изедени во свеста“, мислеше.
Вратата од станот на претпоследниот кат беше отворена.
Јон ги спушти последните кутии и здивна. Неговиот мозок со одбивност и горчливо напрегање го восприемаше длабокиот бас и едноличниот електронски ритам на темата што се преповторуваше во трансово кашлање, но која никако да појдеше од таму каде што почнала, ниту вистински да се вратеше кон почетокот од кој, сепак, се одделила. Музиката, на моменти, комбинираше звуци од вистински карбуратор, машина за перење алишта, турбина и бормашина, кои не беа секогаш снимени во зададениот ритам, туку неправилно се одделуваа од него.
На крајот од ходникот, еден пијан пар го дофати погледот на Јон. Ситната девојка со пирс на устата му го смукаше увото на својот партнер, како гладен комарец што преживеал тешка диета; а тој, висок, убав, долгокос човек со дводневна брада и со розова марама околу вратот, како да не престануваше да бара нешто под здолништето на пирсираната девојка.
Кога Јон го тргна погледот од нив и застана покрај вратата од станот, му пријде некој од луѓето што ја нарачале пратката. Јон ги остави шишињата внатре. Веднаш потоа замоли да ги добие парите. Тогаш станарот се сети и збрчкувајќи ја муцката погледна околу себе. Му рече да почека, па се оддалечи некаде настрана.
Сега на Јон не му преостана ништо друго освен да чека и да тапка во место. Се заѕвери наоколу. Забавата се чинеше дека беше во полн ек. Во тој миг, од еден агол се рашири густа непровидна пареа, која со неподнослив мирис го отежна видот. Гостите го проследија овој изблик со еуфоричен вресок. Јон почувствува дека некој се претелка зад него. Се заврте да види и почувствува како поткачува некого со грбот. Ненамерно се судри со еден пијан младич, кој се препна и случајно го посипа Јон со црвено вино. Сега на униформата на Јон се изјаснуваше голема лочка. Одмавна со главата, се доближи за да му го покаже тоа на пијаниот младич што го посипа, но овој се однесуваше како да не разбира ништо. Јон праша каде може да се замие, но сфати дека пијаниот веќе не му обрнува внимание, небаре не му зборува човек, туку некое ситно инсектче што за миг прелетало во станот.
Затоа се повлече и зеде да пребарува низ вештачката магла.
Најпосле наиде на тесен премин во кој од двете страни имаше речиси идентични врати, обете затворени. Не размислуваше многу, на нив немаше никаков знак, па затоа влезе низ десната.
Стапна внатре забрзано, правејќи крупен чекор, но се сепна кога сфати дека го згрешил местото. Оваа врата не водеше до бањата, како што посакуваше, туку до спалната соба. Покрај креветот трепкаше мало фенерче, а придушената светлина го изјаснуваше полуголото тело на пијаната девојка со пирс на устата, која Јон ја виде пред неколку минути во ходникот. Покрај неа, на душекот, лежеше долгокосиот маж со розова марама, кој сега со јазикот ѝ го скокоткаше увото на безмалку онесвестената девојка. Се силеше да ѝ го дослече последното парче облека од телото на девојката со немилосрдна жестина, која го грозеше Јон. Неговото внимание не го привлекоа зениците на мажот, гргнати како парче месо врз врел зејтин, ниту пак замаглените очи на пијаната девојка, кои како посипани со брашно се затвораа под подуените нашминкани капаци, туку, којзнае зошто, погледот му се вџари за миг само во розовата марама што ги покриваше грлото и вратот на насилникот, марамата што беше прошарана со везови во форма на орхидеи. „Дај да видиме колку ги имаш меѓу нозе“, ѝ зборуваше долгокосиот на пирсираната девојка, „до сега наџбарав барем еден“.
Тогаш, човекот со розова марама виде дека не беше насамо со девојката во спалната соба. Се изненади што го виде непознатиот натрапник во униформа на курир. Му довикна од креветот. „Пуканки немаме, џимпуре. Магла!“
На Јон му преостануваше само мирно да се повлече назад, да исчезне, да испари како да не бил, оти понекогаш чувствуваше дека навистина не ни бил, никаде, на ниедно место. Но остана уште малку да стои во место. Небаре очекуваше разрешница на сцената што се одвиваше на душекот пред него. Иако сфаќаше дека местото не му беше овдека, нешто го скокоткаше во стомакот и не му даваше да се помири со положбата во која се најде. Тоа што Јон не се помрдна, уште повеќе го вознемири долгокосиот човек со розова марама и со дводневна брада, па затоа збеснато се крена на нозе, полугол, толку ревносен, што не можеше ни да бекне, иако сесрдно сакаше да се изнапцуе.
Девојката со пирсот заблада нешто, а насилникот му се доближи на Јон и го кутна на земја, му се нафрли и го стегна за вратот. Стегата стануваше сѐ посилна. Немоќниот Јон болно, низ задушени слогови се обидуваше да разјасни нешто. „Ку-па-ти-ло… мис-лев… фле-ка-та!“ Без да разбере што сака да му каже Јон, човекот со марамата најпосле го пушти и стана. „Не те нарачавме тука“, додаде, а Јон се исправи и брзо истрча надвор тетераво, држејќи се за градите и молејќи го воздухот повторно да го најде патот до белодробните крила.
Откако се смири, крвникот одново ѝ се натокми на пијаната девојка со пирс на устата. Сакаше да ја бакне, но таа сега се противеше, очигледно омрцлавена, без сила да каже нешто во своја одбрана. Сакаше да биде оставена на мира, ја немаше онаа сила што ја имаше пред тоа во ходникот. Човекот со марамата остана упорен, бревташе, ја фати за пулсот под дланките и ѝ ги закотви рацете на душекот, не давајќи ѝ да мрдне. „Не можам… стварно не можам сега…“, издишуваше девојката.
Откако излезе од спалната соба, Јон повторно се најде во тесниот премин меѓу двете врати, од кои очигледно ја одбра погрешната.
Овие неколу дена му се случија толку многу необични настани, што и овој последниов не му се чинеше многу неверојатно да се случи, па и тој се придодаде природно во чудниот редослед на сите сплетки. Искрено речено, Јон отсекогаш се наоѓал фатен во неславни, застрашувачки и морничави ситуации, а повеќепати и самиот бил виновен за тоа што бил дел од некој таков настан, зашто неретко се случуваше самиот да си ја побара бељата, свесен за последиците на своите постапки. Во својот живот виде секакви работи, еднакво грозни, колку и убави. Грди повеќе од пријатни.
Ако порано му се случеше нешто слично на ова што сега му се случи во собата со долгокосиот човек со розова марама, ако порано налеташе на ваква сцена и ако порано се најдеше во положбата во која се најде ноќва, легнат на подот и стегнат за гуша од налутен, висок и возбуден маж, кој му се закануваше насилнички, Јон несомнено ќе си ја подвиеше опашката под нозе и ќе излеташе колку што може побрзо надвор од зградата, макар и да не ги подигнеше парите што му следуваа за доставата.
Но сега нештата стоеја поинаку. Сега постоеше едно порано непознато чувство на жестина, одлучност и правичност, чувство што не му даваше да се помири со светот ни да остави работите да му се измолкнат.
Она што не му даваше да си отиде и што го тераше да се врати во собата, она што го задржуваше да не замине од станот, меѓу другото, во најголема мера беше изразот на лицето на човекот со долга коса и со розова марама ишарена со орхидеи. Она што го задржа Јон, беше погледот на долгокосиот, погледот што го врати малку наназад во времето – на случката под мостот.
Јон веднаш се присети на младата жена, која лежеше на ширинката во темниот агол покрај столбот на мостот, се кикотеше и испушташе вресоци онаа ноќ покрај запалените свеќи и покрај мажите застанати околу неа. Се присети на заумниот изглед на очите на развиениот човек што тогаш беше над неа. Повторно му се наврати на споменот на разблудениот поглед и на жарта што тлееше во зениците. Сличен поглед сретна и сега во очите на човекот со марама околу вратот. Секако, не се работеше за ист човек. Тие двајца не си сличеа и не потсетуваа еден на друг во ништо друго, освен во одвратниот, див и разулавен поглед.
Таа ноќ Јон го направи тоа што секогаш би го направил – се повлече. Таа ноќ ја остави девојката под мостот и во страв отрча горе по скалите, без да се замеша, зашто не сакаше да биде натрапник во туѓи судбини.
Но имаше нешто во тој огнен поглед што го жегна загрижениот Јон.
Да не го забележеше погледот на човекот со долгата коса, кој се обидуваше да ја обљуби девојката со пирс на устата, можеби ништо немаше да се смени и Јон само ќе си ги побараше парите и ќе си заминеше одовде. Но сега нешто го тегнеше за јаката и го зграби за срцето. Жешката крв му го растера стравот од непознатиот исход. Во главата му зуеше. Не можеше да трпи повеќе, мораше да се спротивстави.
И затоа сенката на Јон одново го обои ѕидот на спалната соба во која гореше придушеното фенерче на подот. Сенката, поголема од стварниот Јон, за момент се надви над душекот. Во едната рака стискаше кујнски нож, но не за долго, оти сенкината рака, неискусно и треперливо, замавна со сечилото по човекот со марамата, и убаво му го закачи тилот.
Полуголиот маж со дводневна брада и со долга коса одеднаш страшливо се вкочани од изненадувачкиот напад во мигот кога тилот го сети бакнежот на сечилото.
Неколку капки крв шурнаа врз душекот.
Саскајќи низ заби, човекот ја притисна крвавата рана на тилот и се наведна. Јон ја повлече за рака зачудената девојка со пирс на устата, ја истегна од креветот и забрзано ја одведе низ гужвата во станот кон излезот.
Ѝ помогна да излезе со него на покривот од зградата. Беше свежо, па помисли дека пријатниот воздух ќе ѝ ја врати изгубената сила на девојката. Сметаше дека оној насилник нема да се сети да ја побара тука, зашто и онака делуваше доволно замаен. Сакаше да се убеди дека ни неа ни него нема да ги бара наоколу со некаква одмазничка намера.
Застанат покрај полуосвестената девојка, на свежиот воздух на покривот, Јон се почувствува горд и корисен. Му стана убаво на душата, по толку долго време. Откако се увери дека на девојката што постојано воздивнуваше ѝ е подобро, ја остави сама. Понатаму можеше да се снајде и без него.
Трчајќи надолу по скалилата, Јон си ги погледна дланките. На нив се засируваше туѓата крв. Помисли на осаменоста на Сандра. Додека крвави седната на шолјата во бањата. Отсекогаш сакаше да влезе во нејзината бања. „За само некој миг, Сандра, уште толку малку и нашите погледи конечно ќе се сретнат“, си повтори Јон истрчувајќи надвор од зградата и заминувајќи подалеку од блокот згради, каде што некогаш, како што му велеа, се наоѓал интернатот.
Пристигна каде што требаше да стигне. Погледна на часовникот. Беше веќе време. Ги наполни градите со мирисот на летото што се претчувствуваше дека надоаѓа. Во воздухот допираше влажен ветер од реката.
И сега сѐ што требаше да стори, беше да чека.

*

Беше тивко, можеби потивко од што очекуваше и од што требаше да биде. Беше мирно и немаше движење. Вратата од бараката со ламаринен покрив беше затворена, но отклучена. Зад неа, внатре во фотостудиото, требаше да биде празно, како што беше речиси секоја сабота ова време, затоа што фотографот, Емил, беше во подрумот, веројатно развивајќи слики, и очекуваше некој да го притисне малото сребрено ѕвонче на масата за да го повика.
По толку прикрадувања и таинствени набљудувања, Јон ги научи сите подробности и веќе знаеше од прилика што би можело да го очекува. „Оваа ноќ е ноќта што ни припаѓа на нас. Оваа ноќ е наша ноќ, Сандра“, се бодреше додека чекаше пред студиото. Патем и натажено се запрашуваше. „Што ако не дојде? Што ако ме откријат? Што ако ја изгубам засекогаш?“ Но таквиот сомнеж и стравот од неуспех траеја кратко, затоа што помислата дека сега, конечно, постоеше можност настаните да се одвиваат според движењата на неговата диригентска палка, го смируваше и го убедуваше во сигурноста на потфатот.
Фрли уште еден кус поглед на себе.
Во курирската униформа не изгледаше многу привлечно. Го соблече елекот со дамка од црвено вино за да не му се гледа логото од агенцијата за која работеше хонорарно. Остана по блузата во каки боја на кратки ракави. На дланките немаше повеќе траги од туѓата крв, зашто се зами од една јавна чешма. Мислеше дека ваков, како што изгледаше, не би требало да ја исплаши Сандра, освен, можеби, доколку не му ги забележеше старите рани по лицето, кои веќе беа речиси наполно закрепнати.
Го остави елекот од униформата на земја и внимателно се приближи до бараката.
Напливнат од возбуда и од нетрпеливост, Јон се убедуваше дека не постои друг избор. Сандра ќе дојде. Со автомобилот на мајка ѝ. Ќе застанат на паркингот од ситен камен и чакал. Мајка ѝ ќе чека зад непровидните стакла на црниот мерцедес, а Сандра самоуверено ќе влезе во бараката. Друг избор не постоеше. Тоа мораше да се случи.
И, навистина, се случи.
Дури тогаш му се затресоа колената. Кога ги виде светлата од фаровите на црниот мерцедес кај свиокот, малку се подисплаши. Таа беше вистински присутна, таа вистински пристигаше.
Ситниот камен и чакалот закрцкаа и потпукнаа под гумите.
Сандра излезе, а мајка ѝ остана да ја чека во мерцедесот.
Дури откако сфати дека работите се одвиваа како подмачкани, диригентот Јон почна да се колеба и да чувствува како грлото му се полни со повраќаница. Се смируваше и силно вдишуваше.
Стигна дотука, сега не смееше да се откаже. Не смееше да помисли да се повлече и да си замине. Срцето и онака возбудено му чукаше од скорашниот дуел во кој од зад грб го засече тилот на злосторникот, во име на сите блудни погледи, и ја спаси злоставената. Ја спаси пирсираната девојка и ја одведе на покривот. Барем си мислеше и се надеваше дека ја спасил.
И како да се откажеше по тоа, како да се откажеше сега? Сета таа крв. Срцето во градите. Ноќта во косата на Сандра. И нејзините благи стапки по песокта и чакалот.
Дојде.
Тоа беше важно, тоа зборуваше за неа. Меурчето се издигнуваше во чашата. Сандра дојде. Сега немаше ни каење ни повлекување. Јон знаеше дека сега не смее да се откаже, иако грлото го стегаше. Немаше друг избор. „Како да си излегол од дома некој студен ден без да земеш јакна, зашто си мислел дека си доволно облечен, а после сфаќаш дека со секој чекор ти станува сѐ поладно и поладно, и знаеш дека си се заебал, но се мрзнеш, зашто доцниш каде што треба да стигнеш и веќе не можеш да се вратиш, веќе враќање нема“, споредуваше треперливиот Јон.
Самоуверено влезе во бараката, полека и тивко, и зачекори внатре во студиото. Беше празно. Се обѕре наоколу. Тивко. Ѕирна низ окното. Надвор, нејзиното тело најпрво претставуваше само црна сенка, нерамномерна линија исцртана со перо и туш врз боите на ноќта. Беше сама. Се доближуваше, сѐ уште во облик на сенка, но полека стануваше јасна. Сенката ќе ја снема, ќе ѝ се појави лицето, ќе му пријде на Јон со тело на жена, ќе се заштити со засраменост.
Дали ја сака славата, дали посакува да биде позната? Дали се двоуми, дали се плаши? Дали Сандра посакува да биде Сандра?
Јон застана покрај масичката на која се наоѓаше малото сребрено ѕвонче и зеде некое списание што беше фрлено врз неа. Го отвори, божем беше зафатен со читање.
И тогаш влезе и Сандра. Бавно. Јон не ја помрдна главата, туку само го пренасочи погледот од страниците кон неа. Таа срамежливо се насмевна. Беше осветлена од бледата неонка на ѕидот.
За првпат стоеја на толку мала оддалеченост еден од друг.
Разликата меѓу оваа близина и другите близини меѓу нив двајца се состоеше во тоа што овојпат Сандра беше наполно свесна за постоењето и за присуството на Јон. Тој веќе не беше само таинствен набљудувач од далечина. Сега нејзините очи ги допираа неговите.
Сѐ друго беше заблуда. Секојпат кога ја гледаше како излегува од автомобилот на мајка ѝ за да влезе на часовите по балет, секоја ноќ мината во големиот двор со ниско искосена темнозелена трева од каде што фрлаше поглед кон нејзината соба, секоја саботна прошетка со татко ѝ во која чекореше зад нејзините чекори и ѝ беше сенка на нејзината сенка – сето тоа се претвори во привид, како да немаше значење, затоа што сега постоеше само оваа близина на нивните тела. Нејзиното тело облеано во пријатен мирис на добро познатиот парфем, неговото тело малку испотено. Таа облечена во прилично тесен едноделен црн фустан, тој во каки блузата на кратки ракави и во панталоните од униформата.
Насмевката ѝ се загуби. Остана руменилото на образите. Кимна еднаш со главата за да го отпоздрави Јон, а потем нежно го оттргна погледот од него, избегнувајќи да му гледа право в очи. Шараше со очите по кичерскиот декор на сетовите за фотографирање, по врамените портрети на уметничките фотографии закачени на ѕидот, по евтините завеси усмрдени од тутун. Јон, пак, избегнуваше да ѝ се доближи и да утврди дека е за глава пониска од него, затоа што се плашеше да не ѝ замириса лошо. Го фрли списанието на масичката и тоа падна помеѓу полниот пепелник и еден скап фотоапарат. „Можно ли е да го слуша музичето од подрумот? Да не ѝ падне нешто чудно“, помисли Јон, затоа што од долу, преку вратата, допираше звук од радио. „Туку, дебелиот само нека остане таму да си се релаксира, да не му текне да се качи“. Доколку Емил навистина го фатеше на дело, тогаш Јон немаше претстава што би сторил. Веројатно ќе му ја летнеше да бега.
Скриената намера на Јон му се издаваше од секое несмасно движење. Беше премногу внимателен и некако постојано се обидуваше да остане тивок. Не делуваше доволно одлучно и отсечно, па сето тоа го правеше сомнителен. Но Сандра не можеше да го увиди тоа, иако веќе како да се премислуваше за намерата.
Јон одлучи да си ја заврши работата како што намери. Да ја намести Сандра пред објективот, да ја фотографира, па на патот до излезот да скрши некој муабет со неа, да ѝ ги запознае мислите и гласот. Што побрзо, толку подобро. Затоа што уште малку време остануваше додека не се качи вистинскиот фотограф и додека не почне вистинското сликање за кастингот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *