Само уште еден скок (извадок)

Фрагменти од книгата „Само уште еден скок“ на Енис Хилми.

Кога сме кај спиењето, уште ова. Упорно одбивав да спијам во креветчиња за кучиња. А одбивав затоа што ми беа ептен бебешки, да не речам глупави и ич не ги сакав. Во меѓувреме искинав најмалку десетина. Е. многу се лутеше, но повеќе во себе и никогаш не ме караше. Како не им беше јасно на луѓето дека штом ги уништувам креветчињата, не треба никогаш повеќе да ми ги подаруваат? Туку многу подобро е да ми купуваат колачиња и играчки. Особено колачиња. Се надевав дека ќе сфатат и конечно ќе престанат со глупавиот подарок. Јас веќе си го имав замислено креветот. Чекав само погоден момент кога тоа ќе ѝ го соопштам на Е. За неполн месец, откако целосно ѝ го украдов срцето, го украдов и креветот што си го бев замислил. Еден голем кауч сместен до балконската врата со супер поглед кон калето и езерото. И останав да спијам на него целиот мој живот. Добро, сосема на крајот кога веќе бев многу стар и имав многу болки во нозете, го баталив зашто не можев повеќе да се качувам на него. Тогаш си спиев само на подот. На една огромна сива кучешка перница, довлечкана од големиот уште посив град. Кога Е. забележа дека спијам само на подот, реши да го исфрли непотребниот кауч од домот. Но јас почувствував што планира и ни самиот не знам како, само и само за да не го даде, смогнав сили и едвај се качив на каучот. И не го даде. Иако ниту еднаш потоа не успеав да спијам на него. Што можам да направам? Таков сум. Безусловно се врзувам дури и за предмети. А не пак за луѓе. А и четиринаесет години не се малку време. Па белки имам и јас некое стекнато станарско право? Макар било тоа и право на еден кауч, со поглед…

* * *

 Добро, имаше и такви, за среќа, многу ретки денови кога прошетките не беа долги и јас не бев уморен и ич не ми се спиеше. Тогаш буквално броев мигови. Со нетрпение седев пред вратата и го наслушував секој шум што значеше нејзино враќање. Но да не се лажеме. Имаше и такви мигови кога тагата и немирот вистински ќе преовладееја.Тогаш се претворав во мал гремлин на тркалца.. Ги земав сите нејзини чевли и папучи од ходникот и ги носев во дневната соба. Се обидував да ги наредам во круг и легнував на средината.Така се чувствував најзаштитено. имаше и мигови кога немирот се претвораше во нетрпеливост и нервоза, а и забите ептен ме чешкаа во тоа време. имаше и мигови кога немирот се претвораше во нетрпеливост и нервоза, а и забите ептен ме чешкаа во тоа време. Тогаш ги гризев папучите, а и чевлите ѝ ги направив рамни без штикли. А и што ќе ѝ се штикли , кога и вака едвај ме дорджува?

„Како Пепелашка мора да ги собирам сега“, рече со плачливо нервозен глас, кога го виде со жолтеникав сунѓерест снег послан целиот стан. Навистина тоа не беше воопшто убаво од моја страна. Тогаш ме казни со три саати чекање за главниот оброк. Оној во зрна. Нив ги обожавав најмногу и најсреќните мигови ми беа кога ќе ѝ паднеше некое зрно плус од строго пропишаната доза од 125 г. Така ѝ рече ветеринарот, за да не сум ги оптоварувал коските и за да можам бргу да трчам. Беше во право – јас не трчав, јас галопирав. Иако со овој режим на исхрана постојано бев гладен. Затоа беше вистинска агонија кога тој ден бев казнет со три часа чекање. Никогаш веќе не претерав со кинење перници. И никогаш веќе таа не ме остави долго да чекам на зрната. А и чешањето на забите си помина. Секој ден на масата се оставаа сѐ повеќе тракатанци. Гремлинот на хаосот полека и сигурно се претвораше во чисто злато. Ништо повеќе не пипав. Едноставно веќе не ме интересираше да гризам предмети. Бев голем. И не ми доликуваше повеќе да правам детски работи.

* * *

Тамам споулавен од среќа се подготвував да се стрчам кон нив, кога слушнав команда од Ристе „место“ и застанав. И не мрднав. Стоев вкопано само на десетина чекори од Е. и Соња и си ја чекав следната команда. Е. растревожено викна: „Леле, па ова не е моето куче“. И голтајќи ги солзите, си замина. Тамам поднаучив уште некоја од другите основни команди, меѓу кои беше и онаа како да се однесувам во возило, добро, ова не беше најнеопходната зашто Е. не возеше, каква штета за мене, таа се појави повторно и ме испиша од училиштето. Така останав засекогаш со незавршено образование. Но повеќе од доволно, се смееше Е. „Па толку многу се навикнав да си палав, не можам сега со робот да живеам.“ И се смееше на својата непостојаност. Никогаш не сум ја видел посреќна од ова наше враќање дома. Ја гледав Е. милно и си мислев: „Оваа навистина не може да живее без мене“. И продолживме низ животот умерено палаво да се движиме. А да. Уште ова. Испитот за влегување во возило изгледа дека го положив со највисоки оценки. Зашто во секоја прилика, низ годините, скокав во гепеците на секоја паркирана кола. Особено во оние комбињата со отворени врати што правеа дотур на стока, секое рано утро на градскиот плоштад.

* * *

Сега се сетив на уште една слична смешна случка. Хуа, која живееше далеку и која ја бев засакал уште на невидено зашто таа ми го одбра името, а и најмногу дека со Е. исто така ме разгалуваа, многу сакаше да ми носи разни подароци. Сè некои фенси-шменси тракатанци. Многу, ама многу бев важен кога се шетав со новите нешта, довлечкани од разни места по светот. Ќе ги издвојам жолтиот шушкавец за дожд и сивото палто со синиот околувратник за снег, во кое се чувствував како наконтен гроф. Патиките во непозната боја за пливање по камења. За да не си ги разранувам шепите. Поводниците околу гради, наместо оние околу врат, благодарение на кои заврши времето на гушење од влечењето. И една специјална огромна коска што ја донесе во куфер дури од Америка. Кога ја купувала коската вработените во њујоршкиот пет шоп и нагласиле дека коската ќе трае многу долго, дури две-три недели. Јас ја смавтав за два-три дена. Добро, ништо, апсолутно ништо друго не правев додека не ја завршив. Мислам дека ме фотна со последното парченце во уста и им ја прати разлигавената фотка во Њујорк. „Или коската беше неодоливо вкусна или балканските ретривери се многу гладни“, им напиша во пораката. А и една друга објава на Хуа многу ми се допадна. Кога под фотографијата на која занесено мижуркам кон езерото напиша: „Те сакам Тото онолку колку што ти го сакаш езерото“. И уште додаде светкави емотикони со Убавецот и трепкачот со белите трепки. Трепкам и сега и очите ми солзат додека ви го раскажувам

* * *

Се пукнав од фалење, што би рекле моите сограѓани, но јас навистина бев надалеку познат по пливањето. Сè давав само за уште еден скок. И уште еден. И само уште еден. На мојата радост ѝ немаше крај кога Павел и Сјајна решија да купат едно големо кајче и ме поканија на првото возење. Ова кајче не се нишаше и беше големо како соба. Отидовме многу далеку, дури насред езеро. „Стигнавме, кај вирчето“, ми рече Павел и го изгасна моторот. „Почиста вода од оваа, амин. Ајде скокај, Тото.“ И јас веднаш скокнав. Колку поинакво беше ова пливање со скок од кајче во водата густа и сина како мастило! И во потполна тишина, освен звукот на моето пљаскање со шепите. А и не ме болеа шепите од камењата. Па, ова да ти бил живот! Беше вистински многу длабоко, но јас ич не му се плашев, зашто точно знаев дека Павел, иако незабележливо, постојано ме следи низ темните очила. Единствена препрека беше качувањето назад на кајчето. Но Павел беше тука и за оваа помош и само со една рака ќе ме извлечеше. Хахаха… еднаш дури кога одбив да излезам, скокна по мене и откако си попливавме и двајцата до немајкаде, само ми рече: „Ајде Тото. Имај исаф. И утре има ден“. А можеше, наместо да скока по мене, само да си тргне и божем да ме остави. А јас од фуфки веднаш ќе се нацртав до него. Но, Павел ниту сакаше ниту ми правеше стресови. Токму спротивното. Уживаше во опуштеност и убавини. Фино се истресов, во знак на благодарност што ми дозволи да ја сефтосам и оваа соба на вода, односно идеалното место за моето живеалиште од соништата.

* * *

Можеше и светот да се преврти, што би рекле моите сограѓани, но јас целиот мој живот вечерав точно во шест часот. Го слушнав последниот удар на далечното ѕвоно на часовникот, кога Маца ми ја принесе чинијата. Хахахах! Какво темпирање… Но, наместо со три мали пакетчиња, таа ми ја преполнила чинијата, до толку што сè се прелеваше на сите страни. Така наместо три мали, добив три бајаги големи оброци. Сосема доволна храна за неколку дена. Само да знаете каква гозба беше тоа. Пукнав од јадење. Дури ни јас не можев да изедам сè до крај. И си ги скрив остатоците зад една саксија во дворот, зашто секој ден не е Велигден и Бајрам! Загрижена зашто не можам да дојадам, Маца ѝ телефонираше на Е. Нашава нормално испаничи, односно се извади од памет, кога ја слушна количината на храна што сум ја изел. Веднаш ја замоли Маца да ме шета многу долго таа вечер. По цели два часа бонус шетање, малце ми спадна храната. Но пред да влеземе дома, во чаршијата, некој имаше фрлено половина хамбургер. Како да му одолееш? Го смачкав за миг. Маца се уплаши дека ќе треба уште некој час да врти кругови по парковите и не ѝ го пријави ова на Е. Тоа остана засекогаш нашата мала сендвич-тајна. И јас си заспав најслатко на цел свет.

* * *

…Сѐ до една доцна пролет, кога во едно свежо утро, Перо не се појави по редовната порција храна. Не се појави ни вечерта, за прошетката. Ни беше чудно, но тоа го припишавме на летните хормони и љубовта. Кога не се појави ни утредента, ниту Перо ниту пак другите од плоштадската дружина, Е. заедно со љубителите на животни и добри луѓе тргнаа во потрага. Неуспешно. Слушнаа муабети дека кучињата од плоштадот се заловени од комуналните служби – мислам дека така ги викате. Помина уште цел еден ден, додека не открија дека кучињата се однесени во организирана хајка, на некоја депонија, дваесетина километри надвор од градот. Онаа ужасна депонија што гори и чади и понекогаш мириса и дотука. Онаму каде што нема ни капка вода. Моите пријатели беа оставени да се хранат на ѓубриштето додека не умрат од жед. Две возила со волонтери и добри луѓе се упатија накај депонијата. Трептевме од одговорот. Не најдоа живо ниту едно.

* * *

 Е. тие денови тивко плачеше и солзите бесшумно ѝ се слеваа по образите. Кафето ѝ се ладеше и не го ни допираше. Само ја држеше шолјата и гледаше некаде далеку. И јас не бев ич весел, сосема разбирливо, иако неколку врапчиња постојано ме задеваа на плочникот. Лежев како нем, загледан во времето и си мислев кој сè не поминал и заминал по оваа чаршија. Плочките беа од новите и многу беа грди. Вистинските од камен ги извадиле и ги фрлиле. Чудни беа луѓето како убавината постојано ја заменуваа со грдосија. Но сега не беше време за овие размисли, кога потполно онеме плоштадот без моите другарчиња. Не можев да се изначудам како може да се толку злобни некои луѓе. Тоа никако не ми влегуваше во глава и никогаш не престанав да се прашувам: зошто?

* * *

Одеднаш, како во оние филмови со најсилен пресврт, каде што доброто сепак го победува злото, здогледавме дека на плоштадот се тетерави нешто големо. Беше тоа Перо. Скокнавме и двајцата од радост. Е. го преврти кафето. Не го ни погледна. Врапчињата уплашено се разлетаа. Истрчавме и во истиот миг кога Перо нè здогледа, се спружи на плочникот. Дишеше страшно тешко. Очите му беа крв црвени. А крзното имаше многу темна боја и многу лошо мирисаше. Е. веднаш истрча по вода и веднаш го викна ветеринарот Јане. Перо, најголемото и најсилно куче што сум го запознал во мојот живот, немаше сила да се напие ни капка вода. „Скроз дехидрирал“, рече Јане и тука среде плоштадот му даде инфузија и неколку инјекции. „Како да не дехидрира“,додаде. „Со денови на депонија и со километри назад по ова жешко време.“ Од сите заловени кучиња, се врати само тој. Но не мрдаше, а јас од солидарност веднаш легнав до него. И јас не мрднав неколку часа. Таман колку што му требаше на Перо малку од малку да се придвижи. Следните денови го сместивме во дворот од куќата. Е. го искапи со мојот шампон и за само два дена Перо живна. До крајот на неделата почна да јаде со стариот апетит и ние продолживме со нашата шетачко- дружинска рутина од нашето свето тројство.

* * *

Започна и процедурата. И карантинот. И посветеното будно чување. Дојде и тој ден. Искрено мене и на Е. ни се стегаше душата ноќта кога последен пат излеговме тројцата во прошетка. „Но тоа е крајно егоистично“, ми рече Е. Не разбрав точно што значи тој збор, но од тој момент почнав несебично да се радувам на новиот дом на Перо. Перо доцна вечерта нè испрати до скалите и како и секогаш, откако се поздравивме, си замина. Утрото волонтерите и љубителите на животни требаше да го земат Перо од плоштадот за да го однесат на аеродромот. Ранецот со сите документи му беше тип-топ подготвен. Но немаше потреба да го бараме. Зашто кога со Е. ја отворивме вратата за да излеземе, имаше што да видиме. Пред вратата ни спиеше Перо. Првпат по речиси две години дружба, замислете, ги качил скалите до седмиот кат и легнал да спие на чергичето пред нашата врата. Без ниту еднаш да залае и да вознемири. Чинам дека беше тоа неговото огромно благодарам. Перо, големото најправедно и бестрашно куче со најнежно срце, денес живее во куќа со голем и многу убав двор во едно село во близината на еден голем германски град. Заедно со уште две други кучиња. И три деца. Родителите на децата што го вдомија се многу, многу добри. Нè поканија да им одиме на гости. Перо доби дури и фејсбук- профил. Се вика Перо од Охрид. А како поинаку? Денес се обучува да работи како трагач по луѓе што се изгубиле. Има најблагородна професија. Иако некои од истиот тој сој, кои сега Перо професионално ги спасува, на една друга географија го ловеа, тепаа и труеја. Но Перо не е злопамтило. Го видов на фотографии облечен во многу убав костум, целиот спастрен и сериозен како заедно со десетина од своите колеги се чекира на работното место. Којзнае, можеби еден ден Е. навистина ќе ме однесе кај Перо. А Перо се надевам дека нема да се прави многу важен и вистински ќе ми се израдува. Потоа ќе им ги прераскажеме на Германците, колку и неверојатно да им звучат, нашите заеднички акциони филмови и не толку среќни авантури од градот каде што сѐ уште има луѓе што толку многу ги мразат.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *