За разлика од темите и мотивите кои се веќе исцрпени (и притоа уште нè копка прашањето што ново може да даде убавата книжевност), процесот на нивна актуализација е сè уште неисцрпен. Во тој контекст литературата како „јазик на втор степен“ кој зборува многу поубедливо, многу појасно и многу поефикасно за таканаречените „непријатни прашања“ од која било наука овозможува некако полесно да им се пристапи токму на тие „непријатни прашања“. „Непријатни“ ли се прашањата кои ги поставува „Писмо за Глорија“? Дали темите како што се: стравот, самотијата, стравот од болестите, траумите, соочувањата со новите дијагнози, прифаќање на нови режими на исхрана, болницата како моќна метафора, помоќна и од онаа на патот се сè уште „непријатни прашања“?
Романот на Живко Грозданоски „Писмо за Глорија“ (Скопје: Или-или, 2022) го читав токму во времето на моето физичко закрепнување по операцијата на колкот на крајот на 2023. Очигледно е дека тој мирно и упорно стоеше настрана и си го чекаше своето време за моето вистинско читање. Чекаше моето закрепнување да се одвива заедно со неговото читање. Излезен на самиот крај на 2022, со промоција на почетокот на 2023 поточно на 1 март за него се произнесе и самата промоторка Фросина Пармаковска (https://novamakedonija.com.mk/prilozi/lik/promocijata-na-romanot-pismo-za-glorija/), а има и критички осврт од Ацо Гогов (https://okno.mk/node/96896) кој акцент става на автофикцијата како т.н. „одметнички жанр“. Ама, еве, во овој мој свет кога најголем дел од моето опстојување се случуваше во болничките и бањските простори, го читав Живко Грозданоски и живеев со доживувањата на главниот лик Ж. од неговиот роман кој е дефиниран со зборовите од песната „Милион долари“ во изведба на Ристо Вртев од „Архангел“:
„… тоа не сум јас, тоа е некој што ме глуми…“, која оди и сега додека го пишувам овој текст. И така патувањето на Ж. со уште петмината негови другари: Вера, Михајло, Давор, Петар и Фрос (имиња кои ги откриваат македонските писатели Калин, Свидерски, Стојановски, Андоновски и Пармаковска) на промоција на нивните книги во Софија всушност е само рамката во кое се случува едно друго патување – патувањето кон сопственото откритие и исцелување, но и патувањето кон откритието за „простувањето како единствено средство за вистинско исцеление…“ (2022: 31). Затоа, не е ни случајно што и македонскиот филм „Исцелител“ може да се чита/гледа како ехо за самото исцелување на Ж.
Целиот роман е потрага колку по себе толку и по писмото сфатено и како израз (содржина), но и како форма за комуникација. Впрочем, колку што е стара книжевноста толку е стара и епистоларната форма. Сепак, романот на Грозданоски не е епистоларен. Во долг период, низ векови, пишувањето писма се јавува како единствен облик на контакт меѓу оние кои од различни причини не се заедно. А денешните, современите системи на комуникација толку отидоа напред (пред сè мислиме на интернетот и мобилните телефони) што создаваат пополека но сигурно (можеби, дури и не така полека) ситуација на тотално исчезнување на класичниот облик епистоларија. Живко Грозданоски како и на пишувањето писмо/а да му дава една исклучителна исцелителна моќ: „Понекогаш си фантазира како нечујно се извлекува од сè, како нашол некое ќоше за себе, со многу зеленило наоколу, и со по некое животно (Селинџер и Торо сигурно би го поддржале). Често би пишувал писма до пријатели и до непознати за некоја книга што ја прочитал, или за некој филм што го гледал. На ковертот не би стоела неговата адреса. Би стоела внатре во писмото…“ (2022: 98, означеното е мое). И тој Ж. (но и Грозданоски) си пишува многу писма во својата глава, но се сеќава и како со Нат си праќале писма еден на друг во средно, ѝ пишува дури и неколку писма на Саш, но писмото за Глорија е она што му дава смисла на неговото живеење, зашто ако не му се случи/ла таа епизода: „… да отиде во она бистро и да ја сретне Глорија, за нештата драматично да се сменат: да умре во гневот и да се прероди во – љубов.“ (2022: 76), тогаш и тој нема да има надеж. Надеж дека токму таа, Глорија, некогаш ќе го сврти бројот запишан на малото, стуткано хартивче или како што вели самиот Ж. дека: „… негов единствен дом ќе стане надежта дека Глорија ќе му се јави.“ (2022: 114, означеното е мое).
Живееме во време кога монологот скоро сосема му го отстапи местото на дијалогот. Едноставно, се повлече, занеме! Но во исто време, и покрај сите предности на брзото пренесување пораки и разменување мислења, се соочуваме со фактот дека и многу изгубивме. Ја изгубивме, пред сè убавината на говорот, својствена за пишаната форма. Електронската пошта, електронските писма и пораките преку социјалните мрежи ни овозможуваат пренос на пишаниот збор за само неколку моменти, но истовремено и ни ја ускратува можноста за читање меѓу редови и особено за уживање во ракописот на личноста која ни пишува, со која комуницираме.
Овој роман на Грозданоски е натопен и со ненаметлива тага зашто едноставно како што вели и самиот Ж., тој пишува роман: „За празнината. За празнината што поврзува.“ (2022: 103). Тагата „… Може да се јави како внатрешен презир на осаменоста, тежина поради сознанието за неприпадноста кон средината, или, едноставно, притисок поради сопствената празнина. Во нејзиното појавување нема одредени правила. Таа некогаш е толку силна што ги надминува сите разумни ограничувања засегнувајќи во самата смисла на постоењето.“, вели Јасмина Мојсиева-Гушева во својата книга „Симбиотички стратегии“ (Скопје: ИМЛ, 2008, 59). И затоа тука е писмото, но и ПИСМОТО, зашто, едноставно, „со помош на Писмото“ може „не само да се пишува туку и да се залечи, колку што е тоа изводливо, искуството на трајната субјективна раселеност“, вели Елизабета Шелева во својата книга „Дом/идентитет“ (Скопје: Магор, 2005, 7). Чинот на пишување станува единствен чин на ослободување, едно прочистување преку залечување.
Пишувањето му овозможува и на Грозданоски како автор на романот „Писмо за Глорија“ и на главниот лик Ж. од овој роман да се ослободат од сопствената безнадежност обоена со иронија и самоиронија. Зашто и за едниот и за другиот: „Пишувањето за него е како дишењето: мора да пишува, како што мора да дише…“ (2022: 188). Имено, иако целата приказна се врти околу тоа многу кратко писмо за Глорија, на кое Ж. чека одговор т.е., телефонски повик, романот се надоврзува на оние најновите, современите приказни кои покажуваат поголема потреба за меѓупростори (како што во романот тоа е граничниот премин Деве Баир, или патувањата од Извор, Кичевско до Скопје, или од Скопје до Софија или низ самото Скопје), за привремени автономни зони (П.А.З. како своевидна мултиперспективна, пост-идеолошка и мошне смела визија за светот), како no man’s land (ничија земја) во која, како што нагласува Ангелина Бановиќ-Марковска во својата книга „Групен портрет“, „еден од облиците на бегството е чинот на пишувањето“, пришто таа ничија земја „станува интересна само ако биде споделена“ (Скопје: Магор, 2007, 32-35), така како што ја споделува Грозданоски со и преку овој негов последен роман. Токму така прозвучува и самиот Ж. кога вели: „А можеби и тој, како Стравински во музиката, на пример, или како сите оние прогонети писатели, би можел да направи некаков обид да се вдоми во книжевноста, во пишувањето? Како што Ана Бландијана живее во нејзината родна земја –А4? Можеби тоа би му било доволно?“ (2022: 159, означеното е мое). Или: „… ако можеше на Рацина куќа цел свет братски да му е … зошто да не се фрли и тој главечки во убедувањето дека може да се развие и едно неексклузивно разбирање за припаѓањето, да се погледне од другата страна на дурбинот, да се размислува за севдоменост, а неговиот дом да биде секаде каде што ќе го насети присуството на Глорија?“ (2022: 160, означеното е мое).
Не смее да заборавиме и дека литературата не треба да одговара на зададени задачи. Таа треба да раскажува приказни, и по можност тие приказни да бидат светски, општочовечки, дури и тогаш кога станува збор за прераскажување на случки од личната историја. „Писмо за Глорија“ се чита како текст во добар дел составен од цитати, референци, еха, културни јазици, претходни или современи, кои се преплетуваат во голема стереофонија и ја потврдуваат оригиналната идеја „за создавање на литература од литература, што е пишување како континуитет, пишување како одговор, или повторно пишување“, како што вели Ренате Лахман во својот текст „Литературата создадена од литература: пишувањето како продолжение, пишувањето како одговор и преработка“ (во книгата „Теорија на интертекстуалноста“, Скопје: Култура, 2003: 221). Во тој контекст овој роман вришти од разни интерференци, од имиња од македонската и светската култура, од разговори за филмови и музики, од споделувања на мудри мисли и филозофии…
Овој романот на Живко Грозданоски како да води дијалог со писмото на Славко Јаневски и тоа со она од неговата втора фаза која се развива под влијание на медитативно-психолошките тенденции и која е одбележана со романите „Две Марии“и„Месечар“. Зарем двете Марии на Јаневски не кршкаат во сите оние женски ликови, другарки, а некои и пријателки и девојки на Ж. од „Писмо за Глорија“, како Лина, Ангела/Енџи, Маја, Милена, Нат која сега живее во Турција, Лејла од Сараево, Кјара од Рим, Саш од Скопје со која му недостасуваат „нивните разговори што во последно време орбитираат околу темите од типот на свест, светлина, исцеление“ (2022: 17) и на која „ќе почне да ѝ пишува топли, наивни писма и да ѝ ги праќа по мејл“ (2022: 22), Лили од Перуџа/Софија и пред сè Глорија. „Две Марии“ како прв психолошки роман во македонската литература се појавува во времето во кое се пробива влијанието на американскиот и англискиот роман на тек на свеста, но и како радикална негација на првиот негов роман „Село зад седумте јасени“. Така што таа тогашна потполно нова варијанта на објективирање на вистината, која значи и една тотална пресвртница во роамнескната ориентација на Јаневски, но воопшто и во македонската литература, еве ја сè уште активна во романот на Грозданоски „Писмо за Глорија“. Затоа и може да се каже дека токму Ж. може да биде новиот месечар што скита по пределите на својата свест и подсвест и што бара можност и за исцелување во животот и за осмислување на животот.
Она што е битно да се истакне е дека во овој роман на Грозданоски се забележува тип на исказ кој се вообличува повеќе како монолошки говор, на моменти и доста филозофски, а помалку како причинско-последичен облик на следење на настаните. По углед на светските текови, во она време (50-тите години на 20. век) Јаневски оствари деструкција на приказната за да создаде роман кој во целост би бил концентриран на внатрешниот простор на субјектот кој повеќе не дејствува, а со тоа и не продуцира случувања од кои се гради фабулата во класична смисла. Така и Грозданоски целиот се препушта на тој внатрешен простор на Ж. Притоа, дисперзијата на фабулата, како и дисперзијата на јазикот кој скршнал во правец на поетското и симболичното низ еден постојан дијалог со своето „јас“ и притоа ја изгубил причинско-последичната оправданост, на преден план го исфрла феноменот на времето. Така, Грозданоски го прифаќа моделот на линеарно-повратно временско претставување, прекршување на миговите и отстранување на хронологијата.
„Писмо за Глорија“ е во времетраење од само неколку дена (како што впрочем се ограничени и случувањата во романите на тек на свеста или во психолошките романи на В. Вулф, Џ. Џојс, В. Фокнер). Тој нуди едно исцрпувачко промислување на минатото, на сегашноста, но и на она што би можело да дојде. Притоа таа приказна на Ж. го отвора најголемиот простор за т.н. внатрешен свет на субјектот т.е. за својот внатрешен свет. Сето тоа нуди сериозна намаленост на вистински одиграните настани (повеќето се дел од менталниот сетинг на главниот лик) и една силна прошетка по душата на самиот Ж. како главен лик.
Весна Мојсова-Чепишевска