Три Марии (извадок)

Извадок од романот „Три Марии“ на Оливера Ќорвезироска.

Марија не користи лифт. Ни Љ не користеше лифт. Се качува по скалите и ги слуша неговите чекори кои речиси никогаш ги немаше слушнато, зашто тој доаѓаше кога таа веќе беше таму. Внатре. Тој е зад неа, така ù шепотат неговите стапала. Пред неа е, му ги гледа долгите нозе како скокаат скали, лесно стапнувајќи, напрсти, на секоe второ дури и трето скалило. Марија отклучува, Љ ѕвони не тргајќи го показалецот од ѕвончето. Марија влегува, Љ е внатре, во ходникот. Некоја друга таа доаѓа од кај кујната и го пречекува. Го гушка. Тој се брани, како што и најчесто правеше. Или измислува нешто друго што мора веднаш да го стори… Љ моча. Љ мие раце… Љ се извлекува од нејзината страст со измислена, неодложна причина. Пребарува во ранецот како млад, или во чантата како повозрасен, за да го најде подарочето за таа средба. Ги собува чевлите, скорните, патиките, сандалите… ги остава обувките во ходникот во најразлична конфигурација: како да доаѓаат – со врвовите кон дневната соба; како да си одат – со врвовите кон влезната врата; една ваму – друга таму како кога беше расположен и намерно ги шутнуваше со нога. Марија ја отвора бањата, Љ е таму, се тушира, потпевнува и му се одушевува на тушот, всушност на рачната туш-слушалка. „Многу е поубава од мојата дома! Да му е мерак на човека да се тушира кај тебе!“ Марија оди во дневната, Љ доаѓа од бањата гол со жолтата крпа небрежно обвиткана околу половината. Капки вода му се слеваат по градите, одвај забележливата гинекомастија му ги испакнува и наострува брадавиците. Марија поминува по нив првин со јазикот, како порано; потоа со кружни движења на прстот како подоцна, Љ се смее, и порано и подоцна. Марија сува застанува покрај него мокар и тој се стресува како куче, фрштат капките од неговото на нејзиното тело, се кикотат двајцата. „Точен број сум ти?“, го прашува Марија. „Да“, вели Љ премногу механички и премногу отсечно. Марија бара да ù повтори, Љ ù повторува. Марија бара пак да ù повтори, Љ пак ù повторува. Марија му верува, Марија не му верува, ама секогаш сака да го слуша неговото „да“. Марија сака да се смее. Марија сака тој да ја смее. Сексот и кикотот се близнаци. Додека не ги разликуваа кој е кој, што е што, сè беше во совршен ред, кога се оддалечија и сексот си заживеа сам, без кикотот; а кикотот си заживеа сам, без сексот, веќе се знаеше дека нештата не се какви што беа. Какви што треба да бидат. Љ седи на подот, на тепихот, потпрен на троседот, постепено го спушта задникот и речиси легнува грбечки поместувајќи го тепихот подалеку од креветот, поблиску до прозорецот. Љ седи во аголот на гарнитурата, ја потпира главата на ѕидот, Марија скокнува и му мести перници под главата. Љ станува да наполни вода и се лизга на паркетот како на лизгалиште, прави движења како при уметничко лизгање, па како за хокеј, на крајот паѓа, Марија зајдува од смеа, иако знае дека Љ глуми. За целата лизгачка атмосфера придонесува и средството за полирање паркет што го употребуваше, најчесто непосредно пред тој да дојде. Љ стои на прозорецот и гледа надвор со некои други очи што ги крие од неа, Љ седнува на фотелјата и глуми анксиозен напад, Љ седнува на фотелјата и навистина има анксиозен напад. Се свлечкува на гарнитурата, речиси легнува. Ù ја зема раката на Марија и ја става на своето чело. Нема температура, само челото му е влажно, од нешто се препотува. „Имам температура?“, ја прашува како уплашено дете. „Немаш“ му вели Марија како докторка. Прстите ù се залепуваат на неговото чело, Љ се обидува божем сосила да ù ги одлепи, не може, се обидува одново, посилно. Се смеат. Љ пребарува чаши во фиоките, Марија се смее и со прст му ги покажува висечките со стаклени вратничиња низ кои се наѕираат чаши за сè: за ракија, за виски, за вода, за пиво, за бело вино, за црно вино, за коктели, за нес-кафе… Љ седнува на масата поставена со триста тракатанци приготвени за него и јаде без апетит, иако вели дека е гладен. Не му текнува или не му е ни гајле дека треба барем да одглуми глад. Марија се врти кон мијалникот и мие нешто што не мора да се измие, само за да ги скрие солзите. Љ ù се дере, таа трепери не од страв дека ќе ù направи нешто, туку од страв дека веќе никогаш нема да дојде. Љ се облекува со нагли, пребрзи движења кои го стружат срцето на Марија како со еге… Умот им удира шлаканица на чувствата, оставајќи им темни модринки. Љ лаже. Мисли дека Марија не забележува. Марија забележува. Љ оди во спалната облечен, легнува на грб и не мрда. Доаѓа оттаму гол, си ја бара облеката што Марија веќе му ја има здиплено, измазнето со дланка и положено на потпирката од столот. Љ отвора пиво или швепс, става во погрешна чаша. Љ остава недојадени работи во чинијата. „Да ти спакувам за дома?“ го прашува Марија. „Па, да“, ù вели. Марија внимателно го пакува остатокот, иако знае дека или ќе го изеде по пат, или ќе го фрли пред да влезе дома, зашто жена му ќе го праша од каде му е. Марија знае дека Љ сигурно ја лаже и жена му, ама исто така знае дека сигурно тоа го прави на сосем друг начин отколку што ја лаже неа. Марија се шутка низ станчето како утка. Љ излегува од под креветот, се ниша на лустерот, се измолкнува од надворешните ролетни и преку стаклото и низ завесите влегува внатре, заинтересиран за нејзините зборови многу повеќе отколку за нејзиното тело. Љ го отвора фрижидерот и нагло се свртува накај неа. Марија се штрекнува, таа се плаши од него, всушност постојано се плаши дека ќе си замине. Љ ù ја пипка блузата одзади, Марија се свртува разнежнета и во неговите големи, црни очи гледа дека сака да зборуваат за материјалот на блузата, да се шегува со нејзината текстилна опсесија, затоа што никогаш не сака да зборува за она за што треба и за она за што мора; затоа што не сака ни да ù ја соблече, затоа што не реагира ни кога таа самата ќе си ја соблече и… самата пак ќе си ја облече. Љ е насекаде, стотици Љ се натискани и отпечатени во станчето, Љ од сите триесет години е поприсутен сега во недоаѓањето, отколку што беше при доаѓањата. Љ обува чорапи стоејќи, се тетерави, Марија клекнува покрај неговите нозе, сè би дала да ù даде да го обуе, но тој не ù дава, се разбира. Тој повеќе не ù даваше, отколку што ù даваше, повеќе не ù се даваше, отколку што ù се даваше. Марија речиси на препад успева да му ги врзе врвките на сивите, длабоки велур-чевли во совршени панделки. Се смеат, таа го штипнува за стомакот, тој глуми дека е ранет, дека му откинала парче месо. Љ доаѓа однадвор, иако е веќе внатре; Љ не доаѓа иако Марија одамна го чека и со начулени уши ги лови сите чекори на соседите копнеејќи по неговите. Љ доцни, Љ доаѓа кога веќе треба да си оди. Љ ù раскажува приказни требејќи ги внимателно. Црнките на вистината ги вади од оризот на измислиците и брзо-брзо ги фрла во ќесата за ѓубре закачена на рачката од плакарчето во кујната. Вистината ги разделува, смеата ги поврзува; умот на Марија се повлекува пред нејзиното срце, умот на Марија се фрла во ендек, оти срцето ù шиба ко лудо, со многукратно пречекорена дозволена брзина. Љ ù кажува разни работи на Марија, ама никогаш не ù ги докажува. Таа му кажува сè докрај, дури и потаму. На секое паркетче на подот стои по еден Љ, по еден Љ има и во секоја шаричка на тапетите, по еден Љ е заплеткан во секоја реса од тепихот, Љ е околу ногарките на клуб масата, Љ преде стуткан под трпезариската маса, Љ лебди над трпезариската маса, Љ спие со виљушка во рацете, Љ држи стаклено кутиче со остатокот од вечерата, „го нема капакот“, вели и се развртува, а капакот го ставил на глава како капа. Се смеат. Љ пак паѓа, пак доцни, пак лаже, пак премолчува… Марија не може да помине одовде донде од него застрашувачки умножен во станчето, се пробива низ мноштвото негови тела од изминатите триесет години да најде фолија за да му ги завитка проичките со кисела вода испечени во калапи за мафини што Љ не успева да ги изеде; гази врз неговите илјадници обуени и боси нозе со исечени и неисечени нокти, за да излезе на тераса, да набере босилек за да му фрли и едно свежо ливче… на пестото за дома (или за во контејнер). Марија се гуши од телата, мислите, рацете, нозете, зборовите и лагите на Љ. Не може да издржи во станчето ни миг повеќе, се загрцнува и кашла, излегува во паника, тишината зад неа ја дави со недоброј негови раце, штрак-штрак заклучува и со клучевите в раце трча удолу по скалите, ја бркаат неговите стотици долги нозе што повторно и засекогаш си заминуваат од станчето. „Љ никогаш повеќе нема да стапне во станчето, никогаш повеќе нема да стапнам ниту јас, а не пак да се преселам во него“, си помислува Марија која веќе е на улица. Трчајќи поминува покрај контејнер, истиот во кој фрлаа ѓубре кога ќе излезеа заедно, и без да застане ги фрла клучевите од станчето во него… 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *