Облогот (извадок)

Извадок од збирката раскази „Облогот“ на Станка Бајлозова-Барламова.

И ми велеше дека секое малку е капка што капнува, која на трајни временски патеки создава влага. На почетокот: „Бог да чува.“- велев и истовремено размислував зошто сум магнет за вакви чудни и необични жени кои тежнеат да ме направат подобар човек малтретирајќи ми ја тенката психа, подмолно ко кртица што копа тунел на почва што не е нејзина. Почнав да се гледам со оваа жена, но ова гледање и двајцата го доживеавме само како тајно пријателство каде преку разговор си ги пополнувавме празнините кои животот како со дупчалка да ги длабел сметајќи дека не треба да се закрпат, туку да си останат така празни како што преодредила темнината кога на сила замешала прсти кога нештата зачнувале и се создавале. Но можеш ли ти самиот да видиш кога почнуваат да ти паѓаат првите влакна на тилот? Не можеш нели? Заднината ретко кој може или ретко кој сака да ја види оти комплицирано е да се истражува и да се гледа до таму кога во прв план е преднината од каде полесно се црпат информации и можат да се видат делумно плитки нешта. Позадината најчесто кажува повеќе, но мачно и напорно е да се гледа до таму, а во животот ретко кој лудак сака да се мачи.

                                                                   ***

Како жена,  лекар специјалист, веќе неколку години работам во областа на психијатријата. Во последните неколку недели манијакално почнав да го читам Фројд и неговите теории за заљубувањето. Заљубувањето е испревртена состојба на умот каде рациото се потиснува од инстинктот и идеализирањето на нештата. Ако заљубувањето претставува трагање по идеалното его, тогаш човечкиот разум си упатил пцости кои побиваат дека рациото воопшто постои. Склучување пакт со идеално его би значело нуклеарна експлозија на секоја клетка на човечкиот добробит.

                                                                   ***

Стојам на покривот на една од најголемите висококатници во градот. Улиците се премостуваат една со друга и се испокршуваат во патни свиоци, во чии агли неколку бездомни кучиња бараат закрила и цимолејќи и крадешкум ги плазат јазиците, со намера да ја изгаснат жедта во матните барички, кои сведочат за синоќешното плоскотење на дождот. Илјадници минувачи брзаат на сите страни, разминувајќи се едни со други, пречекорувајќи крстосници, дотрчувајќи по тротоари од една на друга страна, брзајќи да се стаса некаде ко со цел да се избега од задушливоста на џганот, кој полека ги вдишува последните атоми воздух, што циркулираат во меѓупросторот на асвалтот и висококатницата од каде што го спуштам погледот. Во рацете држам пенкало, неколку листови хартија и најновиот роман од мојот омилен автор, кој веќе некое време се повторува во темите, а јас не го тргам од местото на пиедесталот, од првиот миг кога му го подарив епитетот за омилен. Сончевите зраци изискуваат процеп низ дупките на облаците и безмилосно им ги сечат мевовите, претворајќи ги во прашина, што во неколку кратки мига ја испекуваат во својот остар крилат.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *