Кон романот “Одбројување”

Рецензија од проф. д-р Лидија Капушевска Дракулевска

При првата средба со романот „Одбројување“ на Фросина Пармаковска уште пред да го прочитам, ме испровоцира насловот кој побуди еден двоен впечаток; конкретно слатко-горчлив, во смисла на онаа сложенка во германскиот јазик „traurigfroch“ – тажно-радосно, кованица која му припаѓа на германскиот романтичар Фридрих Хелдерлин (и воопшто, мора да се признае дека Германците се генијални во креирање сложени зборови). Зошто ваков впечаток? Можеби заради временската димензија содржана во одбројувањето кое означува и крај и почеток на нешто ново, аналогно на одбројувањето на секундите кога ја дочекуваме Новата година, на пример. Одбројувањето на годините, деновите или миговите – среќни или тажни, има моќ да го запре времето и сегашниот миг да го трансформира во вечност. По читањето на романот, овој првичен впечаток сосема ми се потврди. Особено поради моќното буквално завршно одбројување во финалето на романот; токму крајот на романот крие неизвесност и нуди ефект на изненадување.

Уште пред повеќе од два века Лилипутанците забележале дека за Гуливер бог е неговиот часовник и дека тој обично ништо не прави додека не го консултира; часовникот го покажува времето за секоја акција во неговиот живот. Модерната идеја за времето го вклучува чувството за неповторливоста на еднаш слученото, свеста за времето дека тоа значи промена и несигурност. Времето како четврта димензија на просторот, тиранија на механизмот на времето, немоќта на човекот во трката со времето, постојаното чекање на вистинскиот момент за донесување одлуки, односно временската инстанца од намера/идеја кон преземање акција, симболиката на одбројувањето, итн., се само некои од можните лавиринтски патеки кои се отвораат пред читателот при средбата со прозата на Фросина Пармаковска. Интимната, човечка драма, која може да му се случи на секој од нас, драматичната и грчевита наративна постапка на Фросина е во функција на полнотата на животот, овде и сега, секаде и секогаш. Во таа смисла, не случајно е одбрана токму категоријата време како амблем на микрокосмосот на главната хероина кој е централна оска на романот околу која орбитрираат сите останати ликови. Човекот, меѓу другото, е темпорално суштество: се менува, се трансформира низ времето. Се говори и за темпоралност на телото, и за темпоралност на душата како динамични категории. Филозофските реминисценции за времето кореспондираат со потрагата на нараторката по осмислување на љубовта и самосознавањето од една, но и со нејзината благородна потреба да се спротивстави на ентропијата на животот и неговата тривијалност, од друга страна. Нарацијата се движи назад и напред во времето, значи и самото раскажување е своевиден времеплов.
Доколку, пак, би се обидела што поконцизно да го определам карактерот на романот „Одбројување“, би се послужила со оние култни зборови на великиот Толстој од почетокот на неговата „Ана Каренина“ кои отприлика гласат вака: „Сите среќни семејства се слични едни на други, а секое несреќно семејство е несреќно на свој начин“. Можеби затоа среќните семејства не се провокација и предизвик за писателите кои сакаат драматичност, динамика, исчекор од нормалата, поништување на стереотипот… Проблемот во семејството кое го слика Фросина во својот роман лежи во бегството од вистината, во немоќта да се соочиме со психичкото пореметување на едниот во парот, нешто што сѐ уште е табу кај нас и во 21 век. Потребата отворено да се проговори за болната љубомора и за нервното растројство на личноста кои резултираат со психолошко насилство врз партнерот (во конкретниов случај – врз жената), може да се сфати и како суптилна критика на малограѓанската свест: сокривање на проблемот, наместо соочување со истиот и негово решавање со медицинска помош. Зашто, проблемот се рефлектира и на поширокото семејство: во игра се и родителите и братот на сопругот наспроти женскиот глас, женската перспектива на нараторката и нејзиниот типичко женски свет: сеќавањето на мајката и разговорите со долго отсутната пријателка. И уште: романот е критика и на непромислените одлуки на младите кои набрзина се решаваат за брак, понесени од еуфоријата на својата страст. Актуелна проблематика која сведочи за бракот како разнишана институција, поточно за една од можните аномалии во заедницата. Ова е и семеен, и психолошки роман, и роман-сведоштво; сведоштво за една „душевна тетоважа“ (кажано со речникот на Петар Слотердајк), или своевидна „иконографија на болката“ и на страдањето (како што би рекла Сузан Сонтаг). Нашата Фросина суптилно ги слика бездните и мистериите на човековата душа, родовите релации, лицемерието и маските кои царуваат во меѓучовечките односи, бракот како гротеска или трагикомична маскарада, судирот на формата (појавното) и суштината кој резултира со чувство на тегобност, во сартровска смисла… Така, на едно место во романот читаме: „Мојот маж (парадоксално е именувањето, односно отсуството на именување на сопругот, зашто синтагмата мојот маж, од една страна, го нагласува посвојниот статус кон Другиот во парот, но истовремено, алудира и на тотална отуѓеност), се насмевнува како детенце, а јас помислувам колку нормално изгледа тоа утринско кафе, обичен исечок од семејна фотографија и колку може да биде лажна реалноста што се гледа, и колку може да биде вистинита онаа што не се гледа“ (14). И уште: „важно е тоа што јас не разбирам и никогаш нема да разберам дека бракот е светост, тајна создадена за двајца, тајна што се чува“ (17). Фросина како да го деконструира стереотипот за бракот како култура на безумието.
Болната љубомора на сопругот кон жената во симбиоза со неговата очигледна и медицински потврдена психичка болест, води кон недоверба, а таа – кон недоразбирање, репресија, кошмар, тортура или вистински „пекол“ за кој нараторката му се одмаздува со неверство, значи постои цел синџир на негативни категории кои се животно правило и за останатите ликови. Имено и сите други споредни ликови се, на еден или на друг начин, анти-херои на нашето време: и тие се промашени и неисполнети личности, нереализирани во љубовта, во семејството или во пошироката заедница. На маргините на клучната драма на нарторката, се случува големата драма на Другите: во позадина на сцената се одвиваат протести, се случуваат откази од работа, монтирани процеси, ликовите страдаат од депресија, болеста на нашето совремие и сл., што експлицитно алудира на нашата стварност. Впрочем, како што велел Хајдегер, авторот не може да избега од бремето на своето време и од сопствениот историски миг.

За разлика од безизлезната ситуација на другите ликови, главната хероина во романот наоѓа излез од стапицата во која упаѓа: од нереализираната љубов во бракот се спасува повторно – со љубов. Изневерената брачна љубов е затвор за субјектот, а неверството, престапот, значат– бегство во слобода, триумф на ослободениот субјективитет. Дали љубовта е грев? Дали е грев потребата од љубов и копнежот да се пронајде љубов и таа да се зачува од запчаникот на баналноста? Но дали љубовта допушта егоцентричност? И конечно, дали љубовниот триаголник не значи ново лицемерие? Нема рецепт за успешна љубов. Љубовта останала најголема мистерија од искони до денес.

Романот на Фросина е пред сѐ и над сѐ, апологија на љубовта што живот значи. Таа е смисла на постоењето. „Љубам, значи постојам“ – вака некако би гласела варијацијата на прочуената Декартова девиза видена низ призмата на Фросина. „Ако е жив, нашиот психички живот е вљубен. Ако не е вљубен, тогаш е мртов“ – изјавува Јулија Кристева во својот есеј „Пофалба на љубовта“. Љубовта е несомнено, неопходен зачин на нашите малечки, трошни животи. За авторката на „Одбројување“ важи девизата од посланието на Апостол Павле до Коринтјаните: „Ако љубов немам, ништо не сум“. За илустрација, посочувам еден извадок од романот:

ОСУМ. Бесконечност. „Дали го земате во добро и зло, во среќа и несреќа, во здравје и болест, во глад и сиромаштија?“. „Да“. Немавме јас и мојот маж свадба како што се прави тоа кај нас заради смртта на мама, а можеби само и двајцата им дадовме оправдување на другите со смртта на мама затоа што и на двајцата не ни се допаѓаше идејата за таква свадба, бевме во матично и тоа беше еден од најубавите денови во мојот живот, се чувствував сериозна и возрасна, силно убедена дека така рано и лесно сум си го решила животот, сум си ја скроила среќата и ништо не останува сега освен да се препуштиме и да се сакаме, љубовта, мислев, може да се потпише и да се рече „да“, малку е потребно да се љуби, мислев дека тоа чувство што ме обзеде тогаш може да помрдне цела планина и чуда да направи и не знаев, не разбирав дека тогаш јас, ние, чекоревме по најбелите и најубави облаци, толку лесни, речиси бестежински, како нас, но дека тоа е тогаш и треба многу, многу повеќе од тоа. (197) (…) Не можам точно да го вратам првиот час кога нашите чекори почнаа да натежнуваат, секој ден сè повеќе, се пробивавме низ облаците и тоневме, до глуждови, до колена, до половината, до градите, и не знам ниту кога точно паднавме долу и можевме да ги видиме облаците само далеку и одоздола. (198)

Очигледно е дека нашата авторка овде ја проблематизира спротивноста тежина-леснотија по аналогија на романот „Неподносливата леснотија на постоењето“ од Милан Кундера во кој читаме: „Што да избереме? Тежина, или леснотија? Тоа прашање си го поставил уште Парменид во 6 век пред Христа. Според него, сиот свет е поделен на парови спротивности: светлина-темнина, нежност-грубост, топлина-студенило, постоење-непостоење. Едниот пол на спротивноста за него бил позитивен (светлина, топлина, нежност, постоење), а другиот негативен. Таквата поделба на позитивен и негативен пол може да ни изгледа детински едноставна: освен во еден случај – што е позитивно: тежината или леснотијата? Парменид одговорил: леснотијата е позитивна, тежината негативна. Дали бил во право или не? Прашање е. Сигурно е само едно: спротивноста тежина-леснотија е најтаинствената и најмногузначната од сите спротивности.“
Одбројувањето на животот како вечно реми на среќата и несреќата, љубовта и смртта, радоста и тагата, успехот и загубата, тежината и леснотијата… е филозофско прашање кое нема разрешница. Неподнослива тежина на постоењето. Животот е непредвидлив, но сепак убав, во крајна инстанца. Животот никогаш не сеповторува на ист начин и неговите неправилности и изненадувања имаат шарм кој на сѐ дава боја.

„Одбројување“ на Фросина Пармаковска е провокативен роман, кој не нѐ остава рамнодушни.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.