Папокот на светот (извадок)

Извадок од романот „Папокот на светот“ на Венко Андоновски.

19.

Вечерта не можев да заспијам, оти чув, разбрав дека Филозофот му порачал на логотетот: да слезат утре заедно во источната одаја, и овој да му го открие конечното и точното значење на записот, и да му каже уште во што се состои проклетството што со векови го опседнува царството. Не ми беше ништо јасно: та ние само ја видовме одајата, и ништо не разгатнавме. Но, не било така, како што подоцна се покажа; и најголемите тајни се разјаснувале тивко, без возбуда и, како што се виде, на начин сосема едноставен и јасен, како да не биле никогаш – тајна!

И поитав кон одајата на Филозофот, но за да дојдам до неа, требаше да поминам крај одајата на Лествичникот, пречка несовладлива да минам, оти тој старешина беше и можеше секој миг да излезе од одајата своја и да ме праша каде одам во глуво доба и какви сојузи склучувам со нечестивиот; можеше да ме накодоши за сојуз со рогатиот кај логотетот, и главата да ми ја отстрани од раменици, ако се случеше тоа.

Но иако срцето ми биеше, за првпат во животот јас не сакав на полпат да останам, со средните духом, со накажаните, со малоумните. И тргнав, решен да узнаам. А кога дојдов до одајата на Лествичникот, нозете ми се отсекоа. О, бедни и блажени духом, кога не умрев тогаш, вечен ќе бидам на земјата: така ми се чини. Оти слушнав гласови кај Лествичникот и помислив дека вратата од одајата само што не се отворила, оти не беше сам: помислив дека е со логотетот, и дека повторно го заведува и наведува против Филозофот. Но, не беше така, за среќа моја: слушнав убаво дека Лествичникот му рече на ноќниот патник во одајата негова да оди и да го чека долу, така рече и никако поинаку, оти слушнав. А потем слушнав плач женски, и зборови неколку неповрзани, од женска уста кажани, и според говорот, знаев: внатре беше ќерката на логотетот!

И минав низ коридорот на прсти, а кога ја заминав одајата стрчав до другиот крај на зданието, и не можев да сопрам, оти страв силен ме обзеде и срцето ми тупотеше во грлото. Отклучувањето на тајните беше почнато, клучот во клучалницата најдлабоко беше ставен, како кол глогов во срцето на врколакот, и немаше назад додека сѐ не се растајни, додека сѐ не се дознае и види!

А кога влегов во одајата на Филозофот, тој се молеше Богу. Се сврте и, како да ме очекувал, ми даде знак да седнам. Не знаев како да почнам и реков: „Во одајата се. На Лествичникот“. А тој ме погледна, се насмевна кротко и рече: „Знам. И затоа молитва чинам“. И продолжи да се моли за душата на Лествичникот како за најголем пријател. А кога заврши, рече: „Ти си човек со крст. Оти ја реши загатката“.
Не можев да им поверувам на ушите; свеста ми се виеше, срцето не ме слушаше, душата ми пламтеше во некаков непознат оган. „Како?“, успеав само да пропелтечам.

„Ти виде, нели? Виде дека тој знаеше како треба да се намести клучот во клучалницата за да се заклучи одајата? И рече: ,Повнатре со клучот, и потем силно, десно’, како секој ден да ја отклучува!“
О, Филозофе! Човек во телото, ангел во душата, мудрост неисцрпна! Ти благодарам што ми ги отвори очите: та нели и најмалите нешта не смеат да се понижуваат, нели животот е мозаик во кој без едно единствено камче нема целина плодоносна? И рече Филозофот: „Лествичникот е блудник, и блудствува со ќерката на логотетот; откако му е доверена на воспитание и ука, тој секоја ноќ ја води на тајно место и води љубов со неа. А најтајното место во ова царство е одајата со три печати, оти во неа сигурно никој нема да влезе, за да не го навлече проклетството врз себе“, рече.

Мене свеста ми се врати, и видение јасно, светлина силна во умот ми се јави, па се состави мозаикот: ми стана јасно од какви причини го немало Лествичникот на закопот од неговиот татко, пречесен Мида, и разбрав дека отсуствувал шеесет дни и шеесет ноќи, токму колку што треба за да се потроши под нозете патот до Дамаск и назад, до тезгата на трговецот со клучеви и пајаци отровни и назад; ми стана јасно дека го украл клучот од западната одаја, од рубата на неговиот татко пред овој да се упокои на рацете негови, пред писмо да се престори; и дека златниот клуч е умножение, дело на рацете на Амореецот, вешт во создавање подобни клучеви; ми стана јасно дека Лествичникот, откако направил умножение на клучот, го вратил изворниот клуч во одајата на неговиот упокоен татко, и дека од тагата по таткото свој се лишил, само за да го направи тоа дејание гнасно: клуч-близнак од одајата кобна да поседува, да има. И дека со клучот одајата ја отворал не три, туку безброј пати и дека затоа поразии лоши и ужасни навлекол врз царството наше; и дека во одајата ја водел ќерката на логотетот, безбеден сосем, за да блудничи како со блудница Вавилонска. И јасно ми стана дека во таа одаја, под вжарените очи на нечестивиот, кој се насладувал како трет во нивниот блуд, девојката се извивала под него, претворајќи се, од ден во ден, проколната за гревот за кој малоумните не се свесни (но умниот бил свесен!), во пајак гнасен! И си помислив: па и рацете на Лествичникот, како да стануваат се повлакнести, од ден на ден!

Станав и не знаев каде да одам. „Мир со тебе, Иларионе!“, рече Филозофот. „Успокој се, оти уште има“.

И потем кажа: со врвовите од прстите поминал по записот-клопче; и не прочитал ништо ново; во центарот на клопчето, во средето на преѓата ја прочитал буквата Ж, во жена престорена, насликана од незнајниот сочинител на таа одаја; лево од неа го прочитал записот познат: Јас, царот Соломон, велам: Чашо моја, чашо моја, пророкувај додека има ѕвезди. Биди му за пиење на Господа, првенецот што бдее ноќе. За да вкуси Господ направена е од друго дрво. Пиј и опивај се со веселба, и извикувај: алилуја! Еве го кнезот, и целиот собор ќе ја догледа неговата слава, и царот е помеѓу нив. Потпис: Цар Соломон, 909. А десно од буквата блудница прочитал: Јас, царот Соломон, велам: Чашо моја, чашо моја, пророкувај додека има ѕвезди. Биди му за пиење на Господа, првенецот илто бдее ноќе. За да вкуси Господ направена е од друго дрво. Пиј и опивај се со веселба, и извикувај: алилуја! Еве го кнезот, и целиот собор ќе ја догледа неговата слава, и царот е помеѓу нив. Потпис: Цар Соломон 909.

И се узна така дека исто слово стоело и од лево и од десно од средето на клопчето, од буквата „Ж“ небаре огледало е таа.

„Значи“, велеше Филозофот, „потписот од записот наш, оној од планината Папок на светот што се викаше бил лажен; Царот Дариј не бил автор на записот, негов сочинител, туку Соломон; кога Дариј ја победил војската на непознатиот непријател, знаејќи за записот на планината од ини времиња, решил само да го избрише потписот „Соломон“ и да го испише своето име, Дариј“ велеше. И потем се насмеа и рече: „Неговите каменоресци и немале многу работа!“ Потем помолче и рече: „Затоа планината се урна кога се обидов умножение да сочинам, отисок од првиот збор, кој беше јас; оти гневот Божји се јавува кога некој лажно јас зема за свое, како Дариј што направил со она јас што му припаѓало на Соломона!, рече.

Не можев да им поверувам на ушите. Собрав сили да изустам: „Та зарем така сочинувале слова сјајни владетелите? И зарем не е тоа кражба, дело недостојно ни за арамија, а камоли за цар? И ако е така, зарем не е тоа само еден единствен запис за славата земна, што власта постојано го присвојува и само врз него се препотпишува?“
И потем мисла соблазнителна во умот ми дојде: „А кој е тогаш вистинскиот сочинител на словото? Зарем не е тоа – Бог, а ние го земаме неговото јас како вреќа туѓа со пљачки арамија што зема?“ А Филозофот, како да ми ги чита мислите, рече: „Мислам дека, кој и да е творецот, побудата да сочини слово му била жена; буквата Ж, која е и почеток и крај на клопчето, сосема на жена личи, и затоа во записот на средето од буквите е поставена! Само жената го одржува писмото во живот: ете тоа сакал да каже незнајниот градител на одајата.“
И потем стана, и почна да чекори во круг по собата. И рече: „Но уште има.“ А јас гледав во него стаписано.

И рече (мислам) вака, оти главата ми шумеше, и не се сеќавам на точните зборови Негови: дека таа одаја целата била сочинение; и дека не била книга само онаа книга на столбот поставена, туку одајата цела била книга, оти имала значение. И рече дека дури и бројот во потписот криел тајна, оти значел: еден сочинител (деветка една, тројство совршено, оти трипати тројството се повторува во бројот девет) од левата страна, и еден читател од десната страна. А нулата меѓу двете деветки била сочинението, клопче тркалезно, бездна непозната, се во ништо ставено. Сочинението е мрежа пајакова, круг, нула чиста во која се содржи сѐ, од која сѐ излегува и во која сѐ се враќа, како што од утробата на жената, на буквата Ж, пород излегува; утроба, нула вечна, источник на светот и уточник, кога наслада во жената и писмото се бара! И редовно, како што секое слово најмалку два созерцатела има, еден сочинител и еден читател, така и жената, запис таен и совршен, обично двајца мажи крај себе води: еден од десната и еден од левата страна. „Значи, жената е сочинение, и сочинението е жена“, реков јас со страв. „Точно“, рече. „Тие две нешта воопшто не се различни. Тоа сакал непознатиот сочинител да ни каже. Оти, она Ж, средето на клопчето, во себе ја има страста на жената; што е тоа што ги привлекува буквите да се подредат во зборови, а зборовите во мисли, ако не љубов, страст женска, привлечност на телата нивни?“

„Но ние“, продолжуваше Филозофот, „од левата страна на одајата бевме, и читателот лев на словото бевме. Но, кој беше, и кој истото слово го читаше од десната страна?“ праша.

И мене косата ми се крена на главата. На ѓаволот мислеше Филозофот, и не се шегуваше! Него го сметаше за втор читател, за оној кој словото го созерцува од страна неумесна. И потем рече: „Застанав јас кај ѓаволот, токму пред него, додека ти и Лествичникот го гледавте словото чудно; и со очи негови, на нечестивиот, го видов словото. И тоа поинакво се укажа, одошто е“, рече. „Други зборови и гласови покажа, друго значение, и сосема е јасно, од она што го видов – зошто врз царството поразии и проклетства паѓаат“, рече. „Утре ќе го натерам логотетот да застане со ѓаволот, пред него да стои, со негови очи да види, да узнае дека под словото друго слово има, под буквите видливи – други, скриени, под душата на словото друга душа е настанета!“

„Па и ливечето на отец Мида“, продолжуваше Филозофот, „не е цело сочувано, и завршува токму кога за ѓаволот треба да глаголи, вака: ,Кога човек го гледа тој ѓавол, коските му штракаат, и посакува да се сокрие од него, на место невидливо, толку невидливо што…’ Како да сака да каже дека местото е толку невидливо што видливо е сосем (оти највидливото најчесто не го виѓаваме), а во таа одаја повидливо место од она на ѓаволот – нема. Како да сакал отец Мида да каже дека човек треба да застане на местото од ѓаволот, во ѓавол да се престори за да го разбере словото; тоа е цената на читањето на скриените значења! Само ѓаволот го гледа она што ние не го гледаме!”

И мене, во тој миг ми текна на чудната ука на Лествичникот, онаа за криење на важните и украдени нешта на највидно место, оти законот скриеното го бара на тајно, а не на видливо место!

А Филозофот и натаму словеше, оти беше решен да го сврти и клучот во клучалницата на мојата бедна душа, и се да ми растајни, оти слаб бев за отворање клучалници. Па рече „Папокот на светот не е во средето на онаа планина; тој запис на планината е умножение, еднакво како што и овој запис е умножение, од некој изворник. Незнајниот сочинител на оваа одаја, со тоа што писмото во клопче го завиткал, сакал да ни каже уште и дека источникот вистински, првобитниот запис е кружен, како клопче, и дека во центарот негов стои жена, страст. И дека засекогаш е изгубен, и дека го бараме и денес, умноженија на изворникот сочинувајќи, на книги, во одаи и на планини високи, но источникот не се јавува, не се појавува!“
А јас гледав во него како од ровја трештен, и сѐ ми беше јасно, и ништо јасно не ми беше, оти кажано е: во мигот на најголема светлина најмалку се гледа, и ништо јасно не е! Кој не верува, нека проба да гледа во сонцето: та нели најголема светлина тоа ни испраќа, и во мигот таков – слепило целосно настанува? Гледав во него и молев: кажи ми Филозофе, велеше мојот поглед, кажи ми каде е папокот, центарот, средето на светот? Каде е изворот на писмото древно и непознато? Што е изворникот на овој чуден запис?

А тој рече: „Папокот на светот била чашата на Соломон, и на неа првпат записот од одајата бил сочинет; тоа е изворникот што денес го нема, а сите го бараме: во папокот на жената, во врвовите на планината, во мрежите и клопчињата на словата. Се смета дека сочинител на тие стихови е Соломон самиот, оти мудрец и поет бил. За чашата негова преданија се кажуваат и денес; се говори дека чашата била полна ѕвезди, и дека на папок личела, и дека во неа Соломон ја гледал судбината своја и ја црпел мудроста своја, како од книга, и дека таа му велела како да постапува во војна а како во мир. И дека во истата чаша Соломон мудриот, поетот, и вино си турал и дека пиел, и дека во подоцнежните години од животот со многу жени се насладувал крај чашата, и колку повеќе вино во чашата турал, толку поретко ѕвездите во неа се јавувале, гаснеле, и дека пророштва сѐ помалку кажувала чашата, сѐ додека не згаснала мудроста нејзина и негова, од вино премногу. А кога чашата некој ја украл, поколенијата Соломонови решиле да го остават за вечни векови барем записот од чашата, како опомена до оние што доаѓаат, како закон според кој мудроста слабее и гасне, од премногу страсти во чашата на животот. Па го испишале записот на една планина што личела на чаша, па ја нарекле планината Папок на светот. А потем, како што узнавме, царот Дариј и тој запис го присвоил, како незнаен некој крадец чашата Соломонова што ја украл, мислејќи дека таа ќе му донесе глас на најпознат светски пророк и мудрец. Конечно, третото умножение на записот го сочинил некој наш мудар и умен предок, кој сето ова го знаел, и сакал да ни каже уште нешто. Тоа уште нешто е кажано во записот, на невидлив начин, што утре ќе го направам видлив, пред логотетот“, рече Филозофот. И пак почна да се моли Богу.

А мене, во тој миг ми се растајни записот од западната одаја: пресметката. И знаев дека пресметката се однесувала на таа чаша и дека најверојатно говори за длабочината неумерена и страста на чашата соломонова, во вино изразена. Тој запис беше пресметка на страста човекова, на неумереноста кон вино и жени. Виното опива и виденија дава; и книгата опива и виденија дава; и папокот на жената опива и виденија дава; изгледа дека тие три нешта воопшто не се толку различни колку што се различни зборовите за трите нешта. И јас знаев: не постои еден папок, едно среде на светот, оти на три е разделено: на чаша, папок женски и слово. Исто како и светлината што ја гледав, а што беше и боја и музика и светлина едновремено. А сепак тоа беше Едно. И знаев дека несреќата на човекот е во тоа ра- зединување: од едно да се направи многу, наместо обратно да биде. Оти блажен е, среќен е оној кој ќе успее да ги спои светлината, бојата и музиката; блажен и среќен е оној што од папокот на жената љубена, од словото свое и од чашата вино ќе сотвори Едно, оти само тогаш ќе го најде, ќе го означи средето на светот. И средето ќе биде во него, и тој во средето.

Но сакав уште да знам: што видел Филозофот, кога застанал на местото од ѓаволот во таа одаја? И што вели словото кога ѓаволот со свои очи го чита?!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *