„Гаргара“ за душата

Наративна симбиоза на транстекстуални приказни за македонскиот егзодус, за геноцидот и „лингвоцидот“ на шовинистичките елити врз помалубројните етнички групи и народи, за тиранијата на недемократската власт врз индивидуата, како и за загубените и (не)пронајдените љубови. На ваков начин би го детерминирале романот на Игор Станојоски со наслов „Гаргара“ што беше објавен во 2014 година од страна на скопскиот издавач „Панили“. Станува збор, имено, за роман чија структура се состои од неколку меѓусебно испреплетени приказни што се случуваат надвор од нашата држава, а на директен или на индиректен начин се поврзани со Македонија и со Македонците.

Романот „Гаргара“ на Игор Станојоски се состои од четири дела: „Забелешка на преведувачот“, „Гаргара“, „Епилог“ и „2012/ Мирисот на градот“. Се соочуваме овде, всушност, со онаа добропозната доминантно постмодернистичка, но и мошне функционална, книжевно-уметничка техника на пронаоѓање или добивање на текст (на пример, во стара прашлива тетратка, во дневник, биографија и слично, или добивање на веќе напишан роман во форма на машинопис, како во случајот со нашиот роман за кој сега зборуваме) што натаму авторот го објавува како „туѓ“ роман. На ваков начин, писателите вршат една наративна манипулација со авторството на романот, односно со наратолошката теза за минималната улога на авторот во создавањето на значењата на едно книжевно дело. Имено, „преведувачот“ на овој роман (како што се претставува авторот Игор Станојоски) при престојувањето во еден хостел во Прага ќе го добие романот „Гаргара“ на англиски јазик од еден Украинец со псевдоним Орест којшто е, всушност, и автор и наратор и главен лик во „својот“ роман напишан во нараторската форма на јас-раскажување. Во воведниот дел со наслов „Забелешка на преведувачот“ се појаснува експлицитно како тој украински роман на англиски јазик ќе дојде до рацете на „преведувачот“ и како ќе биде објавен на македонски јазик, бидејќи неговото сиже е поврзано и со Македонија.

 Главното дејство во романот „Гаргара“ се одвива во западноукраинскиот град Лемберг (односно Лавов) во 2004 и 2005 година со бројни реминисценции што го враќаат читателот во 1962/63 година, а настаните од последниот дел се случуваат во 2012 година, исто така во Лемберг. Сите тие настани и сите ликови од овој роман се поврзани со подземното и мистериозно кафуле наречено „Гаргара“ во Лемберг отворено во 1962 година, а возобновено со истото име од страна на Орест, јунакот на романот, во 2004 година. Главниот наративен реквизит што ги поврзува сите настани и сите ликови во романот се, всушност, двете книги за пофалби и поплаки во кафулето „Гаргара“ – онаа од 1962 и онаа од 2004 година. Тие две книги (тетратки) ги откриваат и ги растајнуваат судбините на ликовите во романот: на првиот сопственик на „Гаргара“ од 1962 година, Иван Володимирович Бандéра; на Орест, сопственикот на возобновеното кафуле „Гаргара“ во 2004 година; на Сарафил и Марика кои како деца живееле заедно во едно село во Егејска Македонија и судбината ќе ги раздели и повторно ќе ги спои во Лемберг по многу децении токму преку нивните приказни во тие две книги од старата и од новата „Гаргара“; на Кристина, пријателката и девојката на Орест; на Генадиј Коваљук, издавач и татко на Кристина; на Желваков и Панчишин, тајни агенти на КГБ; на лекторите по македонски, српски, хрватски, словенечки и бугарски јазик на Универзитетот во Лемберг; на Оксана, келнерката во „Гаргара“ итн. Сепак, клучната приказна во овој роман е онаа за Марика и Сарафил во која се преплетуваат животните судбини и на другите ликови во романот. Авторот на романот „Гаргара“, Игор Станојоски, мошне вешто ја предочува пред читателот чекор по чекор таа трагична судбина на Марика и Сарафил којашто никого нема да го остави рамнодушен.

Кафулето „Гаргара“ е мултиплициран симбол – тоа е симбол за желбата и борбата на украинскиот народ за своја слободна и независна држава (како седиште и сврталиште на ОУН, односно на Организацијата на украинските националисти); тоа е симбол и за демонстрираното незадоволство и отпорот на индивидуата кон наметнатите општествени норми, односно кон власта; но, „Гаргара“ станува и симбол за загубената и повторно пронајдената љубов преку ликовите Марика и Сарафил кои во книгата за пофалби и поплаки во „Гаргара“ пишуваат (раскажуваат) фрагменти од својот живот, оти „пишувањето е еден вид гаргара на душата“. Сепак, првичната идеја на основачот на кафулето „Гаргара“ во 1962 година, Иван Володимирович, е „Гаргара“ да биде симбол за неконформизмот на единката, на интелектуалецот, кон општеството, односно кон власта. Токму затоа, на првата страница од книгата за пофалби и поплаки во „Гаргара“ Иван Володимирович ќе запише: „Во Гаргара доаѓаат тие што имаат најголема потреба да си ја исплакнат устата, грлото и душата од секојдневната порција лајна што ја добиваат од власта, од претрпените неправди и угнетувања“. Јасно е, значи, дека една од суштинските теми во овој роман на Станојоски е релацијата индивидуа – општество, односно потребата на единката да се ослободи од следењата, прислушувањата, шиканирањата, врбувањата што антидемократската власт со своите многубројни механизми ги практикува безмалку кон секој член на заедницата.

Меѓутоа, зад превезот на текстот од овој роман се притаени и многу други романескни книжевно-уметнички структури. Така, на пример, една од доминантните наративни техники со чијашто помош се креира раскажувањето во овој роман е постапката на вметнување на текст во текст, односно дискурс во дискурс. Раскажувањата на Марика и Сарафил во писмена форма во книгата за пофалби и поплаки од кафулето „Гаргара“ не се ништо друго ами текст (фрагменти од книгата за пофалби и поплаки) вметнат во друг, пообемен текст (романот „Гаргара“). Дури и самата книга за пофалби и поплаки со сите текстови што се цитирани од неа може да ја детерминираме како дискурс вметнат во големиот текст на романот „Гаргара“. Функцијата на дискурс во дискурс ја вршат и писмата во овој роман (на пример, писмото на Иван Володимирович до Орест, или писмото на Кристина до Орест). Во тој контекст, може да се зборува и за забележливата интертекстуалност (транстекстуалност) во романот на Станојоски како негов постмодернистички белег. Содржината на книгата (поточно двете книги) за пофалби и поплаки од кафулето „Гаргара“ кореспондира со сета композициска структура на романот. Од друга страна, типичен интертекст е повикувањето на фрагменти од книгата „Неподносливата леснотија на постоењето“ од Милан Кундера. Како интертекст може да го читаме дури и ликот на познатиот и славен украински писател, член на ОУН (Организација на украинските националисти), којшто во романот е деноминиран (не случајно!) со псевдонимот Кундера.

Има во овој роман на Станојоски и траги на металитературен раскажувачки дискурс, повторно како доминантна особеност на постмодернистичкото книжевно-уметничко писмо. На неколку места во романот авторот отвора прашања коишто се поврзани со книжевно-теориската (поконкретно наратолошката) проблематика. Таков е, на пример, делот од „Забелешка на преведувачот“ во кој авторот се обидува да најде логична мотивација за патувањето во Словачка. Исто така, некаде на крајот од романот авторот (преку вербалните предикати на Орест) зборува за потребата од доследност во нарацијата, односно за она што во наратологијата се нарекува елементарна логика на раскажувањето: „Кога заминав од Лемберг во јуни 2005-та, навистина беше ризично да контактирам со Кристина на кој било начин. Ризично и за неа и за мене. Но зарем беше ризично сите овие седум години и зарем не можев да најдам начин да ја известам за себе, па дури и да ја видам? Читателот во овој дел од романот ќе забележи недоследност. ’Зарем навистина седум години не можел да најде начин да се поврзе со Кристина?‘ – ќе праша. ’Дури и навистина да било толку ризично, зарем главниот јунак во романов е кукавица?‘… Не можев да дојдам во Лемберг, но ако навистина ја сакав, немаше ли да ризикувам да закажам средба некаде во Европа?“.

Романот „Гаргара“ на Игор Станојоски со сета негова композициска структура истовремено функционира и како еден интеркултурен спектар лоциран во украинскиот град Лемберг. Во кафулето „Гаргара“, на Универзитетот во Лемберг, во станот на Марика, низ улиците на градот и на многу други места се допираат и меѓусебно се испреплетуваат голем број култури како што се украинската, македонската, хрватската, словенечката, српската, бугарската, полската итн. Македонскиот културен идентитет се провира низ украинскиот културен простор преку ликовите Марика, Сарафил и лекторот по македонски јазик, Сашо. Допирот меѓу украинската, од една, и српската, хрватската, словенечката и бугарската култура, од друга страна, се реализира со помош на лекторите што доаѓаат на Универзитетот во Лемберг од соодветните јазични и културни средини. Притоа, авторот Станојоски, во основа, ја нуди во романот позитивната страна на интеркултурните релации – кај носителите на различните културни идентитети во романот нема симптоми на негирање и омаловажување на туѓите култури, односно на културната различност не се гледа како на инфериорна Другост. Исклучок од ваквата доминантна културна интеракција во романот претставува негирањето на македонскиот културен (конкретно јазичен) идентитет од страна на Гергана, лекторката по бугарски јазик во Лемберг и тоа некаде на маргините од романескниот дискурс.

Од она што веќе се кажа погоре станува јасно дека романот „Гаргара“ на Игор Станојоски е книжевно дело со многуслоен семантички код. Тематско-мотивската шареноликост изразена низ една доминантно постомодернистичка призма му дава особен привлечен шарм и дух на овој роман. Авторот на „Гаргара“, Игор Станојоски, успева да го задржи читателот до крајот на книжевно-уметничкиот текст со мистериозното, неизвесното и, пред сè, очудувачко поврзување на дивергентни наративни ентитети (приказните на Марика и Сарафил, судбините на Иван Володимирович и Орест, старото и новото кафуле „Гаргара“ итн.). Сето тоа значи дека со „Гаргара“ од Игор Станојоски современата македонска литература е збогатена со провокативно, привлечно, интересно, очудувачко и, секако, (од книжевно-естетски аспект) квалитетно романескно дело.

Ранко Младеноски (Современост, бр. 1, 2015)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *