Земја на бегалци (извадок)

Извадок од романот „Земја на бегалци“ на Кица Колбе.

Егејските бегалци како Фросините роднини, живееја во скришно, за другите невидливо време. Тоа беше времето на паметењето. Тие живееја од паметењето. Да живеат, за нив значеше, да паметат. Само смртта го прекинуваше нивното време на паметење. Затоа детето Фросе си заветува дека таа ќе ги збере сите нив во себе. Во нејзиното паметење. Ништо не смееше да се изгуби од нивните повести кога еден ден сите нив ќе ги обвие молкот на смртта. Не сакаше таа ниту да помисли дека еден ден тие нема да бидат со неа. Помислата на нивната смрт ја ужаснуваше. Исто колку и мракот ноќен, студен и снежен. Исто колку и пустелијата околу бегалската барака. Наспроти стравот, детето Фросе се заветува да памети за сите нив. А тие, пак, само едно паметеа како уплосани. Само едно. Дено кога избегае од дома. Ги бележеа тие во архивата на душите само деновите изминати од тој страшен час. Единствениот бележит ден беше пред нив. Денот, кога ќе се врнат наза. Преку југословенско-грчката граница. Сите нејзини постари роднини не знаеја зошто тие не смеат никогаш повеќе да се вратат назад. Умреа тие и не научија каква цинична игра играше со нив историјата. Дотогаш тие беа само пребегани граѓани на соседна држава во друга соседна држава. Грчката држава, од чиј северен дел тие пешки беа пребегале преку границата во Југославија, 1950-тата, со административен акт, на сите свои пребегани граѓани им го одзеде државјанството. Таа нив ги прогласи за непожелни туѓинци. Во внатрешната и надворешната политика на Грција таа, потоа, постојано ги стигматизираше бегалците како предавници. Во истата година, со друт декрет, грчката држава им ја конфискуваше сопственоста на сите пребегани грчки граѓани. За нивните куќи и дуќани, за имотите и за земјата, таа држава даде проглас дека тие можат да бидат присвоени од другите. Од послушните и примерии државјани.Тие што останаа дома. Од моментот кога со државен проглас во нивната земја им беше одземено државјанството, нејзините роднини станаа луѓе без татковина. Тие станаа апатриди. Во тоа кусо време тие не беа ниту бегалци. Тие беа само луѓе без татковина. А тој што нема држава и татковина, нема од каде да пребега некаде другаде. Тој не е никаде. Тој е од никаде. Тој е никој и ничиј. Тој е исфрлен од мрежата на државната заштита. Секако, колку што такво нешто, како заштита, за луѓето тогаш, по Втората светска војна, било, воопшто, возможно. Стравотно е да сознаеш дека земјата во која си се родил, во која си живеел, во која останало сѐ твое, домот, имотот, роднините и пријателите, гробовите на предците, те отфрла како да си прашината врз палтото на генералите на војните. Само таа се истресува со еден замав на раката. Притоа, најперфидно беше решението на таа држава, во државната неправда кон своите пребегани граѓани да ги направи соучесници и сите граѓани што останаа во неа. Лукаво таа држава ги стави пред искушението да сторат и тие грев кон пребеганите. Да им го одземат имотот на пребеганите соседи. Да им ги ограбат куќите на прогонетите роднини. Најсмелите и најдрските, дури и да ги запоседнат. Да живеат во нив. Или само да им ја присвојат земјата. Да ги ораат и садат тие туѓите ниви. Да тргуваат тие во нивните дуќани и гранапи, фурни и фабрики. Лукава беше таа држава. Безмислосна беше таа политика на мирот. Полоша и од војната беше таа политика. Затоа што таа мирољубива политика стори се, војната никогаш да не заврши за егејските бегалци. Таа продолжи да пустоши во нивните животи. Тие не можеа да се вратат. Таму, од каде војната ги изгони. А само така тие ќе ја заборавеа војната. Ако отидеа во татковината барем уште еднаш. За да ја заборават, сетне, еднаш, засекогаш. Тогаш тие ќе сознаеја дека сѐ може да се врати. Само не и времето изминато. Само не и животот изминат. Само не животот напуштен во војна и уништување. Знаеше нивната грчка држава дека домаостанатите ќе станат учесници во неправадата кон пребеганите и протераните. Знаеше таа дека во нив ќе има, за веки веков, најдобри бранители на административното прогонство на пребеганите. Тие, соседите, пријателите, тие, пристојните и совесни граѓани, кои веднаш, како глодари, тргнаа во грабеж на нивните напуштени куќи и гумна, дуќани и фабрики, тие подоцна станаа пламени борци за тоа пребеганите во соседните земји никогаш да не се вратат назад. Нејзините роднини во таа една година од 1950-тата до 1951-та беа ничии луѓе. Фросе Аврамова се роди во тој ничиј простор. Првото дете на родителите кои нивната држава само што ги беше избришала од списокот. Нејзините родители ги направи апатриди декретот на нивната држава. Таа, пак, се роди апатрид. Без држава. Без татковина. Таа не беше бегалец. Не затоа што таа никогаш не беше доживеала војна. Не затоа што таа никогаш не беше пребегала преку некоја граница. Не беше бегалец Фросе Аврамова, затоа што никој не може самиот да се нарече бегалец. Ниту од солидарност со најближните, со родителите, не можеш да станеш бегалец. Некој треба прво да те прогласи за бегалец. Една година подоцна, Обединетите нации на сите пребегани поранешни грчки државјани им го доделија статусот бегалци. Така и роднините станаа официјално бегалци. Тогаш и таа, Фросе Аврамова, доби бегалски статус. Во меѓувремето од датумот кога грчката држава на нејзините роднини им го одзеде државјанството и датумот на кој Обединетите нации им го доделија официјалниот статус бегалци, се роди таа. И беше купен стариот шифоњер.

Од крајот на големата европска војна беа поминати шест години. А само пред две години се беше одиграл крвавиот крај на една војна, речиси, незабележана од светот. Граѓанската војна во Грција. Таа малечка балканска војна, ако, воопшто, има малечки војни, дојде по големата европска војна. Втората светска војна. По таа стравотна војна никој во светот повеќе не сакаше, а и реално не можеше, да слуша за војни и за бегалци. Доста им беа на сите сопствените воени урнатини и сопствените воени трауми. Таа војна, која од Фросините роднини направи бегалци, се случи во најнесреќната историска констелација. Ако, воопшто, има среќни констелации за војни. Но, вистина е дека таа војна во времето кога сите копнееја по мир, остана за историјата речиси невидлива. Иако европските и светските весници катаден ја документираа. Но токму таа војна за егејските бегалци беше нивната најголема лична трагедија. Несреќата за бегалците од таа војна беше тоа што тој воен конфликт стана првиот чин на Студената војна меѓу Истокот и Западот. Тој направи светската историја да ја стави брзо таа војна аd асtа. Така лесно се заборавија сите нечовечни нешта што ги остави таа војна зад себе. Си велеа другите, тие што не беа егејски бегалци, а која војна не оставала нечовечни нешта зад себе? Така, егејските бегалци од таа војна, растурени на Балканот и во Европа, станаа речиси невидливи за светот. Нивната надеж за домавраќање во Југославија стана политичка табу-тема. Тоа од југословенската власт тогаш го бараше и грчката држава. Политиката на таа држава стори сѐ, и сите други земји брзо да ги заборават тие бегалци. За тоа помогнаа меѓудржавните договори за добрососедство, преговорите и резолуциите за мир.

Откако Обединетите нации на Фросините роднини им го доделија статусот бегалци, југословенските државни органи им издадоа лични карти за бегалци. Роднините не знаеја дека другите југословенски државјани имаат поинакви лични карти. Сетне, многу посетне, тие видоа дека нивните бегалски лични карти имаа 6елег. Во средината на листот дијагонално минуваше црвена линија. Таа беше белегот бегалски. Тој секому му кажуваше кои се тие. Егејски бегалци. Другите луѓе секогаш знаеја дека тие се бегалци. Ги препознаваа тие егејските бегалци и по други нешта. По тоа каде тие живееја. По нивниот Говор бегалски. Од Костурско. Од Воденско. Од Леринско. По црната облека на вдовиците. Во бегалството, црнина носеа сите. Не само старите жени. И младите. И девојките и децата беа забрадени со црни шамии. Во првото бегалско прифатилиште во Поменово, кога роднините Фросини од Црвениот крст ќе добиеја облека во светли бои, тие веднаш завалуваа оган во дворот. Во голем казан тие ги вапцаа сите светли и шарени пљачки во црнило. И тие за децата. Пребеганите од мајкиниот род, речиси, сите беа жени. А и понекој старец имаше со нив. Од тие што останаа. Тие што беа многу болни или многу стари за да одат со партизаните. Другите мажи, речиси, одред беа партизани. Кога нивните мајки, сестри и сопруги ги напуштија селата и градовите пред бомбите, тие мажи веќе беа загинати. Или загинаа во последната офанзива во Преспа. Остатокот од партизаните крајот на војната го растури низ цела Источна Европа и во Советскиот Сојуз. Немаше многу деца со бегалците што пребегаа преку границата заедно со фамилијата на мајка им Елена Митрова во октомври 1948-та. Децата од две до четиринаесет години веќе половина година беа евакуирани. Селата во крајот од кој потекнуваат Фросините родители и роднини, по пролетта во 1948-та, беа без деца. И без мажи. Распадот на нивниот живот не започна откако тие ја поминаа границата. Тој започна уште таму, во татковината. Кога војната најнапред го опустоши фамилијарниот живот. Куќите и домовите тие ги изгубија засекогаш кога и последните жители, жените доилки и најстарите луѓе, мораа да бегаат. Историјата на таа трагедија е Фросиното бегалско наследство.

Тоа е наследството и на многу други луѓе на Фросина возраст, родени во егејските бегалски фамилии во Југославија.

Никој не можеше да излезе од тој затворен круг на бегалското наследство. Само однадвор се чинеше дека војната за луѓето што побегнаа преку границата беше завршена. Всушност, војната за нив долго не заврши. Таа нив ги следеше и понатаму, невидливо разорувајќи ги однатре трауматизираните фамилии. Тие, во кои невидливо владееше и понатаму и стравот и тагата и вината. Тоа беше нивната неизговорена бегалска траума. Таа ја хранеше војната во тие фамилии многу долго. Така траумата, каде што таа не наоѓаше пат да стане збор и сознание, стануваше невидлив отров. Тој можеше да ја нагризе дури и братската љубов. Стравот и потиснатата вина создаваа расцепи во фамилиите. Во тој расцеп војната ги поставуваше своите позиции. Таму таа одвреме-навреме отвораше нови фронтови. Среде најближните. Среде тие што беа поминале низ иста болка. И низ исто страдање. Немаа сите бегалци смелост и сила да ја изговорат болката. Смелоста ним им ја одземаше чувството на вина. И стравот од тоа дека можеби ќе треба се соочат со својата лична вина. На тие луѓе им беше полесно да продолжат да војуваат. Како невидливи војници на невидлива војна. Никој однадвор не можеше да насети што се случува во душите на тие бегалци. Никој што не беше егејски бегалец, не знаеше што се случува во најличниот и најскришниот дел од животот на бегалските фамилии. А тоа не беше ништо чудно. Впрочем, ниту тие, ранетите во душите од војната, некогаш не беа свесни за својата траума.

Тоа го знаеја во бегалските фамилии само децата. Тие слушаа и гледаа сѐ. Тие го насетуваа и тоа што нивните трауматизирани роднини го криеја од сите. Нивната скришна тага и страдање. Децата на егејските бегалци разбираа без зборови. Тие го голтаа и паметеа чуеното и невиденото страдање. Но и вината за него. Иако тие ништо не знаеја за војната. Иако тие не знаеја кое е вистинското значење на зборот вина. Иако тие ништо не разбираа од работите на возрасните. Бегалските деца, и старците и стариците бегалци, беа единствените што не криеја ништо во душата. Најтешко беше за нив, за Фросините баби и за дедо им Костадин. Тие не можеа и не сакаа да ги скријат ни стравот, ни тагата, ни чувството на вина. И таа, Фросе, првото дете родено по бегството, не научи од нив како се кријат тагата и стравот. А детето учеше сѐ само од нив. Од роднините бегалци. Од дете таа ја познаваше тагата. Ја наследи од нив. Како и копнежот по тоа што не е тука. Таа, детето на егејските бегалци, не знаеше што е тоа. А копнееше по него. Тие, роднините Фросини, знаеја по што тие толку копнееја. Детето го научи од нив само копнежот по Непознатото. И желбата да му припаѓа на Туѓото. Иако чупката Фросе, во исто време, толку многу се плашеше токму од Непознатото и од Туѓото. Од нив, од стариците бегалски, од нивните бескрајни раскажувања, детето научи дека сѐ може да се преобрази во повест и приказна. Додека ги слушаше нивните повести, детето на бегалците учеше да ги преобразува во невидливо писмо. Тоа писмо беше првата азбука што ја научи Фросе Аврамова. Уште пред да научи да пишува букви.

One thought on “Земја на бегалци (извадок)”

  1. Чувството на Фросе во себе го носат децата на сите бегалци. Впречем, долго време тие беа бележани, и не само со црвената линија во лични каети, туку и во очите и однесувањето кон нив на дел од тукашното население. Изразот тукашни, тие се тукашни значеше дека се поинакви од тебе, што кај тебе често создаваше чувствуваш како ти да натрапник во нивниот свет.

Напиши одговор на Лина Огненова Откажи одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *