
„Немам страв“ на Трајче Стамески се гради низ т. н. „ефект на изненадување“ (Бертол Брехт). „Немам страв“ како „мајсторски изведен психолошки трилер“, според зборовите на Венко Андоновски, ни го развива она чувството кое Зигмунд Фројд го именува со „вознемирувачко необично“. „Немам страв“ на моменти предизвикува кај нас истовремено амбивалентно чувство, смеса на вознемиреност и привлечност, па така некои ликови ни се драги, додека други нѐ нервираат, некои ситуации ни се возбудливи, додека други нѐ вознемируваат. Затоа романот првенец на Стамески се чита и низ чувството на благ „сладок ужас“ (Роже Кајоа). Сепак, овој роман не се гради низ принципите на фантастиката. Но е доволно напнат и се чита до последен здив. Ти буричка во главата, ти остава отисоци во срцето.
Стамески обезбедува за себе „алиби“ преку примената на наративната постапка „расказ во расказ“ поточно „приказна во приказна“ (но и „куќа во куќа“, па и „соба во соба“ особено во приказната на Вера, тетката на Тристан). Со помош на споменатата постапка тој се сокрива зад некој друг, неверодостоен раскажувач (Тристан, пациент во психијатриската болница) и со тоа обезбедува сигурност за својот став како наратор и за својот однос кон веројатното. Така неговото „јас“ останува далеку и негибнато од невозможното. Затоа, пак, Тристан, но преку него и Елис, доживуваат многу необични нешта. Оваа постапка „расказ во расказ“ (т. н. принцип на алеаторност, како едно од решенијата на постмодернистичката проза) всушност, води кон слабеење на судирот меѓу надреалниот настан (прераскажаната приказна или сон) и средината во која тој настан се јавува. Сепак романот на Стамески повеќе клони кон една нова чувственост или нов субјективизам отколку кон чист постмодернизам иако неговото писмо покажува висок степен на интертекст.
Стамески се покажува како сериозен поддржувач на една своевидна поетика на мултимедијалност која се остварува преку контактите со другите медиуми. „Литературата треба да се нахрани со фотографијата, филмот, стрипот, рок-музиката, телевизијата“, напиша Александар Прокопиев во својата поетичка програма во вид на дневнички запис под наслов „Унтиупатства за лична употреба“ („Младиот мајстор на играта“, 1983). Преку овој негов став се антиципира и теоријата на Умберто Еко за „отвореноста“ на секое книжевно дело што, од своја страна, води до деканонизација на раскажувачкиот жанр. Во тој правец е и целата онаа музика што се слуша додека се чита романот „Нема страв“. И како што тивката музика ја исполнува собата (2026: 82, 95), така таа музика ја исполнува и душата на читателот. Утринскиот ритуал на Елис со што се случува „мерењето на времето со музика“ (2026: 18), станува и наш. А описот на најчестата верзија на „Autumn Leaves“ во изведба на Едерли и Дејвис (https://www.youtube.com/watch?v=ntz6DSLgWkU) возбудува:
„Мајлс е искрата. Почетокот. Неговата труба е како стрела што нежно го пробива мракот. Но кога ќе се надоврзе саксафонот на Едерли, тоа е веќе оган. Жив, нескротлив пламен што се шири сам од себе, непредвидлив, но секогаш способен да те изгори.“ (2026: 36).
А згора на сѐ Стамески ја комбинира џез-музиката и со ликовната уметност како во онаа сцена кога погледот на Елис се вперува „во модрата хартија врамена со златни ленти, зад која беше скриена апстракција во три бои, која уметникот ја нарекол „Душата на џезот“ – инспирирана од песната My One and Only Love во изведба на Џони Хартман и Џон Колтрејн.“ (2026: 21) (https://www.youtube.com/watch?v=fue4mYwJjeU).
Не помалку се присутни и фотографијата (како оние две големи црно-бели фотографии од познати џез-пијанисти закачени во ресторанот во кој се случува и првата искра по многу години разделеност меѓу Тристан и Елис), како и филмот (во последната приказна за момчето чиј татко е страстен вљубеник во филмот). А разните симболи расфрлани низ целиот текст како да излегуваат од некој зборник на собрани приказни и притоа како да создаваат некоја своја нова „Илјада и една ноќ“, како онаа за лебот што Тристан го меси заедно со баба му „во форма на сонце или полна месечина“ (2026: 32), или онаа за сознанието дека „во мирисот и вкусот на лебот ја открил магијата на своето детство“ (2026: 33), како и за оној „долг позлатен клуч со рачка во вид на птица“ кој треба да се заврти „четирипати, за секое годишно време по еднаш“ (2026. 34), за тајната соба, за ковчегот, за мостот, за куќата како симбол над симболите, за куќата на прапрадедото на Тристан, за куќата од дрво, камен и земја (2026: 31), за куќата како сончев часовник (2026: 41), за онаа во форма на птица, риба или брод (2026: 62, 67), за онаа како квадрат со триаголник (2026: 72), за куќите макети (2026: 120)… Ракописот „Немам страв“ со посвета „На Елис“ преживува до денешен ден благодарение на Трајче Стамески зашто се заложува тој ракопис да излезе како книга. Во ракописот се раскажани седум приказни. Седумте приказни (случајно или намерно токму седум) сместени во она што го пишува(л) Тристан, во текстот што за директорот на психијатриската болница наликува на „некаков ракопис – можеби дневник, можеби белешки од некое патување“ (2026: 11), згрижен во „хартиена папка во окер боја“ (2026: 12), упатуваат на архетипската слика на стравот. Така:
1. Првата е таа што ја започнува самата Елис додека ѝ раскажува на мајка си за искрата која повторно ја разгорува љубовта меѓу неа и Тристан.
2. На оваа се надоврзува онаа на Вера, тетката на Тристан, за прапрадедото на Трстан.
3. Потоа е приказната за џиновската цреша која е врзана со прадедото на Тристан.
4. Потоа следува таа за Естер, духовниот близнак на Тристан.
5. Па таа од Естер за младиот амбициозен архитекст.
6. На оваа се надоврзува приказната за момчето што ќе го измисли апаратот: „што, со помош на математички алгоритам, ќе ја дешифрира нашата биологија и ќе го измери капацитетот на нашето траење“ (2026: 87).
7. На крај се преплетуваат двете приказни во една единствена за причините за разделбата на Елис и Тристан.
Си поигрува ли авторот и со симболиката на бројот седум? Колку со таа на библиската седумка, толку и со таа што се чита како збир од светата тројка и потполната четворка, како спој на трипартитноста на космосот и светот по вертикала (Горна, Средна и Долна Земја или Небо, Земја, Подземје) и четворката која активно учествува во митовите за создавањето на космосот, светот и ориентацијата во нив, преку страните на светот (исток-запад-север-југ), четирите годишни времиња (пролет-лето-есен-зима), четирите основни правци (горе-долу-лево-десно)? Можеби затоа „Немам страв“ може да се чита и како книжевна верзија на збирката четири виолински концерти „Четирите годишни времиња“ од Антонио Вивалди (https://www.youtube.com/watch?v=GRxofEmo3HA), само што овие концерти започнуваат со пролетта, а романот на Стамески ја започнува својата приказна во зима. „Немам страв“ е приказна за господин и госпоѓа Ред, но и приказна за Тристан и Елис, за Сергеј и Елена, за Т. и Ана… (како приказни за некои нови Тристан и Изолда). Си поигрува ли и со самите имиња т.е. презимиња? Така г-ѓа Ред ќе може да го прочита ракописот што е со посвета „На Елис“ која се презива Греј:
„Беше целосно свесна дека судбината на тој ракопис е во нејзините раце. Доколку посакаше, со едно движење можеше да го избрише и да го сведе на ништо. Таа беше единствениот читател и единствениот сведок за неговото постоење. (…) Во суштина, ракописот не ѝ припаѓаше. Тој му го посветил на сонот за друга жена – на онаа што никогаш не престанал да ја сака.“ (2026: 125)
Дали преку семантиката на призимињата читани на англиски не се случува и уште една алузија, Стамески да стави во спрега и два филма „The Woman in Red“ (https://www.youtube.com/watch?v=45ofiq9cWiY) и „Fifty Shades of Gray“ (https://www.youtube.com/watch?v=SfZWFDs0LxA)?
Романот на Трајче Стамески се гради низ чувството на страв предизвикано од крајно реални ситуации како кога тој сака да ја разбере, а таа само сака да се заедно (2026: 74). Така скоро сите ликови чувствуваат некој конкретен страв и тоа таков страв од кој ти се намовнува кожата како при допирот на кожата на саканиот/саканата. Притоа тој страв се трансформира во еден постојан т.е. незавршен страв или страв што трае, до оној страв не од смртта, туку од неизвесноста (2026: 86) . Но, во некои приказни кои се дел од ракописот што Тристан им го остава на чуварот Лазар, но и на својата сопруга г-ѓа Ред, но и нам, на читателите, како да читаме за некој „страв заради стравот“ како метафора за чувство на загрозеност кое нема реална основа, туку добива ирационален карактер. Притоа понекогаш знае да премине во „немање страв од стравот“ како своевиден механизам на одбрана која се изразува преку поентирањето:
„Сега разбра дека таа морала да замине – не за да го повреди, но затоа што тоа било најдоброто што можела да го стори тогаш.
Доволно му беше што овојпат таа не се оддалечи.
За миг си го замисли животот што никогаш не го имале… си претстави како патуваат, како се смеат, како заедно ги поминуваат деновите. Во таа кратка замисла тие беа само двајца луѓе што си припаѓаат, надвор од времето и стравот.“ (2026: 113)
Чувство кое конечно може да се надмине, па нека е изговорено и низ шепот: „Немам страв“ (2026: 114). Затоа Тристан ѝ го отвора срцето на Елис и ѝ вели: „Првпат во животот не се плашам да кажам дека те сакав.“ (2026: 113). И времето продолжува да се мери со музика… „My One and Only Love“…
Весна Мојсова-Чепишевска