Хроника на судбината

Приказната започнува со враќање во најсигурниот и најбезбедниот предел од човечкиот живот – детството. Сетингот е идиличен – село , а на средина татковата куќа со мирис и вкус на вишна што (не)раѓа.

Вака почнува романот „Вишнова хроника“ од Фросина Пармаковска. Kнигата има чиста градација и след на настаните, што на некој начин го оправдува и она „хроника“ од насловот. Хрониката следи еден младешки живот од детството до младоста или момчештвото, раскажан и виден низ очите на главниот машки лик.

Од идиличната атмосфера на почетокот, преку меланхолијата и турбулентноста на тинејџерските години, романот нуди возбудлива и само навидум романтична прошетка до самиот крај.

На прва, сè се врти околу љубовта – првата, најсилната, искрената, детската. Ликот раскажувач го лови читателот преку неверојатната леснина во раскажувањето, а во прилог на тој „лов“ оди и доброто прикажување и на останатите ликови.

Хрониката е распослана во долг временски период од петнаесетина години. Во него освен настаните поврзани со љубовта и, уфрлени се и кратки вести за несреќни случки, чиј „упад“ само дополнително ја зголемува љубопитноста на читателот. Вишновата хроника бидува испрепелетена со вести од црна хроника. Фрагментите се како исечоци од весници или од полициски извешати, верно пренесени и прикажани, така што читателот добива некоја чудна желба да почне да истражува дали се тоа вистински настани или фикција во функција на веродостојноста на приказната. Така романот на Пармаковска добива интересна структура, ненаметлива, непретенциозна, а сепак многу ефектна. Несреќните случки се поврзуваат со главниот тек, со ликовите и со дејствијата пред и потоа, но го избегнуваат ликот-раскажувач. Тој ги засведочува, предизвикува, ги собира околу себе, а тие се таложат врз неговата лична трагедија. Така, комбинацијата љубов – смрт уште еднаш се потврдува како мошне примамлива и успешна бидејќи го држи читателот буден и љубопитен до крај. Спрегата меѓу двете вечни теми ја испишува и судбина на јунакот од „Вишнова хроника“.

Освен во горенаведените аспекти, Пармаковска како раскажувач покажува зрелост и умешност и во градењето на ликовите преку пренесување на нивните психолошки и емотивни состојби, но и меѓусебните релации и интензитетот на чувствата кои се расплетуваат или заплетуваат во зависност од тие релации.

Сево ова,како и одлуката да раскажува низ машки лик, а во екот на урбанизација на новиот македонски роман, да пишува за помалку заборавеното село, ја прави Пармаковска една од поинтересните романсиери во новата македонска книжевност.

Александра Соколовска

http://www.dnevnik.mk/?ItemID=E2C972D4D91DFB45AC70A33AB6A2060F

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *