Лебед, трет роман на Ана Стојаноска

Во првите два романи ― од кои еден, Јас и Лин, отпосле, е награден со престижното Рациново признание (2017) ― Ана Стојаноска „длабински“ ги истражуваше потенцијалите и можностите што ги „нудат“ различните книжевни техники или постапки. Високо едуцирана и апсолутно компетентна во областа на книжевната теорија, и во двата случаи како да експериментираше со прочуениот постулат на Виктор Шкловски, еден од корифеите на легендарниот руски формализам. Кој ја застапуваше тезата дека книжевноста треба да се „потпира“/„темели“ врз таканаречената постапка (руски: приом), а не врз некакви езотерични тематски премиси. Или, поедоставено, врз „приказните“. Демек, финтата не е во приказната, туку во постапката преку која таа е раскажана.

Дека финтата навистина држи вода, Стојаноска покажа во првите два романи.

Во третиот, со наслов Лебед, авторката решава пилата да ја сврти опаку: за, под  а) за својот „асполутен“ скрипторски да ја определи токму приказната ― „долга, та широка“ некои триесетина години, за да „опфати“ две протагонистички генерации (две мајки и двајца нивни синови, сите уметници); и, под б) таа приказна да ја „прераскажува“ ако смеам така да кажам ― на најконвенционален книжевен начин: ― од позиција на таканаречениот „сезнаен раскажувач“. Изборот на ваквата „класична“ раскажувачка позиција, чинам, е направен сосема рационално. Имено, по двете претходни експериментирања со фрагментарноста ― не само формативна туку и „содржинска“ ― Стојаноска решава да се фокусира на самата приказната, т.е. на клучниот темат кој треба да ја генерира и да ја артикулира нејзината книга. Тематот е вљубувањето или ― просто ― љубов. Љубов како феномен, како таква, љубов од секој вид: машко-женска, машко-машка, љубовничко-брачна, родителско-детска, семејна, пријателска, професионална, љубов од интерес, од страст, од занес, секаква… Има ли љубов во ова наше време? Умееме ли, сè уште, автентично да се вљубуваме? Онака романтично, како во романите или во театарските мелодрами (авторката под носот ни го потура најбизарниот мелодрамски пример на сите времиња, балетот Лебедово езеро)? Или се вљубуваме импулсивно, та  божемски, од немајкаде, да го поминеме редот, поради  осаменост, очајание, депресија, здодевност, страв од неуспех…  На едно место во  книгата ― некаде во последната третина ― неизбежно се сопнува на реченицата која ги релативизира сите љубовни, љубовнички и љубовџиски контексти „како такви“; во што, всушност, се вљубуваме: во некое човечко суштество или во самата идеја на љубовта „како таква“…

За разлика од претходните два романи, прилично редундантни во изразот и по формата, во Лебед има многу нарација и ― последователно ― многу текст. Веќе реков, Стојаноска тоа множество го кумулира ― нарочно. За да се провери себеси и во таков тип дискурс. Проверката е успешна, на  ред е некој нов обид.

Јелена Лужина

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *