Вечерен автобус (извадок)

Расказ од збирката „Вечерен автобус“ на Стефан Алијевиќ.

Споменик

Џиновскиот споменик најпрвин стоеше на ридот веднаш до влезот на градот. Беше најјужниот од сите бруталистички зданија подигнати во време на Југославија. Архитектите го именувале како споменик „Цвеќе на слободата“ поради неговата челична конструкција, окована со мазни лимови, што геометриски ја имитираа формата на некое цвеќе. Но, за многумина што го набљудуваа скулптурното дело оддалеку, тоа воопшто не наликуваше на какво било цвеќе.

Минувачите го забележуваа споменикот како напрчено, а потоа и како тажно стои на ридот, чиниш беше натрупано купче од ѓубре. Со својата страшна става, челичната скулптура го надгледуваше малото погранично гратче и ги вознемируваше децата. Низ стаклата на автомобилите ќе заличеше на нешто тешко искажливо со зборови. Можеби беше ноќно чудовиште или чудно здание извадено од некој заборавен научнофантастичен филм од педесеттите. Прозорците на најблиските куќи и згради свртени кон ридот, трепкаа како исплашени очи пред споменикот.

***

Кога беше второ одделение, еден ден учителката на Војдан им кажа дека ќе имаат настава во природа. За таквите пригоди се избираа убави сончеви денови. Учителката ги подреди во колона во училишниот двор и секој требаше да се движи во пар со она дете со кое седеше на иста клупа. Во дворот беа и децата од другите одделенија. Сите беа собрани за дневната екскурзија до споменикот.

Кога стигнаа на врвот од ридот, учителките почнаа да ги редат децата на ширинките околу „Цвеќето на слободата“. Кога завршија со постројувањето, една редица деца стоеше паралелно со споменикот, а друга како стрелка ја пресекуваше првата. Секое одделение си беше така застанато на посебна ширинка. На сите деца очите им беа вперени кон споменикот, како да беше компасот на светот. Војдан тогаш за првпат го здогледа споменикот од толку блиску. Иако на некои места челикот беше подјаден од времето, а постаментот беше нечитливо ишаран со бел спреј, тој се почувствува премалено во грандиозната сенка што ја фрлаше врз нив зданието.

Тогаш учителката почна да им ги покажува страните на светот и колку лесно или тешко беше да се откријат според положбата на сонцето.

„Почнуваме од исток, каде што сега грее сонцето“, вели нивната учителка. Се вика Гина и носи лелеава зеленикава кошула за топлиот ден. Црните очила за сонце ѝ се кренати над челото врз сплоснатата црвеникава коса.

„ИСТОК, ЗАПАД, СЕВЕР, ЈУГ“, гласно кажува таа и покажува кон секоја страна посебно со едната рака. Мавташе со рацете исто како полицаец што застанал насреде раскрсница за да го регулира сообраќајниот метеж.

„Истоооок, заааапад, сеееевер, јууууг“, повторуваат децата во хор. И Војдан мрмореше така со усните и гледаше да ја крене раката онаму каде што ја кренало детето пред него, без многу да мисли. Некој напред во редицата ќе се збунеше и ќе покажеше кон запад иако тогаш требаше да се крене раката кон исток. Така ќе згрешеа уште неколку деца. Требаше да повторат неколкупати пред сите да се синхронизираат, но дури и тогаш повторно правеа грешки.

***

Ридот беше привлечен и за викенд прошетки. Покрај патеката до споменикот имаше ископини од напуштен римски град што посетителите немо ги разгледуваа, а во самиот град имаше отворено и археолошки музеј каде што можеа да се видат експонати ископани од локалитетот. По прошетката можеше да се направи починка до еден мал ресторан во падината на ридот каде што се служеше турско кафе и крем-палачинки со банана и кршени ореви. Споменикот го пресекуваше ридот на два дела со својата дебела сенка, сè дури сонцето не зајдеше и мракот не ја проголташе глетката во својата утроба.

Потоа ридот сосем се напушти. Патеката до врвот обрасна со високи тревишта и џбунови, а некои ноќни крадци го беа соголиле споменикот од својот светкав оклоп. „Лимољупци“, иронично рече еднаш една тетка што стигна до бедната оставина и со намрштени веѓи го одмери костурот на скулптурата. Војдан седеше на едно камено ѕитче што се распаѓаше и пушеше цигара. Секаде околу него имаше фрлено догорчиња, а малку потаму едно искубено четче за заби.

Во тоа време веќе сите беа заборавиле на името на споменикот. Изгледаше како откинато парче од сателит што паднало од атмосферата на овој рид. Железните контури му беа огнездени со осила. Од подножјето излегуваа и шетаа крупни црни инсекти. Целата конструкција се разобличуваше под сонцето и дождот. Кратко отпосле всушност и се донесе одлука споменикот да се демонтира, парче по парче, и да се однесе на соседниот рид, каде што немаше ниту една добра патека да се стигне до највисоката точка.

„Не ни треба вакво вознемирувачко страшило за деца, па и за возрасни“, пишуваше на еден изборен памфлет каде што ликот на еден избричен маж облечен во црвена кошула и црна ласкава вратоврска ветуваше дека ќе го разубави најјужниот рид во државата.

***

Станот каде што живееше Војдан гледаше токму кон ридот каде што беше дислоциран споменикот. Низ прозорецот, грамадната скулптура наликуваше на збрчкана сива дамка. И покрај неговата истрошеност, споменикот ја размрда статичноста на сликата, банален хоризонт сочинет од густеж ниски куќи со црвено-модри ќерамиди што се разредуваа во подножјето на ридот. Натаму беше север и секогаш целото маало беше во сенка на ридот. Пошумените зимзелени дрвја ја менуваа бојата на видикот само кога ќе паднеше снег.

Кога Војдан ќе го кренеше погледот кон споменикот, дури пиеше чај со родителите или пружаше алишта на балконот, нејаснотијата од боја и форма на врвот од ридот како гатка му паѓаше во очите. Во една пригода, едно мрзливо летно пладне дури мачките се излежуваа под ладот и надвор немаше жив човек, низ прозорецот ја препозна фигурата на својата учителка до четврто одделение. Жената беше подостарена, веќе некоја година во пензија. Црвената фарбана коса ѝ светкаше под силното сонце; сѐ уште изгледаше живо и жилаво. Се придвижуваше накај ридот, а потоа како ситна точка исчезна од асфалтот што минуваше покрај ридот.

***

До споменикот сега се стигнуваше преку една изабена козја патека, а потоа немаше каде да се приседне за починка освен на една стушена клупа, забиена во земјата со четирите накривени железни нозе, веднаш спроти споменикот.

Војдан седна на клупата и го крена погледот угоре кон ѕвезденото небо. Седењето беше неудобно и поради тоа гледањето кон небото беше испрекинато. На клупата фалеа штици, а на едниот крај беше шлапната една леплива розова мастика.

Порано тој ги познаваше сите соѕвездија што ја красеа северната хемисфера. Се обидуваше да се присети на тоа заборавено знаење, бидејќи сакаше да ги покаже соѕвездијата и да раскаже некоја прикаска за нив на човечката силуета што се туткаше веднаш до него на клупата.

„Сигурен сум дека постоеше соѕвездие по име Квачка, група ѕвезди набиени една до друга како во кош… беа некаде на онаа половина од небото“, рече Војдан и покажа нагоре со прстот, иако не можеше баш точно да го пронајде соѕвездието. Обидот да раскажува за ѕвездите не му беше баш успешен.

Околу три часот наутро, кога свежиот летен ветрец сосем го излади градот и околното ридје, некаде кон југ или исток силно се озари некое небесно тело. Точката ја разбиваше мастиловата боја на небото и изгледаше како новогодишна ѕвезда; како да беше вешто пресликана од некоја стара честитка што пристигнала во поштенското сандаче, таму над нив; можеби на задната страна од картончето пишуваше „Среќна Нова 1990!“. Барем за миг, тоа е ѕвезда што трепери врз вистинското ноќно небо, одземена од нејзиниот симулакрум осипан со сребрени светки што ги имаше на повеќето празнични разгледници.

„Најверојатно тоа е исток“, вели Војдан, а потоа размислува колку е залудно да се тврди дека тоа е која било страна на светот. Колку е излишно постојано да се бара одредница за сите нешта. Копнеж по систем.

Горе на небото не постои разликување дали онаа страна е исток или запад. Само луѓето прават такви поделби, верувајќи дека нивните измислици се точни.

„Можеби е кометата за која деновиве сите возбудено кажуваат дека е видлива кога небото е ведро“, вели Војдан по кратка пауза и ја допива последната голтка од лименката пиво што ја влечкаше со себе.

„Ама сигурно не е некој од оние нови сателити пуштени од Илон Маск“, вели тогаш силуетата, а потоа тивко се кикотат на бесцелниот муабет.

Треперливата точка продолжи уште посилно да ја распрснува својата светлина врз небото. Војдан продолжи да зборува за тоа како на истото тоа место од каде што сега несрамежливо се прикажуваше светлата точка, понекогаш, во зависност од циклусот, изгреваше месечината. Таму таа беше најраскошна во есен, кога според некои календари беше жетварска полна месечина.

Неговата имагинарна комета можеби беше ѕвездата Деница, или пак планетата Венера, тела за кои сите велат дека даваат необична силна светлина на небото.

Помеѓу тие мигови на втренчено набљудување нагоре, додека се развлекуваше нивниот неук муабет за ѕвездите и за страните на светот, силуетата уште повеќе се стутка до Војдан. Потоа нежно ги подаде усните и тивко во мракот се спои со усните на Војдан. Бакнежот беше краток. На штрек. Бидејќи можеби, нечие скриено око, невидливото пипало на некој сезнаечки октопод, сега беше таму и ја документираше таа невообичаена глетка.

Споменикот, со сета своја морничавост и изабеност од годините, фрлаше густа сенка врз двете силуети, кои отпосле лигавиот бакнеж потонаа во прегратка на онаа истрошена клупа. Зад нив, градот подобро и да не би знаел за нив.

One thought on “Вечерен автобус (извадок)”

  1. Случајно налетав на расказов и не разбирам што сака авторов да каже или имам премногу низок IQ за да го разберам. Денес секој пишува и објавува книги но не секој станува писател. Авторов подобро да си најде некоја друга професија за пишување не го бива. Искрено да ми објават вакви раскази во јавност јас би се срамел.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *