Тајни (извадок)

Извадок од романот „Тајни“ на Јордан Коцевски.

„Ах…“

„Што?“

Воздивнав на глас? Очигледно. 

„Ништо, и сè.“ Розе застанува за да ме гледа в очи. „Знаеш, јас, ти… живееме 90% нормален живот.“

„Само 90?“

„Па, да. Десет проценти се тие што јас не живеам овде, се гледаме привремено и провалувам како дел од работата. А ти имаш нормална работа и уште една општествено корисна работа.“

Додека зборувам, ме набљудува со кратка насмевка. Кога завршив, ме фати за рака. Ме повлекува кон една од клупите. Седнуваме. Кифлата уште ја држам в раце. Ако не ми се допадне муабетот, можам да ја сронам, фрлам и да чекам да нè нападнат галебите, па од гракањето ќе се правам дека не ја разбирам.

„Ти недостига возбудата?“

Ме прочита. Велат дека во секоја врска не треба да бидеш потполно искрен доколку сакаш да опстане. Ако ги прашате машките, ќе ви речат дека секогаш треба да го подлажнувате на партнерот за да функционира врската. 

„Да.“ Не ги слушам глупавите совети. Можеби затоа што не сум секојдневно со Розе, затоа што не можам да ја лажам или затоа што треба да признаам некому. „Тебе не ти фали работите да бидат динамични како кога се запознавме?“

„Озбилно? Забораваш што правев кога се запознавме? Не ни сакам да помислувам што ќе се случеше ако не ме сопреше. Мило ми е што работите се какви што се. Доволна возбуда ми се тренинзите и битки во рингот.“

„Извини.“

„Не грижи се. Знам што мислеше. Јас и ти не сме исти, Златко.“ Ја зеде мојата слободна дланка и ја стави меѓу двете нејзини. „Разбирам дека ти фали динамиката на твојот претходен живот. Посебно сега, кога си целосно посветен на бизнисот и не ѝ помагаш повеќе на полицијата. Животот мора да се менува, да еволуира.“

„Не е само тоа…“ Проблемот е што и јас не сум сигурен што е проблемот, а уште помалку како да ѝ кажам. „Овде сум веќе осум дена, на одмор, за тебе. И на почетокот ми беше супер, но по некое време уживав само во нашите дуели во боречки вештини. Не знам како ќе издржам цел месец. Не сфаќај ме погрешно… Ова“, гестикулирав сакајќи да потенцирам, „јас, ти, прошетките, оброците, се неверојатни.“

„Сигурно најмногу уживаш навечер, дома.“

„Розе, ма.“ Не да ми се вжежи лицето… е немам паметна досетка. „Сакам друго да кажам, не знам како би функционирало сè на долг рок.“

„Во тоа е убавината, не мора да знаеме. Ќе се снаоѓаме тековно.“

„Ете, ја откажав соработката со полицијата за да имам повеќе време за тебе, а не можам ни еден месец да го истуркам без да се грижам.“

Розе се насмевна.

„Мислам дека тука е проблемот. За да живееш легитимен живот, се откажа од тоа што беше, провалник и крадец. Искуството што го имаш го применуваше во соработката со Саше и тоа за добри цели. Не за безбедност на непознати. Тоа е работа што ти носи приход, додека работата со полицијата, тоа го сакаше.“

„Е па, не можев и двете и да имам време за тебе.“

„Аха. А кога ти побарав јас да имаш повеќе време за мене?“

„Никогаш.“

„Значи претпостави што сакам.“

„Не. Да. Не знам. Значи, Розе, не знам. Никогаш нема да бидам криминалец повеќе, тоа знам. Но не знам…“

„Златко…“, Розе посегна по мојата друга рака, која упорно се држеше за кифлата, толку цврсто што ја имаше смачкано. „Остави ја кифлата и дај ми ја раката.“ Ја послушав. „За никого не треба да се откажеш од тоа што си, дури ни за мене. Ти кажав уште на почетокот, таков каков што си, таков те сакам, а сè друго ќе се нареди. Не брзај ги работите.“

„Сакаш да кажеш дека е нормално што ми здосадува? Не мислам така. Ако не можам да поминам десет дена со тебе што останува за цел живот.“

Чекај… Сериозно го реков ова? Ако се затрчам доволно брзо, можам да се скријам зад дебелото стебло на најблиското дрво или да се удрам во него, па да се онесвестам и да глумам лудило. 

„Да не те знаев, ќе помислев дека ова е запросување.“

Се насмеав на глас, толку чудно што ги уплашив галебите што летаа над нас. Сигурно ја демнеа кифлата што ја оставив на клупата и заминаа кога видоа дека еден гриз од неа ме збудали. 

„Знам што ти треба.“

Акција, тепачка, секс?

„Јави му се на Саше. Ќе те развесели.“

„Добро.“ Не е толку возбудливо како другите работи што ги помислив, но ќе заврши работа. 

Розе ја зема кифлата и се упатува кон брегот. Галебите кружат над неа и чекаат. Нели е супер Розе, ми дава приватност без да побарам. А јас мислев дека паровите делат сè, дури и дека заедно одат во тоалет едниот да моча, другиот да мие заби. Заблуда. Го земам телефонот и го одбирам бројот на Саше. Одговара по второто ѕвонење. 

„Аха, веќе ти здосади“, вели со разигран глас. 

„Што зборуваш, уживам во нежните сончеви зраци и мирисот на езерото и помислив на тебе.“

„Поласкан сум, но имам сопруга.“

„А јас, девојка.“ Леле девојка, секогаш ми доаѓа да се закикотам кога ќе го кажам тоа. 

„Уживаш?“

Правам пауза пред да одговорам, кратка, милисекунда, ама сигурен сум дека Саше ја регистрира. 

„Сонце, песок, секс, ги имам трите ’С‘ за совршен одмор.“

„Е, како три, кога се две.“

„На англиски се три. Затоа што секој турист зборува англиски.“

„Море гледај ги таму сончевите зраци како се рефлектираат од езерските бранови и не филозофирај многу. Розе како е?“

„Супер е. Се обидува да фати галеб за вечера. Им дава кифла со морска сол.“

„Побарај ѝ рецепт.“

„Мислам дека жив ќе го јадеме.“

„Се надевам не со пердуви.“

„Па што знам. Да видиш каков ќотек ми дава на тренинзите, нема да ме изненади и сосе пердуви да го јаде. Сигурно и некоја сирова риба гратис ќе добијам од езерото, за да зацврстам како неа.“

Саше се смее.

„Ти, како си?“

„Еве, работам на еден случај…“

Застанува. Знам што си мисли, зашто и јас го мислам истото. Јас го прашувам како е, а тој ми одговара на што работи. Ах, му недостигам. Устата ми се развлекува во огромна насмевка затоа што и мене ми недостига. 

„…и добар сум.“

Е, сега, не играме со така. Ова како да беше намерно. Сака да ме навлече, да прашам повеќе за случајот. Или можеби не кажува за да не му појдам таму и да му покажам како се работи. Нема да го прашам. Реков, нема.

„Каков случај?“

„Ништо возбудливо. Обична провала и кражба.“

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *