Резервен живот (извадок)

Резервен животИзвадок од романот „Резервен живот“ на Лидија Димковска.

1984.

Тоа јунско попладне пред нашата зграда на периферијата на Скопје јас, Сребра и Розе си игравме една сосема нова игра: претскажување на судбината. Со бела креда врз вжештениот бетон во удолницата што водеше кон гаражите на станарите цртавме квадрати и во нив го впишувавме бројот на годините кога сакаме да се омажиме. Сигурно му паѓавме в очи на секој минувач, а сè уште и на станарите седнати на балконите или застанати крај отворените прозорци од зградата што нè познаваа мошне добро: имено, јас и сестра ми бевме близначки, сијамски, со сраснати, споени глави кај слепоочниците, веднаш над моето лево и нејзиното десно уво. Такви се бевме родиле, за наша несреќа, а за срам на нашите родители. И двете имавме долги, густи костенливи коси што ни го затскриваа, или барем така мислевме, местото на сраснатоста; на прв поглед изгледавме како да сме клекнати со допрени глави една до друга, а удолу телата ни беа слободни, облечени во летни фустанчиња без прерамки, со ластик над градите, јас во зелено со ситни жолтеникави цветчиња, а сестра ми во црвено, со сини и бели точкички. Сестра ми, Сребра, а јас, Злата, на 12-годишна возраст можевме само да се срамиме од нашите имиња. Како може деца, девојчиња, да се викаат Сребра и Злата? И онака веќе обележани деца, со сраснати глави, ненормални за околината. Тоа се имиња за стари жени, за тетки што чистат по влезовите или за продавачки на компири пред пекарницата. Мама секогаш нè замолчуваше со аргументи кога повторно ќе се побуневме за имињата: „Така сакаше кумот, Злата по света Злата Мегленска, а Сребра по некоја си Сребра Апостолова што погубила два бега во Лерин.“ „Глупав“, беше секогаш нашиот коментар, еден од ретките што ни беше зaеднички. Од крштевката наваму кумот никогаш повеќе не стапна во нашиот дом, како да пропадна вземи. Поточно, заминал на печалба во Австралија и засекогаш нè отпишал од неговата свест. „Злата на клада, Сребра без ребра“, нè задеваа децата од улицата и освен Розе, а понекогаш и Богдан, никој друг и не си играше со нас. Едни не ги пуштаа родителите, да не имаат ноќе кошмари ако преку ден си играат со нас, „ненормалните“, а други сами бегаа и оддалеку нè гаѓаа со каменчиња извикувајќи „ретардирани“. Розе беше единствената што немаше тешкотии со нашата физичка мана, живееше на вториот кат во нашиот влез, беше една година поголема од нас, имаше густа црна кадрава коса и беше црномурна, малку пониска, но поцврста, зашто има деца што се кревки, чиниш ветрот ќе ги дувне, со тенки нозе, блед лик и ситни, костенливо-зелени очи, како нас, а има деца што изгледаат мускулесто, здраво, тешки за носење в раце, со цврсти дланки, како Розе. Беше многу решителна и нејзиниот збор беше толку цврст што секогаш се сложувавме со нејзините предлози. Така беше и тој ден, кога предложи да нацртаме квадрати, да ја впишеме во нив возраста на нашата посакувана мажачка, над квадратот да напишеме по три почетни букви на нашите симпатии – кандидати за мажи, под квадратот да напишеме броеви од еден до три – колку деца сакаме да имаме, од левата страна да ги ставиме почетните букви на трите финансиски состојби на нашите мажи (сиромашен, богат и милионер), а на десната страна на квадратот да напишеме почетни букви на три градови во кои би сакале да живееме со нашите мажи. Мојот квадрат и квадратот на Сребра беа близу еден до друг, а Розе го нацрта својот малку понастрана од нашите. Потоа ги пребројувавме напишаните знаци точно онолку пати колку што беше бројот впишан во средината на квадратот и ги заокружувавме знаците што ни се паѓаа. Вака изгледаа шемите на нашиот посакуван брачен живот некогаш во иднината:

Розе сакаше да се омажи по осум години, што и онака ѝ се чинеа многу, на 21-годишна возраст, исто како мајка ѝ, и ѝ се падна дека ќе се омажи со некое момче на П, да, колку убаво што ѝ се погоди токму симпатијата Панаит од Катерини каде што секој јули одеше со семејството на одмор, во некоја стара куќа со апартмани близу до катедралата на гратчето. Во соседниот двор живеел Панаит, симпатично момче кое за волја на Розе научило неколку македонски збора доволни за нивната срамежлива комуникација со погледи, криенки и капења во морето. О, ќе бидеме сиромашни, извика, зашто така и ѝ се погоди, дека Панаит ќе биде сиромашен, и дека ќе имаат едно дете, и дека ќе живеат во Солун, градот што Панаит го сакал најмногу од сè на светот,зашто таму се родил, како недоносче, таму му го спасиле животот и затоа секоја година со родителите оди на поклонение во црквата Свети Димитрија, да му се заблагодари на светецот. Само едно дете, тажно рече Розе, зашто си замислуваше кога ќе биде голема, среќна и омажена за Панаит – дом полн со деца, или барем со две, како што се таа и сестра ѝ, поголема од неа три години.

На Сребра која посакуваше да се омажи на 23-годишна возраст ѝ се погоди дека тоа ќе биде некое момче на буквата Д, иако такво не постоеше во нејзината свест, го стави онака, колку да има три машки имиња, дека Д ќе биде богат, дека ќе имаат две деца (Блазе си ти!, извика Розе), и дека ќе живеат во град на Л. „Во Лондон!“ извикав, и од изненадувањето малку ја повлеков и нејзината глава со својата. „Како во Лондон? Не ни знаеш како изгледа! И плус е толку далеку! Јас не сакам да живеам во Лондон! Како ќе живееш таму ако не живеам и јас? Само на себе мислиш!“ Да, уште од најраните години имав чувство дека Сребра секогаш мисли само на себе и дека воопшто не ѝ е грижа што имаме сраснати глави, што не можеме да имаме одвоени животи туку еден заеднички, како да сме една личност во две полуспоени тела. Сè моравме да правиме заедно: да јадеме, да спиеме, да одиме по нужда, на училиште, надвор, внатре, сè. Уште кога бевме мали и ноќе ќе ѝ се примочкаше, нагло ќе го отфрлеше јорганот и ќе срипаше од креветот што значи дека и мене ќе ме повлечеше крајно нечувствително, ќе ме разбудеше од сон неочекувано и ќе ме поставеше на нозе, иако сè уште бев во некакво бунило, меѓу сонот и јавето. Толку беше силна болката во делот кај што ни беа споени главите што извикував од ужас, а Сребра со стиснати заби веќе трчаше влечејќи ме кон тоалетот. Таму кога едната седеше на ве-це школката, другата мораше исто така да потклекне и да седне, а најчесто да тресне врз пластичната сина корпа за отпадоци, која ја поставувавме лево или десно од школката, во зависност која од нас клечеше врз школката, а во која не се фрлаше само хартијата за бришење што не беше тоалетна и мирислива, туку беше хартија за машина за пишување што мајка ни скришум ја носеше од работа и потоа секој лист го кинеше не четири дела, за да можеме со нив да се бришeме по нужда, туку и кујнските отпадоци, остатоците од храната, и сè што беше смет. И јас честопати бев сурова, повлекувајќи ја нагло во некој правец, но бев свесна дека главите ни се физички сраснати, дека во секој миг треба да внимаваме на однесувањето за да не се повредиме, пред сè физички, зашто болката во слепоочниците кај што ни беа сраснати главите беше неиздржлива кога ненадејно ќе направевме некое ненајавено движење. Сребра беше исто така свесна дека сме две во едно, но само физички, кога ќе ја здоболеше главата, а психички не, правеше големи планови во животот и едноставно не ги поврзуваше со моите желби и нашите заеднички можности. Беше сигурна дека еден ден, кога ќе бидеме големи и кога ќе имаме многу пари, ќе можеме да платиме за операција за одвојување на сијамски близнaци. Толку многу веруваше во тоа што дури и со споени глави правеше планови како да сме веќе одвоени. Така беше и тогаш, со играта на претскажувањето, кога најмирно на свет ми рече: „Стопати сум ти рекла дека сакам да живеам во Лондон, а ти не си го ставила тука, еве, ти се паднала буквата С, сигурно Скопје, ама јас не останувам тука ни за жива глава! Во Лондон сигурно ќе можат да нè одвојат, таму има такви лекари“. Во очите веќе ми се собираа солзи. Најсилно што можев со левата рака ја штипнав за нејзиниот десен лакот. Сребра ја извиши левата рака и преку сопствената глава ме удри најсилно што можеше по главата. Тие нејзини удари по главата што ме болеа по цели денови. Мама еднаш ѝ рече „Така ќе ѝ го дупнеш мозокот, па ќе се сликаме после“, а тато, како и секогаш, додаде: „Изелици низаедни, го изедовте светот“. Иако главите ни беа сраснати и тоа преку заедничка вена низ која нашата крв се мешаше и во мигови на возбуда, вознемиреност и други крајни ситуации во нашиот живот и двете чувствувавме како да ни бие срцето во слепоочниците, сепак размислувавме поинаку, значи мозоците внатре не ни беа сраснати, што не знам дали беше среќна или несреќна околност на нашиот живот. Затоа Сребра кога ќе ме удреше по главата секогаш и ќе ми просаскаше: „Немој да си зуцнала дома!“ Но, сега не успеа да рече ништо, зашто јас почнав толку силно да плачам што Розе веднаш се наведна над нас и ми ги избриша очите со рака. „Еј, Злата, немој, види колку убаво ти се паднало, маж ти ќе биде милионер и ќе имате едно дете, а со милионите сигурно ќе најдете и лекар да ви ги одвои главите“. Липав и клечев неподвижно, чувствувајќи како Сребра во мислите веќе заминува за Лондон, сама, без мене, но јас не бев никаде, чувствував дека ме нема, дека физички не постојам. „Еј, па каква ви е оваа игра“, извика во тој миг Богдан кој ни се приближи нечујно, а сето време седеше малку подалеку од нас, на бетонската височинка над удолницата, потпрен до влезната врата на зградата и ги следеше под око нашите потези, додека навидум заинтересирано без молив, во себе, решаваше крстозборка скината од некој весник. „Ти не мешај се“, му се врекна Сребра, јас молчев и ги голтав мрсулите што ми се собираа во грлото после солзите, а Розе само ги поткрена рамената. „Само за мажење мислите, немате попаметна работа“, дофрли Богдан и изненадено се насмеа. „Еј, види, буквата Б, да не сум јас ова?“ Пред да успеам да се вцрвам, во истиот миг токму над нашите квадрати со играта за претскажување од еден од балконите падна и се распрсна саксија со кактус. Се слушнаа извици на негодување и пцости. Ронките од почвата се распрснаа насекаде врз нашите нацртани квадрати, одвај можеше да се види само уште мојот квадрат, а јас сакав да се омажам една година пред Сребра, со момче на Б., да биде милионер, да живееме во Скопје и да имаме едно дете.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *