Извадок од романот „Одбројување“ на Фросина Пармаковска.
1
Морав неколкупати вистински да се осигурам дека мојот маж спие, па со сандалите в рака, на прсти, додека целото тело силно ми трепереше, го одвртив клучот од бравата, тивко, најтивко што можев ја отворив вратата и исто толку тивко ја затворив, и тоа што го почувствував, што ме преплави веднаш штом се најдов од другата страна, беше: слобода. А за момент, и возбуда од убавото далечно детство.
Последен пат кога отклучив вака, тоа беше една стара и тешка врата што гласно чкрипеше и при најнежен допир, имав шеснаесет години и тогаш првпат добив идеја да ја измамам мајка ми затоа што не ме пушташе да останам до сабајле на еден фестивал на отворено, кај што одев со Ема и со уште неколку пријатели. Во секој друг случај мајка ми немаше да ми забрани, ама два-три дена претходно ми имаше најдено кибритче со трева во фиоката. Иако ми поверува дека тревата не е моја (и навистина не беше), сепак не можеше да биде стонастотно убедена во веродостојноста на моето тврдење дека тревата е на пријател, ниту во искреноста на мојата желба да останам до сабајле со Ема и со пријатели што не фигурираа во нашиот дом со имиња и презимиња. Овие работи придонесоа мама да се обиде да воведе строгост, што и за двете нас беше нова и непозната стратегија. Ја измамив така што се вратив околу полноќ, се пикнав во креветот и наслушував кога ќе заспие, па некаде околу еден, кога мама веќе грчеше, излегов исто толку тивко низ вратата. Кога се вратив утрото околу пет, надвор веќе се разденуваше, мајка ми седеше во фотелјата во белата долга ноќница, пушеше цигара и кога виде какви маневри изведувам за да влезам незабележано, сфати дека воведувањето строгост и воведувањето ограничен излез не е ни најдобриот ни најпродуктивниот начин да ме заштити од опасностите што беа дел од секое растење и, наспроти сите мои очекувања, ме гушна, и во таа прегратка ја почувствував целата топлина на мајка што си го чекала детето да ѝ се врати дома, ме испрати до креветот за да се одморам, а откако убаво ќе се наспијам, ќе разговараме како возрасни… кога само за момент би можело да поверувам, или само да си замислам дека и сега, кога ќе се вратам, ќе ме чека мама како некаков привид во нејзината бела ноќница, ќе ме испрати до насјигурното место на светот и ќе ме остави да спијам без да се плашам, без да се вознемирувам.
Се симнав по скалите, вториот ризичен дел, уште тивко-тивко и уште боса, клекнав под висината на прозорецот од долниот кат, каде што свекрва ми Даница најверојатно го гледаше нејзиното реално шоу со ококорени очи и намален звук затоа што би пукнал срам пред соседите ако чујат тазе вдовица како во ниедно време и во време на жалост го рокнала телевизорот со забавни содржини и сето тоа беше таман убаво, и јас и свекрва ми моравме да бидеме тивки така што ниту меѓусебно нема да се слушнеме, ниту другите ќе нè слушнат, а сепак нема да живееме според нивните очекувања. Уште еднаш морав многу внимателно да ја отворам малата порта од дворот и толку беше – конечно излегов од куќата во која живеев и срцето ми се врати во некој помалку вознемирувачки ритам.
Улицата, долга околу двесте метри, од двете страни со куќи што си личеа една на друга, со луѓе во нив кои едни за други, лично или од други, сè си дознаваа, беше тивка, не сосем заспана, ја немаше ни Мара да се врти лево-десно со храна за сите мачки што веројатно во неа гледаа подвижна кујна, завршени беа комшиските седенки низ дворчињата, прибрани беа масите сосе чиниите и шишињата, луѓето беа во своите домови и исто како светлото во нивните соби, полека се изгаснуваа. Имав облечено обични летни панталони и блуза, така што ако налетав на можноста да се разминам со некој познат, ќе изгледав како и секој човек што излегол ноќе до трафика до булевар затоа што снемал цигари, на пример.
Кога доволно се оддалечив од куќата во која живеев, викнав такси и ми помина мал и не сосем непријатен ужас од помислата дека тоа е тоа, има само неколку минути до таму каде што патувам, онаму каде што ќе се случи нешто од кое нема враќање назад, но тоа не е лошо и покрај целата негова конечност и недвосмисленост. Ако целиот тој период во главата си создавав различни визуелизации со уште толку различни варијанти од нив што се менуваа зависно од расположенијата на мојата фантазија, сега како сите тие одеднаш да ми поминаа во неколку минути, како воз толку многу брз што ниту ако човек сконцентрирано се загледа, нема да може да му ја одреди бојата, но линијата во која патува е строго одредена како и линијата во која јас патував. Возбудата, треперењето што почнува од стомакот и брзо се искачува нагоре, сега е во вратот, ме гуши иако има сладок вкус, ми го стежнува дишењето и сето тоа е нормално затоа што одам да се видам со еден маж откако мојот го оставив цврсто да сонува.
Мојот маж сега спие, ќе спие и наредните неколку саати, можеби уште цели осум саати ќе спие, а јас немав друг избор откако видов мала светлина во натрупаните урнатини што поклопиле сè што свети и сè што се движи и што сонува, како кај преживеаните луѓе, луѓето што ѝ се доближиле премногу на смртта, па кога ќе ја видат светлината на животот, немаат друг избор освен себично да се закачат за неа, за тоа просто не може да им се забележи затоа што природно се случува. И ако до нив имаат заспан човек што никако не може да се разбуди, а тие мора да тргнат кон светлината или засекогаш ќе останат мртви луѓе, исто така, не би можело сосем лесно да им се забележи ако го остават и ако тргнат. Така и јас тргнав, повторувајќи си во себе дека ова е, сепак, само една убава средба, средба за среќа што конечно ја презаслужувам, не можам ни да се сетам кога последен пат сум почувствувала среќа, таква, еуфорична, што произведува лудачка насмевка, насмевка што не може да се прибере без оглед на местото и околностите што постојат кога надоаѓа таквиот бран.
Моето детство одамна се изгуби, многу пред нечујно да ја отворам и да ја затворам вратата во куќата каде што живеев, моето детство траеше само додека ме чекаше мама, заврши кога таа веќе не можеше да ме чека вложувајќи неприродна или можеби натприродна сила да ме чека насмеана, моето детство заврши одамна. Сега еден човек спие, друг ме чека, а јас сум жена што веќе некаде тргнала.
Кога излегов од таксито, Иван веќе ме чекаше. Очекувано, барем за мене, бев збунета и не знаев како точно да се однесувам, но јасно беше и дека знам каде доаѓам и зошто доаѓам и тоа беше убаво, убава беше и леснотијата што го засладуваше малкуто воздух меѓу нас во кој никако не се појавуваше прашањето: какви луѓе сме ние (штом правиме вака), не се појавуваа и никакви други прашања што би создавале непријатности кај ниту еден од двајцата.
Ниедно од ноќните сценарија што ги создавав секојпат одново и секојпат со различни реплики, микро и макро приказни што секогаш содржеа нешто многу трагично за да биде поголем ефектот кога ќе завршеа во една и единствена спасувачка среќа, ниедно од нив не помина и тоа беше убаво како конечноста што произлегуваше од фактот дека тоа што ќе се случува, ќе биде во реалноста.
Ме гушна и ми рече – иако ние не зборувавме така и никогаш отворено не си ги изразивме нашите желби или мислите што би направиле да почувствувам дека правам нешто нечесно – ми рече директно дека едвај чекал конечно да ме види. Со истата неочекувана леснотија ме фати за рака дур ме водеше низ ходничето од влезот и во лифтот ми го допре лицето, прво косата што ми се испуштила пред очи, па лицето, гледајќи ме право в очи, што правеше да се срамам, а таквиот срам не ми беше ништо друго освен силен показател дека се вљубувам и дека нема враќање назад. Кога ги затворив моите очи на неговата бела дланка, исчезна сè, сè беше бело и не постоеше ништо освен моето лице и дланката на Иван. Одиме во неговиот стан, таа врата се отвора неверојатно лесно, не седнуваме, легнуваме без никакви изнасилени движења, природно, како цел живот да сме легнувале баш така, тој е тогаш мој маж, јас сум негова и не постои ништо ни повеќе ни помалку од тоа, ни зборови не постојат, а најмалку од сè постои мојот маж, тој што цврсто спие и тој за кој мислев дека на некој начин ќе се најде и на оваа средба, како причина за започнување банален разговор што ќе имаше за цел да ја опушти тензијата, но, за среќа, ништо од тоа и ништо друго не постоеше.
Тоа што не зборувавме за мојот маж, тоа всушност беше и доста коректно затоа што тој претходно беше постојано присутен во вид на изговор, мојот маж беше изговор за почнувањето на нашата интензивна комуникација, утеха и размена на искуства, за сите наши телефонски разговори, понекогаш и за пораките што си ги праќавме тогаш кога можев да се допишувам за да ме праша, да му кажам како сум во таа неподнослива тешкотија, сега беше вистинското време кога можевме мојот маж конечно да го оставиме да сонува намира, а ние да продолжиме да се вљубуваме, вистински (не телефонски) да го правиме тоа. За мене тоа беше водење љубов, јас и не мислев тогаш дека телесниот контакт може да биде нешто друго, никогаш претходно не сум имала некаква авантура што се сведува само на тоа. Башка, ова го замислував, си составував слики уште во ноќите додека го држев мобилниот на уво не тргнувајќи го погледот од вратата на собата каде што спиеше мојот маж, и откако легнував да спијам, си замислував. Мораше тоа да биде водење љубов затоа што застана и времето и стравот од ризикот и сè што престана да постои во лифтот и понатаму не постоеше, освен јас и тој во мене, додека ме гледаше, а јас уживав да ѕиркам за да пробам да разберам дали и тој ужива и да се уверам дека вистински се случува. Неговиот стисок на моето лице се лизга преку градите до стомакот, сега Иван не беше слика, туку беше вистински во мене докрај, и вистински од почеток до крај, првпат, на моето лице кога конечно ги отворам очите и го здогледувам времето што, сепак, постои во грдиот часовник на ѕидот кој зјапа од зад неговата глава, времето зјапа и јас морам да си го измијам лицето набрзина и да заминам пред да се разбудат куќичките на улицата каде што живеам.
Кога бев подготвена да си одам, тој остана да лежи во креветот и мене тоа не ми се виде како гест на недостиг на внимание или, пак, мрза што би требало да ми создаде некакви непријатни чувства, напротив, се израдував кога гледајќи ме уморно и веќе тргнат да заспива, ми рече дека морам што побрзо да си одам од таа куќа, млада сум била, премногу млада и никој не би ме осудил кога би донесла одлука да живеам, секој нормален човек би постапил така, а вака си играм со оган и очигледно дека не сум свесна што сè може да произлезе од тоа, тој може, на крајот на краиштата, да ми помогне, да останам тука, и мене тоа ми се виде поубаво од сите испраќања до врата, можам да останам тука, ми рече, и јас заминав. Лебдам по патот накај дома и си мислам колку е убаво тоа што ќе имам материјал од кој ќе ги црпам сите наредни заспивања, ќе имам да мислам на нешто што вистински се случило и е толку убаво што лебдам и не ни забележувам дека ме враќа истиот таксист што ме носеше натаму, тој ми укажува на тоа, потенцирајќи дека не му е првпат да му се случи тоа, дека не често, но понекогаш одновно му се сретнуваат патиштата со неговите патници, а мене не ми е важно да му објаснам дека тоа не е судбина, туку веројатноста, едноставно, е поголема затоа што неговата професија е да ги вози луѓето во еден град кој и не е толку голем за да не се сретнат никогаш, не ми е важно ниту дека ќе биде навистина страшно ако се разбудил мојот маж, ете, можеби така требаше да биде, можеби и не постои убав начин некој да се напушти, мора да постои одредена суровост околу тоа, сè друго е обично шминкање на болката, која е секогаш сурова. Како што е сурово исчезнувањето на мојата слобода во истиот момент кога пред мене ја видов куќата во која живеев и вратата низ која требаше нечујно да влезам. Мојот таксист пред да излезам, неколку куќи подолу, ми рече дека се вика чичко Геле и чичко Геле ќе ме остави со поздравот да не заборавам кога ќе ја ставам главата на перница да се насмеам, ако заспијам со насмевка, со насмевка и ќе се разбудам и сфатив дека тоа е веќе знак на блискост. Јас за него веќе не сум обичен патник на повик, туку човек кого може да го посоветува затоа што им се вкрстиле патиштата, како што тој верува, човек со кого може да си посака добра ноќ и сето тоа беше добро како што целата вечер беше добра, како што и ќе биде добро ако влезам бесшумно и ако легнам на перницата со насмевка.
Приземјето, со големата црна панделка на влезната врата, спиеше, Даница спиеше и една препрека поминав, ни малку безопасна, затоа што Даница често во нејзините несоничарски часови седеше на прозорецот и бесполезно гледаше во улицата, но и да ме здогледаше таа, токму таа најверојатно и најмалку имаше право да ме прекорува, нема да ме прегрне како мама, никој никогаш нема да ме прегрне како мама, но не смее ниту да побара од мене да објаснувам, премногу жртвував одговарајќи на сите нејзини барања кои нималку не беа едноставни ниту, пак, наивни. Да ме разбере, не ни можев да очекувам. Се качив по скалите, влегов низ вратата, повторно со сандалите в рака и откако го чув заспаното вдишување и издишување на мојот маж, среќно се шмугнав во едно ќоше каде што ја сменив облеката па се шмугнав во каучот во дневната, каде што сè почесто заспивав наводно за да гледам серии на Фокс лајф бидејќи во спалната немавме телевизор, легнав со сите прекрасни мигови што ги понесов во една сосем невнимателна предутринска насмевка.
Пред да почнам да си ја враќам вечерта, начин што, со соодветни измени, уште од малечка го применував за да се пренесам во светот на соништата, помислив дека сѐ за што напразно ме обвинувал мојот маж досега, повеќе не е празно и тоа тогаш ми се виде како еден вид поетска правда, момент наменет само за мене, нешто што веќе имав заборавено како изгледа, можеби самиот тој си е виновен, си помислував, таквата суровост – а сурови беа сите негови искази со кои ме обвинуваше за сè што ќе му дојде во главата – мораше некако да биде казнета, на крајот на краиштата, се случи тоа самото по себе, јас никогаш претходно не се одреков од намерата да му помогнам.
* * *
Се наспав убаво, малку саати, но здраво и насмеано отспани саати и едно будење што ги руши сите параметри на таа краткотрајна безгрижност на соништата со сенишен привид во собата каде што спиев: мојот маж. Беше смирен, не и контактибилен, но во рамна линија како и сите претходни еднолични денови, замислен, не гледа во телевизорот туку низ него, во тие негови светови низ коишто патува и се враќа, страшен, се враќа и исплашен, се враќа гневен, се враќа и смирен, како сега, се помирил ли по ова патување со својата судбина на предмет на општ и бесчувствителен заговор, и ако се помирил, колкав ли ќе биде овојпат интервалот на неговото помирување? Постои ли интервал што би можел да се нарече доволен за да го поднесе товарот на едно заминување?
Пародијата на неговите светови беше во сите тие обвиненија за неверство уште пред да се случи тоа, тогаш кога неговите сомнежи ме расплакуваа и ме тераа да посакам да умрам ако продолжи да мисли така, тогаш кога тој се гневеше и на мажите со кои се разминувавме на улица, жестоко тврдејќи дека сите сме дел од истиот заговор, и тие и јас, и неговите пријатели, сите до еден неверни и нелојални. Тогаш можеби предвидувал за сега, но сега повеќе не се расплакувам и, ете, тој не знае каде сум отишла, нема никаков абер за тоа, не на оној најпрост и најбуквален начин со кој би можел наведе простор, време и личност, но низ некаков далеку покомплициран и за мене несфатлив поглед кон светот, тој веќе знае, знае и тоа одамна.
Го прашав дали е гладен, а тој одби, само побара кафе во истата повлеченост што не ми дозволуваше премногу да го мразам, но ниту, пак, предолго да го сожалувам. На мојот маж му бегаа сите буквални значења, тој не забележа дека ми светат очите, не забележа ниту дека целата несреќа што ја носев во малите брчки на лицето имаше некаде одлетано, не забележа ни дека без причина, кога му го подавам кафето, се смеам, дека го немам ни целиот јад со кој тивко ја проколнував и својата несреќа и него, ниту во лицето, ниту во погледот, ништо од тоа не виде мојот маж.
Откако се интензивираа работите кај него, ретки беа деновите кога прифаќаше кафе или што било од мене, помислив дека сега можам да му ги подметнам апчињата, но залудно, криејќи се некаде помеѓу сите тие полици и отворени вратички во кујната, видов дека ме следи кришум, со крајот на окото ме следи и ги слуша сите звуци што ги произведувам, продолжувам да ги правам работите по рутина, само во рутината сме и двајцата сосем безбедни, тоа го имав научено веќе одамна.
Седнавме заедно, во истиот простор, мојот маж гледаше во фотографиите во компјутерот, а јас – во вчерашната вечер со портокаловиот чаршаф и големите перници, во погледот фиксиран во моето лице, во секој грч што опишува само малку од тоа колку сум среќна таму, во тој чаршаф, кој можеби сепак беше жолт или кафен. Ме прашува дали ми се допаѓа фотографијата во која длабоко зјапа. На неа има маса, оваа маса каде што сега ни се кафињата, претрупана со фотографии од остатоци од антички театри во некаков концепт што само тој си го разбира.
Првиот месец кога почнавме да се гледаме, ме фотографираше мене, ме носеше во природа, ме местеше кај мене дома по собите под различни светла, со вентилатори што ми ја дуваат косата, во ваква или онаква облека, и секогаш по тие долги сесии водевме љубов, како да се подразбираше дека фотографирањето е предигра, а сега гледам во остатоците од античките градови, тажно распоредени по масата, му велам дека убаво изгледа и абер немам што значи тоа, но не лажам, мене сè ми е убаво тогаш. Мојот маж се насмевнува како детенце, а јас помислувам колку нормално изгледа тоа утринско кафе, обичен исечок од семејна фотографија и колку може да биде лажна реалноста што се гледа, и колку може да биде вистинита онаа што не се гледа.
Спокојот на лажното семејно пладне го прекина ѕвончето што неопходно го штрекна мојот маж, кој, всушност, се штрекнуваше секогаш кога се скршнуваше од рутината, како кога заѕвонуваше ѕвончето, а тоа се случуваше ретко затоа што никој освен Даница, Ема откако се врати од Холандија, брат му Алек, и ептен ретко Тино и Нена или некој друг негов пријател од маало со жена му, што секако прво би се најавиле, никој освен нив, и тоа никако премногу често не доаѓаше. Силното, машко навалување на ѕвончето беше повеќе од доволно мојот маж да заборави на фотографијата, на кафето и на спокојот и втренчено да погледне во мене, затоа што беше убеден дека јас ги имам сите одговори во светот, и не само што ги имам, туку можам и да влијаам на нив, да ги управувам, како што велеше тој, во зависност од моите моментни намери, односно намерите на оние што ме тераат да го правам тоа, и така, без зборови, ме праша кој е натрапникот и зошто тој воопшто доаѓа. Иако знаев дека тоа ќе биде далеку од задоволително, ги кренав рамениците затоа што навистина не можев да претпоставам кој доаѓа, но кога ја отворив вратата, видов дека тоа е само Алек, и со очите, не произведувајќи никакви звуци, го прекорив што заѕвонил толку грубо и без најава, покажувајќи му накај мојот маж, како да го заборавил настанот што се случи неколку дена пред погребот на Митко, како да немаше никаква свест дека треба да внимава како се однесува. Алек, иако ја сфати пораката, не се извини ниту покажа некаков знак дека се правда, туку само намќоресто ме гледаше како нешто да сум му згрешила, толку намќоресто ме гледаше како да забораваше дека мојот маж е тука и дека никако не смее да се однесува толку невнимателно, дури безобразно, да гледа толку директно во мене, што упатуваше на тоа дека можеби на крајот тој сепак немаше апсолутно никаква претстава за целата ситуација во која се наоѓа брат му. Гнев, само обичен гнев. Лутина, ништо повеќе од тоа. За Алек тоа беше единственото објаснување за сѐ што се случуваше или за оној дел од случувањата на кои самиот посведочил. Треба да се случи нешто навистина сериозно, нешто страшно, за на Алек да му дојде колку се два и два.