Сѐ убаво што постои на светов, создадено е од љубов

(за книгата-сликовница „Бакнежи на небото“ од Иван Антоновски илустрирана од Иванка НиБа)

Приказната „Бакнежи на небото“ е потпишана како авторство на Иван Антоновски. Но, Антоновски многу вешто си поигрува и од позиција на сезнаен раскажувач топло се стуткува во едно ќоше на својата имагинација. Така удобно поставен ѝ дозволува на Илина да ја отпочне својата приказна. А Иванка НиБа илустрира следејќи ја и приказната на Илина и дијалогот меѓу Илина и Јаков со цел таа приказна да има свој убав одраз. Така приказната за волшебните бакнежи на небото се огледува како во огледало во ликовните решенија на НиБа, или, поинаку кажано, таа дише како диптих со самата илустрација. И НиБа, како и Антоновски, од позиција на стуткана во ќебето на својата имагинација, ја исцртува нежно како што би цртало и некое детско раче, ја исцртува како некое далечно ехо на цртежите од култната книга „Малиот принц“.

Во релацијата поголема сестра – помал брат каде сестрата сака да ја преземе улогата и на иден водач во животот, се чита и релацијата на раскажувачот и слушателот, на возрасниот и детето…

И приказната за бакнежите на небото тече онака како што едно девојче, едно дете би ја раскажало постојано движејќи се час на полето на чудното (тогаш кога Илина се обидува да му даде рационални одговори на Јаков), но и час во сферата на чудесното (тогаш кога Илина сака да му ги објасни работите што го збунуваат Јаков преку ирационалното, натприродното за да го одржува постојано неговото љубопитство сè таму до неизвесниот крај на приказната). Поигрувањето е и заради различните перспективи, една е онаа на децата, друга е онаа на возрасните. Така воопшто не зачудува кога Јаков ја прашува Илина дали само децата го сакаат снегот, зашто ја има оваа слика пред очи, па ѝ вели: „Па секоја зима, откако ќе падне снег, само ние се радуваме, а тато е нервозен… Се лути што морал да го чисти автомобилот.“ Ама Илина има доволно трпение сè да му објасни на Јаков за потоа да се сфати дека „… и она што најпрво е студено, потоа може да биде и убаво“.

Од друга страна, како еден од главните критериуми за разликување на усната од авторската сказна е односот чудесно – фантастично (според Цветан Тодоров и Роже Кајоа), пришто доаѓа до тенденција светот на усната сказна населен со суштества од колективната имагинација да се замени со свет поттикнат од индивидуалната творечка фантазија, од книжевноста, и пред сè од сонот. Така оваа Илина, на авторот Иван Антоновски, е вистински пример на индивидуалната творечка фантазија. Авторот се повлекува и ѝ остава на Илина целосно да ја раскрили својата имагинација. Таа, пак, со сета своја детска душа знае кога да го пушти фантастичното да зацарува во нејзината приказна (кратко и не напорно и не заструшувачки) и без наметнување да му одржи лекција за тоа како се случуваат природните појави, како тече годината, како се случуваат повторните раѓања… И како и зошто се бакнуваат облаците! И со леснотија знае кога повторно да му се врати на реалното објаснување, и кога реалното да го зачини со иреалното, па вака (рас)кажува:

„Снегулките на коишто им се радувавме лани, веќе отпатувале на небото и станале облаци. (…) И сигурно, некои од нив веќе се сретнале и се вљубиле еден во друг. Откако сонцето ќе тргне на пат, некои од нив ќе се бакнат. И пак ќе се родат снегулки.“

А Јаков заклучува со здрав разум: „Тогаш и јас ќе можам да ги направам снежните топки за Дарија.“, иако, ние возрасните знаеме дека разумот не е јака страна кога по главата ти трча и во срцето тие пее некој/а, како оваа Дарија.

Зарем оваа книга-сликоивница не може да се чита и како мит, секако наменет за децата. А да се потсетиме, митот означува света приказна, предание во кое верува една човечка заедница како во вистинска приказна за потеклото и за уредувањето на светот и како во историја на сопствениот род, пишува Јадранка Владова во својата книга „Литература за деца“. А таа света приказна ја раскажувал најмудриот, највозрасниот… Со тек на време митот престанува да ја има примарната улога на света приказна, па започнува еден нов живот како извор и стожер на уметничката сказна. И токму во својата прва фаза кога митот влијаел врз литературата, тогаш тој се преродил во сказната.

Илина од приказната „Бакнежи на небото“ е прикажана како мала по години, но голема по знаење и умеење, како вистинска мала мудрица на која, ете, ѝ доаѓа времето „да му се прави паметна“ на својот брат. Сепак, таа е помудрата зашто, едноставно, е повозрасна т.е. порано се родила. Таа ја чувствува одговорноста и ја презема улогата на раскажувачка на митот за раѓањето на зимата, а со тоа и на создавањето на снегулките, па и на бакнежите. Но, Илина сè уште ја дели собата со Јаков и затоа чувствува дека таа треба да биде онаа Венди како во приказната за Петар Пан.

Мирча Елијаде во „Аспекти на митот“, под заглавјето „Вистинска приказна – Лажна приказна“, ја прави разликата помеѓу митот како вистинска приказна и сказната како лажна, едната како сакрална, наспрема другата како профана. Владимир Проп, пак, ќе ја брани теоријата дека сказната произлегува од митот, од култните егзотерични митови, наспрема онаа на Клод Леви Строс која инсистира на фактот дека митовите и сказните постојат паралелно и се развиваат како самостојни видови. Со таа разлика што митовите се приказни со забрана за раскажување и се посветени за малкумина, додека сказните се приказни кои им се раскажуваат на сите, вклучително и на жените и на децата (имајќи предвид дека во минатото жените и децата не биле рамноправни со мажите).

Оваа приказна „Бакнежи на небото“ сака да им биде раскажана на сите, сака да биде прочитана од сите. Зашто низ една искрена и помалку наивна детска гледна точка се проговорува за исклучително сериозни теми како што е настанувањето или раѓањето на зимата. Оваа тема е рамна на онаа како настанал светот. А Илина како некоја меѓепсничка ја почнува својата приказна многу питко. Таа во своето главче како да има многу приказни кои претходно ѝ ги кажувале, ѝ ги читале возрасните и сега е дојдено вистинското време кога таа ќе може да го отвори своето срце како што се отвора куферче и од таму ќе ги извлече оние приказни или делови од приказни што ѝ се употребливи за нејзината нова приказна. Илина како да ја потврдува миграционата теорија за настанувањето на приказните, онаа на Теодор Бенфај, според која, луѓето кога патувале, во своите каравани ги „носеле“, покрај другото, и сказните од разните поднебја, во своите бовчи и куфери покрај својата облека ги пакувале и своите приказни. Така, заедно со преселбата на луѓето се селеле и сказните и се мешале меѓу себе. И незабележително некои делови од тие сказни (преку мама и тато, преку баба и дедо, но и преку учителката во градинка, но и преку наставничката во училиште) се вселуваат и во оваа приказна на Илина. Или, „Бакнежи на небото“ ја следи и митолошката теорија на браќата Грим за настанувањето на сказните која се засновува на нивното преубедување дека таму, далеку, длабоко во минатото, постоела една индоевропска прарелигија и со тоа и една прапраприказна. А Илина црпи моменти и од таа прапраприказна. И како зачинчиња ги внесува во својата.

Но, Илина не може да ја раскаже ако спротив себе нема едно многу љубопитно братче. Впрочем, Јаков е тој што ја иницира Илина со своето необично прашање во ниедно доба (тогаш кога веќе треба да се спие)? Или можеби времето што го одбира Јаков е она највистинското, зашто е сосема пред самото запловување во некој спокоен детски сон? Или е ова опомена за возрасните кои со текот на времето го изгубиле чувството за раскажување приказна пред заминување в кревет? Па ете, дојдено е време кога децата треба веќе сами да си ги раскажуваат познатите, но и некои нови, некои свои, како оваа Илинина за бакнежите на небото. И така, во оваа взаемна игра во која едниот е раскажувач, а другиот е слушател, се случува едно незабележително растење. Илина подучува, а Јаков учи. Утредента кога двајцата ќе се разбудат ќе бидат за еден центиметар повисоки, но и за еден грам помудри.

Зашто Илина му вели на Јаков:

„… и возрасните ги сакаат зимата и снегот! Заради тоа, токму тие ги измислиле санките и скиите. За нас, децата… За да можеме и ние и тие, сите заедно да уживаме во снегот. Бабите и мајките ги сплеле и првите капи, ракавици и шалчиња. За да се радуваме, да си играме со снежни топки и за кога ќе правиме снешковци, а да не настинеме.“

Зашто Јаков ѝ вели на Илина:

„Никогаш немаше да го дознаам ова. Да не беше ти, Илина, никогаш немаше да знам дека и снегулките се направени од љубов.“

Зашто Илина ќе му го открие и ова: „Сѐ убаво што постои на светов, создадено е од љубов, да знаеш…“.

И зашто откако Јаков ѝ признава на Илина колку ја сака Дарија, па и дека самата Дарија знае колку Јаков ја сака, па вели: „Јас не се срамам што ја сакам Дарија. И нејзе ѝ го кажав тоа. Што има татко ѝ да ја зема од градинка дури ние уште си играме.“, можеби конечно ќе собере храброст па ќе му каже и на татко ѝ.

Дали е дојдено вистинското време за новиот тип приказна за деца во кои децата самите ќе ги раскажуваат, а возрасните ќе се тука само да ги слушаат спокојно и да ги запишуваат коректно? Така како што прави и Иван Антоновски со своето првенче „Бакнежи на небото“.

Весна Мојсова-Чепишевска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *