Разнишан свет (извадок)

Извадок од збирката раскази „Разнишан свет“ на Ирена Јурчева.

Ранобудниот  негубинадежник

Во комшилакот каде што бевме под стан додека студиравме, над пивницата на улица Максим Горки, живееше еден чуден чичко, можеби и будалетинка, но блазе него, зашто како да не го допираа кризата, немаштијата, безработицата, претстојните избори, политичките кампањи, штрајковите, примитивизмот, простаклакот/простотилак и зависта, празнотијата во душите и темниот облак надвиснат над нашево небо. За него како да не важеше мачниот живот под Сонцето и проклетството со пот на челото да си го вадиш лебот. Името на тоа човече не му го знаевме.

Kога во викендите, во раните утра се враќавме пијани од забавите во паркот, со него редовно се судиравме во влезот. Се враќаше од утринската прошетка покрај Вардар со полно ќесенце и како најголем среќник роден од мајка, си ги триеше рацете и ѕиркаше во денешната заработка. Долго мислевме дека се враќа од канта пазар како што некои го викаа, за да си купи стара трска од десет денари или шпил-карти од дваесет, но тој, всушност, ја започнуваше својата утринска потрага на долгиот кеј во бесплатното азно на загубените пари и предмети. Редовно и без срам од комшиите си ја тераше таа разонода или работичка, како што ја нарекуваше. Уште додека заспаниот град тонеше во лесна магла, освен некои сериозно заучени студенти или безделници какви што бевме ние, пред да станат ранобудните, првите работници, обичните луѓе кои гo држеа на стаклени нозе ова општество, тој веќе живо иташе кон кејот. Нов ден – нова нафака. Силната волја го влечеше таму, во богатство од скапоцени дреболии распрснато на кејот, видливо само за неговите игриви очиња. Кога се враќаше од  својата потрага, го гледавме како смешно оди зад дрворедите на јапонските цреши, подрипнувајќи зад раскошните розови крошни, со својата уште пораскошна насмевка.

Беше низок и дебеличок, со куси раце, облечен во сив ветов балтон. Секогаш носеше една старинска капа со козирка и секогаш држеше стапче во раката. Мустачињата на јадрите образи му заигруваа кога се смешкаше, а пред неговите ситни и чудногледи очи како да се вкрстуваа весели визии. А уште подопадлив го правеше неговиот од – со ситни чекори несигурно цупкаше лево-десно како да гази по јајца. А тогаш ние, недоквакани дечишта, кога и да го видевме, учтиво ќе го поздравевме, а зад грб го имитиравме и придушено се смеевме. Секое саботно и неделно утро се враќаше со поголемо ќесе и двојно поголем пазар и кога и да нѐ видеше на скалите ќе нѐ поздравеше, мрморејќи си во себеси што си нашол по патот, каква убава работичка си имал и добар пазар направил, па за тоа колку биле занесени љубовџиите кои седеле на клупите и заборавале полни ќесиња и чанти, приврзоци, саати  и ланчиња/ѓерданчиња.

„Комшија, паѓа ли нешто?“ често се слушаа подбивања од  пензионерите кои во тие години седеа на клупите околу фонтаната на плоштадот и будно ги следеа сите случувања. Тој на своето крескаво гласче како да му даваше сериозен тон, божем е некој опитен професионалец и без да ги погледне, кусо и отсечно им велеше: „Им’, им’, пу нешту. Ако добру глееш и пулека одеш“.

Ретко му го слушавме гласот, зашто тивко и вредно си ја тераше работата. Но еднаш целиот возбуден и задишан, чиниш се враќа од трчање на кејот, им објаснуваше нешто на двајца соседи и тоа беше најдолгата реченица што сме ја слушнале од него: „Уб’ва работичка си иам. Чера една чрвена со златните маски – петсто милијарди! А саа, ja тук’ под мосто, тук’ на крајо, една чрвена со Богоројца! На некој слепец му паднàле уд џебо. Понатам ду тај новио белио мост најдех едно златно ланче! Моја си била среќичката!”

„Види го бе, среќлија. Порешителен е од Алекса Бабачко на коино“, рече еден кога овој се оддалечи од нив, имитирајќи му го гласот толку добро, што целото друштво убаво се изнасмеа.

Ни се чинеше дека тоа чудаче вистински суштествува за разлика од сите други во тоа време, потопени во мизеријата на кризата. Еднаш нашиот газда за него рече дека бил најнасмеаниот, а можеби и најсреќниот човек кој го познава и дека досега ниедна жалба не се слушнала од неговата уста.

Една пролет со цимерите се договоривме дека секој ден ќе трчаме на кејот и додека нѐ држеше краткиот ентузијазам за нашата нова навика, тоа човече ни беше верната сенка таму. При крајот на студентските денови, овде кружеше и еден пајтон. Туристи во секакви бои и форми, жолтокожи и косооки, високи и суви старци со коцкести раменици го преплавуваа малиот плоштад начичкан со секакви мермерни кипови и бронзени чуда. Едно приквечерие кога се враќавме од трчање, го видовме овој занесен надежник кој за малку што не се сопна пред забрзаните коњи. Костумосаниот кочијаш панично му викна да се тргне, но нашиов сосед со слатка и детскa возбуда му викна: „Чекајтеее, да си ја зберам среќичката од земната!“ Се наведна и крена нешто што оддалеку ни заличе на светкав саат, па целиот задоволен го протри со ракавот и си го стави во џебот. Едната од двете туристки во кочијата, повозрасна дама со темни очила, со својот голем фотоапарат бргу се обиде да ја сликне оваа разбранувана сцена – исплашени коњи, намуртен кочијаш и скромен чичко со старомоден балтон и капа.

Улични продавачи на весници и сувенири, дотерани девојки во катадневната парада на улица Македонија, новопечени директорчиња скоцкани во сакоа кои таму на пауза пиеја кафе, важни чиниш шетаат по Волстрит или седнале на кафе на Шанс-Елизе, колони од возрасни граѓани секогаш кон и од автобуските станици, просјачињата кои просеа по кафулињата, понекоја гатачка која очајно бараше млада наивна девојка да ѝ вража – сите тие беа насмеани – вештачки,  подмолно, збунето насмеани.

Нашиот насмеан заљубеник во животот со работливо наведната глава долго време не го беше видел синото небо кое сѐ повеќе посивуваше и дрвјата во градот кои сѐ повеќе се разретчуваа. Не ги забележуваше ни новите мермерни шаренила кои како печурки преку ноќ мистериозно никнуваа.

„Само напред, главата долу!“ се кикотеа соседите и сеирџиите пред пивницата.

„Се наоѓа понекој надежник во оваа сиромаштија, ама овој е… негубинадежник!“ досетливо рече еден од нив. 

Тој само игриво се смешкаше под мустачињата и како да сакаше да каже: будали сте што работите, живеете со бедни плати и не си ја барате среќичката во градското азно. Во ниту едно годишно време не си даваше почивка од неговата работичка. Важно беше она екстатично задоволство што му извираше од очите, дури и од безвредно догорче на рапавите остатоци од некогашната калдрма. Лудиот нема да каже за себе дека е луд, иако овој едноставно знаеше да живее за мигот, да се радува вџарен во сивите раштркани мермерни плочки на плоштадот, од кои секој од нас мораше барем еднаш да се сопне. 

Годините си одминуваа, студентските денови се ближеа кон својот крај, а центарот на градот секој месец додаваше нешто ново на своето руво. Мојот најдобар цимер ќе речеше дека секоја новоиздигната плоча на натрупаниот плоштад е надгробен споменик на уште една наша погребана можност. Други од нас, пак, мислеа дека е  убаво што се гради и дека оваа метропола има што да покаже пред туристите. Какво и да беше, сѐ се менуваше освен ранобудниот негубинадежник. Тој, маскотата на нашиот тесен центарски комшилак, симпатично ја дополнуваше палетата на ексцентрични и налудничави појави во градот.

Еден од нашите цимери во втората година, кој студираше книжевност, бистро момче и голем шегаџија, го овековечи во својата прва збирка раскази што ја објави по три години испраќање на конкурси и неуспешни договори со издавачи. Надежниот и јаден писател, уметникот што би требало да ужива во животот и дарот од Бога да твори, на она старче не можеше ни опинците да му ги понесе поради неговото блаженство одразено во живите очички. Оној математичарот, кој за кратко беше со нас последната година, биеше шега на своја сметка дека со десет часа по математика неделно заработува десетпати помалку од вредноста што ја имаат загубените предмети што за една недела ќе ги собере комшијата, ни се потел, ни молел за работа,  ни од инспекции се тресел, ни бизнис водел, ни даноци плаќал.

Соседите го паметат како ситно и подгрбавено човече, секогаш облечено во сиво и ветво палто, со старомодна капа со козирка и поглед зариен во стапалата. Ако уште е жив и го служи здравјето, сигурно талка по кејот или градскиот парк, надевајќи се на чрвена банкнота или златен саат.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *